Му свириме во кафуле за да фати женска
Пишува Данило Коцевски - Ванчо и Боби се веќе легенди на скопските улични свирки. Минувачите го потпевнуваат нивниот репертоар, некои изведби на стари хитови веќе ги довеле до совршенство. Тие музицираат на почетокот од ГТЦ, пред влезот на "Соравија" и се вклопуваат во новата слика на Скопје, на кое посебен шарм му даваат уличните музиканти. "Ние не свириме што било", горделиво велат Боби и Ванчо, "имаме точно одреден и богат репертоар. Тој репертоар обожавателите особено го сакаат. Застануваат, разгалени од музиката, слушаат и оставаат по некој денар".
Некогаш, главните свирки доаѓаа од скопските маала. Гитарата беше сe. Доволно беше во запурничавите летни ноќи да се земе гитарата в раце и веднаш да се собере весело друштво млади. Гитарата беше клучот за дружење, за додворување и за кршење женски срца. А тогаш, пред и по скопскиот земјотрес, главен фраер беше Тули, чиј имиџ на миленик на девојките беше заслужен: висок, згоден, со одличен глас, виртуоз на гитара. Па уште кога ќе запееше заедно со Мариче, тогашна скопска убавица, доживувањето беше комплетно. Тули во 1966 год. замина за Америка. Во раните шеесетти години, цело Скопје ја пееше песната "Дуби ду". Ја изведуваше квартетот во состав: Славе Попот, Тули, Круме Слепиот, еден од најдобрите тогашни вокали, и Ратко Исајловски, маџирмаалец кој живееше во куќата над слаткарницата "Пилот". Денес, со Славе Попот, кој важи за еден од најпознатите телевизиски монтажери, заедно ја потпевнуваме "Дуби ду": "Ти единствена си што залудуваш, наутро и навечер". Квартетот, пред земјотресот, одржуваше проби во просториите на "Пралипе", зад денешната зграда на Ибни-Пајко. Постоеја и игроорни, но и драмски секции во кои учествувавме, сметајќи дека веќе сме на прагот на славата на Џејмс Дин.
Низ уличките на тогашните скопски маала или на плажите одекнуваа гитарите на Симе, Ламбе, на Пере, на Лаки, братот на популарната пејачка Даниела Панчетовиќ, која во седумдесеттите години настапуваше во Офицерската бавча, во близината на денешното Летно кино во паркот. Се свиреше, главно, на журови или на игранки во населбата Пролет, во Мичурин или во Дебар маало. Тогаш, низ скопските улици, особено во центарот на градот, не беа дозволени јавни свирки и настапи на музичари. Стариот режим не го дозволуваше тоа или, едноставно, немаше традиција, иако на Запад таа практика одамна беше востановена.
Денес, уличните свирачи можат да се слушнат насекаде низ центарот на градот, и сите ќе ви се пофалат дека имаат лиценци за такви настапи. И тоа е добро. Меѓу нив има и врвни музичари. Ги има на улицата Македонија, во Градскиот трговски центар, на Плоштадот, кај поранешната Стоковна куќа или на кејот. Пред повеќе години, први мразот го пробија некои латиноамерикански етносостави, потоа пред Стоковната куќа шармантно настапуваа старите скопски рокери, а денес се изведува и класична музика. Маестрална изведба на класична музика, која привлекува многу љубопитни, можете да слушнете од составот "Форс стрингс" во ГТЦ или на Плоштадот, пред ресторанот "Пелистер".
На пеколна горештина од над 40 степени, деновиве го чекав, во Трговскиот центар, најпопуларното дуо музичари, Ванчо и Боби, на муабет. Боби, кој е веќе скопска легенда за овој вид музицирање, ми рече: "Денес сме во големо брзање. Имаме закажано свирка точно напладне. Му свириме на еден тип во едно кафуле за да фати женска. Имаме и такви интересни случаи". "Каков тип, какво кафуле?", го прашав. "Знаеш", одговара Боби, "типот долго време ја бркал женската и никако да ја фати. Ќе направи ѓезме, и со помош на нашата сентиш музика, смета дека таа, конечно, ќе падне, ќе ја освои. Мудар е фраерот, знае што прави". Сето ова ми наликува на некои романтични сцени од американските филмови, само овој пат на наш, скопски начин. Свират евергрини, музика од "Битлси", бивши ју-хитови, македонски рок. Само одбран репертоар. Го фалат уличното музицирање кај нас, но сметаат дека тоа сe уште е во зародиш. Во центарот на градот можат да се слушнат и изведбите на Миодраг Станојковиќ-Сашо, Агуш, Радослав и други, кои имаат големо претходно искуство во музицирањето, како соло-изведувачи или како членови на поголеми бендови.