Без оглед што жалбената постапка по ослободителната пресуда за
Љубе Бошковски во Хашкиот трибинал, според очекувањата на неговата бранителка
Едина Решидовиќ, ќе трае повеќе од една година, таа е убедена дека обвинителството нема шанси да ја смени пресудата. Решидовиќ вели дека постои расположение, но се уште не и конкретен договор со македонска влада за продолжување на одбраната на Бошковски откако обвинителството во Хаг најави жалба на пресудата. За случајот на Јохан Тарчуловски, адвокатката вели дека не може да го преземе поради можниот конфликт на интереси, но е убедена дека со добра подготовка неговата одбрана може да ја оспори пресудата за 12 години затвор бидејќи, како што тврди, таа е полна со погрешки.
Поднесена е жалба на ослободителната пресуда за Бошковски. Дали тоа беше очекувано?
Обвинителството во правило се жали на ослободителни пресуда, така што тоа е очекувано. Но, обвинителот најави жалба, а не ја поднесе, односно, не ја изјави до жалбениот совет и тука е грешка во денешните информации. По најавата на тужителот, тој има рок од 60 дена да ја изјави жалбата што значи до жалбениот совет да достави обемна документација со аргументи и докази со кои сака да ја оспори ослободителната пресуда. Грешка во информирањето е дека ќе има жалба по сите основи од обвинението. Обвинителот ќе се жали по два основи: затоа што смета дека судскиот совет цело време применувал погрешен правен стандард, поради што според него, судот погрешно оценил дека Министерството за внатрешни работи ја извршило својата обврска во моментот кога ги известило надлежните правни органи за случајот. Алтернативно, ако се докаже дека тој стандард е точан, обвинителот ќе тврди дека Бошковски не презел сите потребни мерки.
Како тече процедура во која треба да се оспорат тврдењата на обвинителството?
Процедурата тече така што, како што реков, обвинителот за два месеци до жалбениот совет треба да достави жалба со сите елементи и докази врз основа на кои ги темели своите тврдења. На таа жалба, одбрана треба во определен рок до жалбениот совет да даде свое мислење што, исто така, е во обимен материјал, често и по неколку стотини страници. Жалбениот совет ги разгледува материјалите и во рок од 6 месеци свикува усна расправа на која присуствуваат сите страни, по што донесува пресуда. Пресудата може да биде различна. Жалбениот совет може да ја потврди пресудата, но и делумно или целосно да ја измени.
Во меѓувреме,
жалбениот совет може да разгледува и нови докази, од едната или од другата страна, но тоа, во пракса, се навистина ретки случаи. Досега, тоа го имавме само во случајот Блашкиќ.
Очекувате ли потврда на Вашиот успех во одбраната на Бошковски?
Независно од тоа кој ќе ја продолжи одбраната, јас сум сигурна и тоа го тврдам, дека двата основи по кои е најавена жалбата се погрешни и тоа веќе е докажано и во досегашното судење. Бошковски беше ослободен од одговорноста во моментот кога предметот е доставен до рацете на надлежните судски органи. Што се однесува до други мерки, Бошковски не само што ги презел сите нужни мерки, туку тој сторил и многу повеќе.
Без оглед што таа постапка ќе трае повеќе од една година, убедена сум дека обвинителството нема шанси да ја смени пресудата.
Зошто резерва околу тоа дали ќе продолжите со одбраната?
Бошковски имаше свој бранителски тим до изрекувањето на пресудата. За сега, нема наговестување за измена на тимот и ние сме тие што ја примивме најавата од обвинителот.
Но, со изрекувањето на пресудата, нашиот договор за финансирање со македонската влада истече и сега треба да се склучи нов за продолжување на одбраната. Според разговорот што го имавме со премиерот
Никола Груевски, владата е подготвена да ја продолжиме соработката во одбраната на Бошковски.
По Вашиот успех со Бошковски, имаше информации дека ќе ја преземете и одбраната на Тарчуловски?
Ниту јас, ниту еден член на одбраната на Бошковски не може да биде ангажиран во случајот Тарчуловски поради можен конфликт на интереси. Реално, конфликт во случајов нема, но правно е недозволиво некој од нас да се вклучи во одбраната на Тарчуловски, дури и да немаше жалба и пресудата за Бошковски веќе да беше правосилна.
Што очекувата од овој случај?
Верувам дека одбраната на Тарчуловски ќе може да ја оспори пресудата по бројни основи бидејќи таа има повеќе грешки.