Океј, сите сме чуле хорор приказни за свекрви од пеколот. Ако сте од оние кои мораат да се справуваат со „вештерката“ која постојано им дише во врат, еве неколку стратегии за преживување.
СМЕШКАЈТЕ СЕ
Без разлика што ќе ви префрли, ќе ве испровоцира или ќе ви се обрати со повисок тон, па дури и отворено да ве навреди со коментар за тоа како сте ја направиле салатата, едноставно - смешкајте се. Знаеме дека е тешко и дека во такви ситуации ви доаѓа да и врзете заушка, но смеењето е метода која функционира бидејќи нема да додаде „бензин“ на нејзиниот оган. Затоа што, да бидеме искрени, што и да кажете таа ќе го сврти контра вас. Па, зошто тогаш воопшто да кажете нешто, кога може да и се насмеете во фаца?
ПЛАЧЕТЕ
Ако ви дојде преку глава од нејзините коментари или доколку не можете да поднесете уште некоја од нејзините навреди, ви предлагаме да ги вклучите „водопадите“. Ако сте од оние кои можат да плачат - плачете слободно. Ова е последната работа што таа може да ја очекува од вас, па ќе и предизвика шок и чувство на вина (барем во првите неколку минути). Не и објаснувајте зошто плачете - едноставно направете ја најтажната фаца на светот и почнете. Најдоброто време за да го направите ова е кон крајот на посетата, за да може брзо да си заминете по вашата „драма“.
ПРЕПРАВАЈТЕ СЕ ДЕКА СЛУШАТЕ
Веднаш штом ќе ја отвори устата и почне да „дроби“, зошто воопшто да ги слушате нејзините омаловажувања? Преправајте се дека ги слушате нејзините „совети“, но наместо да ја слушате правете си листа за шопинг во вашата глава, или размислувајте си што ќе облечете за вечерната прошетка со вашиот сопруг, или каде ќе одите наредниот викенд. Размислувајте на било што додека таа си дроби.
НАЈДЕТЕ СИ СОЈУЗНИК
Вашиот сопруг е првиот кој треба да ве заштити доколку неговата мајка ја прејде линијата, но тој не може постојано да е против неговата мајка (да, има шанси и дека се плаши од неа). Но, доколку има некој друг член од семејството на кого му игра по нерви - здружете ги силите против свекрвата од пеколот. Ова нема да го реши проблемот, но ќе направи многу полесно да се справувате со семејните драми.
ГЛУМЕТЕ ДЕКА СТЕ БОЛНИ
Нареден пат кога ќе треба да присуствувате на уште една вечера во нејзината куќа која ќе биде исполнета со сарказам, преправајте се дека сте болни за да не мора да присуствувате. Кажете му на вашиот сопруг дека не сакате да заразите уште некој друг со вашата настинка (посебно не неговата мајка, нели), па дека е подобро да останете дома. Уживајте во опуштената вечер која ќе ја имате во вашиот дом.
Нормално, сите свекрви не се свекрви од пеколот. Секоја чест за оние кои се столб на семејството, кои несебично и искрено ги разбираат, поддржуваат и помагаат младите.
А како вие се справувате? Како во два збора би ја опишале вашата свекрва?
via Kajgana