Тоа видео што кружи по фејсбук е лажно но за воља на вистината секоја петарда е опасна, дури и оние најмалите. Сите содржат многу енергетичен експлозив на метална база наречен флеш прашок. Сосема мала количина е доволна за детонација па затоа има петарди кои успеваат да детонираат и со 0.3 грама флеш прашок. Тоа е помалку од едно аспиринче..
Ако не ти е удобно да ги користиш петардите тогаш подобро немој да се обидуваш воопшто. Сите шеги на страна, ако не знаеш што правиш може да ти отиде раката баш налик на тоа видео што си го видел. Петардите што се палат налик на кибрит (обичните пиратки на пример) имаат еден вид на delay експлозив, па кога ќе ја запалиш, прво треба да изгори оваа спорогоречка delay смеса пред да дојде до флешот. Проблемот е што секој производител има свои стандарди за количините на експлозив. Некој може да стави повеќе некој помалку. Затоа имаш едни пиратки што пукаат за 2 секунди, а други пак за 6-7. Но ако е можно да има толкава варијација во горењето, кој ќе ти гарантира дека следната пиратка нема да пукне за 0.5 секунди? Нема да имаш доволно време да ја фрлиш...
Затоа ако веќе си решен да користиш вакви петарди, НИКОГАШ! не треба да ги држиш целосно во рака туку само со двата прсти на самото дно, колку што е можно подолу да ти биде раката. Колку за информација, врвот го палиш што значи спротивниот крај е дното. Таму обично има филери, амртоизери и слично. Тоа е оној "пикавец" што останува после експлозија, така да последниот 1цм е прилично безбеден. Се` над тоа е полно со експлозив, не сакаш прстињата таму да ги местиш.
Второ, иако пиратката дава впечаток дека може да се пали како кибрит, немој така да ја палиш. Има големи шанси кресивото да го излупиш и да остане помалку материјал за горење, а тоа значи побрза детонација. Секогаш пали ја пиратката со запалка и ВЕДНАШ фрли ја но јас лично препорачувам воопшто ни да не ја палиш во рака. Едноставно спушти ја на земја и таму запали ја.
Другиве петарди со фитилче се каде-каде побезбедни од аспект што го гледаш фитилот и знаеш одприлика колку време имаш. Овие фитили горат во просек од 1цм/секунда и ова време е доста константно. Од друга страна лошо е што овие петарди се надалеку посилни од обичната пиратка, па ако усереш работа со ваква петарда последиците ќе бидат далеку пострашни. Оваа петарда може да разнесе градежна цигла, замисли што ќе и направи на твојата рака.
Иако многумина од вас не веруваа дека ова ќе го слушнат од еден пиротехничар, јас стварно НЕ препорачувам да користите петарди доколку не се разбирате од пиротехника. Нашиве петарди се со сомнителен квалитет, производителите не следат никаква регулатива, нема никакви јасни стандарди и секоја петарда е различна па многу тешко е обичниот човек да стекне некакво искуство. Потребно е да ја дисекцираш секоја кутија за да ја откриеш структурата на петардата и да сфатиш со што си имаш работа. Затоа ако ептен сте решени да пукате тогаш стварно најдобро би било да ги ставите на земја подалеку од камчиња, шајчиња и слично бидејќи петардата знае да ги џитне овие при експлозија и да ги претвори во опасни шрапнели.