Пет нови ракометни правила стапуваат на сила
Светската ракометна федерација (ИХФ) усвои пет нови правила што беа предложени на Конгресот на ИХФ во Сочи, а кои ќе стапат на сила од 1 јули оваа година. Олимпискиот турнир на Игрите во Рио во август, ќе биде првиот голем настан на кој ќе бидат формализирани новите правила на ракометната игра. Претходно тие беа тестирани на светските првенства за јуниори и за кадети во Бразил и во Русија, а потоа беа и официјално усвоени од советот на ИХФ и ќе важат за сите натпревари под покровителство и организација на ИХФ. А во наредниот период, овие правиле ќе почнат да се имплементираат и од страна на националните федерации.
Овие пет правила се однесуваат на следните работи:
-седми играч во поле: голманот може да се користи како седми играч во поле или да биде заменет со друг играч. За разлика од досега, седмиот играч во поле не мора да носи маркер. Но, играчот што влегол како замена за голманот нема право да влезе во голманскиот простор, бидејќи не е означен со маркер, туку ќе мора да биде направена измена со голманот.
-повредени играчи: повреден игра мора да го напушти теренот после примањето на медицинската помош и ќе смее да се врати назад дури после третиот напад на неговиот тим. Ако играчот влезе прерано, тогаш тоа ќе биде санкционирано со исклучување од две минути исто како при неправилна измеан. Единствен исклучок од ова правило е само кога голманот ќе добие директен удар во глава.
-пасивна игра: откако суиите ќе подигнат рака за пасивен напад, тимот има максимум шест додавања пред шутот на гол. Ако во меѓувреме биде досуден фаул без санкција, броењето на додавањата продолжува непрекинато. Пасивната игра беше еден од најоспоруваните елементи во ракометната игра. Со новото правило тоа добива само делумна временска рамка бидејќи и натаму останува право на судијата да оцени кога ќе ја подигне раката за пасивен напад.
-последна минута: во ракометните правила терминот „фаул во последната минута“ ќе биде заменет со „фаул во последните 30 секунди“. Ако играч од екипата која се брани во последните 30 секунди од натпреварот направи фаул кој спречува реализација на противничкиот тим, тој добива директен црвен картон , а на фаулираниот тим му се досудува пенал без разлика на кој дел од теренот е направен фаулот.
-син картон: покрај црвен и жол се воведува и син картон за да биде појасно дали играчите кои добиваат црвен картон ќе подлежат и на понатамошна суспензија. Ако играчот со црвен картин добие и син картон од судиите, тоа значи дека за него ќе има пишана изјава и случајот потоа ќе го разгледува Дисциплинската комисија која изрекува дополнителна казна или суспензија за ракометарот.