Со мало задоцнување, но ќе морам за Тошка да пишам (прво за Ден за нас, па ќе се навратам на Синот Божји што помина), во голем дел ќе се сложам со мислењето на Злате за овој албум. За разлика од Синот Божји каде што некако грото од песните ми беа бајги емотивни, да згреат душа и ми носеа топлина со госпел амбиент, женски вокали на рефрените, тука има некои песни што навистина никогаш не допреле до мене, ама има и препрепремногу драги песни. Оцена: 4.5/5.
Тоше Проески - Ден за нас
1.
Ѕвездо севернице - Навистина песнава нема никогаш допрено до мене, немам некоја замерка, ама никогаш ми се нема увртено во глава ниту пак текстот или мелодијата ми биле особено драги и ми се допаднале.
2.
Ме сакаш со зборови - Малку ми е подобра од првата, но и тука некако мешани чувства, вака подобар ми е текстот има и гитарско соло, ама некако целовкупно песнава ми е меланхолична и не е некоја песна што би ја пуштил од Тоше во никаква пригода.
3.
Жена Балканска - Интересна песна, но лично не ми се допаѓа, особено неоформен ми е рефренот, како недовршена целина. Етно стил песна со Синтезис (ама пак најдраго и прво нешто кога ќе ми текне на Тоше + Синтезис ќе ми е изведбата на “Ој девојче девојче ти тетовско јаболче“, а не оваа песна).
4.
Има ли ден за нас - Злате рече топ5 песни од Тоше, апсолутно потпишувам, чиста 10ка од песна. Секогаш кога ќе се сетам на некоја ситуација во државава, каде што губам надеж за подобро утре, ми доаѓа рефренот во глава “Има ли ден за нас“. Патем цела песна е преубава градација и лиричка и музичка, рефренот е премногу моќен. Има еден стих во песнава кој секогаш ќе ми изнудува насмевка, а тоа е стихот со зборот “кутре“, никој слушајќи не го очекува во песнава, ама мене ми е препресимпатично ова, одма ми буди слика на мало место, кутре чувар на куќата што станува да те пречека кога поминуваш по улицата и мрда со опафчето
“Чекоров мој води кај што си ти Сонлив град и кутре. Чуваш ли ти еден куфер со сни Малку сјај за утре?“
5. Велам, Лејди - Има Тоше многу подобри песни, мислам да беше песна на друг изведувач ќе беше меѓу најдобрите негови, но вака ќе морам уште еднаш да кажам просек за мене лично.
6.
Никада - Убава е песнава, рефренот ми има вајб како да е песна од последниот албум, “Остала си увјек иста“ налик песна. Има Тоше и поубави балади, но далеку од лоша песна.
7.
Чија си - Меѓу најпознтите песни на Тоше, меѓу малкуте песни на Тоше кои Тоше ги има испеано само на српско-хрватски јазик, а не и на македонски. Оваа песна е направена за потребите на Беовизија 2003, автори на музиката и текстот се Жељко Јоксимовиќ и Леонтина, Тоше своевремено победува со оваа песна. Мене ми е одлична песна иако никогаш не би ја ставил во топ5/топ10 омилени, но вака песнава ми се допаѓа во секој аспект, само не ме допрела како што некои песни на Тоше што ме допреле.
8.
Life - Се слагам со Злате дека оваа ми е една од најмех песните на Тоше, буквално било што друго негово да пратевме на Евровизија ќе беше многу подобро. Песна како по математичка формула да е пишана, воопшто не се чувствува душата и емоцијата што Тоше ја внесува во многу други песни, не е ова слика за вистинскиот Тоше, особено рефренот не.
9.
Далеку од мене - Ми се допаѓа многу песнава искрено. Низ кариерата Тоше има направено доста повеќе балади отколку побрзи песни, па затоа песни ко Далеку од мене и Лименка ми се важни ко културно наследство, да можам на луѓе од надвор кога ќе дојдат на некоја журка и забава да им ги пуштам, да не се растажиме. Супер енергична песна.
10.
Сон егзотичен - Просечна ми е песнава за негови стандарди, текстов дури и потпросечен ми е, какви текстови има Тошка, ова е тежок мех. И не ми се допаѓа намалувањето на вокали да делува како шепотење, не ми постигнува никаков ефект, а обично ако нешто не постигнува некаков ефект, не сум за такви остапки.
11.
Љубена - Многу добра песна, не е меѓу најдобрите негови, но ми се допаѓа многу.
“Да можам ноќва би ја дал вселената, повторно од твоите усни да се опијам, на гради да ти заспијам“, прекрасно...
12.
Зошто отиде - Втора омилена песна од албумов, уште една песна за во топ5/топ10 негови песни. Автобиографска песна, заедно со “Го молам ноќва небото да ми те врати“, песна од него за него, т.е. од него за нас за да му ја вратиме пак нему. Тука има еден стих што секогаш емотивно ме разнишува
“Заспивам само да бидам со тебе макар на сон да сум твој, но, сонувам како ти со друг чекориш со непознат поглед минуваш". Обично нели соновите ги асоциравме со остварување на нешто што не можеме на јаве, на убави моменти, на бегство каде што можеме да го имаме тоа што го немаме на јаве, но со овој стих се крши целата таа слика.
13.
Ангел си ти - Многу подобра од англиската верзија, но далеку дека оваа е некоја од неговите најдобри песни. Не ми се сфиѓа репетативното “Ангел си ти“ во рефренот (лични преференци се извинувам). Не ми се допаѓа анафора во рефрен, повеќе ми се сфиѓа кога се употребува во предрефренската строфа, а на рефренот да има нешто помоќно.
14.
Еј синоока, еј босонога - Преубав текст, ама мислам дека требало подобро да е спакувана како песна. Почетокот ми е особено емотивен
“Поздрав пратив, галеб летна“, да ви раскажам и накратко една приказна со стихов. Оваа година на Ултрамаратонот во чест на Тоше од Нова Градишка до Крушево, на пристигање на маратонците во Крушево гулаб почнува да лета со нив и застанува точно пред куќата на Тоше. Не е галеб, гулаб е, но поздравот е примен, чувај не од горе сите нас Тошка.
15.
Парче од Европа - Не ми се допаѓа малку раздолжување на зборовите од рефренот, но пораката во тоа време е јасна, за жал ништо се нема сменето од тоа време во врска со темава, во Европа сме само географски, рамноправност и демократија се само термини.
16.
Го лажам секој нов рефрен - Во топ3 омилени од албумов и топ10 омилени песни од Тоше. Лирички песнава е феноменална, прво има еден премногу симпатичен стих
“А знам како гулаб сум, никој не ме милува“, после вели
“Ти си ко тажен стих, роден од млад поет“, одма очи се полнат со солзи кога ќе се присети човек на “Очи“ од Ацо Шопов. Прекрасно, чиста 10ка од песна, ја обожавам.