Се обидував да реставрирам Mercedes 170-s модел од 1939 година, кабриолет, кожа, махагони...ист како што го имал големиот фирер Адолф Хитлер!
Ама не успеав до крај, ем беше прескапо ем не ми беа достапни сите делови кои ми требаа, ем убави пари ми понудија за онака недовршен во состојба речиси вреќа делови
! Не е битно, собрав некое искуство работејќи на наего па го искористив да репарирам комплетно едно старо IMV комби со кренат кров, 2 задни осовини, дизел со мотор од Мерцедес 220 d. Беше во очајна состојба кога стаса во мои раце, над крилата дупки како глувци да го гризале, вратите предни исто така, под гумените лајсни од сите стакла скапано, а моторот речиси без компресија, едвам палеше.
Нормално, прво што излезе надвор беше моторот кој го однесов кај еден другар кој има подобри услови од мене за растурање мотор и негово составување. Не беше тешко како што мислев дека ќе биде, со мала помош од друг пријател кој веќе растурал дизел мотор деловите кои беа дотраени како хилзни, карики, летечки и лежечки лагери и друго ги заменивме со нови, лежиштата за вентилите ги исполиравме, а јас посебно обрнав внимание на полирање на издувните и усисните канали во главата на моторот. -Тоа ми е некое искуство кое останало од помлади денови кога фризирав бензинци
Каросеријата доби солидна поправка на тој начин што со шмишајбна отсеков се што беше рѓосно и скапано, на тие места ако не беше по површин преголемо парче ставав композитно карбонско платно натопено во полиестер, а ако не можеше тогаш со апарат за автогено зварување заварував парче лим. Сите подкрила и подот ги намачкав со „Аутобит” на кој нафрлав гумен прав (од мелени стари автомобилски гуми) додека премазот уште не беше исушен така да добив повеќекратна изолација, амортизација на удари од каменчиња и одлично сузбивање на вибрациите од моторот и трансмисијата. Под гумените лајсни на сите стакла употребив „Антирост” за чистење на корозијата која неможев доволно да ја одстранам по механички пат, па потоа секаде каде беше потребно автогено заварив парче нов лим или едноствнао со бренерот долеав малку метал од жицата за варење. После едно убаво стругање на целата школка со компресор нанесов првин шприц-кит по целата површина, каде требаше нанесов повеќе слоеви за корекција, го избрусив со мокра шмиргла и вибрациска брусилка и пристапив кон лакирање.
-Дилема ме маваше што боја да одберам. Се мислев помеѓу лимон-жолта и флуоресцентно-зелена
. За жолтата ме предомислија оти ме убедија дека ќе изгледа како поштенско комбе, а зелената некако ептен ќе бодеше очи во таа нијанса во која ја замислив. Најпосле го офарбав во неговата оригинална боја, нешто помеѓу светло драп и светло сиво. Шприцав 2 пати со нешто поразредена боја и испадна доста добро, над очекувањата ако земам во обзир дека тоа ми беше втор пат во животот да држам лакерски пиштол од компресор во рака.
Кедер-гумите сите ги сменив, а во внатрешноста ги сменив седиштата па испадна малку како кастум бидејки доби седишта од „Ауди”
. Идејата ми беше да го уредам за кампување, но тој ден не дојде па го продадов после 2 години.