Чичино село

Anco

За солун ДА, ЗА срем НЕ
Член од
1 ноември 2011
Мислења
8.603
Поени од реакции
15.403
Некој праша дали се сеќавате на Чичино село, па еве фотографии од мојот домашен албум, од кои можете да се потсетите како изгледаше во 60-тите и 70-тите години.
Во постот подолу пишував за дедо ми, Ѓорѓи Коробар Чиче, основачот на летувалиштето и баба ми Наталија, која му беше бесценет и неуморен соработник, но тука ќе го повторам истото.

Јас сум внука на основачот на летувалиштето, Ѓорѓи Коробар-Чиче, ќерка на неговата единствена ќерка, Олга, која почина во 1961 година од леукемија на возраст од неполни 29 години. Воден од длабоката болка од загубата на единственото чедо и од потребата некако да го надомести губитокот, дедо ми го понесе идејата за отворање на детско одморалиште. За ова доби поддршка од тогашните инстутуции, пред се од Советот за грижи и воспитување на децата и, почнувајќи од 1962 година, неуморно работеше на неговото основање. Првата локација на летувалиштето беше понизводно низ Треска (мислам некаде поблиску до излетничкото место Сарај), но веќе 1963 беше префрлено на денешната локација. Почетоците беа во шатори (главно војнички), два големи и повеќе мали, потоа беа додадени камп куќички направени од трска и шпер-плочи, за години подоцна да се подигнат и 4 бараки со повеќе соби. Се изгради и кујна со голема, отворена трпезарија, надсводена со покрив.
За оние два месеци во текот на летото, во кои по две недели летуваа 4 или 5 смени летувалци, главно деца од скопските основни училишта, се сеќавам дека дедо ми Чиче и баба ми Наталија, инаку и двајцата пензионери, работеа вредно и посветено на подготовките преку целата година. Јас, заедно со сите летувалци, таму главно ги поминував моите училишни распусти. Без привилегии. Што јадеа сите, јадев и јас, што правеа сите, правев и јас. На куќниот ред сите строго се придржувавме: станување, постројување, кревање на знамето, гимнастика, миење (на почетокот во Треска!), а потоа појадок, и натаму веќе според планот на денот. Престојот подразбираше 5 оброка, три главни и две ужинки, скромни, ама такви беа можностите. Секоја смена завршуваше со приредба околу логорски оган.
Кога на почетокот се одбираше името на летувалиштето, Чичино село некако самото се наметна. Зошто? Затоа што мештаните од Сарај (а живо се сеќавам на воденичарот Осман, кој имаше воденица во непосредна близина, каде што мелеше брашно и за потребите на летувалиштето и за мештаните) местото самите спонтано го завикаа Чичино село. Дедо ми, Чиче, беше некако омилен меѓу нив. И затоа, не само летувалиштето, туку и целата месност ја нарекоа според него.
И само уште ова: Чичино село ми го спаси животот. Да не бев таму летото 1963, веројатно ќе загинев во земјотресот, зашто врз мојот кревет се урна целиот ѕид од собата.
И да, бев пред неколку години таму по повод една хуманитарна акција за бездомните лица и разговарав со сегашниот управник/директор. Тажна и јадна е сликата на Чичино село сега, запуштено, подјадено од забот на времето, ништо ново направено, стои како нем сведок на некои поубави времиња кога таму се слушаше детскиот џагор. А за Чиче таму никој ни не знае. Нема дури ни табла.

преземено од внуката на ЧИЧЕ,Јасмина Пакашки
 

Zoran MKD

Мијак на квадрат.
Член од
11 септември 2010
Мислења
2.021
Поени од реакции
1.019

Kajgana Shop

На врв Bottom