Во нашата држава која совесно ги исполнува своите обврски кои произлегуваат од меѓународните договори и конвенции, како и од Повелбата на ООН, во која смисла ги продолжува разговорите за разликите околу уставното име со соседна Грција што е обврска од резолуцијата на Советот за безбедност со која во 1993 година бевме примени во членство во светската организација, се повеќе расте свеста за апсурдноста на мисијата на посредникот Метју Нимиц за решавање на проблемот,не само поради обидите на Атина да го интернационализира и прошири овој проблем со разговори и за идентитетот на македонскиот народ, туку и поради нејзиното непризнавање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.Своевремено, професорот по меѓународно право др Игор Јанев од белградскиот Факултет за политички науки предлагаше Република Македонија да поведе иницијатива до Меѓународниот суд на правдата во Хаг за преиспитување на легалноста на постапката на ООН при приемот на нашата држава во членство со провизорното и бесмислено име БЈРМ, но тогаш актуелното раководство од тандемот Глигоров-Црвенковски сметаше дека времето работи во наша полза и дека кога тогаш и Грција ќе мора да легне на брашното откако мнозинството земји ќе не признаат под уставното име, кое гледаме дека воопшто не е случај.Наместо тоа, грчката политичка врхушка решавањето на проблемот со името го користи како уцена за овозможување на нашето членство во НАТО и ЕУ. Во оваа смисла, во последно време посебно беше активен поранешниот амбасадор Ристо Никовски кој повеќе пати укажуваше на скриените грчки намери кои се провлекуваа низ бројните предлози на медијаторот Нимиц, а деновиве се огласија и група македонски врвни интелектуалци кои поведоа акција за потпишување македонски манифест за прекин на преговорите со Грција, а се огласи и владиката на МПЦ господинот Агатангел. Педесетина истакнати интелектуалци поети, писатели и други јавни личности побараа од Владата поради засилениот притисок врз Република Македонија за промена на името да не распишува референдум бидејќи никој нема право да го смени името, а преговорите со посредство на ООН да се прекинат веднаш.Еден од нив е и познатиот македонски писател со потекло од Егејскиот дел Ефтим Клетников кој вели дека сме притиснати од сите страни и има една идеја за геноцид врз нашиот идентитет.Тоа се форсира од Грција, а нејзина поддршка,за жал се САД и Европската Унија, оценува тој.Клетников смета дека единствената иднина на Македонија е чувањето на идентитетот, а не членството во НАТО и ЕУ.Ние нема да ја загубиме државата ако не влеземе во НАТО и ЕУ, исто како што не го загубивме идентитот иако во минатите векови немавме своја држава вели тој.Грција веќе дваесет години ни дава до знаење дека нема да мрдне од своето барање за прифаќање на ново име кое ќе се употребува ерга омнес поради што треба веднаш да се прекинат преговорите, смета уметникот и колумнист Александар Русјаков.А потоа да се поведе иницијатива за враќање на уставното име во ООН што и беше оспорено на нашата држава во 1993 година и покрај сите акти кои ги донесе Бадинтеровата комисија, до последната пресуда на судот во Хаг кои се во наша корист.Со иста препорака повеќепати се огласи и поранешниот британски амбасадор Робин О,Нил кој своевремено исто така посредуваше во преговорите со Грција. Од друга страна, почитуваниот владика на МПЦ господин Агатангел изјави дека при овие преговори очигледно се фаворизираат и се води грижа само за грчките националистички и радикални ставови.Преговорите во суштина имаат за цел единствено промена на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, што се разбира дека ќе доведе и до промена на името на МПЦ.Од Македонија се бара апсурдното и невозможното, вели владиката, за нас Македонците секоја додавка или придавка кон нашето име ќе има суштински поместувања во нашиот национален идентитет.Агатангел во своето жестоко јавно обраќање вели дека Европа е и дом на корумпирана бирократија, политичко лицемерство, уникатен неморал, еврејски гетоа и концентрациони логори.Владиката вели дека политичкото слепило и лицемерство е особено јасно видливо од последната изјава на претставникот на ЕУ Аиво Орав кој во својство на грчки амбасадор и адвокат ни покажа дека не прави разлика меѓу тоа што претставува вето, а што консензус, а дека крајно време е некој да му укаже дека тој не е амбасадор во Вашата земја, туку во Република Македонија.Односно дека неговото инсистирање на вакво ословување на државата домаќин е налудничав нацизам, преоблечен во наводна дипломатска смиреност и студенило, својствено за Гебелс и неговите нови следбеници..... И на крајот да додадеме дека сето ова се случува во пресрет на одржувањето на состанокот на Советот на ЕУ кон крајот на јуни кога поради грчкото вето повторно се соочуваме со слаби изгледи за добивање на датум на преговори, кога папагалски ни се преповтуруваат наводно добронамерните совети дека топката била префрлена во нашите раце и дека од нас зависело дали ќе сме добиеле позитивна одлука што е само уште еден нонсенс во досегашната веќе детектирана прогрчка позиција на ЕУ која се покажа јалова и докрај неподготвена да застане на страната на меѓународното право кое пак упорно работи во наша корист.