Ете, можело и со 6на6, можело и со релативно помлади играчи во составот, можело без Миркуловски, Прибак, Ф.Лазаров и Јоновски, можело на гости кај Исланд каде сме имале еден куп порази до сега.
Да не се залажуваме, не е дека којзнае како одигра нашата репрезентација, но кога се победува без да се брилјира тоа обично е знак за добра екипа која има шанси и за поголеми резултати.
А не одиграа ни лошо, одиграа баш како што кажа Кире, сосема коректен натпревар. 5-1 не функционираше, со ризичните 6-0 со 2 специјалисти дефанзивци успеавме да украдиме победа (ова прашање е колку би ни поминало на првенство, ама против овој незаинтересиран Исланд, кој недоволно ги искористи слабостите на нашата стратегија ни заврши работа).
За пофалба е Георгиевски кој барем 3-4 години немал толку добар натпревар за репрезентација. тој беше првиот клуч на натпреварот. А би рекол вториот клуч е списокот кој го извади Брестовац. Очигледно свесна одлука да се оди само со 3 лево-средни бека во цела екипа, сите од помладата генерација, им се даде јасен знак дека се има доверба во нив и без многу притисок може да играат. И довербата мислам дека вроди со плод. Веројатно повеќе пофалби ќе добие Талески, со клучните голови во последните 10 минути, но мене повеќе впечаток ми остави Кузмановски, кој ми се чини за првпат за репрезентација, одлично "плејмејкерски" си ја одигра офанзивната задача. А "плејмејкер" е реално тоа што ни фалеше во отсуство на Миркуловски, заради што и се одлучуваа и Раул и Лино за 7-6 напад.
Најважно сега е да не се задоволат со ови два бода. Првото место во групата е од исклучително значење како за ждрепката за ЕП2020, така и за "домино ефектите" за идни баражи и квалификациски групи кои следуваат од тоа првенство. За прво место, сега одеднаш имаме реални шанси, битката почнува во Недела во Скопје.