Писател на тапет (Петре М. Андреевски)

Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Мора на најдеме начин да пробаме да го разбудиме овој подфорум кој веќе извесен период стагнира. Така, се мислев меѓу една општа тема "Месецов читаме (роман, новела, поезија, сатира, драма, научна фантастика, фантазија, книга од конкретна издавачка куќа, од конкретен изворен јазик...)" или книга од конкретен писател, па се одлучив за втората.

Згора на се, ова тмурно и студено време сите ќе не подсобере дома, ќе имаме малку повеќе слободно време, време кое можеме да го искористиме за читање.

Сер Артур Конан Дојл е шкотски писател, роден во Единбург, каде првично пишува кратки детективски криказни, потоа детективски романи, новели, драми, научна фантастика, книги за спиритуализмот, но и историска книга.

Малку познат факт за него е дека бил доктор. Така своеволно се пријавува во Бурската војна, како воен доктор, (интересен факт за оваа војна е во тоа што прв пат во историјата се појавуваат концентрационите логори). Војна помеѓу ЈАР и Британската империја, за која пишува и воено-историска книга "Големата Бурска војна", каде Евдард VII, за своите заслуги во оваа војна, го прогласува Дојл за витез и ја добива титулата сер.

Уште еден значително интересен аспект од неговиот живот е неговиот спиритуализам, сметал дека може да се комуницира со светот на мртвите, кој бил доста популарен во Викторијанската доба, за што влегува и во конфликт со Худини кој си поставува своевидна цел да го деградира ова движење.

Иако не е пионер во областа на детективските, прво раскази, а потоа и романи (првиот детективски расказ го пишува По), тој се прославува првично со детективските приказни за Холмс кој ги издава во еден магазин, за подоцна да напише и новела за овој негов славен детектив.

Хронолошки книгите за Шерлок Холмс:
1. A study od Scarlet- Студија на Скарлетна боја (Арс Ламина и ПНВ Публикации)
2. The Adventures of Sherlock Holmes- Авантурите на Шерлок Холмс (Антолог, Арс Ламина и Нова Македонија)
3. The Sign of four- Знакот на четворката (Икона и ПНВ Публикации)
4. The Casebook of Sherlock Holmes- Архивот на Шерлок Холмс
5. The Valley of fear- Долината на стравот (ПНВ Публикации и Арс Либрис)
6. The Memoirs of Sherlock Holmes- Мемоарите на Шерлок Холмс (Антолог)
7. The return of Sherlock Holmes- Враќањето на Шерлок Холмс (Антолог)
8. His last bow- Неговото последно поклонување
9. The Hound of the Baskervilles- Бескервилскиот пес (Арс Ламина и Ѓурѓа)

Секако, постојат и одредени варијации во преводите на самите наслови, како на пример "Студија во светлоцрвено", "Доживувањата на Шерлок Холмс", а само за последната има неколку, како "Баскервилското куче", "Загарот на Баркервилови" и преводот на Ѓурѓа: "Проклетството на Баркервилови"!

Книгите може да се најдат и на англиски јазик, во издание на Wordsworth (Академска книга) и во издание на Colling classics (Икона (ако сеуште ги носат)). Предноста на Wordsworth е во тоа што, од една страна, книгите имаат убави илустрации, а од друга страна во тоа што неколку се збирки од две книги.

Воедно, тука е и еден од најпознатите цитати во литературниот свет:

6510e4c4a525926e8fa95e39b342b67a.jpg

И секако, тука е вечната дебата: Агата Кристи или Конан Дојл(?) односно Херкул Поаро или Шерлок Холмс(?), за што постои и своевидна тема. Мене секогаш ми се Дојл пред Агата, пред се поради интензитетот на приказните, поради постоењето на извесен антагонизам (професор Моријати) и поради односот Шерлок и доктор Вотсон. Дијалозите при влечењето на констатациите и собирањето на заклучоците, во споредба со презентирање на случајот во последната глава, за мене се далеку поинтересни.

Секако, Дојл не е само татко на Шолмс, туку и на зоологот професор Челенџер, каде значаен придосен дава и кон научната фантастика. Оваа зборка раскази може да се најде во издание на Wordsworth (ја имам видено во Академска) "The lost world and other storys" на англиски јазик каде се собрани сите раскази за авантурите на зоологот Челенџер, како "Загубениот свет", "Земјата на маглата", "Кога светот вресна" или "Отровниот каиш".

Има слична тема, но постои и извесна разлика. Тука, изворно, не дебатираме за самиот писател, од неговиот живот до неговото творештво, туку прво читаме одредена книга (или книги) по избор со кратка рецензија, а потоа може да дебатираме за она што досега сме го прочитале, анализа на ликови, компарација со сродни писатели, неговата улогата во општеството и неговиот придосен кон другите концепти на уметноста, со акцент на литературата, кинематографијата, а тука се и театарот и стриповите.

Така не ги спојувајте темите!

Во месец октомври читаме една (или повеќе) книга по избор од сер Артур Конан Дојл.

пи.ес. За нареден месец, ако има интерес и волја, предлагам да има анкета со препораки. Моја препорака е Харуки Мураками.
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
1. "Студија во Скарлетна боја"

Се решив за започнам од првата книга од серијалот за Шерлок Холмс и за доктор Вотсон, кој воедно е и нараторот, како во оваа книга, така и во останатите.

Во оваа книга, условно кажано, се раѓаат сите ликови за најфилмуваниот серијал на книги во историјата. Книгата започнува со кратката историографија на Вотсон, кој се враќа повреден од Авганистан, каде служел како воен доктор, кон неговите финансиски тегоби кој, преку последник, го водат кон Холмс, кој бара цимер.

Технички гледано оваа книга е историско-детективска. Започнува со разработка на класична детективска приказна, каде Вотсон за прв пат може да се запознае со методите на опсервација и начинот на перцепирање на нештата на Холмс, кој го води од сцената на злосторството, кон презентирање на деталната анализа на наодите, мислењата и претпоставките, објаснета чекор по чекор, кон испрашување на единствениот сведок, конверзациите со своите колеги, кон поставувањето на стапицата...и на крајот презентирање на целиот случај. Во текот на постапката остава значителни трошки кои на крајот одлично се вклучуваат со анализата.

Тоа е првиот дел на книгата, а во свориот дел, Дојл, не сели преку барата, во Америка, каде го проследуваме оформувањето на државата на Мормоните. Каква врска има со раѓањето на Јута, и луѓето кои сосема случајно се наоѓаат на светата земја, останува сами да прочитате и дознаете.

И да, имаше неколку интересни цитати, ама овој, кој е латинска поговорка, ми остана во глава: "еден глупак секогаш може да најде друг, поголем глупак, што ќе му се восхитува". :icon_mrgr:

Имено, ова го земав во фб страницата на Икона, некои други интересни факти за Холмс и Дојл:

Screenshot_20221008_191037.jpg
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
2. "Проклетството на Баскервилови"

Легендата за чудовиштето на Барсервилови, џиновско куче кое демнее во мочуриштата, повторно се раѓа откако Чарлс Баскервил умира под мистериозни околности, а на сцената на злосторството е пронајдена шепа од џиновско куче.

Од Лондон, сега, се селиме на мочуришниот имот на Баскервилови, каде детективската палка ја презема доктор Вотсон, со цел да ја разоткрие мистеријата за смртта на Чарлс, но и да го заштити животот на неговиот внук и наследник на имотот, Хенри.

Низ наративот проследуваме синџир од мистерии, се чини дека дејството тоне и мистеријата се продлабочува, се до моментот на спојувањето на приказните, и обостраното презентирање на фактите и заклучоците на Холмс и Вотсон. Во оваа книга, доктор Востон, има значително активна улога. Резонира, размислува, заклучува, испрашува. Не е само потрчко, како во дел од останатите книги, кој носи полузаклучоци, иако така наговестуваше самиот почеток на книгата кога го анализираше бастумот.

Оваа книга беше послојна, покомплексна, сите значителни факти, постепено, беа истурени низ книгата и на крајот беа поврзани, во однос на "Студија во Скарлетна боја" која немаше (до толку) изразен детективизам, туку повеќе општа дедукција. Имаше дејство, имаше мотив, имаше акција и самото чудовиште не беше плод на имагинацијата, туку беше вистинско.
 

Darklady

Модераторка
Член од
29 октомври 2011
Мислења
5.530
Поени од реакции
34.792
Проклетството на Баскервилови

Книга преполна со мистерии и легенди за мистериозното проклество кое го следи семејството Баскервил. Шерлок Холмс и Вотсон добиваат задача да ја разрешат мистеријата која се крие позади мочуриштето во Дартмур. Привлечени од древните суеверија двајцата тргнуваат во потрага по логично објаснување што всушност се крие позади големото џиновско куче. Вечната броба помеѓу природното и надприродното и вистината и суеверието.
Испреплетени животни приказни, одлично разработени ликови, рационална детективска приказна. Книга која држи внимание од почеток до крај.

Според книгава е снимен и The Hound of the Baskervilles
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
3. "Знакот на четворката"

Приказната започнува со мистеријата за исчезнатиот татко на Мери Морстен, проследена со благородни поклони која ги добива секоја година од непознат дародавач, кој после години е спремен да ја раскаже вистината за смртта на нејзиниот татко. Тука одлучува да се консултира со Шолмс. Потоа се случува убиство и проследуваме трка кон лов на богатство. Чие богатство? Останува сами да прочитате.

Нешто што е интересно, досега ново, се симпатиите на Вотсон кон Мери, која подоцна ќе стане и негова прва сопруга, каде и константното полемизирање, до степен и деградирање, со самиот себе дали е достоен за неа.

Има една позначителна разлика меѓу серијата и оваа книга, кај опсервација која (во серијата) го остава доктор Вотсон замаен при сведочењето на имплементацијата на дедустичките методи на Шолмс. Во серијата се работи за анализа на мобилен телефон, во книгата за рачен часовник кој се предава од колено на колено, кој се наследува од таткото кон најстариот син.

И да, во оваа книга, Шерлок, е зависник од кокаин.

Иако најмала, нешто повеќе од 100 стр, па и одамна веќе прочитана, оваа книга ми беше најмалку интересна од досега прочитаните.

Од вечер одиме со нов писател!
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Се надевам дека ја искористивте Мураками манијата во книжарница Три затоа што следен писател на тапет ќе ни биде токму Харуки Мураками.

Од детективските романи се селиме кон магичниот реализам.

Мураками е јапонски писател кој, меѓу другите, ја има добиено престижната награда "Франц Кафка", но по неколкуте номинации, за жал, сеуште се нема закитено со Нобеловата награда за литература.

Дел од книгите му се плод на фикцијата, но во дел има автобиогравска нишка, кога зборува за својот живот и своите животни рутини ("За што зборувам кога зборувам за трчањето"). Оваа книга ја купив благодарение на едно видео на Јутуб каде читателката се обидуваше извесен период да ја имплементира утринската рутина на Мураками (трчање, пливање и пишување) со цел максимално да ја исцеди продуктивноста, а воедно и да живее здрав и спортски живот. Секако, оваа книга не е чисто автобиогравска, туку и филозовска.

Три објави т.е. преведе дел од едно негово интервју на кое одговара на прашањето за стандардниот тажен, депресивен, осамен и емоционално и егзистенцијално загубен маракамиев лик. А воедно, има и листа на негови омилени книги, дел и самиот ги има преведено на јапонски јазик.

Сите досегашни изданија на македонски јазик, се во издание на книжарница Три:
- За што зборувам кога зборувам за трчањето;
- Прво лице еднина;
- Јужно од границата, западно од сонцето;
- Безбојниот Цукуру Тазаки;
- Норвешка шума;
- Кафка на брегот;
- Хроника на птицата навивалка;
- Убиството на командантот;
- Играј, играј, играј;
- 1Q84 (том еден);
- 1Q84 (том два);
- 1Q84 (том три);
- Длабоко во ноќта;

На англиски јазик, секако, повеќето изданија можат да се најдат во Академска книга.

Со исклучок на 1Q84, книгите меѓусебно не се поврзани и се читаат индивидуално.

Во Клубот ја читавме "Норвешка шума" и навистина имаше убави реакции и рецензии. Се надевам на нови рецензии и позитивни реакции на делата од овој јапонски писател.

Во месец ноември читаме една (или повеќе) книга по избор од Харуки Мураками.
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
Од Артур Конан Дојл ја имам само „Авантурите на Шерлок Холмс.“ Ме мотивиравте со темава да почнам конечно да ја читам. За жал не стигнав ни да ја почнам, ама нема врска...:sramezliv:


Изборов за овој месец е полн погодок! Од Харуки Мураками имам сè. После Зафон, Мураками ми е уште еден од омилените автори. :)
Дел од книгите ми се читани, дел не. Не дека читањето го планирам некако, читам по расположение, но книгите на Мураками најмногу ми одат овој период - есен, доцна есен, зима. Дали е до атмосферите внатре во книгите, меланхолијата, не знам, ама баш добро ќе ми дојде да прочитам нешто од него месецов.

Ќе дадам апдејт, се надевам наскоро.
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
1. “Прво лице еднина”

Оваа книга претставува збирка од 8 кратки, меѓусебно неповрзани, раскази во кои авторот не носи на осторовот на изолационизмот на муракамиевиот, главен или спореден, лик кој или тоне во својата самотија, или се бори во своите демони или раскажува за своите предизвици.

Дел од расказите се приказ на мемоари од своето животно патешествие (како “Стихозбирката Јакулт свалоус“), а дел се плод на неговата фантазија каде имагинацијата и пркоси на реалноста, едноставно ги остава мислите на читателот да потонат во мистериозните води (“Крем“), а потоа ги остава во прашалници (“Прво лице еднина“).
Нема да се впуштам во анализа на расказите, ќе издвојам само два кои ми оставија најубав впечаток и, секако, контра тежа, оној кој воопшто не ми се допадна.

Книгата започнува со “Крем“, а воедно и секоја книга треба да започнува со најдобриот или најинтересниот расказ со цел да се задржи вниамнието на читателот. Овој е тој расказ. Начелно, главниот лик, ја раскажува приказната во прво лице еднина, добива покана за рецитал по пијано и заталкува при потрагата на адресата. За жал, истата, не ја пронаоѓа.Тука ми се појавува сликата на ликот кој седи на клупа, под рефлекторот од учичната светилка, со главата свиена надолу кон земјата и тоне во очај. Во тој миг на копнеж и тага, го согледува приказот на мудроста, претставен како стар човек, кој ја тестира неговата имагинација. Го бара кругот со многу центри без периметар. Прашање по прашање, катанец по катанец кој треба да води кон длабоко внатрешно осознавање. Често пати, во животниот лавиринт, во потрага си по едно, а наоѓаш нешто сосема друго нешто. “Се што вреди на овој свет не се добива лесно. Ако вложиш многу време и труд и ќе го добиеш тешкото, тогаш останува кремот на твојот живот“. Creme de la creme, најдоброто од најдоброто, уживање во плодовите од животот.

Вториот расказ, кој воедно е и најдолг, е “Битлси“, кој може да претставува и рамка за еден мини роман. Почнува со Битлсманијата, продолжува со доста неконструктивен разговот меѓу нараторот и братот на неговата девојка, каде немилосрдната судбината по неколку децении повторно ги составува.

Од друга страна, најголемиот отисок на магичниот реализам на Мураками има во “Чарли Паркер свири боса нова“. Воедно, додека се чита оваа книгава, позадински, за атмосфера, може да тече и музиката токму на Чарли Паркер. Зошто да не?

Седум од осум раскази ми се допаднаа, едноставно предосадна ми беше приказната за бејзолот (“Стихозбирката Јакулт свалоус“) која е вистински настан, секвенца од неговиот живот (описите се репетиторни и во книгата “За што зборувам кога зборувам за трчањето“ која ја читам во овој момент), воопшто не ми легна и едвај чекав да заврши. Претпоставувам дека и “Карневал“ е негов мемоар, во кој не учи дека книгата не треба да се суди по својата корица, иако на крајот има целосен пресврт.
 

Darklady

Модераторка
Член од
29 октомври 2011
Мислења
5.530
Поени од реакции
34.792
Спутник љубов - Харуки Мураками

„Зошто сите мораат да бидат толку осамени? Зошто е неопходно да се биде толку осамен? Зарем оваа планета се врти хранејќи се од човечката осаменост?“

Романов ми мирисаше на „Норвешка шума“.
Повторно се среќаваме со неговиот препознатлив стил на пишување и приказ на осаменичкиот живот во Јапонија, исполнет со самоизолираност и осаменост.
Целото дејство е обвиено со меланхоличен превез од соништа, чувства и ликови кои делуваат како духови што го запоседнуваат едноличното секојдневние и кои се обидуваат да избегаат од суровата реалност. Еден чуден триаголник од личности кои меѓусебно се надоврзуваат и испреплетуваат. Нараторот е вљубен во Сумире, Сумире е вљубена во Мју. Ликови со поинакви ставови и погледи кон животот, големи вљубеници во литературата и музиката. Во овој роман акцентот е ставен на класичната музика и на Џозеф Конрад и Џек Керуак.
Во првиот дел од романот ни е претставен животот на младата 22 годишна Сумире, која се заљубува во 17 години постарата Мју. Лезбејските описи, чувства и склоности, никако не можев да ги сварам :icon_mrgr:
Вториот дел веќе доаѓа до пресврт, каде што Сумире изчезнува, НО,,,

Пресвртот носи исчекувања за судбината, сосема непредвидлив до крај, ќе ве остави со подотворена уста „што всушност се случи“. Книга во која се претставени 2 страни. Едната е онаа реалната, а другата е страната на соништата.
Ако сте вљубеник во книги каде што цело време провејува тажен, депримирачки, меланхоличен ветер, тогаш ова е вистинска приказна за вас.

Според мене Норвешка шума останува неговиот најдобар роман :pipi:
 
Член од
29 ноември 2018
Мислења
15
Поени од реакции
44
„За што зборувам кога зборувам за трчањето“

Не можам да кажам дека ми се допадна којзнае колку, но ја прочитав и навистина направи да се запрашам - зошто бе јас не сум почнала да трчам? :ROFLMAO:

Како и да е, не се заљубив во трчањето, но од книгава и те како има што да се извлече. Ова е сагата на неговото раѓање како писател. Им дава мал sneak peek на сите љубопитни души, да ѕирнат во неговиот свет и бесрамно да си ги позајмат неговите техники и тајни.

Ми се допадна тврдоглавоста, упорноста. Желбата да се успее. Осврнувањето кон навиката, посветеноста на работите кои искрено ги сакаш, но и реалниот пристап - не секогаш се чувствуваш спремно и мотивирано, без разлика на активноста на која си ѝ се посветил. Некогаш ќе боли, некогаш ќе оди лесно, а некогаш ќе ти се сруши светот или ќе се соочиш со блокада па ќе мора да најдеш начин да излезеш од кругот пред да стане вртлог и да те проголта во еден залак.

Без разлика дали навлегува во магичниот реализам со неговата добро позната нарација, или зборува за своите најголеми љубови - трчањето и пишувањето - забавно е да се чита оваа друга страна од Мураками. Станува опиплив и реален, имаш чувство како да си седиш на кафе-муабет со него и ти раскажува... :pipi:

„Норвешка шума“ и мене ми е најомилена книга од него, а после неа се „Кафка на брегот“ и „Јужно од границата, западно од сонцето“. „Спутник љубов“ ми беше добра, ама не колку овие другиве.

Ми се допаѓа леснотијата на неговото пишување, начинот на кој тече неговата мисла. Толку лесно и едноставно, па воопшто и не е тешко да те обземе светот опишан во книгата. А и покрај тоа му успева да создаде многу слоеви и баш комплексни ликови и ситуации вредни за дискусија.
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Годината ќе ја завршиме со наш, македонски писател, уште еден од низата кои ги имавме и во Клубот.

Академик Петре М. Андреевски спаѓа во третата генерација македонски повоени писатели кој остави огромна трага во македонското културно книжевното богатство. Ако добро ме држи сеќавањето, една од првите лектири, во прво одделение, кои ги прочитав (покрај “Зоки Поки“ и “Снежана и седумте џуџиња“), беше “Касни порасни“. Книгата е мала, минијатурна, има 10тина еднострофни песнички кои се однесуваат за некое овошје. Како домашна задача имавме да научиме една песна напамет и јас ја одбрав “Лимон“. Беше меѓу последните песни во книгата. Мислам дека ја запаметив со 2-3 читања. Потоа, во некоја година средно, една од лектирните изданија ни беше романот “Пиреј“. Да бидам искрен, многу скептично пристапив кон читање на оваа книга и бев навистина позитивно изненаден. Делото лесно може да парира на сите современи светски класици. И уште нешто кое треба да се напомене, Андреевски премногу добро е запознаен со женската психологија, со наративната трансормација одлично ја доловува голготата на Велика (односно Невена во “Тунел“). Од она што можев да го забележам во неговите книги, покрај традиционалните нишки, книгите се облеани со тага, болка, јад и внатрешно страдање и мачење.

Покрај романите, има напишано и неколку стихозбирки, драми, раскази, есеи и книги за деца.

Најголемиот дел од книгите му се издадени од едни, па потоа се реиздадени од други издавачки куќи, како “Мисла“,“Штрк“ или “Наша книга“, и не можам да ги опфатам сите, ќе ги опфатам само последните изданија односно оние изданија кои ги има во промет односно можат полесно да се најдат (како онаа едиција од Табернакул). Ќе ги изоставам и драмите и стихозбирките за деца.

Романи:
Пиреј (Три) (Табернакул)
Скакулци (Арс Ламина) (Табернакул)
Небеска Тимјановна (Три) (Табернакул)
Последните селани (Арс Ламина) (Табернакул)
Тунел (Арс Ламина) (Табернакул)
Бежанци (објавена постхумно) (Арс Ламина)

Стихозбирки:
Јазли (Арс Ламина)
И на небо и на земја (Арс Ламина)
Дениција (Три)
Дални наковални (Арс Ламина)
Пофалби и поплаки (Арс Ламина)
Вечна куќа (Арс Ламина)
Лакримариј (Арс Ламина)

Збирки раскази:
Седмиот ден
Неверни години (Македонска книга)
Сите лица на смртта (Табернакул)
Боемите (објавена постхумно) (Арс Ламина)
* Во “Бежанци“, изданието од Арс Ламина, првиот дел од книгата е всушност стихозбирката “Јазли“, а вториот е романот “Бежанци“.

Воедно, има напишано и антологија: “Гризни го јаболкото: антологија на македонската еротска проза“ во издание на Магор.

Во месец декември читаме една (или повеќе) книга по избор од Петре М. Андреевски!
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
1. “Бежанци“

Последниот, и недовршен, роман на Андреевски, оставен во ракопис, зборува за голготата на македонскиот народ за време на граѓанската војна во Грција. Овој роман има се на се 50тина страни, густо збиени настани и живописни описи полни со солзи, тага и очај, овие 50тина страници имаат адекватна тежина како и секој негов завршен роман.

Го следиме патешествието на Словешта Масларова, нејзиниот патопис од нејзиното село, па се до Беласица, каде на градите го носи своето цицалче Ненад, а за рака ги води своите мали дечиња Воскра и Кате. Бега од нешто, од топовите, од војската, од гласините, од приказните, од теророт. Се навраќа на гнилежот на војната, на запалените села, на силуваните жените, на црвените реки, на црниот чад. Го колне Бог кој ги заборавил. Го колне народот кој не дава отпор. Ги колне однародените. И бегаат, бегаат од мракот, од огнот, од смртта.

“Грците не викаат Болгари, а ти му велиш Болгарите се во Болгарија... Од каде овде Болгари? Кај се нашле. А можеби и да има некој штракнат во главата, недоквакан родоотпадник, некој ништоверец, некој давајгаз, некој љоко, некој недоправен, недоносен, некој што никогаш нема да порасне, ни да прооди. Како што има и некој што сака да биде Грк или друго... Ама едно е да сакаш, а друго е да можеш да бидеш. Но, на сиромавиот ум се му е простено. Исто како и на безнадежниот живот. Има и такви кои за 24 часа, 24 вери ќе сменат. Само дај му еднаш да се најаде... Кој како ќе стаса, така ни ја купува душата. А да си ја продадеш душата, значи да си го продадеш името, децата, се... Да си ги продадеш и гробовите свои. Да знаеме кој не проколнал толку бездушно и непредвидливо, ќе одиме да го молиме да не отколне. Да си ја повлече клетвата. Да знаеме што ни е гревот, само со крст шред себе ќе одиме. Да не така нешто ќе исправаме, ќе окаеме.„

Дејството на книгата завршува со нејзиниот плач кога го закопува Ненад, кој има сипаници и целиот гори од температура. Потоа има краток пасус за крајот, каде ја владеат Беласица. Не знаеме дали Кате и Воскра го преживеале патот, не знаеме ни дали Словешта го преживеала патот, не знаеме дали избегале од смртта или смртта сепак ги пронашла. Дури и во самиот текст има белешки за неразбирливи зборови, сепак оваа книга е оставена во ракопис, Петре го напишал крајот, но не го дефинирал истиот. Можеме само да го претпоставуваме. Остатокот од приказната, до Белаците, припаѓа на имагинацијата на читателот.
 
Член од
3 март 2020
Мислења
2.408
Поени од реакции
5.049
Дениција, најубавата македонска љубовна поезија, за која Петре М. Андреевски не сакаше да дава интервјуа додека беше жив. :)
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.987
Дечки пред да преминам на следниот писател, со оглед на тоа дека целта ми е да се чита и да се дискутира, а времето е навистина доста крато, но и од денес веќе планирам да лансирам уште еден читателски предизвик, од овој месец па натаму временската рамка за читање од еден месец се продолжува на два месеци. Така наместо 12 предизвици годишно, ќе имаме 6. Или уште попросто, ќе имаме два месеци за еден писател. Со оваа измена, се надевам дека од оваа година ќе има нешто поголем интерес. Секако, треба само да се прочита една книга од конкретниот писател за тие два месеци. Втора промена, која сакам да се имплементира, е да има анкета, каде самите членови ќе предложуваат и избираат што сакаат да читаат. Тоа накнадно ќе се договориме од март.

Уште еден Клупски писател, Орхан Памук, постмодернист и нобеловец.
Едно време беше актуелен и поради своите политички погледи. Влезе во конфликт со турските власти затоа што отворено зборуваше за геноцидот на Ерменците кои се случил за време на првата светска војна. Тоа е слаба точка на Турција, посебно на власта предводена од Ердоган. Под притисок на меѓународната јавност беше ослободен од сите обвиненија.“
Тоа го напишав во Клубот, повеќе ако се развие дебата.

За литературата достапна и преведена на македонски јазик, книгите на Три, Магор и Матица се достапни, ги има во тираж, за разлика од оние на Табернакул кои може да се најдат на старо (и тоа навистина доста тешко) и по подобро снабредите библиотеки. Лично планирав да прочитам една, “Снег“, а по една доста исцрпна рецензија на Златко, сакам да ја прочитам, секако ако ја најдам, и “Музеј на невиноста“. Во спортивно, ќе одам со некоја веќе достапна алтернатива од Арс Ламина.

Преведена литература на македонски јазик:
“Црна книга“ (Три)
“Снег“ (Матица)
“Истанбул“ (Арс Ламина)
“Нов Живот“ (Арс Ламина)
“Белата тврдина“ (Арс Ламина)
“Жената со црвена коса“ (Арс Ламина)
“Се викам црвена“ (Арс Ламина) (Табернакул)
“Чудност во умот“ (Табернакул)
“Музеј на невиноста“ (Табернакул)
“Наивниот и сентименталниот романописец“ (Табернакул)
“Немиот дом“ (Табернакул)

Во месеците јануари и февруари читаме една (или повеќе) книга по избор од Орхан Памук!
 

Kajgana Shop

На врв Bottom