МАШКАТА СЕНИОРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ПО ПОВОД РЕВАНШОТ ОД БАРАЖОТ ПРОТИВ СЛОВЕНИЈА, КОЈ СЕ ИГРА УТРЕ, ВО СРЦ "КАЛЕ", ОД 20:10 ЧАСОТ
Македонија подготвена за саботната треска
До реваншот против Словенија останува уште малку време, но доволно за сите ракометари максимално да се мотивираат и да успеат во своите намери да стигнат до победа која ја води Македонија на ЕП 2008.
БАРАЖ ЗА ЕП 2008 - РЕВАНШ НАТПРЕВАР
МАКЕДОНИЈА - СЛОВЕНИЈА
САБОТА, 16.06.2007 - 20:10ч
Сала: СРЦ "Кале" во Скопје. Судии: Жил Борд и Оливие Бај од Франција. Делегат: Владимир Ранчик од Словачка.
РЕЗУЛТАТ ОД ПРВИОТ МЕЧ: 33:28 ЗА СЛОВЕНИЈА
Уште еден ден за тактички тренинзи и еден ден за психолошка подготовка остануваат до одигрувањето на реванш средбата меѓу селекциите на Македонија и на Словенија од баражот за ЕП 2008. Селекторот Вујовиќ заедно со спортскиот директор на репрезентацијата Манасков, капитенот Лазаров, и уште еден од ракометарите, Мојсовски вчера пред новинарите говореше за очекувањата од реваншот против Словенија. Кај сите нив забележителна е една работа. Се размислува само за едно. Само за победа која води на шампионатот во Норвешка.
Позитивната атмосфера која е наметната уште од првиот ден во сениорскиот национален состав на Македонија во машка конкуренција вчера можеше да се почувствува кај сите ракометари. Тие беа присутни на пресот и немаше отсуство од никого, така што секој учествуваше во него и успеа да слушне што беше кажано во јавноста.
Нормално најмногу зборуваше селекторот којшто на пресот насочи внимание на речиси с$ што се случуваше за време на првата средба, но и за очекувањата од реваншот кој се игра утре во СРЦ "Кале".
"Се заблагодарувам на огромниот публицитет кој беше даден на овој натпревар во медиумите. Одамна некој спортски настан не предизвикал вакво внимание како нашиот меч со Словенија. Сите тие бараж натпревари имаат свои игри и предигри, случки кои можат да ги влошат односите и атмосферата меѓу двете федерации или екипите. Ние во Словенија доживеавме пораз од пет разлика иако Словенците без разлика на тоа што го пишуваат и го кажуваат, не беа најдобри домаќини. Во таа смисла можам да кажам дека ние ќе бидеме многу подобри домаќини, пред с$ во односот кон нив, но и во резултатот бидејќи ние ќе ги добиеме со повеќе од шест гола разлика", коментираше селекторот Вујовиќ.
Во минатите денови имаше премногу изјави во коишто свесно или несвесно паѓаа и некакви навреди на нечија адреса. Селекторот на Словенија, Касим Каменица, упорно ги наведуваше потезите на македонската селекција за време на првиот меч како одраз на тоа што се од Балканот. На ваквите провокации доби и одговор од страна на неговиот колега.
"Мислам дека мојот колега Каменица малку греши и има заборавено од каде е неговото потекло. Мислам дека никој од нас овде не се срами поради тоа што потекнува од Балканот, но се сомневам дека тие се во Европа. Можеби административно с$, но дефинитивно тие се далеку од Европа. Кога некој се однесува така како што се однесуваа тие во Марибор тогаш и не заслужува да биде во Европа, ниту во некој трет свет, но тоа не е ни важно".
Оставајќи ги овие игри зад нас, сепак, клучот останува во рацете на Вујовиќ. Сите добро знаеме дека тој има огромен капацитет и знае како треба да ги подготви ракометарите за реваншот за да се стигне до посакуваниот резултат. Целта е да се победи со барем шест гола, а веќе постојат одредени размислувања за игрите и на ЕП.
"Нас искрено н$ интересира само теренот, само натпреварот, нашата репрезентација да одигра најдобро што може и ако е можно да се пласира на Европското првенство. Би било убаво еден играч како Велко Марковски, кој пред 8-9 години (Македонија играше на ЕП во Италија и СП во Египет) имал само 10 или 11 години, сега да учествува во еден голем проект и на едно големо натпреварување бидејќи некои играчи кои не играле на последните шампионати биле премлади, а сега доаѓаат во зрели години. Можеби ова не е последна шанса за нив, но е голема шанса за да се испробаат на големите натпреварувања и мислам дека тоа македонскиот ракомет го заслужува. Исто така би сакал да се пласираме и на тоа првенство Македонија да игра запазена улога бидејќи да се пласирате и да се вратите срамно од тоа натпреварување тоа на никому не му служи. Сепак, тоа е тема која ќе дојде подоцна на дневен ред".
Веќе е анализирана и средбата одиграна во Марибор од која е извлечена поука и пронајдени се сите грешки коишто ќе мораат да се поправат за да се стигне до позитивен резултат.
"На првиот дуел проблеми ни направи нивната десна страна, но не поради нивниот квалитет туку поради нашите лоши постапки во одбраната. Ќе се обидеме да анулираме нивната предност и да ги намалиме нашите грешки. Да ги сведеме на помал број голови, така што би ни одговарала и победа од пет гола разлика. Во секој случај на сите играчи кои би играле во одбрана, ако веќе говориме за опасностите кон голот, ќе им укажеме на добрите и на лошите страни. Ќе му се даде внимание на Урош Зорман, кој на првиот меч иако не постигна многу погодоци направи доволно проблеми со изнудување на исклучувања и пробивања, со асистенции... Тој е носител на играта и лидер на таа репрезентација. Ако успееме него да го 'решиме' ќе ни биде многу полесно да стигнеме до добар резултат", заврши Вујовиќ.
И покрај с$ едно е сигурно. СРЦ "Кале" го зафаќа саботна треска, а македонската машка репрезентација и комплетната македонска нација е подготвена за тоа што претстои. Македонија знае како треба да се стигне до место на Европското првенство во Норвешка.
Стојановиќ отпадна од комбинација
И на реваншот во Скопје Македонија ќе мора да одигра без левиот бек Раде Стојановиќ. Според последните информации, Стојановиќ заработил повреда на листот на мускулот на левата нога поради што нема да биде во можност да им помогне на своите колеги. Тој имаше проблеми со мускулот, но тоа беше сосема друга повреда. Откако успеа таа да ја залечи на тренингот во средата заработи нова повреда и испадна од комбинација за реваншот. Ќе чека шанса за настап на ЕП во 2008 година.
КИРЕ ЛАЗАРОВ
Ќе одиме на првенството
Капитенот Кире Лазаров беше самокритичен на прес-конференцијата за играта која ја прикажа на првиот дуел во Марибор.
"Не сум задоволен од мојата игра. Одиграв под моите можности. Словенците беа премногу агресивни на мене, а на моменти одеа и по двајца. По одгледаната снимка можам да кажам дека можеби не требаше да форсирам шут. Тоа е грешка бидејќи не бев подготвен за тоа. По одгледаната снимка заклучив дека можев многу повеќе да ги вработувам на теренот моите соиграчи затоа што според мене одеа со двајца или тројца. Но, во една таква атмосфера и голема желба за докажување и правење резултат некогаш и мозокот не функционира. Сепак, мислам дека се учи на грешките и дека така ќе биде и сега. Снимката ја одгледав три или четири пати. Видов каде ги правев моите грешки. Се надевам и верувам во тоа дека ќе се покажам во едно посветло издание на тактички и психолошки план. Јас како капитен на оваа репрезентација ќе ја одведам на едно големо натпреварување", рече Лазаров.
НАУМЧЕ МОЈСОВСКИ
Дуел за генерацијата
Еден од најефикасните на првиот меч и еден од најборбените, Наумче Мојсовски на пресот исто како и другите беше оптимист.
"Утрешниот дуел ни решава многу, посебно за оваа генерација. Сметам дека оваа негатива не е недостижна. Како што ние одигравме во Словенија, така може и Словенија да одигра тука. Со мирни глави на реваншот и со голема поддршка од трибините, зависи од нас како ќе излеземе на теренот на таа средба. Ние во Словенија првото полувреме го одигравме максимално добро. Во второто полувреме со помош на германските судии Словенија направи разлика од седум гола, но ние се освестивме во последните минути и дојдовме до пет негатива. Се надевам на добар резултат в сабота. Оваа генерација заслужува да се пласира на едно европско првенство", изјави Мојсовски.
ПЕПИ МАНАСКОВ
Верувам во овие момци
Директорот на репрезетацијата, Пепи Манасков, им ја даде својата поддршка на момците.
"Сите го знаете Пепи како репрезентативец на Македонија, но сега во една нова улога како спортски директор на оваа селекција ми беше задоволство што се дружам со овие млади момци, како и со селекторот со кој сме поранешни соиграчи од репрезентацијата на поранешна Југославија. Што се однесува до натпреварот, јас како играч секогаш бев оптимист, а таков ќе бидам и сега како спортски директор. Верувам во момците и сигурен сум дека тие ќе дадат с$ од себе на натпреварот в сабота", рече Манасков.
БАРАЖ ЗА ЕП 2008
Македонија - Словенија 28:33/16.06.
Полска - Холандија 31:20/16.06.
Унгарија - Литванија 28:23/16.06.
Словачка - Украина 28:29/16.06.
Чешка - Летонија 31:30/16.06.
Швајцарија - Белорусија 24:33/17.06.
Исланд - Србија 29:30/17.06.
Романија - Шведска 25:36/17.06.
Црна Гора - Португалија 30:28/17.06.
ВЕСТИ ОД ТАБОРОТ НА СЛОВЕНИЈА
Без Кавтичник и Лубеј
Според последните информации, селекторот на репрезентацијата на Словенија, Касим Каменица, нема да може да смета на услугите на уште двајца од подобрите ракометари, Вид Кавтичник и Зоран Лубеј.
Кавтичник беше нападнат уште по саботниот натпревар во Марибор и имаше заработено оток на носот. Последните информации говорат дека се работи за потрес на мозокот и поради тоа не е подготвен за настап на реваншот, а воопшто не можеше ниту да тренира неделава. Од тие причини Кавтичник од средата ги имаше напуштено тренинзите на репрезентацијата.
На Кавтичник му се придружи и пикерот Зоран Лубеј. За него информациите говорат дека тој имал хематом кој настанал при удар на првиот меч во Марибор. Затоа не е подготвен да игра па Каменица останува со два пивоти Матјаж Млакар и јуниорот Лука Шчурек.
Словенија доаѓа денеска
Откако соопштија дека нема да дојдат в четврток како што беше случај со Македонија кога патуваше на првиот меч, Словенците дури денеска се очекува да пристигнат во Скопје. Тие вечер треба да имаат тренинг, а тоа ќе го направат од 17:30 часот. За утре имаат избор, дали сакаат да тренираат од девет или по 12 часот.
МАКЕДОНСКИТЕ РАКОМЕТАРКИ БЕЗ ПОТПИС СО ЛИОН
Ништо од трансферот
Александра Славковска, Мирјана Грчевска и Тања Андрејева синоќа требаше да се вратат во Македонија од Лион, каде беа на преговори со француската екипа Лион Валу ен Виле.
Договор не е постигнат затоа што не е најден заеднички јазик меѓу играчите и управата на клубот по прашање на финансиите. Повеќе детали би требало да има денеска, кога самите ќе кажат што понудиле Французите, а што барале тие.
Дали нешто ќе се промени во поглед на овие преговори во моментов е тешко да се каже. Ако не, Александра Славковска и Мирјана Грчевска си имаат договор со Кале Кичево, додека за Тања Андрејева е заинтересиран Кометал Ѓ. Петров.
Францускиот клуб вчера се обиде да стапи во контакт со Кометал Ѓ. Петров. Без сомнение, тема е голманот Андрејева.
РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ БЕК СЕ СЕЛИ ВО ФРАНЦИЈА
Ангеловски во Тулуз
Репрезентативниот бек Бранислав Ангеловски до недела треба да потпише договор со францускиот прволигаш Тулуз и следната сезона повторно ќе настапува како интернационалец.
Договорот с$ уште не е потпишан, но е постигнат и единствено останува неговата формална реализација. Се работи за 2 плус 1 година со екипата која минатата сезона ја заврши на 10. место од 14 екипи, но со само еден бод повеќе од 11 и 12 пласираните екипи. Годинава овој тим сака во најмала рака да го избегне долниот дел од табелата, па реши покрај интернационалците од Норвешка, Камерун и Тунис да доведе и едно од Македонија.
Ангеловски од друга страна откако беше суспендиран во Металург одигра неколку натпревари за тунискиот Африка, а меѓу понудите од Ст. Рафаел, Дижон, Алтеа итн. се реши за Тулуз.
По натпреварот меѓу Македонија и Словенија, би требало да биде регулирано с$ и тој и официјално да стане играч на француската екипа.
ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ ВЧЕРА ГИ ПРИМИ РАКОМЕТАРКИТЕ
Наградата за сениорките зголемена
Место 10.000 евра ракометарките коишто беа дел од женската сениорска селекција ќе добијат 15.000 евра од Агенцијата за млади и спорт како награда за остварениот пласман на Светското првенство во Франција кое се одржува во декември.
На вчерашниот прием којшто го приреди директорот на Агенцијата за млади и спорт, Ивица Георгиевски, беше соопштен овој податок, а на таа сума ќе бидат додадени уште 20.000 евра од РФМ иако е можно уште повеќе да се зголемат средствата, па вкупниот збир да биде многу поголем.
Покрај паричните награди и женската репрезентација ќе добие опрема како што беше случај со машката селекција. Тоа ќе се случи веројатно на почетокот на подготовките за Светското првенство во Франција кое се одржува од 2 до 16 декември.
www.sport.com.mk