25 години од првата титула на Вардар: црвено-црните до есенската круна стигнаа без пораз од големата четворка (3)
Откако Југославија беше засрамена со бескрупулозното местење на последното коло во сезоната 1985/86, популарно познато како Шајберово, претседателот на Фудбалскиот сојуз на тогашна СФРЈ, Славко Шајбер, и претседателството на сојузот на 30 јуни 1986 година ги верификуваа одлуките за поништување на тоа коло и казнување на сите што учествуваа во матните игри со по шест бода во следниот шампионат.

Македонската гордост Вардар беше малцинство во игрите, не го намести својот меч во Приштина (заврши 0-0 и при преигрувањето), па во новата сезона, која почна на 10 август 1986 година, влезе од нула, за разлика од ривалите, кои тргнаа со минусно салдо. Но воведот на црвено-црната македонска репрезентација предводена од најмладиот најдобар стрелец во сезоната 1983/84, Дарко Панчев, како и плејадата одлични играчи како Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Тони Савевски не ветуваше дека сезоната ќе мине во црвено-црната боја.

Мирко Петров на дуелот со Осиек на Градски
Вардар шампионатот го отвори со гостување во Сараево, кај Жељезничар, еден од главните инволвирани клубови во Шајберовото коло. На стартот, убедливи 3-0 за сараевските сини на „Грбавица“. Поразот на стартот не ја урна атмосферата во тимот.
Следуваа две врзани победи со Осиек и Приштина, пред дуелот со најтрофејниот југословенски тим Црвена звезда на Градски во Скопје. На 31 август, Чедомир Јаневски во 61. минута од пенал ги собори црвено-белите и стави до знаење дека Вардар со трите победи во низа, има капацитет за највисок дострел.
Вардарци ќе имаа уште поубедлив старт, но финишот на мечевите на гостувањата во Никшиќ и Суботица им одзедоа драгоцени бодови, во кој Сутјеска и Спартак се спасуваа од порази. По триумфот над Раднички со 2-0 во 7. коло, вардарци гостуваа на „Пољуд“ во Сплит кај Хајдук. Против вториот великан од „големата четворка“ овојпат однесоа голем бод со ремито 0-0.
Вардар по тие осум кола имаше скор за шампион, дури и без казните на ривалите. Собра 11 бода, толку имаше и Партизан и Будуќност, а само Динамо Загреб беше подобар. „Модрите“ имаа 14, но требаше и во вториот дел од есенската полуетапа да се сретнат со вардарци.

Момент од мечот Партизан-Вардар
На половина од есенскиот дел, дојде и првата криза, со двата врзани порази во Скопје од Вележ со 0-3 и од Сараево со 1-0 на гости. На победничката патека Вардар се врати со триумфот против Динамо Винковци со 2-0 во Скопје, таман навреме пред гостувањето кај белградски Партизан.
На 2 ноември 1986, на „ЈНА“, Вардар играше како по ноти. За дваесет минути имаше водство од 2-0 со головите на Мирко Петров и Дарко Панчев. Немаше веќе дилеми дека пред црвено-црните е историска шанса за титула, особено поради казните за гигантите, кои секојпат имаа дополнителен „ветер во грб“. Партизан во второто полувреме спасуваше реми, преку Среќко Катанец во првиот дел од второто полувреме и преку македонската легенда Милко Ѓуровски на 15-на минути пред крајот. Трет меч од 12-те, и тоа на гости, Вардар пропушта шанса за победа.

Панчев таа есен постигна осум гола
Во следните пет меча, Вардар ќе победи само двапати, уште двапати ќе ремизира. Во последното коло во Скопје го дочека Динамо Загреб, кој играше неверојатно во првата фаза од полуетапата. Јовче Џипунов и Слободан Горачинов ќе им земат мера на „модрите“ за Вардар да собере 20 бода. Пет повеќе од нив има Партизан, но минус шесте казна, вкупно 19. Будуќност и Вележ, на терен собраа по 23 бода, но и тие казнети, завршија зад Вардар, со по 17. Хајдук, кој немаше минусно салдо, собра 16, Динамо (-6) стигна до 15 бода…
Скопските херои без пораз во дуелот со големата четворка стигнаа до врвот и потврдија дека генерацијата има капацитет за да го оствари сонот за шампионска титула. Панчев очекувано со осум гола беше прв стрелец на тимот, Петров даде пет, Јаневски три, Горачинов два, Рингов и Џипунов по еден. Вкупно 20 во есенскиот дел.
ПАТОТ ДО ТИТУЛАТА – РЕЗУЛТАТИ ВО СЕЗОНА 86/87 (ЕСЕНСКИ ДЕЛ)
1. коло (10 август 1986) Жељезничар – Вардар 3-0 (Михајловиќ 21 п., Шкоро 81, Матковиќ 86)
2. коло (17 август 1986) Вардар – Осиек 1-0 (Рингов 12.)
3. коло (24 август 1986) Приштина – Вардар 1-3 (Панчев 28, 30, Петров 81 – Шаља 89 п.)
4. коло (31 август 1986) Вардар – Ц.Звезда 1-0 (1-0 Јаневски 61 п.)
5. коло (7 септември 1986) Сутјеска – Вардар 2-2 (Дризиќ 25, 90 – Панчев 71, 72)
6. коло (14 септември 1986) Спартак – Вардар 1-1 (Ковачевиќ 88 – Панчев 10)
7. коло (21 септември 1986) Вардар – Раднички 2-0 (Панчев 36, Петров 60)
8. коло (28 септември 1986) Хајдук – Вардар 0-0
9. коло (5 октомври 1986) Вардар – Вележ 0-3 (Туце 31, Карабег 48, Кајтаз 71)
10. коло (12 октомври 1986) Сараево – Вардар 1-0 (Вукиќевиќ 8 )
11. коло (19 октомври 1986) Вардар – Динамо В. 2-0 (Петров 21, Јаневски 45)
12. коло (2 ноември 1986) Партизан – Вардар 2-2 (Петров 12, Панчев 21 – Катанец 57, М. Ѓуровски 73.)
13. коло (16 ноември 1986) Вардар – Будуќност 0-0
14. коло (23 ноември 1986) Слобода – Вардар 1-1 (Крајишник 54 – Панчев 65)
15. коло (30 ноември 1986) Вардар – Челик 2-0 (Петров 33, Горачинов 43)
16. коло (7 декември 1986) Риека – Вардар 3-1 (Јанковиќ 12 п., Матрљан 40, Вујичиќ 68 – Јаневски 21 п.)
17. коло (14 декември 1986) Вардар – Динамо З. 2-0 (Џипунов 40, Горачинов 77)
Никола Богојевски
(Утре: Победата над Хајдук и историскиот пресврт со Сараево клуч за круната)