The Wages of Fear / Le Salaire de la peur (1953)
The Wages of Fear почнува како мешавина од различни култури, табиети и многу сиромаштија. Додека локалците наоѓаат по некоја ситна работа, деновите на неколкумина Европејци се исполнети од денгубење зашто не им останува ништо друго. За да побегат од таквото окружување им се потребни пари кои ги немаат и затоа неколкумина од нив ја грабаат шансата што им се пружа. На нафтено поле беснее пожар во кој умираат неколку работници. Единствен начин да се локализира пожарот е да се однесе и додаде нитроглицерин, а патот до таму е небезбеден и целата комбинација може да биде кобна за тој што го превезува. За да избегнат бунт од локалното население, Американците умешно го решаваат проблемот така што ангажираат неколкумина дојденци.
Мислите дека го раскажав пола филм? Во суштина да, бидејќи ова е првиот саат, но тој служи само за гледачот да се запознае со ликовите. Вистинското дејство започнува во втората половина на филмот, а за него не откривам ништо. Да, првите шеесет минути се малку развлечени, но ако му ги простите ќе изгледате еден од најдобрите филмови снимени досега. Не, не претерувам. Има и некои грешки, но со оглед на тоа што е снимен пред скоро 70 години, мислам дека се занемарливи. Одлична студија на карактери и последиците кои се директно поврзани со очајот во кој е фрлен човек. Како прогресираше, така чувствував тензија и напнатост какви што не сум почувстувала, на пример, кај Хичкок. Да не речам „ми обеле косата“.
Се израдував кога го добив во порака бидејќи ем е од ‘53та, ем е француски, ем стварно не очекував вакво нешто. Првата сцена ме заинтригира ама како почна во типичен мексикански стил, осетив Хоселито вајбс и почнав да се премислувам. Среќа што скептицизмот не ме надвладеа и продолжив со чист ум. Знаејќи дека сите одлепуваат на нафта (There will be blood<3), знаев и дека не постојат шанси филмот да е чиста пропаст. Проблемот со мене е што на филмови, освен на оние филм-поезија, секогаш се водам од претпоставки. Си го расипувам ќеифот ама посилно е од мене. Тука и покрај сите сомнежи, што погодени, што не, уживав во крај. За мене ова беше уникатно искуство и ептен му благодарам на писателот. (не)Намерно, ме погоди в центар!

Веќе го додадов и Diabolique на листа.