Сакам да се надоврзам со следново: прекрасна е целта на стоицизмот, со тоа што треба да бидеме внимателни како се стигнува до неа.
Не знам како било кој од сите на темава го достигнуваат тоа искуство на стабилност во разни околности, па затоа сакам да ја начнам опасноста која ја имам увидено во однос на стоицизмот од психолошка перспектива. Она што го гледам како најголема опасност е репресија, негирање, рационализирање и други механизми преку кои би го инвалидирале своето емоционално искуство, како и емоционалното искуство на другите. Емоцијата се јавува, и без разлика кој одбранбен механизам ќе се појави, емоцијата сепак ќе постои (само ќе биде несвесна, што е уште поопасно).
Мислам дека причината зошто воопшто се јавуваат силните екстреми на емоциите е поради имање премногу одбивност кон она што го чувствуваме, т.е. неприфаќање на емоцијата како дел од нашиот внатрешен компас и однос на сметање дека таа е неточна (не објективно, туку за нашето субјективно искуство), релевантна и легитимна. Имаме разни деструктивни односи кон емоциите, бидејќи како се справуваме со емоциите првично е одраз на тоа како родителите се справувале со нашите емоции, а човештвото денес во најголема мера не знае како да се справува со своите емоции, ниту со туѓи. Ако нешто не вознемири, постои сосема легитимна причина за тоа во нашиот внатрешен систем. Ќе се обидам да го доловам ова преку симплифициран хипотетички пример за да биде посликовито:
Се појавува емоција на силен страв во личност на 32 години рецимо, која добила отказ од работа. Тој силен страв е веројатно врежан во психа од рано детство. Значи, кога ќе се појави таква екстремна емоција, тоа е одраз на 3 годишно детенце кое вришти и плаче. На тоа 3 годишно дете од раѓање му е врежано дека тоа постојано мора да биде „добро“, ако е „лошо“ тогаш не заслужува љубов, мама и тато не го сакаат (ова детето го добива како сигнал, според нивното однесување - децата се експерти за читање на секакви суптилни реакции на луѓето особено родителите), ако мама и тато не го сакаат тогаш биолошкиот систем го перципира тоа како директно загрозување на преживувањето. Личноста цел живот ќе го троши да се труди да биде „добра“, значи да не добива негативни реакции од средината. Тој ден кога добива отказ личноста се чувствува инвалидирана, несакана итн., односно емоционалното искуство со кое се нема соодветно справено во детството се екстернализира и се проектира врз ситуацијата. Значи, површно ќе биде дека е исплашена за иднината бидејќи останала без работа, а коренското искуство ќе биде дека се чувствува евалуирана како „лоша“ и „погрешна“, па поради тоа не заслужува љубов, а ако не заслужува љубов тогаш не заслужува да преживее.
Емоцијата се екстернализира бидејќи секоја емоција која се појавила во животот а не се разрешила (бидејќи нашата психа не била снабдена со капацитети да се справи со истата) бара да биде разрешена. Поради ова, емоцијата ќе продолжи да се појавува на ист начин во ист циклус одново и одново се додека не ја разрешиме (сте помислиле некогаш: „зошто секогаш истото ми се случува?“
). Ако на патот кон состојба на деполаризација се пристапува со репресија, емоцијата стекнува се повеќе и повеќе психичка сила, и иако навидум ќе изгледа дека сме сталожени, после некое време организмот нема да може да трпи, ќе излезе уште посилно и така се влегува во циклус.
Е сега, ако дете почне да плаче и да очајува, како да му пристапиме? Пред се, со тоа што ќе го осигураме дека е во ред да се чувствува на тој начин, дека неговите емоции се легитимни и валидни, дека си има причина зошто така се чувствува и дека без разлика како се чувствува, детето заслужува љубов, внимание, сочувство итн. Ќе покажеме дека сме заинтересирани и дека сакаме да го разбереме и ќе му го дадеме тоа до знаење: ќе му поставиме разни прашања за тоа што ја поттикнало емоцијата, без никаква осуда. Така, емоцијата кај детето ќе се трансформира и истото ќе се чувствува безбедно со нас. Епа, базирано на ова, кога самите имаме разни екстремни чувства, пожелно е да им пристапиме како на тоа мало детенце, односно да си пристапиме кон себе како родителот кој би сакале да бидеме и да го имаме. Друга аналогија е начинот на кој се справуваме со пријатни чувства - најчесто немаме трауми врзани со нив (иако понекогаш се случува), им дозволуваме да течат, не ги осудуваме, едноставно седиме со емоциите со односот дека е во ред да ги имаме.
За некои емоционални искуства да се разрешат и трансформираат треба подолго, а за некои кратко време. Преку работа со емоциите мислам дека се стасува до тој здрав стоички однос и се воспоставува хармонија во психата и во организмот. Се надевам дека ова ќе ви биде корисно дополнување на дискусијата. Ми се допаѓа пристапот да не рипаме одма да ги истуриме емоциите врз другите, туку да бидеме интроспективни, со тоа што лично би го имплементирала пристапот на сочувство кон себе (во ред е да се чувствувам така) наместо тиранија (не треба да се чувствувам така и сега ќе се чувствувам поинаку).