11 години затвор за навивачот кој уби полицаец
Судот во Катанија ја потврди казната за навивачот кој уби полицаец по сицилијанското дерби помеѓу Катанија и Палермо во 2007-та година.
Во инцидентите по големото дерби на Сицилија помеѓу Катанија и Палермо, смртно настрада полицаецот Филипо Ракити кој бил удрен од осудениот навивач со лавабо откорнато од еден од тоалетите на стадионот.
По убиството се тврдеше дека Ракити бил убиен со домашно направена бомба која била фрлена во полицискиот автомобил, но аутопсијата покажала дека поголемиот дел од повредите биле здобиени претходно кога тој бил удрен со лабаво во пределот на главата.
Казната од 11 години затвор беше изречена уште минатата година, но осудениот навивач имаше право на жалба, а денес судот само ја потврди првостепената казна.
Во уличните нереди по натпреварот помеѓу ривалите Катанија и Палермо беа повредени над 100 луѓе меѓу кои и 60 полицајци.
Забрането пушење на ЕП 2012
Европската фудбалска унија (УЕФА) ја усвои забраната за пушење и рекламирање на цигари на Европското првенство 2012 година во Полска и Украина.
УЕФА соопшти дека забраната се однесува на сите осум стадиони на кои ќе се играат натпреварите на ЕУРО.
Претседателот на УЕФА, Мишел Платини изјави дека забраната на пушење е воведена "заради почитување и грижа за здравјето на нашите гледачи".
Исто така, градовите домаќини ќе мора да ја применуваат политиката за забрана за пушење и на јавни места, во градскиот превоз и рестораните.
УЕФА заедно со Светската здравствена организација и Европската унија работи на примена на новата политика за заштита на јавното здравје.
Европското првенство во Полска и Украина ќе се одржи од 8 јуни до 1 јули, следната година.