L
.Lost Angel.
Гостин
Скандал во Скопје - гол маж на плажа
Во Скопје, многу рано, уште пред војната, во 1932 година, бил формиран клуб на нудисти. Тоа само зборува за отворениот и позитивен дух на луѓето, кои за тоа време многу смело, па дури и револуционерно се залагале за враќање кон природата и за ослободување на телото од традиционалните стеги на моралот.
Градот го фаќал чекорот со Европа, каде што приближно во тоа време се формирале такви клубови. Лулка на нудизмот е Германија, каде што за прв пат се капеле нудисти во 1893 година, во Есен. Потоа нудизмот се проширил во Франција и во Англија. Но треба да се знае дека идејата за формирање такви асоцијации била особено поттикната од одржувањето на првите модерни Олимписки игри во Атина. Тогаш повторно заживеал грчкиот култ кон убавините на голото тело. Тој култ бил присутен и кај Римјаните, но и на Истокот, кај Индијците, кои ја имале познатата школа на гимнософи или голи филозофи. Тие ја поврзувале голотијата со една поширока и подлабока духовна пракса. Италијанскиот писател Чавезе со право рекол: "Човекот е единственото суштество кое работи за да се облече! Зошто се срамиме од својата голотија?" Претседателка на скопското друштво на нудисти била познатата дама, секогаш активна и инвентивна, госпоѓа Шана Виќентиевиќ. Дивите плажи на Вардар биле идеално место за нудистите, иако, се разбира, тие ги избирале најскришните и најосамени места, далеку од очите на јавноста. Тоа го правеле и на тајните места на реката Треска. А најчесто се упатувале со пајтони кон Катланово. Таму, на реката Пчиња, бил нивниот нудистички рај. По угледот на Шана, во тој клуб на нудисти учествувале личности од познати скопски семејства.
Но во триесеттите години, во Скопје се случил еден скандал, кој индиректно бил врзан со нудистите, а за кои зборувал целиот град. Поточно, скандалот се случил на плажата во Ханриево, денешно Ѓорче Петров. Плажата во Ѓорче се наоѓала во близина на Арифбеговиот јаз и оттаму, низводно, започнувале другите познати плажи. Местото било многу посетено од капачи, доаѓале млади дами и момчиња со своите друштва, но и цели семејства со децата. Што, всушност, се случило на плажата? Еден млад човек, пред очите на сите присутни, се соблекол гол и во познатиот нудистички стил, се капел и се сончал како да е сосема сам! Присутните биле вџашени од глетката. Особено што младиот човек не бил едикојси, туку бил лекар по професија. Него го придружувал еден пријател, кој, исто така, учествувал во нудистичката сеанса. Двајцата, угол голи, се капеле во Вардар, а потоа се сончале на плажата, заедно со останатите изненадени капачи!
Ете како во Скопје, многу одамна, дури и пред другите во Европа, започнала сексуалната револуција. Борбата против патријархалниот морал и за слобода на голото тело. Младиот лекар-интелектуалец, веројатно, го смислил сето тоа за да искаже некој свој интимен револт. Можеби се замислувал во улогата на гол филозоф, но таа негова филозофија не поминала така лесно. Сето тоа се сметало за повреда на јавниот морал, започнале озборувањата, а ниту печатот не можел едноставно да помине преку тој скандал. Се појавиле написи во кои се велело дека капењето и сончањето во костимот на Адам, сепак, се премногу: "Покрај сите непријатности што илјадници капачи на Вардар ги имаат секојдневно, се јави уште една нова непријатност за нив, една нова напаст во Ханриево, каде што секојдневно се капат голем број дами. Напаста се јави во личноста на еден млад лекар и неговиот пријател. Тие, без оглед на присуството на дамите и на децата, се капат и се сончаат во костимот на Адам. Критичарите на овој гест нашле допирни точки со нудизмот: "Ние знаеме дека во светот има поддржувачи на голотијата, на т.н. нудисти, но го знаеме и тоа дека сите тие имаат свои клубови со оградени терени, каде што се капат и се сончаат, не вознемирувајќи ги противниците на оваа идејаа. Загриженоста одела дотаму што се поставувало прашањето за тоа кој гарантира дека нема да се повтори сето ова. Во написите понатаму се вели: "Знаеме дека треба да се чекори со времето, но не треба да се претерува во тоа. Што може да помине во Париз или во некоја друга европска метропола, не може во Скопје. А во ваква грда форма не може да помине дури ни тамуу.
Но ете, во Скопје, сето тоа, сепак, поминало. Колкава голема била димензијата на скандалот, може да се види ако се направи ваква споредба со денешната состојба. Ако денес, во 21 век, скандал предизвикува голотијата претставена во камена пластика изложена јавно, што да се каже тогаш за живата голотија видена во тоа далечно време? Првиот монокини костим за капење, со разголени женски гради, за прв пат се појавил во Мичиген, во шеесеттите години. И тој предизвикал скандал. Моделот бил приведен од полицијата. Затоа, случајот со голиот маж на плажа, можеби благодарение на смелоста на младиот лекар, го вбројува Скопје во предреволуционерните градови во однос на револуциите што се случија подоцна. Оние што ги засегаа токму разголувањето, сексот и моралот.
Aко не е соодветен насловот на темава променете ја .. или пак ако не е во ред темава во канта
--- надополнето: 5 август 2012 во 17:52 ---