Пулицерова награда (Pulitzer Prize)

Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Со оглед на тоа дека има доста штури информации на македонски јазик за оваа награда, сем Кафе и книги, од каде и ја преземав кратката содржина на насловите и направив една хронолошка подреденост на книгите, се решив да отворам тема која може да предизвика и извесна дискусија. Убаво е да има теми за сите поголеми книжевни односно литературни награди, а со оглед на тоа дека има само за Нобеловата, во скоро иднина ќе се обидам да отворам и за дел од останатите престижни награди како Гонкур, Букеровата и за Сервантес.

Пулицеровата награда ја воспоставил Џозеф Пулицер, која се издава во 21 категорија во областите на новинастрово, литературата и музиката. Мислам дека има само тројца добитници кои оваа награда ја добиле повеќе од еднаш односно по два пати, а тоа се Таркингтон, Фокнер и Вајтхед. Оваа награда не е доделена во годните: 1920, 1941, 1946, 1954, 1957, 1964, 1971, 1974, 1977, 2012.

Сега, може да има одредени варијации во преводите на насловите (како на пример “Доба на невиност“ и “Години на невиност“). Потоа, целта на водечкиот линк ми е за систематизација на преведената литература, оние наслови кои нема да имаат водечки линк не значи дека не се преведени, туку дека не се во продажба или не сум можел да најдам соодветни информации.


Неговото семејство- Ернст Пул (1918)

„Се прашувам дали ќе биде исто со нашите деца како што беше и со нас. Без разлика колку долго ќе живее секое од нив, зарем тие нема да чувствуваат дека нивните животи, за разлика од нашите, се незавршени и дека се само на почетокот? Се прашувам колку далеку ќе одат. И кога нивните деца ќе пораснат, ќе биде исто и за нив. Незавршени животи. О, драга, какви деца сме сите ние…“

Ова е првата книга која ја добива Пулицеровата награда за новела т.е фикција. Иако Пулицеровата награда започнува да се доделува во 1917 година, сепак првата книга која го добива Пулицерот е „Неговата фамилија“ во 1918 година. Ова е приказна која ни го доловува ликот на Роџер Гејл, вдовец кој се обидува да се справи со начинот на кој неговите деца и внуци се прилагодуваат на општеството кое постојано се менува.

„Неговата фамилија“ е приказна за 60-годишен човек од Њујорк кој прави ретроспектива на својот живот и животот на неговите три ќерки. Секоја од ќерките претставува различен тип: едната е материјалистка, другата е посветена на општествените движења, а третата живее среќен и безгрижен живот. Роџер Гејл се препознава себеси во секоја од нив. Приказна за фамилијата, за тоа како се справуваме со општеството и книга за родителот и неговите бескрајни грижи за своите деца.


Велинчествените Амберсонови- Бут Таркингон (1919)

„Озборувањето никогаш не е фатално, се додека не е негирано. Озборувањето постојано кружи околу секое живо човечко суштество и за сите мртви кои се’ уште не се заборавени и речиси ниту едно озборување не прави штета, се додека некој кој се брани од него не создаде контроверзија околу тоа.“

Добитникот на Пулицерова награда во 1919 година, „Величествените Амберсонови“ ги следи среќите и несреќите на три генерации на една американска династија. Главниот лик во оваа книга е Џорџ Амберсон Минафер, разгалениот внук на основачот на богатството и величината на семејството.

Кога ќе се спомне „Величествените Амберсонови“, поновите генерации се сеќаваат на филмот на Орсон Велс од 1942 година кој е всушност екранизација на книгата, а често можете да наидете на мислења од типот дека е време да се врати оваа книга назад на читателите.


Доба на невиност- Едит Вартон (1921)

Едит Вартон за своето дело „Доба на невиност“ ја доби Пулицеровата награда во 1921 година. Ова ремек дело е одличен портрет на желбата, страста и предавството за време на Златното доба на стариот Њујорк, време кога луѓето кои се движеле во општествените кругови „повеќе се плашеле и се ужаснувале од скандал отколку од зараза“.

Вартон ни го доловува светот на Њујланд Арчер додека тој се подготвува да се ожени со прекрасната и сосема конвенционална Меј Веланд. Во меѓувреме, мистериозната контеса Елен Оленска се враќа во Њујорк по распадот на нејзиниот ужасен брак, а Арчер лудо се заљубува во неа. Растргнат помеѓу должноста и страста, Арчер мора да донесе одлука која ќе ја дефинира неговата судбина и текот на неговиот живот.


Алис Адамс- Бут Таркингтон (1922)

„Дали животот е создаден за да го трошиш своето време замислувајќи работи кои не постојат и никогаш нема да постојат? Убави работи секогаш им се случуваат на другите луѓе; зошто јас да бидам една од оние на кои никогаш не им се случуваат?“

Бут Таркингтон секогаш знаел како да избере и да опише интересна приказна, со многу чувство и на многу убав начин. Заради тоа, два пати ја добива Пулицеровата награда. Еднаш во 1919 година за книгата „Величествените Амберсонови“(книга која беше предлог минатата недела) и еднаш во 1922 година за книгата „Алис Адамс“, која е овонеделен предлог за читање.

Алис Адамс е ќерка на брачен пар од средна класа, но очајно сака да влезе во елитните друштва и високото општество кое живее во нејзиниот град. Сепак, нејзините амбиции се ограничени од реалноста и нејзината финансиска ситуација, а кое таа го прифаќа со многу стил и елеганција. Критичарите велат дека Алис Адамс е најдобриот лик кој Бут Таркингтон некогаш го развил и напишал на хартија.


Еден од нашите- Вила Картер (1923)

„Животот беше толку краток што не значеше ништо, освен ако не бeше постојано засилуван со нешто коешто трае; освен кога сенките на човековото постоење доаѓаа и си одеа спроти позадината која ги држеше заедно.“

„Еден од нашите“ е добитник Пулицеровата награда во 1923 година за создавањето на американскиот војник. Клод Вилер, чувствителниот, но амбициозниот протагонист добива пристап до богатството на неговата фамилија, но одбива да живее на тој начин.

Отуѓен од својот незаинтересиран татко и побожна мајка, одбиен од жена чија единствена љубов е мисионерската работа, Клод е идеалист без идеали за кои би се борел. Кога Америка влегува во Големата војна, тогаш тој ја наоѓа смислата на неговиот живот.


Способните МекЛафлинсови- Маргарет Вилсон (1924)

Книгата која е добитник на Пулицеровата награда во 1924 година е емотивна приказна за еден човек, Вили МекЛафлин кој се пријавува и се бори во американската Ѓраѓанска војна. По сите трагедии и работи кои се соочува на бојното поле, се враќа назад само за да ја најде својата љубена бремена од друг човек. Приказна за животот, за неговата непредвидливост и како човекот се справува со сите разочарувања кои му наидуваат на патот.


Многу големо- Една Фербер (1925)


„Тие се фини, но тие не знаат да се забавуваат. Сите се трудат да бидат нешто што не се. А тоа е толку напорна работа. Жените секогаш објаснуваат како живеат во Чикаго затоа што нивниот маж имал бизнис тука. На сите им оди прилично добро – танцуваат, сликаат, јаваат или пеат – но, тоа не го прават доволно добро. Тие се професионални аматери, обидувајќи се да изразат чувства кои ги немаат или дека немаат доволно силни чувства кои би биле доволно вредни за изразување.“

„Многу големо“ е една од книгите кои се сметаат за класиците на американската литература. Дејствието во книгата се одвива во Чикако пред крајот на векот. Се обработува приказната на Селина Пик ДеЏонг, ќерка на еден коцкар и нејзината борба да опстане во животот и да го задржи нејзиното достоинство и нејзиниот здрав разум во својот брак, во периодот кога останува вдовица и во периодот кога е самохрана мајка. Таа мора да се грижи за себе и својот син. Книга кој допира многу важни општествени теми и заради тоа ја добива Пулицеровата награда во 1925 година.


Ероусмит- Синклер Луис (1926)

„Една од најголемите трагедии е тоа што ништо не е поболно од љубовта на старите пријатели кои всушност никогаш не биле пријатели.“

Книгата која ја доби Пулицеровата награда во 1926 година го следи животот на Мартин Ероусмит, обично момче кое прв пат се запознава со медицината на 14 години, кога во неговиот роден град станал асистен на еден доктор кој бил пијаница.

Леора Тозер е таа која му го прави животот прекрасен и исклучителен. Со љубов и ажурност, таа му помага да ги надмине сите пречки и стравот од ризик со цел да го следи она за кое е роден – да биде истражувач и научник. Дури и нејзината трагична смрт не може да го намали нејзиното влијание врз животот на Мартин.

По години работење како доктор од мал град и научник, Ероусмит тргнува на пат со серум кој треба да спречи епидемија. По сите трагични настани, тој ќе почне да си го преиспитува животот.


Рана есен- Луиз Бромфилд (1927)

„Таа беше како жена на којашто ништо повторно не може да и се случи.“

Луис Бромфилд кој ја добива Пулицеровата награда за оваа книга во 1927 година, навлегува во приказната на семејството Пентландс – богато семејство во Њу Ингланд. Тој ги анализира ликовите и семејството и на многу интересен начин го открива нивното лицемерие и незнаење кое се крие зад нивната луксузна фасада.

Интересна анализа на борбата на една жена да избега од влијанието на нејзиниот сопруг и неговото семејство. Бромфилд е мајстор да навлезе во најкомплицираните емоции и секогаш изгледа како премногу добро да ја познава човековата душа.


Мостот Сан Луис Реј- Торнтон Вајлдер (1928)

„Сега тој ја откри тајната од која никој никогаш целосно не се опоравува. Дозна дека дури и во најсовршената љубов, едниот секогаш сака помалку од другиот. Може да постојат двајца еднакво добри, еднакво талентирани, еднакво убави, но не може да постојат двајца кои сакаат еднакво.“

Оваа книга го доби Пулицерот во 1928 година. „На 20-ти јули, 1714 година, во петок напладне, најдобриот мост во Перу се сруши и трагично зема со себе 5 патници во заливот под него.“ Со оваа прославена реченица, Вајлдер ја почнува оваа книга, која денес има статус на култна книга и е преведена на многу јазици ширум светот.

Сосема случајно, еден свештеник сведочи на трагедијата. Отецот Џунипер си дава задача да докаже дека рушењето на мостот кој водеше до смртта на патниците кои исчезнаа во трагедијата е дело на Божја сила, а не случајност. Неговата потрага го води кон сопствената смрт и до безвременската фантазија на авторот за природата на љубовта и постоењето на човекот.


Чесната сестра Мери- Јулија Петеркин (1929)

„Се’ што е вредно за кажување има свој начин на изразување.“

Добитникот на Пулицеровата награда во 1929 година, преку низа приказни и раскази успева да ни долови животот на афро-американската култура од тој период. Ослободена од стереотипи, Јулија Петеркин на многу софистициран, трогателен и прекрасен начин успева да ни’ ја долови афро-американската заедница и луѓето во неа.


Момчето кое се смее- Оливер Ла Фарџ (1930)


Доловувајќи ја магијата на југоистокот на Америка во 1915 година, оваа книга којашто ја доби Пулицеровата награда во 1930 година е вистински американски класик. На еден ритиуален танц, младиот и искрен Момче кое се смее се заљубува во Слаба девојка, прекрасна, но заводлива девојка, образована по американскиот систем од племето Навахо.

Додека ги искусуваат сите задоволства и непредвидливости на првата љубов, младиот пар мора да најде начин како да го смени својот начин на живот и трагичните последици кои тој го носи со себе.


Години на милоста- Маргарет Ајес Барнс (1931)

„Проблемот со образованието е тоа што ние секогаш читаме за работите кога сме премногу млади за да знаеме што значи. А проблемот со животот е тоа што секогаш сме премногу зафатени за подоцна да ги прочитаме повторно.

Има многу повеќе смисла во книгите, многу повеќе отколку што веруваш. Иако, секако, тие не те учат за ништо витално што не можеш сама да го научиш.“ ~


Добитничката на Пулицеровата награда во 1931 година е книга за жената страствено ја води борбата на генерациите и се обидува да го намали јазот на генерациите, бидејќи ги разбира и годините на милоста и годините на џезот. Нејзината приказна ја открива убавината, драмата и страста која може да лежи скриена под тивката надворешност.


Добрата земја- Перл С. Бак (1932)

„Пет години не се ништо во животот на еден човек, освен кога тој е млад или стар…“ ~

Добитникот на Пулицеровата награда во 1932 година, „Добрата земја“ е приказна за стар кинески фармер и неговата фамилија во рурална Кина. Скромниот Ванг Лунг ја обожава земјата на која работи грижејќи се за неа исто како што се грижи за своето семејство и за себе. Во близина, семејството Хванг мисли дека е над земјата и нејзините работници, но наскоро ќе го доживеат својот пад и пропаст.

Тешки времиња доаѓаат за Ванг Лунг и неговата фамилија кога заради природни непогоди се приморани да бараат работа во градот. Работниците протестираат, упаѓајќи во домовите на богатите и ги тераат да си одат. Кога Ванг Лунг покажува милост кон еден благородник и е награден за тоа, животот почнува да му се менува на подобро, за разлика од семејството Хванг.


Продавницата- Т.С. Стриблинг (1933)

Добитникот на Пулицеровата награда во 1933 година е втората книга од трилогијата на Т.С. Стриблинг чие дејство е сместено во родното место на авторот: Долината Тенеси на северот на Алабама. Книгата започнува во 1884 година, кога Гровер Кливленд станува првиот претседател од редот на Демократите по Граѓанската војна.

Воедно книгата го истражува и издигнувањето на генералот Вајден во моќна и богата фигура во Фиренца. Книга полна со пресврти и едноставен и лесен стил на пишување кој нема да ви дозволи да ја оставите книгата ни за секунда.


Развивањето на јагнето- каролин Милер (1934)

Оваа книга е првата книга од јужниот дел на Америка која добила Пулицерова награда. Наградата ја добива во 1934 година и го отвора патот за другите писатели од тој регион на Америка. Каролин Милер била фасцинирана од југот, особено се интересирала за сиромашните луѓе од јужна Џорџија, кои никогаш не поседувале робови, ниту пак планирале да влезат во војна.

Прикзната се врти околу еден млад пар кој го започнува својот брачен живот две декади пред Граѓанската војна. Оваа книга фасцинантно сведоштво на општествените норми и обичаи, како и за материјалната реалност помеѓу оние кои се бореле на фронтот.


Сега во ноември- Џозефин Винслоу (1935)

Добитник на Пулицеровата награда во 1935 година, оваа книга е прекрасна приказна за урбано семејство од средната класа кое поради Големата депресија и големите суши кои ги зафатиле 30-тите години на 20-тиот век губат се што имаат и стануваат сиромашни фармери.

Книгата се движи низ дејствo од една година, а истовремено покрива временски период од 10 години; од пролетта кога семејството пристигнува на нивната фарма која е под хипотека, до зимата 10 години подоцна кога разорувањата на сушата, пожарите и личните страдања водат кон смртта на двајца од семјеството.

Релативно кратката, интензивна приказна навлегува во мачењето и страдањето кое може да се јави кај луѓето кои се изолирани и кои се водени од многу силни чувства како љубов и омраза и кои ако не се искажани можат да водат кон пропаст.

Во времето кога е издадена, критичарите ја обожавале оваа книга, давајќи коментари како „длабоко потресна музика“ и „зрел стил на пишување и зрело размислување“, како и дека оваа книга „го има реткиот квалитет на безвременост кој е показател за книга од прва класа.“


Мед во рогот- Харолд Ленор Дејвис (1936)

Оваа книга ја доби Пулицеровата награда во 1936 година. Книга која ги опфаќа фармерските денови во Орегон, во периодот од 1906 до 1908 година. Зборува за растењето на еден сирак, Клеј Калверт, но и за судењата на пионерите кои дошле во Орегон во потрага по американскиот сон. Низ ликовите кои Клеј ги среќава, авторот нe’ запознава со различни професии на луѓето од тој период.


Одвеано од виорот- Маргарет Мичел (1937)

Една од најславните и најпознатите книги во американската литература, „Одвеано со виорот“ ја добива Пулицеровата награда во 1937 година. Единствениот роман на Маргарет Мичел го опфаќа периодот на Граѓанската војна во Америка и Реконструкцијата на Југот по завршување на војната, кој е длабоко уништен и разорен.

Главна хероина е разгалената Скарлет О’Хара која се наоѓа на средиште на сите овие настани и мора да најде начин за да се снајде и да го надмине тој период. Главната романса во книгата е комплицираниот однос помеѓу Скарлет и Ред Батлер.

Инаку, „Одвеано со виорот“ има свое филмско остварување, кое денес се смета за еден од најдобрите филмски класици на сите времиња, каде главните улоги ги толкуваат Кларк Гејбл и Вивиен Ли. Речиси и нема човек кој не слушнал за легендарната реплика: „Frankly my dear, I don’t give a damn.“

1/6
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Починатиот Џорџ Ејпли- Џорџ П. Маркванд (1938)

„Еден ден ќе дознаеш дека постои убавина во душата која е многу поважна од светска убавина. Приспомнувај си за ова секогаш кога ќе видиш светска убавина пред тебе.“

1938 година е годината кога оваа книга го доби Пулицерот. Приказната го следи пропаѓањето на богатството на едно познато и ценето бостонско семејство во почетокот на 20-тиот век. Внесувајќи не’ во шемата и начинот на функционирање на бостонското општество, оваа книга не’ запознава и со богатите населби и ексклузивни приватни клубови достапни само за најбогатите.

Оваа книга, преку приказната на едно семејство и нејзиниот патријарх (неодамна починатиот Џорџ Ејпли), ни’ дава слика за едно цело општество кое поминува низ транзиција. Во книгата, на еден многу суптилен начин постојано се провејува сатирата, но истовремено е книга која е полна со драма и случувања и покажува дека многу често зад успехот се крие разочарување и каење.


Едногодишно- Марџори Кинан Ролингс (1939)

„Тој конечно сфати. Ова беше смрт. Смртта беше тишина која не даваше повратни одговори.“

Во оваа книга, која е добитник на Пулицеровата награда во 1939 година, малиот Џоди ќе посвои срна кој останала сираче и таа ќе стане дел од неговото семејство и негова најдобра другарка. Но, животот во периферијата на Флорида е суров и тежок – неговата фамилија мора да се соочува со волци, мечки и алигатори и се наоѓаат во многу незавидна позиција кога егзистенцијата им е ставена под знак прашалник поради тоа што им пропаѓаат нивните обиди за земјоделство. Џоди сепак ќе мора да се раздели од неговото најдраго другарче.


Плодови на гневот- Џон Штајнбек (1940)

„Не постои грев и не постои доблест. Постојат само работи кои луѓето ги прават.”

Овој прекрасен роман кој ја добива Пулицеровата награда во 1940 година, ни дава преглед на времето на Големата депресија и движењето кон Запад на едно семејство и за една нација која е во потрага по работа и човечко достоинство. Кога се пишува за оваа книга многу често можете да налетате на коментарот дека е „најамериканската книга од сите американски класици“.

Книгата се фокусира на едно сиромашно семејство кое заради суша, економски проблеми и промени во финансиските и земјоделските индустрии е приморано да се пресели од својот дом во Оклахома. Заради нивната безнадежна ситуација тие се стационираат во Калифорнија, каде заедно со илјадници други луѓе пробуваат да обезбедат работа, земја и иднина за себе.

Кога се подготвувал да ја пишува книгата, Штајнбек напишал: „Сакам да ставам етикета на срамот на сите оние алчни копилиња кои се одговорни за ова {Големата депресија и нејзините ефекти}. Со оваа книга, Штајнбек ја добил наклонетоста на работничката класа, највеќе заради фактот дека самата книга гаи симпатии кон работничкото движење, како и лесниот стил на пишување разбирлив за секого.


Во овој наш живот- Елен Глазгоу (1942)

„Човечката природа. Никогаш не ми се допаѓала човечката природа, но луѓето ми се допаѓаат.“

Оваа книга, добивајќи ја Пулицеровата награда во 1942 година, е аналитичка студија за чувството за роднинска поврзаност и сродство кое е манифестирано во семејството Тимберлејк, пропаднати аристократи кои живеат во еден јужњачки град.

Приказна за два брака кои се распаднати и тешко зло кое е нанесено на невино црномуресто момче. Во поголемиот дел, приказната е раскажана од 60 годишниот Аса Тимберлејк, сопруг на жена која е хипохондрик, татко на две ќерки, едната себична и ептен женствена, а другата храбра и галантна, но збунета и несреќна.


Забите на змејот- Аптон Синклер (1943)

„Луѓето поминуваат низ агонии и нивните тажни судбини стануваат легенди; поетите пишуваат стихови за нив, а драматурзите создаваат драми. На тој начин паметењето на минатите таги и страдања станува извор на сегашно задоволство – таква е чудната алхемија на духот.“

Оваа книга, која ја доби Пулицеровата награда во 1943 година, го покрива периодот од 1929 – 1934, со специјален осврт на превратот кој Нацистите го прават во 30-тите години на 20-тиот век во Германија. Ова е трет дел од серијалот од 11 книги на Аптон, во кои главен лик е Лени Бад, социјалист, експерт за уметник и “црвен“ син на американски работник.

Книгата е преведена од Арс Студио.


Патување во мракот- Мартин Флавин (1944)

„Патување во мракот“ ја добива Пулицеровата награда во 1944 година, а интересен е фактот што и ден денес не е многу позната за пошироката публика. Оваа книга е приказна за Сем Брејден, од неговото детство до неговата старост.

Сем е роден во сиромашно семејство, мора да го напушти училиштето на 15 години за да работи во продавница и да им помогне на родителите, а потоа работи и во телеграфска компанија, па влегува во бизнис со ѕидни тапети, а на крај стигнува до тоа да поседува сопствена инвестициска компанија.

Книга за човек кој од сиромаштијата се издигнува во човек со успешен бизнис, благодарејќи на неговата амбиција, снаодливост и интелигенција.Секако, како и во животот на секој човек, Сем се соочува со неуспеси на приватен план. Се заљубува во погрешна жена, а прави грешки и со своите пријатели и својот син.


Ѕвоно за Адано- Џон Херси (1945)

Овој добитник на Пулицеровата награда во 1945 година, раскажува една топла приказна за Американец со италијанско потекло кој за време на Втората светска војна ги освојува срцето на жителите на едно мало локално гратче, со тоа што се обидува да најде замена за ѕвоното на градот кое е старо 700 години, а коешто било стопено за да се направат куршумите на нацистите.


Сите луѓе на кралот- Роберт Пен Ворен (1947)

„Крајот на човекот е знаењето, но постои една работа која тој не може да ја знае. Тој не може да знае дали знаењето ќе го спаси или ќе го убие. Тој ќе биде убиен, секако, но тој не може да знае дали ќе биде убиен заради знаењето кое го има или знаењето кое го нема, а доколку го имал би го спасило.“

Многу повеќе од само обична политичка книга, приказната на Ворен за моќта и корупцијата на југот на Америка за време на Големата депресија е прекрасна, издржана анализа на непредвидените последици за секоја постапка на човекот, немирната поврзаност на сите луѓе меѓу себе и можноста – иако не голема – за добрина во свет полн со гревови.

Вили Старк, скриената верзија на Ворен за Хју Лонг, гувернер и главен човек во Луизијана, кој започнува како искрен претставник на луѓето и завршува како популистички демагог и убиец. Џек Бурден е неговиот агент за медиуми, кој ги извршува наредбите на неговиот шеф, најпрвин без приговори, а потоа се соочува со сопствената грижа на совест. А политиката? За Ворен, тоа е едноставно ринг каде најголема е можноста човекот да докаже дека е пропаднато суштество. А тоа и е.


Приказни за Јужниот Пацифик- Џејмс А. Миченер (1948)

„Посакував да можев да ти кажам за Јужниот Пацифик. За тоа како навистина изгледаше. Бескрајниот океан. Бесконечните точки корал кои ние ги нарекувавме острови. Кокосови палми кои елегантно се нишаа кон океанот. Заливи над кои брановите се кршеа и лагуни кои беа прекрасни, многу повеќе од секој опис кој постои. Би сакал да ти кажам за испотената џунгла, полната месечина која изгреваше позади вулканите и чекањето. Чекањето. Чекањето без крај, чекањето кое постојано се повторува.”

За оваа книга, која ја доби Пулицеровата награда во 1948 година, „Њујорк Тајмс“ напиша: „Ова е навистина една од највпечатливите книги кои излегле од војната. Г-динот Миченер е роден раскажувач“.

Ова е книга која нѐ воведува во егзотичниот свет на Јужниот Пацифик, книга која нѐ запознава со еден маж и една жена кои се фатени во драмата на големата војна. Младиот војник лудо се заљубува во прекрасна девојка. Ќе ги запознаете и медицинската сестра Нели и нејзината француска помошничка Емили де Беск. Приказна за војниците, морнарите и медицинските сестри кои ја играат својата улога во војната и ја чекаат љубовта во тропскиот рај.


Чувар на честа- Џејмс Гоулд Козенс (1949)

Книгата која ја доби Пулицеровата награда во 1949 година, според критиките е најдобрата воена книга на 20-тиот век. Книгата балансира со палета од интригантни ликови и начинот на кои тие реагираат за време на три многу тензични денови во септември 1943 година, за време на расен инцидент во една воена база во Флорида. Во оваа книга има материјал за 200 филмови. Одличен поглед во човековата душа.


Западниот правец- А. Б. Гутрие Џуниор (1950)


Исклучително забавна книга, добитник на Пулицеровата награда во 1950 година, книга која го оживуваа авантуристичкиот дух на Западот. Оваа книга е продолжение на книгата „Големото небо“ зборува за враќањето на еден човек во нескротливиот Запад во 1846 година.

Дик Самерс, кондуктер на еден од вагоните во еден воз води една група на луѓе при нивниот тежок пат од Мисури до Орегон. Оваа книга е целосно посветена на величината на западната дивина, прекрасната природа и исклучителните луѓе.

2/6
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Градот- Конрад Рихтер (1951)

Третата книга од трилогијата „Земја која се буди“ ја доби Пулицеровата награда во 1951 година и ја следи трансформацијата на Охајо од првичната дивина и хаос, до земјата на фармерите, сè до создавањето на модерната индустриска цивилизација, и тоа се во текот на животниот век на еден човек.

Оваа трилогија му ја донесе славата на Рихтер и го стави на пиедестал како еден од најдобрите автори на историска драма. Трилогијата ги содржи уште и деловите: „Дрвата“ и „Полињата“ и ја следи миграцијата на фамилијата на Лукет од Пенсилванија до Охајо.


Бунтот на бродот Кејн- Херман Воук (1952)

„Запамети го ова, ако можеш; нема ништо, ама баш ништо што е поскапоцено од времето. Најверојатно мислиш дека имаш неограничени размери од него, ама немаш. Изгубените часови ти го уништуваат животот и на почетокот и на крајот – само што на крајот тоа станува многу поочигледно.“

Оваа книга, која со текот на времето доби статус на вистински класик, ја доби Пулицеровата награда во 1952 година. Приказната на книгата не носи на почетокот на Втората светска војна кога морнаричкиот офицер Јонсон ја зема командата на бродот од нестабилниот командант Куег и поради таа постапка подоцна е испратен на воен суд.

Прекрасна книга која ја опишува приказната за односот на командантот со неговата екипа, за војната, за човечките размислувања, за времето кое поминува… Одлична книга која секој би требало да ја прочита во животот.


Старецот и морето- Ернест Хемингвеј (1953)

Добитникот на Пулицеровата награда во 1953 година, Ернест Хемингвеј и неговата „Старецот и морето“. „Старецот и морето“ е неговото најкратко дело, но има добиено најмногу слава и признанија. Покрај Пулицеровата награда, ова дело директно му помага да ја добие Нобеловата награда за литература во 1954 година, која со срце ја прифаќа, иако има кажано дека „ниту еден човек кој ја има добиено Нобеловата награда, нема напишано нешто што е вредно да се прочита.“

„Старецот и морето“ е книга за кубанскиот рибар Сантијаго кој оди на отворено море за да лови риба. Одеднаш налетува на огромна риба и тогаш започнува борбата на Сантијаго со рибата. Преку битката на Сантијаго со рибата, Хемингвеј навлага во моралните и физичките предизвици со кои се соочува човекот во текот на неговиот живот.

Хемингвеј тврди дека човекот е суштество кое не познава пораз. Како што вели во еден дел од книгата: „Човек може да биде уништен, но не и поразен“.


Бајка- Вилијам Фокнер (1955)

Оваа книга има добиено неколку награди меѓу која е и Пулицеровата награда во 1955 година. Алегориска приказна за Првата светска војна, чие дејство се случува во Франција за време на побуна во француската војска. Првично, читателите и критичарите сметале дека ова дело е сосема различно од неговиот опус и дека книгата е чудна и дека Фокнер застранил, но денес оваа книга се смета за едно од неговите најдобри дела.


Андерсонвил- МекКинлеј Кантор (1956)

Уште една книга за американската Граѓанска војна од малку поинаков агол и поинаква перспектива. Оваа книга ја доби Пулицеровата награда во 1956 година. Оваа книга ги покажува трагедијата, болката, човечките судбини кои се случуваат за време на војна. Дејството е сместено во тврдината во Андерсонвил која за време на Граѓанската војна е користена за концентрационен камп – затвор од страна на Југот.


Смрт во фамилијата- Џејмс Аџи (1958)

„Колку далеку стигнавме сите. Колку далеку стигнавме од себеси. За сега, не можеш да се вратиш дома никогаш. Можеш да одиш дома, добро е да се отиде дома, но никогаш повторно во животот вистински нема да можеш сосема да влезеш дома. И за што е сето тоа?

Добитникот на Пулицеровата награда во 1958 година, е прекрасно ремек дело, книга со автобиографски елементи која ги содржи еден од најпрекрасните и најемотивните описи на загуба и тага некогаш напишани. Книгата која е објавена две години по смртта на авторот, нè воведува во приказната на Џеј Фолет кој брза да се врати назад во својот дом во Тенеси и загинува во сообраќајна несреќа – трагедија која не само што уништува еден живот, туку и семејната среќа на едно младо семејство.

Книга која содржи многу храброст, прекрасна сила во стилот на пишување и моќни емоции и се смета за едно од ремек-делата во американската книжевност.


Патувањата на Џејми МекФитерс- Роберт Луиз Тејлор (1959)

Оваа прекрасна, топла и живописна книга ја доби Пулицеровата награда во 1959 година. Продадена во милиони копии, оваа книга на многу интересен начин ги опишува авантурите на едно 13-годишно момче додека патува низ Америка во 1849 година.


Совет и дозвола- Ален Друри (1960)

„Синко, ова е Вашингтон. Место каде другата личност знае дека лажеш и исто така знае дека ти знаеш дека тој знае.“

Добивајќи ја Пулицеровата награда во 1960 година, оваа книга е одлична анализа на политичките животни и нивниот природен хабитат. Книгата започнува со потврдата на Сенатот за сослушување на државниот секретар и завршува 2 недели подоцна, по дебатите и контроверзијата кои ова прашање го претвораат во огромна криза.

„Њујорк тајмс“ има напишано: „Не можам да се сетам на ниту една друга книга во која толку добро е претставена дилемата на претседателот кога неговата огромна одговорност за државните интереси ќе дојде во конфликт со неговиот личен морален код.


Да се убие птицата подбивница- Харпер Ли (1961)

Харпер Ли и нејзиното ремек дело „Да се убие подбивната птицa” ја добиваат Пулицеровата награда во 1961 година. Оваа книга со нејзиното издавање добива огромна популарност и станува вистински миленик и на критичарите и на читателската публика.

До ден денес е преведена на повеќе од 40 јазици и е продадена во повеќе од 30 милиони копии. Постои и филм според книгата кој исто така се вбројува во филмски класик.

Книга за честа и неправдата на југот од Америка и херојството на еден човек да се соочи со слепата омраза. Приказната за локален адвокат кој ризикува се за да му помогне и да брани пред суд Афроамериканец кој е обвинет за тешко кривично дело е приказна која никого не остава рамнодушен. Книгата навлага во длабоките предрасуди всадени кај луѓето, но и зборува за тоа дека секогаш ќе има луѓе кои ќе гледаат над слепите предрасуди и омраза и за кои вистински императив во животот ќе биде правдата.


Робот на тагата- Едвин О’Конор (1962)

Потресна приказна за отецот Хју Кенеди, алкохоличар во процес на лечење, кој се враќа во Бостон за да ја поправи неговата парохија, која има претрпено многу штети.

Во тој процес, тој е во вовлечен во светот на семејството Кармоди, просперитетно ирско семејство полно со страст и обвиено со многу тајни. Оваа книга е приказна која навлага во тајните на благосостојбата и обновувањето на сопствениот живот, приказна за пријателството и копнеењето и приказна за осаменоста и духовноста која пробива пат кон надежта. Книгата ја има добиено Пулицеровата награда во 1962 година.


Крадците- Вилијам Фокнер (1963)


„Беше премногу доцна. Можеби вчера, додека се’ уште бев дете, но не сега. Знаев премногу, видов премногу, не бев повеќе дете; невиноста и детството беа засекогаш изгубени, засекогаш отргнати од мене.“

Вилијам Фокнер е познат по неговите брилијантни дела и книги, а оваа книга е дел од неговиот обемен книжевен опус и воедно добитник на Пулицеровата наградата во 1963 година. Приказната следи тројца необични крадци на автомобили кои доаѓаат од руралниот крај од Мисисипи.

Бун Хоганбек го убедува 11годишниот Луциус Прист да го украде автомобилот на својот дедо и да отиде во Мемфис. Нед МкКаслин им се придржува на нивната патувачка одисеја за која не се подготвени и завршуваат во бордел. Во оваа книга има се, авантури, шерифи, затвори…. прекрасна книга која нема да ве остави рамнодушни.


Куќни стражари- Ширли Ен Грау (1965)

“Паметиш како ноќите беа толку неподносливо, магично прекрасни, што дури ти доаѓаше и да заплачеш. Како секој зрак светлина и сенка од месечинта изгледаше долку длабоко и прекрасно. Мирно време или бура, тоа не беше важно. Беше уникатно и мистериозно, само затоа што беше ноќ.

Се прашуваш како се изгуби мистериозноста. Почна да бледее се додека еден ден комплетно не исчезна. Ноќта стана само темница, а месечината нешто што беше закачено на небото. Дождот ги изми сите наши поминати патишта, а сјајот исчезна. А најлошиот дел е што не ни знаеш кога точно исчезнало.“


Книгата која ја доби Пулицеровата награда во 1965 година, е приказна за расизмот, за бесот, за љубовта. Дејствието е сместено во почетокот на 19-тиот век. Семејството Холанд, седум генерации по ред се темелот на јужњначката заедница. Огромната земја на фамилијата е предадена на Абигејл Хоуланд, но, не целата куќа.

Кога ќе се дознаат шокантните информации за врската на нејзиниот сега веќе починат дедо Вилијам со Маргарет Кармајкл, црна куќна помошничка, целата заедница е бесна и го исфрла својот бес на Абигејл. Седејќи сама во семејната куќа, иако е потресена од сите новости и информации кои ги дознава, решена е да го казни градот кој ја прогонува неа и нејзиното семејство.

3/6
 
Последно уредено:
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Збирка раскази- Кетрин Ен Портер (1966)

„Господ не знае дали бојата на нечија кожа е црна или бела. Тој ги гледа само душите.“

Книгата ја доби Пулицеровата награда во 1966 година. Кетрин е една од најславените американски писателки, но овие собрани приказни и’ ја даваат најголемата слава и признание за нејзината работа. Серија на раскази и приказни со прекрасен стил на пишување, одличен избор за попладневните читанки.


Поправувачот- Бернард Маламуд (1967)

Јас го поправам она што е скршено – освен тоа што е во срцето.“

Дејството на „Поправувачот“ се случува во Киев во 1911 година за време на раширен антисемитизам во Украина. Оваа книга ни дава преглед на приказната на Јаков Бок, еврејски занаетчија кој е обвинет за бруталното убиство на младо руско момче. Бок го напушта своето село за да ја проба својата среќа во Киев и откако се одрекува од својот еврејски идентитет, се наоѓа во ситуација да работи за член на антисемитското друштво “Црни стотки“.

Кога руското момче е пронајдено во пештера, „Црните стотки“ ги обвинуваат Евреите за ритуално убиство. Уапсен и затворен, Бок одбива да признае дело кое не го извршил.


Признанијата на Нет Тарнер- Вилијам Стајрон (1968)

„Фактот дека го избрав Денот на независноста како момент за напад, се разбира дека беше намерна иронија.“

Летото 1831 година, во еден дел од југоисточна Вирџинија се случил единствениот ефективен, содржаен револт во историјата на афро-американските робови. Револтот бил воден од Нет Тарнер, исклучителен и образован роб кој чувствувал дека мора направи нешто и да дигне побуна против тоа што го прават белите луѓе.

Нарацијата во „Признанијата на Нет Тарнер“ е во прво лице и ја врши токму Нет, додека лежи во затвор во ладните есенски денови пред неговата егзекуција. Оваа приказна го опфаќа целиот живот на Нет, доаѓајќи до највисоката и неизбежна точка во тој крвав ден во август.

Оваа книга не е само прекрасно раскажувачко дело, оваа книга исто така под непростливи човечки услови ја опишува агонијата на ропството. Преку умот на еден роб, Вилијам Стајрон прави реконструкција на еден катастрофален настан и ги драматизира мизериите, фрустрациите и надежите кои придонеле овој исклучелен човек да застане и да се бори против луѓето кои го чувале неговиот народ во ропство.


Куќа создадена од зора- Н. Скот Момадеј (1969)

„Се прашуваше што беше неговата тага и не можеше да се сети.“

Прекрасна приказна за младиот Индијанец Абел, кој живее во два света. Едниот свет е светот на неговиот татко, врзувајќи го за ритмот на времињата, суровата убавина на земјата и екстазата од дрогата наречена пејоти. Другиот свет е светот на 20-тиот век, полн со сексуални експериментирања, дивеење и немир. Кога си доаѓа дома од странска војна, тој е човек кој се распаѓа и кој живее во сопствениот пекол. Книгата го доби Пулицерот во 1969 година.

Собраните приказни на Жан Стафорд-Жан Стафорд (1970)

„Таа посакуваше тие двајца заедно да појдат во некој очаен бар со лоша репутација, каде би се тешеле на стандардниот начин проследено со виски, да ги споредуваат своите болести, да ги венчаат своите хендикепирани души во тие неколку часови полни со болна комуникација и да зборат дека тие, барем на некое време, повеќе не се сами.“

Овие собрани приказни кои ја добија Пулицеровата награда во 1970 година, претставуваат збирка на кратки фиктивни приказни на една од најдобрите американски стилисти во тоа време. Таа во овие раскази допира теми како осаменоста и потрагата по емоционален допир и приврзаност со друго човечко суштество, потрагата по слобода и желбата човек да припаѓа некаде.


Агол на упокојување- Валас Стегнер (1972)

„Мудрост е да знаеш што треба да прифатиш.“
Оваа книга, која ја доби Пулицеровата награда во 1972 година, е приказна за откривањата: лични, историски и географски. Осуден на тоа да биде во инвалидска количка, пензионираниот историчар Лиман Вард се решава да ја раскаже возбудливата приказна на неговите баба и дедо, притоа со намера да направи хронологија на нивните денови барајќи цивилизација на површината на Дивиот запад.

Но, неговото истражување открива многу повеќе за неговиот живот отколку што е тој спремен да признае. Она што се случува е возбудлив портрет на 4 генерации во животот на американско семејство.


Ќерката на оптимистот- Јудора Велти (1973)

„Мистеријата за тоа колку малку ги знаеме другите луѓе не е поголема од мистеријата за тоа колку многу ги знаеме. “

Оваа книга добитничка на Пулицерот во 1973 година, се концентрира на една млада жена која оди во Њу Орлеанс за да се грижи за нејзиниот татко по тешка операција. Тој не успева да се опорави од операцијата и полека умира, додека таа му чита дела од Дикенс. Втората жена на татко ѝ, Феј, е помлада од неа и не може да се справи со целата ситуација, па ја остава Лаурел сама во куќа полна со спомени, каде таа се навраќа на нејзиниот живот, нејзините родители и размислува за животот.


Ангелите убијци- Мајкл Шара (1975)

„Зошто мора да постојат такви луѓе, луѓе кои уживаат кога друг човек умира?“

Во четирите најкрвави и најхрабри денови во историјата на Америка, две војски се бореле за два сона. Едните сонувале за слобода, другите за поинаков начин на живот. Во оваа битка имало многу повеќе од пушки и куршуми. Војниците со себе донеле спомени, ветувања, љубов. И не умреле само луѓе во тие полиња во Пенсилванија. Скршените иднини, заборавената невиност и уништената убавина биле исто така жртви на војната.


Подарокот на Хамболт- Сол Белоу (1976)

„Постојано ги правиме истите работи и тоа со ужасна предвидливост. Па така, на човек може да му биде простено, барем кога станува збор за ова, за тоа што сака барем да биде поврзан со убавина.“

Оваа книга, која му ја донесе на Сол Белоу Пулицеровата награда во 1976 година е на некој начин комична книга за смртта, а Хамболт е моделиран врз поетот Делмор Шварц. Чарли Цирин, интелектуалец, средновечен автор на наградувани биографии и драми, размислува за две значајни фигури и филозофии во неговиот живот: Фон Хамболт Флејшер, починат поет кој му бил ментор и Риналдо Кантабил, ситен мафијаш кој придонел за пропаста на Хамболт.

Хамболт го научил Чарли дека уметноста е моќна и дека човек секогаш треба да биде верен на сопствениот креативен дух. Финансискиот советник на Чарли секогаш го советувал Чарли да ја користи уметноста за да добие профит. Книгата ги следи двоумењата на Чарли и неговата борба за да го пронајде сопствениот пат и насока во животот.


Собата Елбоу-Џејмс Алан МекФерсон (1978)

„Мислам дека љубовта е способноста да се суспендира интелегенцијата на човек во замена за нешто. Целиот темел на љубовта мора да се базира на фантазија.“

Оваа збирка на кратки раскази ја доби Пулицеровата награда во 1978 година. Оваа книга ги истражува црно-белите алтернативи во кои живееме, а тоа го прави со топлина и хумор. Храбра и искрена книга која преку овие 12 приказни го истражува светот кој сите го знаеме, но не можеме да го дефинираме.


Приказните на Џон Чивер- Џон Чивер (1979)

„Јас бев тука на Земјата, затоа што јас одбрав да бидам тука.“

Оваа збирка раскази којашто ја доби Пулицеровата награда во 1979 година е една од најдобро оценуваните книги од страна на критичарите. Од најдобриот реалист кој пишува во пост-воена Америка, до тоа дека неговото творештво е величествен настан во англиската литература.

Овие раскази се сметаат за едни од најдобрите раскази некогаш напишани од американски писател, а воедно Џон Чивер се смета за скапоцен камен и последен претставник на неговата генерација.


Песната на џелатот- Норман Мејлер (1980)

„Искрата на човештвото може да ја максимизира својата убавина со тоа што ќе одбере алтернатива која ќе го сочува своето достоинство и ќе донесе малку умствен мир. “ ~

Оваа екстремно интересна и напната приказна којашто заслужено го добива Пулицерот во 1980 година, е базирана врз вистинска приказна за Гери Гилмор кој во 1976 година ограбува двајца луѓе и ладнокрвно ги убива. Откако е осуден за убиството, тој самиот инсистира да му биде изречена смртната казна и дека сака да умре за стореното дело.

Тој бил првиот човек кој по 10 години бил осуден на смртна казна. Приказната го следи него и сите инволвирани страни и дава прекрасен преглед на правосудниот систем, смртната казна и сите процеси кои се случуваат внатре, а дава и многу интересна општествена анализа на луѓето, за насилството и осаменоста.


Конфедерација на глупаци- Џон Кенеди Тули (1981)

„Очигледно ми недостасува некој вид на перверзија која ја бараат денешните работодавци.“

Една од најфалените книги од своето време, книгата „Конфедерација на глупаци“ ја добива Пулицеровата награда во 1981 година. Книжевна комедија од најврвно ниво, книга полна со многу интелигентен хумор, а главниот лик Игнатиус е вистински Дон Кихот на модерното време.

Книга која на многу умешен начин го исмева општеството, истовремено откривајќи се’ што не е во ред со модерните времиња. Книга која многу ќе ве забавува додека ја читате, но и ќе ве натера да размислувате.


Зајко е богат- Џон Апдајк (1982)

„Како можеш да го почитуваш светот знаејќи дека го води една група на богати деца кои станале старци?“

Третиот дел од серијалот за Рабит Ангсторм ја доби Пулицеровата награда во 1982 година. 10 години по првата книга, Хери Ангсторм, познат како Зајак ужива во новодобиената позиција како шеф на продажба во “Спрингер моторс“. Целиот свет може да се распаѓа, но неговиот живот е одличен. Тоа е се додека неговиот син не се врати од неговото патување низ Западот и една бледа слика од неговата стара љубов не се појави во неговиот живот.

4/6
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Бојата на пурпурот- Алис Вокер (1983)

Приказната во поголемиот дел се одвива во рурална Џорџија и се фокусира на животот на една Афроамериканка во јужниот дел од САД во 30-тите години на 20-тиот век. Нејзиниот татко ја злоуотребува и силува на 14 години, а таа се обидува да ја заштити и нејзината сестра од истата судбина. Подоцна таа е во брак со „Господинот“ – брутален и суров маж кој ја тероризира.

Оваа книга кренала многу прашина посебно заради експлицитната содржина и насилството во неа. Книгата ја добива Пулицерова награда во 1983 година.


Железната трева- Вилијам Кенеди (1984)


„Зошто побогу проповеда, ако не проповеда на луѓе на кои им е потребно тоа?“ ~

Последниот дел од трилогијата за Албани, чии претходни изданија се „Нозе“ и „Најдобрата игра на Били Фелан“, ја доби Пулицеровата награда во 1984 година. Дејството се врти околу Франсис Фелан, поранешен бејзбол играч, кој работи како гробар со половина работно време и алкохоличар кој го допира дното.

Пред многу години тој ја напушта Албани, откако несакајќи убива човек, а потоа повторно бега затоа што случајно и фатално го испушта своето бебе од раце. Сега, во 1938 година, Франсис се враќа назад и лута по познатите улици со својата пријателка-бездомник, Хелен и сака да се помири со духовите од минатото и сегашноста.


Надворешни работи- Алисон Лури (1985)

Добитникот на Пулицеровата награда во 1985 година е приказна за Вирџинија Мајнер, 50 годишна, немажена професорка која престојува во Лондон за да работи на нејзината нова книга за детски фолк рими. И покрај тоа што има американски пасош, таа се осеќа како Британка и со презир и ароганција гледа на нејзините американски сонародници. Но, и покрај тоа, таа започнува застрашувачка и задоволителна врска со турист од Оклахома.

Во исто време, во Лондон се наоѓа и колегата на Вини, Фред Турнер, згоден, банкротиран, тазе разведен и длабоко мизерен млад маж кој се обидува да се фокусира на сопствените истражувања. Наместо тоа, тој е привлечен од прекрасна и непредвидлива англиска актерка и на светот на кој таа припаѓа.


Осамениот гулаб- Лери МекКурти (1986)

„Не зборувам за умирање, зборувам за живеење. Се сомневам дека е важно каде ќе умреш, но многу е важно каде ќе живееш.“

Оваа книга, добитник на Пулицеровата награда во 1986 година, е дел од тетралогијата на Лери МекКурти и е една од најдобрите книги напишани за да се опише последната непокорлива дивина на Америка.
Едно патување во прашливиот малечок град во Тексас, Осамениот гулаб и ќе ги сретнете сите незаборавни херои и отпадници, курви и дами, Индијанци и дојденци. Богато автентична, прекрасно напишана, секогаш драматична, оваа книга ќе направи да се смеете, плачете, сонувате и сигурно ќе ја запаметите.


Повик за Мемфис- Питер Тејлор (1987)

„Повик за Мемфис“ е книга која не запознава со фамилијата Карвер, кои потекнуваат од Нешвил, а живеат во Мемфис, Тенеси, со исклучок на Филип.
Во квечерините на една недела во март, уредникот на книги Филип Карвер добива итен телефонски повик од секоја од неговите постари, немажени сестри. Тие го молат Филип да го разбеди неговиот татко кој останал вдовец, од повторна свадба со многу помлада девојка.

Иако не сака да се вовлекува во семејните драми, сепак се согласува да се врати на југ, каде ја дознава вистинската причина за грижите на неговите сестри. Додека е таму, тој мора да се соочува со неговите доминантни сестри, силниот патријахат и поплавата од спомени предизвикана од неговото мачно минато.


Лекции за дишење- Ен Тајлер (1989)

„Мирисот може да му го врати човек минатото многу појасно отколку сликите…“

Оваа книга која ја доби Пулицеровата награда во 1989 година е прекрасна, инспиративна и изненадувачка приказна за Ајра и Меги Моран. Таа е жива, полна со елан и енергична. Тој е компетентен, стрплив и мирен. Во брак се 28 години.

Кога тие двајца патуваат за Балтимор за погребот на мажот на најдобрата другарка на Меги, Ен Тејлор ни покажува се што треба човек да знае за бракот: очекувањата, разочарувањата, како децата можат да создадат бура во семејството, како мажот и жената можат повторно да се заљубат еден во друг, начинот како ништо вистински не се менува. Оваа книга е навистина забавна, непредвидлива и многу брзо ќе ја прочитате.



Кралевите на мамбото свират љубовни песни- Оскар Хиуелот (1990)

Ова книжевно дело е за кубанските имигранти, браќата и музичари, Нестор и Цезар Кастиљо кои се доселуваат во 1950-тите години во Њујорк. Книгата ги опишува последните часови од животот на Цезар, додека седи во хотелска соба, пиејќи алкохол и слушајќи снимки од неговиот бенд.

Случките и луѓето кои биле дел од неговиот живот му се вртат во глава и се потсеќа на минатото, патот кон славата, неговите девојки, неговиот брат, животот како имигрант во Америка и целиот сјај и тага на неговиот живот. Книгата ја доби Пулицеровата награда во 1990 година.


Зајакот во мирување- Џон Апдајк (1991)

„Сите ние сме како нашата плава панета, лебдиме во црн простор и не не’ држи ништо освен нашите заеднички охрабрувања и нашите прекрасни лаги.“ ~

Добитникот на Пулицеровата награда во 1991 година, е четвртата и последна книга за поранешниот кошаркар Хери “Ребит“ Ангстром, херојот кој има проблеми со срцето, стан во Флорида и второ внуче. Неговиот син и снаа се однесуваат хистерично, неговата жена сака да работи, а Рабит ја бара својата душа и бара причина и смисла на својот живот.


1000 акри- Џејн Смајли (1992)

„Имав чувство дека тој знаеше работи кои јас цел живот чекав да ги научам.“ ~

Кога Лери Кук, патријархот на едно богата фарма во Ајова, донесува одлука за се пензионира, им понудува својата земја на своите три ќерки. За Џини и Роуз, коишто живеат на фармата со своите сопрузи, овој подарок има смисла, тие го гледаат како награда за годините кои ги поминале и во кои работеле вредно за оваа фарма.

Го гледаат и како предизвик да ја направат фармата уште поуспешна. Најмладата ќерка Каролин, која работи како адвокат, рамнодушно ја одбива понудата. Оваа одлука го разбеснува нејзиниот татко и тој решава целосно да ја острани од одлуката за таа да не доби ништо и со тоа предизвикува настани кои длабоко ќе влијаат на секој член на семејството. Оваа книга зборува за тоа што значи да си татко, ќерка, семејство.


Добар мирис од чудна планина- Роберт Олен Батлер (1993)

„Можам да ги изговорам овие зборови и можеби ти можеш јасно да ги видиш овие работи затоа што ја користиш својата фантанзија. Но, јас не можам да ги замислам овие работи, бидејќи јас ги живеев и невозможно е да ги запаметам со таква јасност со каква што знам дека треба да бидат запаметени. Тие се изгубени за мене.“ ~

Оваа збирка на приказни за она што се случувало по Виетнамската војна и нејзиното влијание врз луѓето во Виетнам го доби целосното внимание и почит и од публиката и од критичарите и заслужено ја доби Пулицеровата награда во 1993 година. Враќајќи се во џунглите на Виетнам и отворајќи стари рани, оваа книга е полна со емоции и тажни судбини, претставувајќи го оној дел од војната којшто често е занемарен: нејзиното завршување и раните кои се лечат потоа.


Испорачани вести- Ени Проулкс (1994)

„Сите ние сме малку чудни. Како што растеме учиме да ги маскираме и криеме различностите.“ ~

Кога жената на еден човек си заминува од неговиот живот, тој се повлекува со неговите ќерки во неговиот дом на прекрасниот брег во Њуфоундланд, каде се појавуваат огромен број локални ликови и членови на семејството кои играат огромна улогата во неговата борба повторно да застане на нозе.

Тој се соочува со своите приватни демони и непредвидливите сили на природата и општеството – тој почнува да ја разгледува можноста за љубов без болка и мизерија. Оваа книга, која ја добива Пулицеровата награда во 1994 година, покажува зошто Ени Проулкс е позната како една од најоригиналните и најталентираните автори во Америка.

Дневниците на Стоун- Керол Шилдс (1995)

„Во секој живот има поглавја кои многу ретко се читаат и секако не на глас.“ ~

„Дневниците на Стоун“ е приказната на една обична жена за нејзиното патување низ животот. Родена во 1905 година, Дејзи Стоун Гудвил лута низ улогите на дете, жена, вдовица и мајка и конечно нејзината старост. Немирна затоа што не може да го најде нејзиното место во сопствениот живот, Дејзи се обидува да најде начин да ја раскаже својата приказна. Таа слуша, набљудува и преку својата фантазија станува сведок на сопствениот живот: нејзиното раѓање, смрт и недостатокот на комуникација која таа го открива помеѓу.

Борбата на Дејзи да се најде себеси во својот живот е парадигмата на нашата ера. Интелигентна и сочувствителна додека го обработува човековото срце, Керол Шилдс ја прави оваа книга топла и поучна за сите.


Денот на независноста- Ричард Форд (1996)

„Се е ова природен дел од процесот на стареење, каде наоѓаш се помалку работи кои можеш да ги правиш и многу можности за да се јадеш одвнатре и да се каеш за се што си направил.“ ~

Добитникот на Пулицеровата награда во 1996 година е продолжение на романот „Спортскиот писател“ од 1986 година. Приказната се концентрира на Френк Баскобми, агент за недвижности во Њу Џерси, кој за викендот за денот на независноста на САД оди да ги посети неговата поранешна жена, темпераментниот син, жената со којашто во моментот се гледа, човекот кој е одговорен за некој од неговите објекти и со клиенти кои сакаат да ја најдат совршената куќа. Заедно со неговиот син патуваат кон кошаркарската хала на славните.

„Денот на независноста“ е книга која навлага длабоко во анализа средновечните години и како човек кој еднаш ќе влезе во нив, трага по сопственото место под сонцето и бара среќа за себе.


Мартин Дреслер: Приказната за американскиот сонувач- Стивен Милхаузен (1997)

„Дали мислиш дека актерот на сцена е навистина негативец? Да те прашам уште нешто: Ако не е негативец. тогаш дали е лажго?“ ~

1997 година беше годината кога оваа книга се закити со оваа престижна награда. Како што може да се забележи од насловот, дејствието во книгата се врти околу младиот Мартин Дреслер којшто ја започнува својата кариера како чирак во продавницата за цигари која е во сопственост на татко му.

Во текот на неговата бурна младост, тој успева да се издигне на врвот, придружуван од двете сестри: едната која се однесува како негова сенка, а другата како негов достоен бизнис партнер. Книгата која ги следи сите негови соништа, размислувања, која покажува како е да си млад сонувач и идеалист во Америка.



Американска пасторала- Филип Рот (1998)

„Тој ја научи најлошата лекција која животот може да ја даде, а тоа е дека животот нема смисла.“

Оваа книга, добитник на Пулицеровата награда во 1998 година, се смета за книга која мора да се прочита барем еднаш во животот. Елегија за ветувањата на 20-тиот век за просперитет и благостостојба, куќен мир и граѓански ред. Главниот лик во оваа книга, Сејмор “Швед“ Левов е легендарен атлета од средношколските денови, посветен семеен човек, вреден работник и просперитетен наследник на фабриката на татко му.

Неговата среќа навистина му се насмевнува во пост-воената, победничка Америка. Но, еден ден во 1968 година, прекрасната американска среќа го напушта. Неговата ќерка Мери станува фанатична тинејџерка која е способна за сурови акти на политички тероризам. Соочен со овие проблеми, Швед мора да најде излез и решение од целата таа масовна хистерија. Прекрасна книга, која може да се прочита во еден здив. Книга проткаена со бес и така, а целата приказна е толку добро напишана, што човек не може да не се приврзе за ликовите. Со право се смета за ремек-дело.


Часови- Мајкл Канингам (1999)

Добитник на Пулицеровата награда во 1999 година, „Часови“ на Мајкл Канингам е всушност брилијантен роман кој му дава ново светло на животот на Клариса Даловеј, хероината од романот „Г-ѓа Даловеј“ на Вирџинија Вулф. Мајкл Канингам тоа го прави преку три жени, навидувам тотално различни една од друга. Една од нив е самата писателка Вирџинија Вулф, втората е Лаура Браун, сопруга, мајка и домаќинка, која книгата „Г-ѓа Даловеј“ ја гледа како спас од својот секојдневен живот и монотонијата која тој ја носи со себе, а третата жена е Клариса Вон која се грижи за нејзината долга и вечна љубов Ричард Браун, поет кој боледува од СИДА.

Оваа книга постојано не пренесува преку декади и преку океани од Британија до САД, на многу лесен и едноставен начин и покажува комплексен сет на карактери на три жени. Секоја од нив со своето бреме и тежина во животот, на свој начин се справува со предизвиците и тестовите на животот.


Преведувачот на болести- Џумпа Лахири (2000)

„Понекогаш сум толку збунета од секоја милја која сум ја пропатувала, секој оброк кој сум го јадела, секоја личност која сум ја запознала, секоја соба во која сум спиела. Колку и да изгледа обично сето тоа, понекогаш ја надминува мојата фантазија.“

Движејќи се помеѓу индиските традиции кои ги имаат наследено и новиот модерен свет, ликовите во оваа елегантна и трогателна книга, која го доби Пулицерот во 2000 година, се во потрага по љубов која ги надминува бариерите на културите и генерациите. Еден преведувач води еден млад американски пар со индиско потекло низ Индија од каде поттекнуваат нивните предци и се соочуваат со признание кое ќе ги остави шокирани.

5/6
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Прекрасните авантури на Кавалиер и Клеј- Мајкл Шабон (2001)

„Тие лежеа таму неколку секунди, во темнината, во иднината, слушајќи го гламурозниот часовник на нивните срца и бели дробови, сакајќи се.“

Џо Кавалиер, млад еврејски уметник кој обучен за уметностата на бегствата и исчезнувањата на Худини успева да се проникне и да избега од Прага која е окупирана од нацистите и оди во Њујорк. Неговиот братучед кој живее во Бруклин, Семи Клеј, е во потрага по партнер за да создава херои, приказни и уметност за најновиот хит во Америка – стриповите.

Цртајќи врз сопствените стравови и соништа, тие ги создаваат Бегачот, Набљудувачот и Луна Мот, која е инспирирана од прекрасната Роса Сакс која ќе биде силно поврзана и со двајцата. Со прекрасен стил и елеганција на пишување, Шабон ја раскажува незаборавната приказна за американската романса и можности и ја добива Пулицеровата награда во 2001 година.


Империјата паѓа- Ричард Русо (2002)


„И доаѓа момент во твојот живот кога сфаќаш дека ако не ја зграпчиш можноста да бидеш среќен, можеби никогаш повторно нема да добиеш друга шанса.“

Добитникот на Пулицер во 2002 година, ни ја опишува приказната на Мајлс Роби кој прави бургери во Empire Grill речиси 20 години, работа која го чинела неговото образование и неговата самопочит. Што го тера да остане таму?

Можеби неговата паметна, но емотивна ќерка Тик, на која ѝ е потребна помош да го преживее локалното средно училиште. Или можеби се работи за Џенин, жената со која наскоро ќе се разведе и која почнала да се гледа со суетен сопственик на здружение за здравје. Додуша, можеби во прашање е Френсин Вајтинг која е сопственик на сè во градот и изгледа мисли дека тоа „сè“ се однесува и на Мајлс. Оваа книга дава длабок приказ на работа, односите на луѓето и воедно носи со себе смеа, тага и гордост.


Среден пол- Џефри Еугенидес (2003)

Оваа книга со контроверзна содржина ја доби Пулицеровата награда во 2003 година.

Приказната нѐ носи во пролетта во 1974 година, кога Калиопи Стефанидис, ученичка во училиште за девојки во Грос Поинт почнува да ја привлекува соученичка со талент за глума. Страста која се развива меѓу нив, заедно со неможноста Кали да се развива физички, ја тера Кали да се сомнева дека таа не е како другите девојки. Всушност, таа воопшто и не е девојка.

Објаснувањето за овој шокирачки сплет на околности е всушност ретка генетска мутација и тајна која ги следела дедото и бабата на Кали уште од Отоманската империја, сѐ до ерата на Прохибицијата во Детроит и понатаму, надминувајќи ги деновите на градот на моторите, протестите против расизмот во 1967 година и втората миграција на фамилијата во странската земја позната како предградие.

Благодарејќи на генот, Кали е пола девојка, пола момче. Иако патувањето на гените е завршено, одисејата на Кали само што започнува. Книгата опфаќа 8 декади и една чудна адолесценција.


Познатиот свет- Едвард П. Џонс (2004)

„Сите сме вредни еден за друг.“

„Познатиот свет“ ни ја доловува приказната на Хенри Таунсенд, црн фармер и поранешен роб кој наоѓа свој тутор и заштитник во Вилијам Робинс, најмоќниот човек во округот Манчестер, Вирџинија.

Осигурувајќи се дека никогаш нема да го прекрши законот, Таунсенд ги врши своите работи со неверојатна дисциплина. Но, кога неочекувано ќе почине, неговата вдовица не може да го одржи редот на поседот и избива хаос. Ова е славена книга меѓу критичарите и публиката и го добива Пулицерот во 2004 година.


Галаад- Мерилин Робинсон (2005)

„Сеќавањето може да направи нешто да изгледа многу повеќе отколку што навистина било.“

Последната книга за денес е добитничката на Пулицеровата награда во 2005 година. Книгата е првата книга од трите кои Мерилин Робинсон ги има напишано во оваа трилогија. 24 години по објавувањето на нејзината книга, Робинсон ја објавува во интимна приказна за три генерации кои датираат од Граѓанската војна до 20-тиот век.

Приказна за татковци и синови и духовните борби кои се’ уште постојат во срцето на Америка. Преку гласот на свештеникот Џон Ејмс, оваа книга ја открива човековата состојба и незабележливата убавина на секојдневниот живот.


Марч-Џералдин Брукс (2006)

„Да ја знаеш библиотеката на еден човек, на некој начин е исто како да го знаеш неговиот ум.“

2006 година беше годината кога оваа книга ја доби Пулицеровата награда. Историска книга и љубовна приказна сместена за време на катастрофа, за време на ужасната Граѓанска војна. Џералдин Брукс ни ја дава приказната за отсутниот татко од книгата “Мали жени“ и ја спојува со свет на бруталноста, тврдоглава храброст и љубов која надминува се’.

Идеалистичен приврзаник кој се залага за укинување на ропството, Марч сака да се бори за својата цел. Но, војната ја става на тест неговата верба, не само во Унијата, која исто така е способна за барбарство и расизам, туку и во себе. Како што се опоравува од речиси фатална болест, Марч сака повторно да се поврзе со своето семејство, кое воопшто не ни претпоставува низ што се поминал. Љубовна приказна која е сместена за време на катастрофа, која ни ја покажува страста меѓу еден маж и жена, нежноста на родителот кон детето и моќта која едно цврсто уверување може да ја има врз промена на нечиј живот.


Патот- Кормак Макарти (2007)

„Го забораваш тоа што сакаш да го запаметиш и го паметиш она што сакаш да го заборавиш.“

Последната книга од предлог-листата на книги кои добиле Пулицер е книгата „Патот“ на Кормак Макарти, книга која ја има добиено наградата во 2007 година. Приказната се врти околу татко и син кои патуваат сами низ запалената и изгорена Америка. Ништо не се движи низ уништениот пејсаж освен пепелот во воздухот.

Доволно е ладно да пукнат камењата, а кога паѓа снег, тој е сив. Небото е темно. Нивната дестинација е брегот, иако тие не знаат што ги чека кога ќе пристигнат таму. Тие немаат ништо, само пиштол за да ги штити од бандите кои ги демнеат патиштата, алиштата кои ги носат, кошничката со храна која ја наоѓале по пат и се имаат само еден со друг.


Краткиот чудесен живот на Оскар Вао- Џуно Диаз (2008)

Не можеш да се каеш за животот кој никогаш не си го имал.“

Книгата која ја доби Пулицеровата награда во 2008 година се смета за едно од модерните ремек-дела и веќе се вбројува во најдобрите книги издадени во 21 век. Приказната го следи Оскар, добро момче кое доаѓа од гето и се бори со прекумерна тежина. Тој живее во Њу Џерси, романтична душа која сонува да стане доминиканскиот Џ. Р. Р. Толкин и најважно од се, сонува да ја најде својата сродна душа.

Но, тој може никогаш да не го добие тоа што го посакува заради клетвата која го прогонува семејството на Оскар со генерации; повеќето од нив завршиле во затвор, биле малтретирани, им се случувале трагични несреќи, а највеќе од се, сите биле осудени на несреќна љубов. Оскар, кој се уште сонува за неговиот прв бакнеж е последната жртва на клетвата, но едно лето одлучува да биде нејзина последна жртва.


Олива, повторно- Елизабет Страут (2009)

„Не можеш да спречиш да се чувствуваш онака како што се чувствуваш, без разлика на тоа што направила другата личност. Едноставно мораш да чекаш. На крајот, чувството ќе замине, затоа што други ќе дојдат. А некогаш не заминува, туку едноставно се пикнува во нешто малечко и тесно и виси некаде во позадината на твојот ум.“ ~

На моменти премногу сериозна, на моменти трпелива. Понекогаш го забележува секој детаљ, понекогаш се наоѓа во тажно одрекување. Олив Китериџ, пензионирана учителка, ги гледа сите промени кои се случуваат во нејзиниот малечок град Крозби, во нејзината држава, па и во целиот свет.

Но, таа речиси и не ги забележува промените околу неа и во луѓето кои и се блиски. Интересна приказна која ги доловува сите односи со луѓето, како се формираат, како се негуваат и како престануваат. Книгата ја добива Пулицеровата награда во 2009 година.


Враќање назад- Пол Хардинг (2010)


“… единствената заедничка работа во сето ова е тагата која е толку длабока, што мора да е љубов…“

Стар човек умира. Додека лежи во својата дневна соба опколен со неговите деца и внуци, Џорџ Вашингтон Крозби напоредно добива и губи свесност и во тој временски период се враќа на своето детство во Мејн и целата болка и радост која доаѓа со тие спомени. Додека полека ги живее последните моменти од својот живот, неговите спомени се мешаат со спомените на неговиот татко, кој бил епилептичар и неговиот дедо кој бил свештеник. Приказна полна со тага, но исполнета со многу љубов и топлина.


Посета на бандата- Џенифер Иган (2011)

„Ако секој ден имав можност да имам ваков поглед, ќе имав инспирација и енергија за да го освојам светот. Проблемот е во тоа што кога најмногу ти е потребен таков поглед, тогаш нема никој за да ти го даде.“

Оваа прекрасна, оригининална и необична книга е многу интересно истражување за растењето и стареењето во дигиталната доба и сета љубопитност и културни промени кои доаѓаат со неа. Книгата ја доби Пулицеровата награда во 2011 година.

Главни ликови се Бени, поранешен панк рокер и продуцент. Саша е страствена млада жена која ќе се вработи кај него. Џенифер Иган брилијантно ни ги открива нивните минати, нивните животи и луѓето чии патишта се вкрстиле со нивните.


Синот на управикот на сиропиталиштето- Адам Џонсон (2013)

„Луѓето прават се за да преживеат и откако ќе преживеат, не можат да живеат со тоа што го направиле.“

Оваа книга која е од поновите добитници на Пулицерова награда (2013 година), зборува за Пак Џун До кој е прогонетиот син на изгубена мајка, пејачка која е “украдена“ во Пјонгјанг и влијателен татко кој има работен камп за сираци. Власта во државата наскоро ја забележуваат лојалноста на детето и неговите инстинкти.

Сметајќи се себеси за скромен граѓанин на најдобрата нација во светот Џун До се искачува на повисоки позиции. Тој станува професионален киднапер кој мора да прави се што ќе му наредат неговите кореански владетели, ако сака да остане жив. Сепак ќе направи се што е човечки можно за да ја спаси жената што ја сака, Сун Мун која е актерка, толку наивна што дури и не знае како изгледаат изгладнети луѓе.


Трнарчето- Дона Тарт (2014)

„Држи се подалеку од оние кои многу ги сакаш. Тие се оние кои ќе те убијат.“

Оваа книга е побитник на минатогодишната Пулицерова награда, т.е во 2014 година. Приказна со шокантна наративна енергија и моќ која го хипнотизира читателот да продолжи да ја чита. Оваа книга преку својата приказна за Тео кој по смртта на неговата мајка и напуштен од сопствениот татко е земен под закрила на едно богато семејство, ги истражува филозофиите и мистериите на љубовта, идентитетот и уметноста. Прекрасна книга која ќе ве држи будни цела вечер, традиционална приказна за загубите и опсесијата, за преживувњето и себеоткривањето, како и за суровоста на судбината.


Сета светлина која не можеме да ја видиме- Ентони Дор (2015)

Мари-Лор живее во близина на Природонаучниот музеј во Париз, каде што нејзиниот татко работи како главен клучар и е последниот чекор помеѓу светот и големите музејски тајни. Мари-Лор ослепува на шестгодишна возраст, па нејзиниот татко ù моделира една беспрекорна минијатура на нејзината населба, за таа да може тактилно да го меморира секој агол и секогаш да знае да го најде патот накај дома. Шест години подоцна, Германците го окупираат Париз и, по игра на случајот, Мари-Лор и нејзиниот татко завршуваат во Сен-Мало со највредниот музејски експонат: легендарниот скапоцен камен „Пламено море“.

Во меѓувреме, сираците Вернер и неговата сестра Јута растат во Цолферајн, рударскиот центар на Германија во тоа време, чијшто воздух станува сè позагаден благодарение на Гебелсовата пропаганда. Уште како малечок, откако наоѓа и поправа едно фрлено радио, Вернер се фасцинира од необичноста на овие нови инструменти што се способни да ги уловат гласовите што невидливо треперат околу нас. Неговиот талент го носи во академијата на Хитлеровата младина, а потоа и во Франција, во специјална мисија да го лоцира и внимателно да го следи движењето на Отпорот.

И таму некаде, во Сен-Мало, неговата приказна се вкрстува со онаа на Мари-Лор.


Симпатизерот- Виет Тан Н’Гујен (2016)


Оваа книга нуди многу потребен увид во тоа како било да си Виетнамец и да се фатен помеѓу два огна. Без оглед на тоа колку е мрачна, оваа книга е возбудлива приказна за еден двоен агент и за неволјите кои му се случуваат.


Подземна железница- Колсон Вајтхед (2017)

Приказната во Подземната железница почнува на плантажите за памук во Џорџија, од каде младите робови Кора и Цезар решаваат да побегнат, ризикувајќи си ги животите поради сонот да живеат слободно. Соочени со стравот, гладот, ловците на робови и безмилосниот свет на белците, единствената надеж за нив е митската Подземна железница – неверојатна конструкција која, всушност, е отелотворение на соништата за слобода.
Напишан во манирот на големите авантуристички романи од XVII век, Подземната железница е блескаво дело во кое историографските факти се преплетуваат со чудесните авантури на главниот лик, допирајќи до рабовите на фантастичното. Играјќи со структурата и тенката граница меѓу фактите и фикцијата, Колсон Вајтхед внимателно и вешто го гради ова искрено, длабоко и брутално ремек-дело на современата американска литература.


Помалку- Ендрју Шон Грир (2018)


Во “Помалку“ ние навлегуваме во таа ментална и витална конструкција на креативецот кој не ја достигна посакуваната слава за своите идеи и манифести. Артур Лес е тој писател со мирис на губитник, само без успехот под кој се обидува да ја пополни празнината и меланхолијата на големите раскажувач.


Високата шума- Ричард Пауерс (2019)

Ова неверојатна книга ја анализира поврзаноста и врската помеѓу човештвото и природата и беше една од книгите кои добија најдобри критики од речиси сите релевантни критичари, но и од читателската публика. Главните ликови во книгата се дрвјата, а еколошкиот заплет вклучува и луѓе, но и комуникацијата која се случува во природата.


The Nickel boys -Колсон Вајтхед (2020)


Историски роман за училиштето Дозиер, сместено во Флорида, кое има децениска историја полна со насилство.

6/6
 

Kajgana Shop

На врв Bottom