Значи според мене е нереално да се расформира единицата Тигар, но е реално да се направат некои реформи во организационата структура на МВР. Значи потребно е воведување надворешна контрола, покрај внатрешната контрола. Тоа ви е нешто ко надзорен одбор у акционерско друштво составен од акционери на фирмата кој го контролира работењето на одборот на директори. Значи тоа би требало да биде независен орган кој би требало да биде составен од најразлични профили кои нема да доаѓаат само од една партија односно нема да бидат партиски обоени.
Инаку на МВР не и е првпат да заташка случај. Така го имаме случајот на Ален Зекиров инаку обезбедување на директорот на ДБК, Сашо Мијалков. Уште пред 2 години се случило делото, кога на Партизанска изгази 73 годишен старец на точак со мотор и човеков уште не е во затвор. Истрагата и после две години не е затворена а министерката Јанкуловска тогаш кажа дека обвинетиот ќе одговара што воопшто не се случи.
Истрагата за Ален Зекиров се' уште е отворена
Истражната постапка за телохранителот на Сашо Мијалков чека на уште еден доказ за предметот да биде испратен до Обвинителството
Љубиша Станковиќ
И по една и пол година од трагичната сообраќајка во која загина 73-годишниот Симо Серафимовски, истрагата што се води против осомничениот Ален Зекиров се' уште е отворена. Телохранителот на директорот на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, треба кривично да одговара за сторено тешко дело против безбедноста во сообраќајот, но како што засега стојат работите, тешко е да се предвиди дали и кога ќе седне на обвинителна клупа.
Од скопското Обвинителство велат дека се чека на окончување на истрагата за случајот. „Токму по вашето барање, побарав колегите да ми го реферираат овој предмет. Но, она што засега можам да го кажам е дека истрагата за овој предмет се' уште не е завршена“, ни изјави скопскиот обвинител Марко Зврлески.
Од скопскиот Кривичен суд не кријат дека за случајот на Ален Зекиров се води кривична истрага, но, според портпаролот на скопска „единица“, Владимир Туфегџиќ, судијата што постапува во овој кривичен предмет чекал на уште едно дополнително известување. Дури потоа истрагата ќе биде затворена и предметот ќе биде вратен кај јавниот обвинител.
Случајот со Ален Зекиров е отворен веќе една година откако против него беше започната кривична истражна постапка. Настанот за кој се товари Зекиров се случи кон средината на јуни минатата година кога на булеварот „Партизански одреди“, кај ТЦ „Буњаковец“, со мотоцикл „агуста“ на обележан пешачки премин беше прегазен скопјанецот Симо Серафимовски. Сведоци на овој трагичен настан тврдеа дека Зекиров со својот мотоцикл се движел со голема брзина и дека од ударот велосипедистот бил отфрлен десетина метри. Во несреќата и Зекиров се здоби со повреди.
Потоа, дел од јавноста ја обвини власта дека се обидува да го забошоти целиот случај и да ја развлече постапката колку што е можно повеќе. МВР ги отфрли ваквите обвинувања, по што беше поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство. Од поднесувањето на пријавата до изготвување барање за поведување кривична истрага помина уште половина година. Јавното обвинителство во почетокот на оваа година поднесе до Кривичниот суд барање за спроведување истрага, но таа и натаму е некомплетна. Кон крајот на летото, осомничениот даде своја одбрана, а потоа се чекаше да биде изготвено сообраќајно вештачење. Сега недостига уште еден доказ за да се затвори истрагата.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1FBF7938C65796468F92A8D0E634EE72