Струмица 2005 е првиот финалист во годинешниот кошаркарски шампионат на Македонија. Екипата, која беше прва во Космофон Супер лигата, го совлада Свисслион Пелистер со 84:64 на домашен терен и ја доби полуфиналната серија со 3:1 во победи.
Струмичани беа подобри во текот на целиот натпревар. Тие уште во првата четвртина ги уништија надежите на Битолчани за ”мајсторка” на нивен терен. Предноста постојано се зголемуваше, а во финишот шанса за настап добија и кошаркарите, кои обично седат на клупата зарезерви. Ефтим Богоев и Василекос Кицулис, со 19 постигнати поени ја предводеа листата на стрелците за домашниот тим.
- Одигравме одлично. Поведовме уште од самиот почеток, предноста достигна 30 поени, со што покажавме дека сме подобра екипа. Сметам дека пресудни за победата беа нашата добра игра во одбраната и колективниот дух. Нашата тимска игра и дух се подобри од која била друга екиа во Македонија.
Сега ни претстои настап во финалето, каде одиме со Господ напред! Јас имав шанса да играм во едно финале, со Поло Трејд во 2003 година. Но, тогаш имавме многу послаба екипа и бевме во подредена положба, сега нештата се поинакви. - изјави капитенот на Струмица 2005, Ефтим Богоев.