После текстот во вест (а можеби и после наѓите реакции) се сетија и останатите медиуми да напишат за овој човек. А1 само ја раскажува неговата животна приказна, додека утрински конкретно најавува помош од институциите. Можеби нашиот притисок има некакво влијание, еве ги текстовите во продолжение:
Од
утрински:
Прилепчанецот Стојан Конев, кој 14 години е инфициран со ХИВ-вирусот живее во светот на осаменоста и тишината, откако како на филм ги погреба сам сопругата и двете деца кои подлегнаа на болеста. Целосно отфрлен од роднините, пријателите, од институциите во државата едвај успева да купи храна и облека, зашто вели може да пазари само од една продавница во Прилеп.
„Нема скапо - евтино, едноставно преку друг човек купувам се' што ми треба само од еден дуќан. А соседите сакале зборувале, сакале не, не можам да ги обвинувам, не се виновни луѓето, таков е менталитетот кај нас. Веќе не можам да добијам ни соодветна здравствена заштита, не само во Прилеп, докторите и во Скопје креваат раце“, се жали Конев.
А Министерството за труд и социјална политика ќе му додели на Конев еднократна парична помош и вети поголема и перманентна грижа за него. „Крајно е некоректно да го заобиколуваат институциите кога толку многу се знае за оваа болест. Затоа решивме да го посетиме, да воспоставиме постојано комуникација, да покажеме добра волја, симпатија, со личен пример да покажеме дека треба да им се приближиме на тие граѓани“, рече Душко Миноски, државен секретар за труд и социјална политика.
А од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа најавуваат: „Му доделивме еднократна помош во натура, ќе помагаме на секои три месеци со сума што ја дозволува законот. Ќе се заложиме Конев да добие и инвалидска пензија“, изјави Снежана Јованоска, директор на МЦСР во Прилеп. (Мн.Т.)
од
А1:
И по 15 години живот со ХИВ вирусот, Стојан Конев е без никаква помош од државата, луѓето одамна го напуштија заради предрасудите кон неговата болест.
Живее сосема сам со месечни приходи од 5.000 денари. Изолиран од околината може да пазари само во една продавница. Тешко му е кога ќе треба да поправи заб, зошто не го прифаќа ниту еден стоматолог.
Откако го добил вирусот нема пријатели, а со страв излегува надвор зошто постојано добивал закани по својот живот.
Стојан вели, дека му е најтешко кога треба да се справува со предрасудите на луѓето кон неговата болест.
„Сам сум, самиот волја си давам, се помирив со судбината, колку ми е векот за живеење, толку ќе живеам“, изјави Стојан Конев.
Стојан пред 15 години години го изгуби целото семејство. Од сида прво почина неговата жена, а по кратко време и двете деца, 5-годишниот Вељан и 4-годишната Даниела.
Министерството за труд и социјала беше во посета на Стојан, тие со ветување, дека во иднина ќе преземат мерки за да го подобрат неговиот живот.
Во Македонија досега имала регистрирани околу 100 лица кои живеат со ХИВ сида. Првиот случај е откриен 1987 година, а првиот смртен случај е регистриран во 1990-та.