Eve nekolku artikli od makedonskite pres mediumi
Utrinski vesnik
Кометал Ѓорче Петров во првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите во Виена загуби од Хипо Нидерестерајх со 30:32
Ветувачки резултат за трето финале
Брилијантна игра на Озел, која даде 10 гола, но во финишот го изврте глуждот
Кометал Ѓорче Петров направи голем чекор до своето трето финале во Лигата на шампионите по 2000 и 2002 година, откако во првиот натпревар од полуфиналето во Виена загуби од Хипо Нидерестерајх со достижни 30:32. Реваншот е в сабота од 17,30 ч. во СРЦ “Калееи. Во другиот полуфинален меч синоќа во Будимпешта требаше да се сретнат Дунафер и бранителот на титулата Слагелсе.
Деветтиот меѓусебен дуел на поранешните европски шампиони, осумкратниот првак Хипо и Кометал како освојувач на ЛШ пред три години, донесе две различни полувремиња. Првото целосно му припадна на домаќинот, кој го заврши со посакуваната разлика од неговиот менаџер и тренер Гунар Прокоп од пет гола (18:13), но во второто гостинките ги консолидираа своите редови и во четири наврати се заканија дури и со израмнување и комплетен пресврт. Колку добро и ефикасно играше Хипо во првите 30 минути покажува и фактот дека имаше само шест нереализирани удари кон противничкиот гол. Во тој дел од играта се оствари токму тоа што го предвидуваше тренерот на ѓорчепетровки Андреј Портној, односно противникот одлично практикуваше одбрана 5-1 со Логвин напред, која со леснотија ги завршуваше брзите полуконтранапади и уште во првото полувреме нанижа шест од своите 13 гола на средбата. На спротивната страна по ефикасноста Ј парираше Бујанова, која исто така погоди шест удари, речиси половина од головите на својот тим во првиот полчас, во кој тотално потфрлија голманите Колесник и Борисенко, кои заедно успеаја да скротат само два удара. Работите толку добро се одвиваа за Прокоп, чијашто екипа по дваесетина минути игра ја достигна највисоката предност на мечот од 12:6, што безмалку секој гол на своите ракометарки го прославуваше како мало дете со пируета на клупата на Хипо.
Во второто полувреме сосема поинаква слика на теренот во “Бундесшпортцентрумми, на чиишто трибини се најдоа и 150 “комитиии, кои со френетичното навивање како да му ја влеаја неопходната самодоверба на тимот за кој навиваат. Како разбудени од зимски сон, ракометарките на единствениот женски ракометен првак на самостојна Македонија сосема го сменија пристапот, речиси целосно ги неутрализираа првиот и третиот стрелец во ЛШ, Логвин и Ротис-Наѓ, а во нападот Озел го покажа сиот свој раскошен талент. На своето конто Логвин додаде уште седум гола и со вкупно 13 беше најефикасен играч на паркетот, но од тие седум дури шест погодока беа од линијата од 7 м, а Ротис-Наѓ во вториот дел ниту еднаш не се запиша во листата на стрелците. Озел, пак, заигра симултанка, посебно во последните дваесетина минути од натпреварот, кога практично сама го одржуваше резултатскиот приклучок и кога постигна шест од своите вкупно десет погодока. Тогаш проработи и левиот бек Цигица, четири пати наоѓајќи го патот до мрежата на Криворучко и на Радулеску во второто полувреме, а позитивниот впечаток го комплетираа и Кастратовиќ, која трипати прецизно стрелаше од линијата од 7 м, како и Борисенко, зад чиешто име на крајот од средбата останаа запишани 11 одбрани.
На само неколку секунди до крајот се повреди Озел, која лошо нагази врз ногата на една од ракометарките на Хипо и го изврте глуждот, по што го напушти теренот, но тоа што на прв поглед изгледаше многу сериозно заврши со хепиенд. Првите прегледи покажаа дека не станува збор за повреда од тежок карактер, па турската интернационалка сигурно ќе биде во составот и за возвратниот натпревар в сабота во Скопје.
_____________________________________________________________
Dnevnik
РАКОМЕТ - ПОЛУФИНАЛЕ НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНКИТЕ
Лажна закана од Хипо
Успеаја ракометарките на Кометал ЃП да останат во игра за третото европско финале во Лигата на шампионките, иако на полувреме на првиот меч во Виена против Хипо губеа со 13-18. По целосниот пресврт во играта, покажаната зрелост, мотивираност и концентрација, дури и кога се губи со шест разлика, македонскиот првак загуби со 30-32, што му дава надеж пред саботниот реванш во Скопје. Кометалки може да жалат што не се вратија дома со подобар резултат, нерешено, па дури и со победа, но треба да бидат и среќни, што не загубија со голема разлика, како на некои од претходните гостувања во Виена.
Сезонава никој не успеал да постигне 30 гола во Виена против Хипо, но и да направи таков "камбек" во играта, откако домаќинките поведоа и најавија гостинска катастрофа.
Првото полувреме наликуваше на оние препознатливи од претходните дуели, кога Хипо забележуваше убедливи победи. Тања Логвин и Тетјана Шинкаренко постигнаа заедно 11 од вкупно 18-те гола на Хипо. Одбраната на Кометал ЃП немаше лек за уфрлувањето на двојниот пивотмен, ниту за "брзиот центар" на гостите, кои на тој начин преку брзи полуконтри набрзина враќаа за секој примен гол. Ниту промената на голманите и тајмаутот при резултат 10-5 за домаќинките не вроди плод. Хипо продолжуваше да ја полни нашата мрежа, па имаше и водство од 12-6 и 13-7.
- Во Скопје имаме шанса да победиме, и тоа со поголема разлика. Но, треба да бидеме сконцентрирани и да играме онака како во второто полувреме. Овие два гола ни даваат надеж оти можеме и мораме да победиме, но не и да се опуштиме. Крим прерано се радуваше во Скопје, кога загуби со три разлика, а потоа не можеше дома да не победи со поголема разлика. Имаме уште многу работи што треба да ги подобриме во играта - вели Индира Кастратовиќ, капитенот на скопјанки.
Првото враќање во игра го направивме со серија од 4-0, по што Кометал ЃП намали на 13-11, но брзо потоа домаќинките пак возвратија и направија водство од пет гола (18-13). Ниту црвениот картон на крилото Наталија Тодоровска уште во 32 мин. поради три исклучувања не ја наруши играта на Кометал ЃП. Наталија Борисенко почна да брани добро, Озел одигра симултанка, а и Цигица ги искористи своите "пет минути".
Неколкупати имаа шанса дури и да израмнат, но во нападот правеа грешки, што потоа Хипо ги користеше да се одлепи.
- Успеавме да ја сопреме Ротис и Спиридон. Логвин имаше премногу слобода, но и тоа ќе го подобриме - вели Кастратовиќ.
Психолошкиот притисок што Прокоп го направи пред средбата со објавување на наводните телефонски закани кон него наводно упатени од навивачите на Кометал ЃП, не влијаеја многу на играта на нашиот тим.
- За тоа воопшто и не размислуваме. Нашите мисли се на теренот и се околу него не не интересира - вели Кастратовиќ. - Во првиот дел, како малку да се изгубивме, не можевме да се снајдеме најдобро. Голманите слабо одбранија, а Хипо најмногу не фаќаше на полуконтра преку "брзиот центар".
Хипо - Кометал ЃП
32-30 (18-13)
Спортска сала во Зутштад. Гледачи околу 1.500. Судии: Баум и Горалчук, и двајцата од Полска. Црвен картон: Тодоровска (Кометал ЃП) во 32 мин. поради три исклучувања.
Хипо: Криворучко (одбрани 5 топки и 1 седмерец), Радулеску (одбрани 2 топки), Санко (одбрабни 2 топки), Шинкаренко 5, Насцименто 2, Пиедаде, Билобрк 3, Вијунаите, Спиридон 4, Леви, Енгел, Логвин 13 (8/8), Ротис 4, Пал. Тренер: Гунар Прокоп. Седмерци: 8/9. Исклучувања: 4 мин.
Кометал ЃП: Колесник, Борисенко (одбрани 11 топки и1 седмерец), Радченко, Кастратовиќ 5 (3/3), Платон 1, Младеновиќ, Бујанова 8 (3/3), Озел 10, Аморим, Пецевска 1, Цигица 5, Тодоровска, Партенко, Боева. Тренер: Андриј Портној. Седмерци: 6/7. Исклучувања: 12 мин.
_____________________________________________________________
Kako vi se chini? Mene mi izgleda deka ako go pobedat devojkive Hipo mozhat da se nadevaat na vtora titula. Edinstven hendikep e toa shto ne igra Oksana Rajhel - cupeto e super i ni treba krilo od takov kalibar!!! Da se nadevame deka se kje bide vo nea za revanshot...