Кошарка
"ПЕЛИСТЕРЦИ" НЕ СЕ МИРАТ СО ПОРАЗОТ ОД ФЕНИ ИНДУСТРИ
Судиите направија "материјалка"
"По направената анализа и консултации со светски познати судии констатиравме дека судиите направија материјална повреда на правилата во оној последен напад на гостинската екипа. Освен тоа избројавме и 20 грешки на наша штета" - велат од раководството на Свисслион Пелистер.
Ни ден по дербито не помина а раководството на Свисслион Пелистер не остана "мирно" на случувањата, особено оние финалните.
Експресно е испратена жалба до комесарот за лошото судење на тројката Златевски-Крстевски-Ангелов.
"По многу консултации и тоа со повеќе 'фактори', кои значат нешто во европската кошарка, а и анализата на натпреварот, утврдивме дека судиската тројка драстично го оштети нашиот клуб на овој натпревар. Евидентиравме дваесетина грешки на наша штета, не гледавме дали има и на другата страна. Освен тоа направена е и материјална повреда на правилата. И тоа во финишот на средбата, кога прво, беше досуден дискутабилен фаул над Кол, со дополнително слободно фрлање. Првиот судија Златевски ја врачи топката, Кол не го погоди 'пеналот' ние ја освоивме топката, а тие го прекинаа натпреварот со образложение дека билк побаран тајм-аут. Тоа го нема во службените кошаркарски правила каде јасно стои кога може да биде прекината играта кога топката е 'жива'. Поточно кажано, само кога има повреда на кошаркарските правила (чекори, двојно водење, лична грешка), а не кога е побаран тајм-аут, како во случајот"- анализираат "пелистерци".
Поради тоа, до жалбата упатена до комесарот битолчани бараат итен состанок на Стручната судиска комисија да го прегледа овој, според "пелистерци" дискутабилен епилог на дербито.
Б. Радуловиќ
МИОДРАГ ПЕРИШИЌ ДЕПРИМИРАН:
Лошо "отворивме", судиите "ни затворија"
"Морам да признаам дека лошо го отворивме натпреварот. Им дозволивме на гостите да поведат, да имаат предност во првите две четвртини. Згора на тоа во таа фаза на играта имаа одлична реализација, наспроти нашите нереализации"- анализира тренерот на Свисслион Пелистер.
И покрај сите слабости во текот на играта, во последните десетина секунди "пелистерци" имаа можност да се изборат за продолжение или за победа. Но неумешноста на Миљковиќ беше пресудна за победата над лидерот.
" Мислам дека судиите си ја завршија работата пред тие десет секунди. Да не зборуваме многу, би посочил само еден факт. А тоа е кога за време на тајм-аутот и самите не знаеја да ми кажат кој треба да ја има топката. Морам да признаам дека вакво незнаење за време на тајм-аут до сега ми се нема случено. Кога сме кај тие десет секунди, морам да кажам дека барем еден од двата обиди на Миљковиќ беа под прекршок. Тоа не значи дека со слободните фрлања ќе победевме, но барем судиите ќе ни дадеа шанса да играме, а продолженијата ќе беа најреални со оглед на тоа што го покажаа двете екипи"- вели Перишиќ.
Паричка, а не камен!
Од Битола и демант околу тоа дали или со што бил удрен судијата Јовица Крстевски непосредно по завршувањето на средбата.
"Не се работи за никаков камен, туку обична паричка. Не знаеме од каде само го извадија судиите тоа"- се прашуваат во Битола."Мора да се знае и една друга работа. Нашата публика знае што е добра кошрка, и што е добро судење. Можеби ние не одигравме најдобро, но публиката проценила дека има неквалитетно судење и нашата жалба е најмногу поради тоа. Некој мора да застане пред оваа работа која се претвора во тенденија".