„Му го подадоа (на Исус) книжниот свиток на пророкот Исаија и го одвитка и го најде местото каде што беше напишано: ”Господовиот Дух е на Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце, да им навестам на заробениците, дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените; и да ја навестам благопријатната Господова година.” Го завитка свитокот, му го врати на службеникот и седна, а очите на сите во синагогата беа свртени кон Него. И почна да им зборува: „Денес се исполни ова писмо, во вашите уши. “ (Ев. Лука 4:18,21, Библијата)
Во книгата на пророкот Исаија на ова место, на местото на „Господовиот Дух“ пишува „руах адни ЈХВХ“ што значи „Духот на мојот Господ Јехова (Јахве)...“. Оттука е јасно дека Исус го изговорил Името на Бог - Јахве.
А каде вели дека Му е Татко? Во една расправија со фарисеите, Исус им кажал дека нивниот Бог (Јахве) е Неговиот Татко, цитирам:
„Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам - кој умре? И пророците умреа. За кого се претставуваш Ти Самиот?” Исус одговори: „Ако Јас се прославувам Самиот Себе, Мојата слава е ништожна; Мене Ме прославува Мојот Татко, за Кого вие велите дека е ваш Бог.“ (Ев. Јован 8:54, Библијата)
Евреите и тогаш и сега велат дека нивниот Бог е Јахве, а Исус токму за Него рекол дека е Неговиот Татко.