Нема „средна“ цена на струјата на дигиталните броила
Големо изненадување доживеале корисниците на „ЕВН Македонија“
кога побарале наместо двотарифен систем на користење на струја, да имаат еден. Или, наместо да плаќаат евтина и скапа струја, побарале да плаќаат по една тарифа - средна. Од ЕВН биле одбиени со образложение дека имаат нови дигитални читачи, каде што не постои такво решение.
- Со неколку пријатели отидовме да побараме да ни се смени тарифата и да имаме една средна цена на плаќање на струјата преку цел ден. Дома есапевме и дојдовме до заклучок, откако се укина дневната евтина тарифа, подобро е вака. Но, бевме одбиени со образложение дека тие на нивен трошок инсталирале нови читачи и не можеме сега да се префрлиме. На моето прашање дали некој од нив побарал да се инсталира таков саат, одговор не добивме. Сега ние ќе мора да плаќаме скапа и евтина струја шест дена во неделата, иако тоа за нас е најскапата и неприфатлива варијанта - велат велешани, кои побарале да им се врати средната тарифа за плаќање на искористената струја.
Со слични планови беа повеќе велешки семејства, кои спасот од високите цени на електричната енергија решија да ги побараат во средна цена наместо скапа и евтина. Од „ЕВН Македонија“ објаснуваат дека тие постапиле според законот, а не на своја рака.
- ЕВН ги промени старите броила со нови дигитални според Законот за енергетика, кој го бараше тоа од нас. На овие читачи постои само скапа и евтина тарифа. Укинувањето на евтината дневна струја беше затоа што во периодот од 13 до 16 часот имаше зголемена потрошувачка, која мораше да се компензира со скапа увозна. Ако некој сака да има една цена, која нему му одговара, треба да го врати старото монофазно броило, но тогаш колку од домашните апарати ќе му бидат употребливи бидејќи ќе користат двофазна и трофазна струја - велат од „ЕВН Македонија“.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=9FA194AA630A86459F0AAABF7F086E45