Да се обидеме да се вратиме малку назад на ракометот.
Прво и основно, навистина не верував дека ова може да се случи. Елиминацијата на Сегед во четвртфиналето ми беше до некаде очекувана, можеби не дека ќе успееме дома да ги победиме со толкава разлика, но бев уверен дека ќе паднат во двомечот. Сегед играше во икслучително добра форма во регуларниот дел од сезоната, но некако сите забораваа на фактот дека групата Б оваа година беше барем две нивоа послаба од групата А. Едно е да завршиш втор во група со: Целје, Нант, Загреб и Скјерн, а сосема друго да бидеш втор во група со: Барселона, Веспрем, Киелце, РНЛ, Мешков и Монпелје!
Ми беше криво што го изгубивме купот, плус некако многу млитаво влеговме во плејофот од домашното првенство. Писмото на Сергеј мислам дека нема ни потреба да го дискутираме, па очекувањата за Ф4 ми беа мање-више непостоечки. Интересното беше што имам еден пријател со кого често дискутираме ракомет, па така кога пред две години изгубивме во плејофот од Металург (а, јас тоа го толкував како знак дека треба да бидам загрижен за формата во која Вардар оди на Ф4), ме убедуваше дека Вардар покрај титулата, купот и СЕХА ќе освои и ЛШ, што и се оствари. Оваа година после губењето на купот ме убедуваше дека Вардар повторно ќе стане европски шампион и пак излезе во право.
Навистина не сакав да ни се падне Барса во полуфиналето, затоа што сметав дека воопшто не ни лежат како екипа. Ужасно подвижна и полетна екипа, која сака многу да трча, да игра брз центар, скандинавски run and gun ракомет. Она што сметам дека беше олеснителна околност за нас на тој меч беше отсуството на Н'Гесан. Практично им фалеше убедливо најдобриот деснорак бек-шутер во составот. Дуарте не добиваше минутажа каква што добиваше во Висла, а Андерсон повеќе време пројде надвор од терен од кога дојде во Барса него на терен. Исто така, одлуката на Парондо во второ за промена на одбраната од 6-0 во 5-1 која се менуваше во 4-2 па на моменти дури би рекол и 3-3 и тоа како донесе резултат. Да не споменувам за индивидуалниот придонес на Милосављев и Џинот.
Како успеавме да ја свртиме утакмицата навистина не знам, знам само дека од што урлав и од што бев возбуден буквално ми се лошеше по завршувањето, а еднава дланка утредента ми беше модра од мавање по маса.
Во неделата, пред финалето бев спокоен. Веспрем е екипа која ни "лежи", физиономијата на екипата е многу сличен, па автоматски и стилот на игра кој го негуваат е сличен. Високи се, тешки, помалку трчаат, сакаат да играат позициона игра. Не очекував дека мечот ќе пројде толку лесно, но ете се случи. Се надевам дека ќе дочекаат во брзо време и они да слават на финале во Келн (само доколку не е против Вардар, нормално) бидејќи според вложувањата, традицијата и посветеноста на нивните навивачи кон тимот и кон ракометот навистина го заслужуваат тоа.
Пречекот вчера ми пројде горе-доле во граници на очекувањата, со тоа што успеав да отидам само на плоштад, а не пред аеродром заради работни обврски. Добро е што оставија играчите да си го водат најголемиот дел од шоуто, а тој волот што се качи прв на бина кој што требаше да претставува водител нека разбере дека не е поентата само да се дереш, Showmanship е наука, ако нешто правиш барем прави го како што треба.
Исклучително многу ќе ми фали Карачиќ, го обожавам како играч. Да видиш во модерниов спорт играч кој прошол седум години во еден ист клуб и не е така често без разлика за кој колективен спорт зборуваме. Се надевам ќе го видиме повторно во црвен-црно наскоро. Исто така, криво ми е што ќе си оди Парондо. Со сета должна почит кон Раул ама условите во кои работеше он со условите во кои работеше Парондо немаат споредба. И тогаш се зборуваше за проблеми со финансии, за каснење со плати ама не во оваа мера. Да не зборувам за поголемиот и поквалитетниот ростер кој го имаше Раул, додека Парондо освои ЛШ со два централни бека од кои едниот нема ни метро осумдесет у висина! Плус, имаше малку повеќе храброст од Раул и не се плашеше да направи некоја промена кога гледаше дека некои ствари не одат. Би сакал да останеше на чело на тимот.
За крај, се надевам дека целата оваа работа ќе направи уште повеќе луѓе да го засакаат РК Вардар, Комитите да доаѓаат во уште поголеми бројки на трибина и генерално ние како народ малце повеќе да го цениме она што го имаме во овој момент, бидејќи еден ден ќе го нема. РК Вардар и ракометот не се само ЛШ мечеви против Барса, ПСЖ, РНЛ, Кил итн. тука се и СЕХА лигата и домашното првенство и купот. Тажно е во меч кога се решава титулата (па макар и да знаеме дека ќе ги збришеме со 20 разлика) да има 500 луѓе у сала. Поддржувајте си ги локалните клубови без разлика на ситуацијата!