Орхан Памук

Член од
17 октомври 2011
Мислења
13.629
Поени од реакции
33.184
Орхан Памук е турски романописец, сценарист, академик и освојувач на Нобеловата награда за литература. Тој е најверојатно најпознатиот турски автор во историјата, со продадени преку 13 милиони книги насекаде во светот, преведени на 63 јазици. Роден е во Истанбул на 7 јуни 1952 во богата фамилија, 19но таква која го губи своето богатство многу брзо, за што Памук пишува во своите романи, но и во мемоарот „Истанбул: сеќавања и градот“. Студирал архитектура на Техничкиот универзитет во Истанбул, но не ги завршил студиите - го напуштил факултетот по 3 години за да се посвети на пишувањето и дипломирал новинарство на Универзитетот во Истанбул во 1976. До 30 години живеел со својата мајка и очајно се трудел да најде издавач за неговиот прв роман. За себеси вели дека е „Муслиман по наследство, кој се поврзува и ја почитува историската и културолошка идентификација со религијата, но не верува дека е лично поврзан со Господ.“ Денес работи како професор по креативно пишување и компаративна книжевност (my man!) на Columbia University.

1675511049758.png

Започнал со пишување во 1974. Неговиот прв роман: „Karanlık ve Işık“ („Мрак и светлина“) во 1979 ја освојува првата награда на весникот Milliyet за најдобар роман во Турција (доста престижна награда во Турција, нешто како нашата Роман на годината на „Утрински весник“ / Фондација „Славко Јаневски“, но со многу подолга традиција). Подоцна, во 1982, истиот роман е објавен под наслов „Cevdet Bey ve Oğulları“ („Господин Џевдет и неговите синови“). Овој роман, за жал, не е никогаш преведен на македонски. Ја раскажува приказната за богата истанбулска фамилија која живее во Нишанташи, населбата во Истанбул каде и самиот Памук израснал.

За романот „Господин Џевдет и неговите синови“ ја освојува и наградата Орхан Кемал за најдобар роман во 1983 (пандан на нашата „Стале Попов“). Неговите други рани романи, кои исто така се карактеризираат со сиров реализам / натурализам имаат освоено уште награди: Вториот роман „Sessiz Ev“ („Немиот дом“, преведен кај нас од Табернакул во 2013, превод од турски - Илхами Емин) во 1984 ја освојува наградата Madarali за најдобар роман, и наградата „Најголемо европски откритие“ во Франција во 1991, за францускиот превод на романот. Историскиот роман „Beyaz Kale“ („Белата тврдина“, преведен кај нас од Слово во 2006, превод од турски - Илхами Емин, и од Арс Ламина во 2019, превод од англиски - Томе Сиљаноски), објавен во Турција во 1985 во 1990 ја освојува Независната награда за странска фикција, со што неговата популарност надвор од границите на Турција енормно расте. На 19 мај 1991, The New York Times објавува статија со наслов - „Нова ѕвезда е родена на Истокот - Орхан Памук“.

Во 1990, романот „Kara kitap“ („Црна книга“, преведена на македонски од Три, 2012, превод од турски - Илхами Емин), станува еден од најконтраверзните и најпопуларни романи во турската историја. Подоцна Памук го пишува и сценариото за филмот „Gizli Yüz“ („Скриено лице“, 1992, режија Омер Кавур), базирано на „Црна книга“. Популарноста на Памук и во Турција расте, а исто така и контраверзиите поврзани со неговото име, зашто е отворен поддржувач на правата на Курдите. Неговиот петти роман „Yeni Hayat“ („Нов живот“, објавен кај нас од Култура во 1999, превод од турски - Фердана Елмазовиќ-Алтанај, и од Арс Ламина во 2019, превод од англиски јазик - Зорица Теофилова), во 1994 станува вистинска сензација со фактот што е најбрзо-продаден роман во турската историја.

По „Нов живот“ Памук во своите романи вметнува повеќе постмодернистички техники со кои се одделуваат од реалистичноста во романите од неговото рано творештво. Така, во 1998 го објавува романот „Benim Adım Kırmızı“ („Се викам црвено“, објавен кај нас од Табернакул (2007), превод од турски - Илхами Емин, од Магор (2012), превод од турски јазик - Илхами Емин и од Арс Ламина (2021), превод од англиски јазик - Снежана Вулгаракис), се мешаат мистеријата, романсата, историската фикција и философијата, дејството е сместено во Истанбул во 16 век, и е раскажан врз перспективата на различни ликови (меѓу кои и убиецот), животни и предмети (како коњот, или црвената боја на крвта). Според многумина, ова е делото кое на Памук му ја донесе Нобеловата награда, иако таа се доделува за цел опус, а не за конкретно дело.

Следниот роман „Kar“ („Снег“, објавен кај нас од Магор (2008), превод од англиски јазик - Благородна Анчевска), објавен во Турција во 2002 го опишува конфликтот меѓу Исламизмот и Вестернизмот во Турција, една од најчестите теми во романите на Памук, но тука претставена од една политичка перспектива.

По „Снег“ во 2006, ја добива Нобеловата награда за литература. Првиот роман кој го објавува по наградата е грандиозниот „Masumiyet Müzesi“ („Музеј на невиноста“, објавен кај нас од Табернакул (2008), превод од турски јазик - Ѓулнихал Исмаил), според мене неговиот најдобар роман, и еден од најдобрите во историјата воопшто, од тоа што сум прочитал. Романот и во Турција, исто како и кај нас е издаден во 2008. Ја следи љубовната приказна за една „забранета љубов“ помеѓу богатиот Кемал и неговата сиромашна, далечна роднина - Фусун. Романот е напишан врз основа на секојдневни предмети кои Кемал, Фусун и останатите ликови во романот ги користеле, па Памук создава вистински Музеј на невиноста, во населбата Бејоглу во Истанбул, наводно во куќата во која живеела Фуссун (иако ликовите во романот се измислени, не е напишан врз вистинска приказна). Во музејот ги сместува сите предмети кои се спомнуваат во романот: пепелниците во кои Фусун ја тресела пепелта од цигарите, креветот во кој спиела, фотографиите и картите од Истанбул од тоа време, огледалото од бањата, фустанот на Фусун кој Кемал најмногу го сакал, чашата од која пиела со кармин на неа, па дури и пикавците од цигарите кои ги пушела, а Кемал (наводно) ги собирал. Минатата пролет ми се исполни желбата да го посетам музејот и тоа беше едно неповторливо искуство какво што нема на друго место. Како да влегуваш во романот се чувствуваш, го проживуваш одново секој момент од секое поглавје и помислуваш дека по такво нешто - не е можно Кемал и Фусун да не постоеле навистина. Дури и сега кога го пишувам ова морници ме лазат по цело тело. За моето искуство таму пишував:

Магично е Џими! Неповторливо искуство. Се надевам дека желбата ќе ти се оствари многу скоро.

Инаку, во Музејот се влегува со книгата, ако ја имаш книгата, влезот е бесплатен, а инаку се плаќа 70 лири (околу 280 наши денари). Секој кој сака може да си земе audio tour, на англиски или македонски за само 10 лири (38 денари). Со застанување до некој блок во кој се изложени предмети и внесување на бројот на блокот во управувачот за аудио турата го слушаш гласот на Орхан Памук кој објаснува на што се однесуваат тие предмети, како ги пронашол, зошто се сместени во тој блок, и чита извадок од книгата во кој се спомнати предметите. Значи целото доживување е толку големо што буквално не може да се опише со зборови.
20220513_120657.jpg 20220513_121613.jpg 20220513_121626.jpg 20220513_121951.jpg 20220513_122045.jpg 20220513_124921.jpg 20220513_122459.jpg 20220513_124216.jpg 20220513_125451.jpg 20220513_122343.jpg

20220513_121549.jpg 20220513_122734.jpg 20220513_121914.jpg 20220513_130014.jpg 20220513_130103.jpg

По „Музеј на невиноста“ Памук го објавува романот „Kırmızı Saçlı Kadın“ („Жената со црвена коса“, објавен кај нас од Арс Ламина (2021), превод од англиски јазик - Снежана Вулгаракис). Во него прави паралела помеѓу класичната персиска приказна за Ростам и Сохраб и „Едип тиранин“ од Софокле, преку приказна за татковството, за љубовта, и повторно за Истанбул и за односот на Турција кон Западот.

Во неговиот најнов роман „Veba geceleri“ („Ноќи со чума“, се уште не е објавен на македонски) се враќа на историската метафикција. Романот е сместен во почетокот на 20 век, поточно во 1901 година, кога почнува падот на Османлиската империја, но султанот Абдул-Хамид освен бројните востанија организирани од христијанското население, има уште еден проблем: на еден (измислен) турски остров се појавува болест која брзо се шири и се заканува дека дополнително ќе ја разори империјата одвнатре.

Неговата библиографија:
Романи:
„Cevdet Bey ve Oğulları“ („Господин Џевдет и неговите синови“), 1982
„Sessiz Ev“ („Немиот дом“, преведен кај нас од Табернакул во 2013, превод од турски - Илхами Емин), 1983
„Beyaz Kale“ („Белата тврдина“,
преведен кај нас од Слово во 2006, превод од турски - Илхами Емин, и од Арс Ламина во 2019, превод од англиски - Томе Сиљаноски), 1985
„Kara Kitap“ („Црна книга“,
преведена на македонски од Три, 2012, превод од турски - Илхами Емин), 1990
„Yeni Hayat“ („Нов живот“,
објавен кај нас од Култура во 1999, превод од турски - Фердана Елмазовиќ-Алтанај, и од Арс Ламина во 2019, превод од англиски јазик - Зорица Теофилова), 1994
„Benim Adım Kırmızı“ („Се викам црвено“,
објавен кај нас од Табернакул (2007), превод од турски - Илхами Емин, од Магор (2012), превод од турски јазик - Илхами Емин и од Арс Ламина (2021), превод од англиски јазик - Снежана Вулгаракис), 1998
„Kar“ („Снег“,
објавен кај нас од Магор (2008), превод од англиски јазик - Благородна Анчевска), 2002
„Masumiyet Müzesi“ („Музеј на невиноста“,
објавен кај нас од Табернакул (2008), превод од турски јазик - Ѓулнихал Исмаил), 2008
„Kafamda Bir Tuhaflık“ („Чудност во умот“,
објавен кај нас од Табернакул (2014), превод од турски јазик Мелахат Алиевска), 2014
„Kırmızı Saçlı Kadın“, („Жената со црвена коса“,
објавен кај нас од Арс Ламина (2021), превод од англиски јазик - Снежана Вулгаракис), 2016
„Veba Geceleri“ („Ноќи со чума“), 2021


Други дела:
„Gizli Yüz“ („Скриено лице“), сценарио, 1992
„Öteki Renkler“ („Други бои“), есеи, 1999
„İstanbul: Hatıralar ve Şehir“ („Истанбул: сеќавања и градот“,
објавен на македонски од Микена Битола (2009), превод од турски јазик Есад Бајрам и Арс Ламина (2020), превод од англиски јазик Диана Николовска), мемоари, 2003
„Babamın Bavulu“ („Куферот на татко ми“),
говорот при добивањето на Нобеловата награда, 2007
„Manzaradan Parçalar: Hayat, Sokaklar, Edebiyat“ („Парчиња поглед: живот, улици, книжевност),
есеи, 2010
„Saf ve Düşünceli Romancı“ („Наивниот и сентиментален романописец“,
објавен кај нас од Табернакул (2013), превод од англиски јазик Андриана Драговиќ), книжевни критики, 2011
„Şeylerin Masumiyeti“ („Невиноста на предметите“),
каталог за Музејот на невиноста, 2012
„Resimli İstanbul - Hatıralar ve Şehir“, („Истанбул низ слики - сеќавања и градот“),
мемоари, 2015
„Hatıraların Masumiyeti“, („Сеќавања на невиноста“),
написи и есеи, 2016
„Balkon“ („Балкон“),
каталог на фотографии од изложба, 2018

„Orange“ („Портокалово“), каталог на фотографии од изложба, 2020

Што имате прочитано од Орхан Памук и што би сакале да прочитате? Ова е тема за споделување импресии од делата од еден од најдобрите книжевници на денешницата. Ја отворив зашто Памук ми е еден од петмината најомилени автори и затоа што Мураками има своја тема, а Памук не. Е па ај да видиме!
 
Последно уредено:

Kajgana Shop

На врв Bottom