- Член од
- 7 март 2010
- Мислења
- 8.842
- Поени од реакции
- 24.275
После завршената групна фаза, стигнавме до средината на овој Мундијал и до според мене најинтересниот дел од првенството, а тоа е елиминационата фаза. Фаза во која конечно би требало да видиме поквалитетен фудбал каде што екипите ќе мора да го подигнат нивото на фудбал бидејќи еден натпревар одлучува дали ќе се иде понатака или ќе се иде дома.
Сабота, 16:00 часот - Франција vs. Аргентина
Отварање какво што можевме да посакуваме на елиминационата фаза. Во поглед на резултат сосема спротивни, Франција бодовно успеа да ја издоминира групата додека Аргентина едвај се протна во последното коло, но кога станува збор за играта што ја прикажаа во групната фаза би рекол дека се израмнети репрезентации. Иако Франција усепа да влезе како победник во групата, не импресионираше баш со игрите, како да фали нешто во нивната игра. Аргентина колку што прикажува лоши игри на терен, толку проблеми имаат и во соблекувалната, но и покрај сево ова мислам дека Аргентина, поготово Меси, сеуште го немаат кажано последниот збор на првенствово.
Сабота, 20:00 часот - Уругвај vs. Португалија
Исто така еден од поинтересните дуели во елиминационата фаза. Уругвај делуваат страшно, многу организирано, поготово во одбраната. Единствена репрезентација која може да се пофали со тоа што немаат примено ниту еден гол во групната фаза. Суарез и Кавани го подигнаа нивото на игра и како прави лидери успеаа да ја однесат Уругвај како победник во групата. Потсетуваат доста во играта на Атлетико Мадрид, цврста одбрана и опасни по прекините. Португалија од друга страна иако на хартија има доста поквалитетен состав од тој на ЕП 2016 кога станаа шампиони, на терен делуваат доста слабо и неорганизирано. Одбраната и контра нападите кои им беа главното оружје на ЕП сега им се доста ослабнети. Единствената светла точка во тимот е Роналдо, прашање е колку тој може да ги однесе португалците до некаква слава.
Недела, 16:00 часот - Шпанија vs. Русија
После глупостите кои им се случија пред почетокот на првенството со отпуштањето на тренерот некако шпанската репрезентација како да не си го оправдува епитетот фаворит кој што ја следеше. Иако прикажуваат доста слаби партии, поготово во одбраната, како за чудо медиумски некако во сенка се. Никој не ги збори, ниту ги фалат, ниту ги критикуваат, а во таква ситуација шпанците се најопасни. Од другата страна ја имаат Русија, која мене целосно ме изненади на првенствово. Очекував да ја поминат групата но очекував со доста мачење да поминат. Домашната публика ќе им биде голем мотив да ја измачат оваа раштимана репрезентација на Шпанија која мака мачи поготово во одбрана.
Недела, 20:00 часот - Хрватска vs. Данска
Данците според мене се една од послабите европски репрезентации на првенствово. Со доста среќа, поготово во натпреварот со Перу успеаа некако да ја поминат групата. Буквално, на ниту еден од трите натпревари не покажаа ништо. Против Перу само чудо е како не успеаа да примат гол, не успеаа да ја победат Австралија која се сметаше за аутсајдер во групава и изиграа едно "срамно" нерешено со Франција. Искрено единствена репрезентација за која не можам да оформам никакво мислење бидејќи буквално ништо не покажа во групната фаза. Мислам дека лесен плен ќе бидат за Хрватска, репрезентацијата со најдобриот среден ред на првенствово. Единственото нешто што може да им биде проблем на Хрватите е улогата фаворит и балканскиот менталитет, но имаат доста искусни играчи во репрезентацијата кои имаат доста победнички менталитет. Модрич со освоените титули во ЛШ, Ракитич со освоените титули во Ла Лига, Манџукич со освоените титули во Сериа А, играчи што сами решавале големи утакмици.
Понеделник, 16:00 часот - Бразил vs. Мексико
Според мене, најинтересниот дуел од оваа фаза. Бразил како главен фаворит на ова првенство воопшто до сега не си ја оправда фаворитската улога. Некој можеби ќе каже дека тактизирале, но реалноста е дека Бразил ни малку не ја покажува играта од квалификациите на ова првенство. Можеби малце ги уништија повреди, поготово на Нејмар кој е доста отсутен на ова првенство, играчот кој се очекуваше да ги носи на грб до сега освен форсирање не покажа ништо друго. На негово место се појави лидер од сенка, Кутињо, кој буквално ја изгази групната фаза и ги однесе Бразил до последните 16 екипи. Од друга страна Мексико е доста незгоден противник, ако против некој може да играат тоа е Бразил. Видовме против Германија дека Мексико знаат да играат против подобар противник. Си имаат свој стил на игра, стрпливи се и мислам дека ќе го имаат истиот пристап како против Германија. Ќе им ја остават топката на бразилците и ќе гледаат да ги казнат преку контри.
Понеделник, 20:00 часот - Белгија vs. Јапонија
Искрено нема што да се лажеме и да мислиме дека колку толку Јапонија ќе пружи некаков отпор, мислам дека ќе бидат размонтирани од страна на белгијците. Едноставно во секој сегмент од играта Белгија е поквалитетна репрезентација од Јапонија, иако тоа не мора ништо да значи, поготово за тоа е доказ ова првенство, мислам дека на овој натпревар нема да има некаков простор за изненадување.
Вторник, 16:00 часот - Шведска vs. Швајцарија
Дуел на две европски репрезентации, слободно можам да кажам дека ова ќе биде еден од најизрамнетите дуели во оваа фаза. Шведска покажаа одлични партии во групната фаза. Иако сите ги отпишувавме и мислевме дека нема да поминат група, на крајот на денот они завршија како победници во нивната група, дури и на натпреварот против Германија изгубија со несреќен гол во последната минута. Сепак не било случајност тоа што ја елиминираа Италија во баражот на првенствово. Имаат одлична одбрана, цврсти се во дуели и мислам дека нема да се предадат толку лесно против Швајцарија. Од друга страна Швајцарија е репрезентација со доста искуство на овие натпреварувања. Видовме дека можат да играат против секого, стпрливи се, не потпаѓаат под притисок, знаат што сакаат, на два пати во првите два натпревари се вратија од негатива. Против Бразил успеаа да израмнат, а против Србија нивниот директен конкурент за тоа второ место успеаа да победат.
Вторник, 20:00 часот - Колумбија vs. Англија
Иако ова не е истата Колумбија од претходните првенства и е доста ослабена што од повреди, што од играчи кои се надвор од форма, сепак е Колумбија и тоа што им фали во фудбалско знаење они го надополнуваат со жар и борба за победа. После дуелот со Јапонија сите некако ги отпишавме, но мора да се признае дека да не беше тој црвен картон + пенал во втората минута тој натпревар можеше да има скроз различен пристап. Една од најпотценетите репрезентации на првенствово според мене, мислам дека имаат квалитет да и направат доста проблеми на Англија. На Англија ќе видиме дали ќе и се исплати тоа тактизирање во групата и намерното завршување на втората позиција. Искрено после кој знае колку време гледаме една малце поразлична Англија која не е пумпана од медиумската јавност, поготово од медиумите во Англија. Имаат доста квалитетни играчи и најважно ослободени се од притисокот на освојување на секое првенство во кое што учествуваат.
Темава ја направив општо за елиминационата фаза бидејќи не знаев дали да правам посебна за 1/8 финалните дуели или една за се. @Ilumious и @Peja989 нека одлучат како ќе биде, дали ќе биде една тема или ќе имаме посебно за секоја елиминациона фаза.
Последно уредено: