Тао и златното ланче - приказна за модерната општествена декаденција!

|Volkswagen|

Тастатурата е посилна од мечот!
Член од
21 јули 2009
Мислења
2.725
Поени од реакции
892
Знам дека на повеќето ќе им се види долг текст, но оние кои навистина сакаат да читаат ќе ми направат чест :) Барем успеав да ви го доловам вниманието со претходните текстови за „Призмите“ :) па еве удостојте ме и со овој подолг текст :)


Пеколно топло време. Сонцето се обидува да навлези дури низ тенките пори на ролетните на мојата соба. Се трудам истрелите топлина да ги избегнам лежејќи на тепихот со боја цимет. Чувството на тивко умирање ме обзеде мене, целото мое тело и мојот ум. Замижав гледајќи во стариот лустер и преминав во оној мој свет.
Пред мене се појави ликот на Тао Хунг, како ги трие своите очи посегнувајќи по белиот дигитален будилник кој ја распараше мамурната тишина. Неговото тело полека мрзливо се извлечкува од малиот кревет да не ја пробуди својата сопруга Дунг. Со мал подвиг ја запали неонската светилка во малечката кујничка. Белата неонска светлина го исполна малиот стан од едвај триесетина квадрати. Чајот веќе се вареше, а Тао седеше и бдееше во белата маса. Надвор сеуште беше мрак. Немирот на неговото лице беше очигледен. Долгата ноќ која сеуште траеше, започна со караница со неговата преубава Дунг. Таа беше незадоволна. Нејзината желба беше прекрасно златно ланче со бисер, какво што доби нејзината комшивка Ханг. Но, фабриката за патики Nike, каде што работеше Тао како шивач, таква дневница не даваат за да може да ја удостои својата љубена. Дури кога ќе биде мајстор шивач, а за тоа се потребни уште 5 години, Тао ќе може дел од својот недел хонорар да го зачувува за да може да ја израдува својата сопруга.
Чајот засвири. Тао срипа од пластичното столче за да не ја пробуди Дунг и полека црвената течност ја обои белата шолја.
Крекерот беше сув, чајот жежок, но Тао него чувствуваше тоа. Беше се навикнал на овој доручек. Веќе 20 години каде што ова е неговиот секојдневен ритуал. Она што беше поважно, се одвиваше во неговите мисли каде со молскавична брзина се кроеја математички преметки како да дојде до тоа златно ланче. Наеднаш решението беше совршено јасно. Тао само што не скокна од радост. Неговата душа затрепери, а тажното и мамурно лице засвети со голема насмевка и сјај во очите. Парите за хранарина ќе ги зачува за ланчето. Неговата дневница од 2 долари и 50 центи за храна, ќе ги чува за ланчето од 50 долари. Тоа се речиси неколку месеци работа. Не можеше да пресмета колку точно, сепак не повеќе од два до три месеци. Тао беше решен. Ќе ја направи својата љубена среќна.

Секој ден на патот до железничката страница поминуваше до златарата на господин Минг. Сеуште беше мрак кога го напушташе својот дом во старата висококатница, на која во скоро секој дом светеше истата неонска светлина. На излогот на господин Минг можеше да го забележи златното ланче осветелно од уличната сијалица. Поставено на црн пластичен врат обложен со платно, контрастот беше прекрасен. Како што светеше златното со преубавиот бисер одсјајот од белата светлина, ги маѓепсуваше очите на Тао.
Деновите минуваа. Ниту силниот монсунски дожд не го спречуваа кутриот Тао да се залепи на прозорот од златарата сиот натопен од капки кои фрлаа сенка врз убавиот бисер.
Постојаната изгладнетост имаше влијание на Тао. Се помалку спиеше, работата во фабриката Nike беше напорна особено за неговиот вид. 20 години секојдневна работа висеа врз неговите очи. Сега за прв пат и гладот си го земаше својот данок.
Со собран стомак и поматена свест, видно нервозен ги гледаше како своите колеги и колешки се насладуваа со своите 50 центи купувајќи изобилство храна од локалниот супер маркет. Неговиот ручек беше шишето од две литра Кока Кола полно со вода, на тој начин го контролираше гладот.

Расправиите со исфрустрираната Дунг продолжуваа, речиси секој ден после слаткиот ручек. Како горчлив десерт тој мораше да слуша како Дунг наводно било видно усрамена што постојано ги носи истите облеки и нема со што да се пофали пред своите другарки кои вечно имаат повеќе од неа. Две години не си имала купено фустан, три години чевли и ги носела кломпите кои Тао ги купил претходната година додека старите чевли биле на поправка. Тие биле единствени кои изгледале добро и модерно. Популарноста на нејзината комшивка се раширила низ нивниот мал кварт. Секој ден во малото дворче пред зградата, жените се собирале на чај или кафе да го разгледаат убавото ланче на среќната сопственичка. Работите толку излегоа од контрола, што гордата сопственичка му даде има на својот миленик на нејзиниот врат. Ланчето доби име – Куј што значи „драгоцено“.
Во целата таа еуфорија, фрустрација и негодаувања, Дунг воопшто не го забележуваше влошеното здравје на својот сопруг. Нејзниот ден имаше две преокупации - ланчето и домашните обврски.

Tао додека го пиеше својот утрински чај го погледна големиот календар поставен на излезната врата. Според пресметките што ги правеше скришно во тоалетот, денес беше последниот ден со последната исплата. Конечно Тао ги собра 50 долари после 3 месечна работа и гладување. Тоа беа напорни три месеци, најнапорни во неговиот живот. Неговата тежина опадна преку 15 килограми и коските беа единственото нешто што го држеа исправен Тао.
Правејќи го завршниот премин преку црната Nike патика, Тао со нетрпение го гледаше големиот кинески часовник кој висеше од високиот таван на погонот. Очекуваше конечно да заврши дванаесеттиот час на работа. Сонцето надвор сеуште силно светеше и паѓаше на образот на Тао. Тој беше радосен и секундите му се чинеа минути, а часовите цела вечност.
Се слушна алармното ѕвонче што означуваше крај на смената. Тао набрзина се истурка во гужвата вработени кои се протегнуваа врз машините и се тресеа од конците кои испопаѓаа по нивните работнички алишта. Извинувајќи се и изведувајќи акробации по халата се втрча до машната каде го забелеа своето работно време и во малата просторија двата сметководители во плик ја доделија неговата дневница со два и пол долари.
Заминувајќи од работа мајсторијата на протнување продолжи низ големите гужви од вработени кои ги напуштаа фабриките. Постојано мораше да внимава на своите џебови каде крцкаа 50 долари, особено кога се возеше во возот за дома. Стравот започна да си го зема својот данок. Што ако денес се случи да го ограбат? Но, ништо на светов немаше да го спречи да го купи драгоценото ланче. Беше толку сигурен во својата замисла што и со сопствениот живот ќе ги брани овие 50 долари.
Задишан, препотен и уморен, пред неговите очи се појави натписот Златара Минг. Откако ја забриша потта од неговото лице, ја среди својата кошула и темно синото палто, уморот и задишаноста ја замена со голема насмевка, а уморот во очите го замена со бескраен кој беше неопислив. Срцето лупаше силно и брзо. Театрално влезе во златарата, промрмори нешто на господин Минг, а тој од излогот го извади ланчето и полека го спушти во рапавите дланки на Тао. Тој само кимна со главата и пробуричка во своите џебови. Господин Минг го спакува во хартиено ќесе, а Тао внимателно пред неговите очи ги изброи 50 долари театрално завршувајќи со последните 50 центи и гласно смеејќи се ги поттурна парите кон Минг и во своите раце го почувствува лесното хартиено ќесиче.
Излегувајќи од златарата Тао го отвори ќесето и започна да го загледува ланчето. Новото Куј. Радоста на неговото лице беше неизмерна.
Наеднаш времето успори. Сонцето престана да свети толку силно, како некој голем монсунски облак ги прекри неговите зраци. Околната бучава на стотиците довикувања, чекори, свирежи, автомобилски сирени, речиси да занемија. Погледот на Тао не се одвојуваше од ланчето, но веќе не чувствуваше радост. Голема грутка застанала во неговото грло, не можејќи да голтне тој почувствува неизмерна тага. Го погледна тоа жолтеникаво испреплетено металче во форма на тенок синџир на чијшто крај висеше лажен бисер во форма на солза. Полека бисерот доби поинакво значење во неговите очи. Тој ги претставуваше неговите солзи, кои секој ден течеа по неговото лице. Тие солени солзи сега се скаменија во овој бел лажен бисер. Почувствува силно чувство на гадење во неговиот стомак. Се згнаси од самата помисла дека љубовта кон својата сопруга ќе ја купи со ова ланче, кое едвај тежи педесетина грама. Тоа тенко парче метал за кое ослабнал цели 15 килограми како и неизмерната болка и страдање од гладниот стомак, висејќи над старата замастена машина под белата неонка во неподносливо жешката хала на миризливите Nike патики.
Тежината на мислите го натераа да седни на тротоарот пред продавницата на Минг. Пред неговите очи се појавуваа сцените на неспаните ноќи бдеејќи се во црвените бројки на дигиталниот будилник, пред неговите очи излегуваа полните усти храна на неговите колеги пред супер маркетот. Одеднаш се почувствува толку безначаен, прегазен од својата судбина, прегазен од својот живот. Стана роб на луѓето околу него, на неговата преубава сопруга, на малата кутија наречен стан. Се погледна наоколу. Насекаде околу себе се препознаваше самиот. Во човекот што преку рамо на стап носеше две големи канти вода, на старецот што продаваше ориз во големите бели вреќи и внимателно пребројуваше своите ситни пари. Се пронајде и во рибарите кои се дереа на цел глас трудејќи се да ја продадат својата риба од која се ширеше неподнослива миризба.
Полека ја отвори влезната врата од неговиот стан. Неонката светеше потемно и по малку потрепнуваше. Звукот на старата правосмукалка прекина откако тој се појави на врата. Дунг веќе го очекувала. Ги разменаа типичните зборови за добар ден и се разбира типичниот разговор за денот кој Тао веќе го извежба качувајќи се по скалите исполнети со детски џагор и играчки. Дунг го приготви ручекот и седнаа на маса. Тао не можеше да го тргни погледот од Дунг. Неговиот умор беше очигледен. Телото прегладнето, а Дунг лакомо јадеше од својата чинија не посветувајќи му никакво внимание, дури прекорувајќи го зошто не јаде и да престане да ја гледа. Зарем не гледа низ каков пекол поминал?! Неговото црно лице, рапави раце, набрана кожа беа потполн контраст на белата кожа на Дунг, оптегнато лице и ладни темни очи.
Ручекот заврши, Дунг ја раскрена малата пластична масичка и започна да ги мие садовите. Тао, не се мрдна од местото. Чувствуваше тежина. Тежина во неговите гради, во неговата глава. Неговиот свет кој го знаел сите овие години веќе ја изгуби смислата. Потполно излегол од матрицата на очекувањата на животот, што треба да прави да биде нахранет, среќен, заљубен ...сето тоа за него веќе немаше смисла. Ја повлече раката на Дунг и ја замоли да седни. Таа со мала доза на страв го погледна тапиот поглед на својот сопруг со мала насмевка на краевите на неговото лице. Од неговиот џеб зашушка хартиеното ќесе. На белата маса се отвори како школка тоа мало хартиено бледо чудо. Во неговата утроба под неонското светло блесна златното ланче, а бисерот доби силен сјај. Очите на Дунг се исполнија со солзи радост. Срцето на Тао затрепери. Почувствува љубов, онаа стара љубов која што тој секогаш ја доживуваше како искрена, кога ќе ја израдува со нешто својата мила сопруга. Се почувствува посакуван и за момент среќен што ќе го добие она толку посакувано гушкање и пријатен сладок разговор проследен со бакнеж во знак на благодарност. Гушкањето изостана, зборовите не се изустија, а слаткиот бакнеж го немаше. Наместо тоа, таа срипа од масата и со насмевка до уши извика дека оди да се пофали на пријателките кои се собрале да го пијат попладневното кафе и сега ќе видат која имала поубаво ланче оставајќи го Тао запрепастен и гневен на масата. Сакаше да викне по неа и да ја брка по скалите, но сфати дека е залудно. Можеше да се види во неговите очи, дека неговиот свет веќе не постоеше. Се расцепи на милиони парчиња. Едно големо парче од тој пропаднат свет падна врз неговите гради. Солзите паднаа по неговите образи под целата таа тежина што наеднаш се струполи врз него. Со последните сили посегна по малата тајна фиока во дупката каде што требаше да биде противпожарниот апарат. Внатре беа пакета цигари и пакетче чкорчиња кои ги чуваше од очите на Дунг. Белиот чад ја прекри белата неонка. Вртлозите чад ја исполнаа целата соба.
Гневот и тагата го презедоа неговиот дух и неговото тело. Очите веќе пресушија. Немаа повеќе сила да плачат. Само што започнаа сите те чувства да го обземаат, наеднаш сето тоа се смена со чувство на еуфорија. Тао прво помисли дека е од цигарата која длабоко ја вдишуваше, но сфати дека започна да се одделува од овој свет. Прво духовно, а потоа и физички.
Неговото срце започна да чука со неправилен ритам. Веќе не ги чувствуваше рацете. Светлината од неонката беше она што ја исполнуваше целата соба. Очите не замижуваа и тие се предадоа на божествената убавина на силната светлина. Стравот, гневот, тагата, гладот веќе ги немаше. Единствено нешто што го поврзуваше со реалноста беше силниот татнеж на неговото срце кое удираше во неговата глава и ги пореметуваше неговите мисли.
Наеднаш почувствува и тоа дека не удира толку силно и полека замре, но светлината и понатаму беше силна. Полека светлината го исполна целиот негов поглед. Се изгуби позадината, се изгуби извиткана жица од спуштениот плафон, чувството на ослободување од неговото тело беше се посилно и после сета таа симфонија од испреплетени чувства настапни еден долг речиси бескраен мир.
Телото на Тао се омлитави и остана неподвижен на столчето со главата турната надолу и со недопушената цигара во неговата десна рака.
Времето успори. Звукот го немаше. Светот ја изгуби својата боја. Некој миг подоцна ланчето од рацете на Дунг веќе одекнуваше од белиот под на станот. Со безчуен крик и со сета сила го тресеше Тао, но тој беше далеку од малиот стан, од ланчето, од фабриката Nike, од супермаркетот, од златарата на Минг, од продавачите на миризлива риба и ситен ориз од својот смрден виетнамски град, далеку од Дунг и сето она што е мизерно на овој свет.


Мојот сон заврши, но кошмарот на мнозинството и понатаму продолжува. Станавме робови на материјалното, но евтиното и она кое нема никаква суштина. Црнчиме секојдневно за туѓи интереси и за нашите погрешни идеали за љубовта. Како човештво заглавивме во духовна закржлавеност, предадени на материјалното, газејќи го своето достоинство, работејќи мизерни работи, со мизерни шефови и газди за да можеше и ние нашето златно ланче да го однесиме во нашите домови и да ги израдуваме оние кои се нашиот морален суд на нашиот успех во општеството, постојано искупувајќи се во нивните очи.

Михајло Стојановски
 
Член од
19 март 2011
Мислења
18.984
Поени од реакции
40.195
До авторот на текстот. Не се секирај, љубовта секогаш победува, и вистинските вредности секогаш испливуваат на површина.

:icon_lol:
 

Windfucker

Телемит, Темплар, Масон, Сциентолог во целибат
Член од
30 април 2010
Мислења
8.459
Поени од реакции
15.326
Не знам оти, ама во секоја ориентална мудрост Минг е секогаш трговец или пак некој имашлив човек, да не речам антипод на Лазар Бараков во МНП.
 

|Volkswagen|

Тастатурата е посилна од мечот!
Член од
21 јули 2009
Мислења
2.725
Поени од реакции
892
Не знам оти, ама во секоја ориентална мудрост Минг е секогаш трговец или пак некој имашлив човек, да не речам антипод на Лазар Бараков во МНП.
Со тоа што имињата во текстов имаат конкретно значење на виетнамски :)

А тоа со среќниот крај ...не секоја приказна има среќен крај, а оваа некој ќе рече дека има :)
 

Kajgana Shop

На врв Bottom