Тројна победа на Македонија !!!
Во конкуренција на 18 пливачи од повеќе земји Македонија ги однесе сите награди за најдобрите во сениорска конкуренција на 37. издание на маратонот во Шабац, Србија. 6 македонски пливачи се појавија на стартот на маратонската трка долга 16 километри, која и оваа година собра квалитетни пливачи од соседството, а на крајот тројца успеаја да се најдат на првите три места.
Прв низ целта оваа година во Шабац помина нашиот Евгениј Поп-Ацев, член на скопски "Студент", кој патеката ја исплива со време од 1:41,43 часа. Второто место му припадна на Игор Димовски (1:46,40) од "Технометал Вардар", додека третото место го освои Филип Стануровски, исто така од "Технометал Вардар". Македонските маратонци и минатата година беа одлични на овој маратон освојувајќи ги првите две места, но годинава успеаја да стигнат до тројна победа.
Водачот на нашата репрезентација во Шабац, Боро Стефановски, го оцени како одличен настапот на маратонците кои буквално ги освоија сите награди на ова издание на традиционалниот шабачки маратон.