06. Јуни 2008 -
Грција сурова кон азилантите
ЕУ со критики кон Грција за односот кон имигрантите
Грција е обвинета за систематско малтретирање злоупотреба и измачување на барателите на азил кои се обидуваат да влезат во Европската Унија.
Ова го велат неколку организации за човекови права кои од Норвешка побараа да запре со враќањето на незаконските имигранти од нејзина територија во Грција, ако од таму дошле во оваа земја, а и другите земји се поттикнати да ги притиснат грчките власти да престанат со наводните злоупотреби.
Овој извештај од Пол Хенсли почнува со зборовите на ирачки бегалец кој опишува како со него се однесувала грчката полиција:
„Тие ми ги врзаа рацете за нозете и тогаш ме одвлечкаа до прозорецот. Тоа ми го правеа од утро до мрак. Висев на прозорецот и се тетеравев за целото тоа време, а тие ме тепаа".
Многумина не сакаа да ја слушнат оваа приказна на Ирачанецот - се' додека тој не си најде нов дом во Норвешка.
Рани од Багдад и Грција
Роди Сувеини има белег на рамото од ранување во Багдад.
Другите повреди на неговото тело, како што вели, му се здобиени во Грција преку која се обидел да влезе во Европската Унија.
Им платил на луѓе да го префрлат преку турско-грчката граница.
Кога влегол во Грција веднаш бил уапсен од полицијата, која како што вели, воопшто не била заинтересирана за неговите барања за азил.
„Кога отпрво почнаа да ме дават, јас не реков ништо. Но кога почнаа да ме туркаат на земја јас почнав да им викам да престанат. Јас сум од Ирак, јас сум од Ирак, им велев.“
И што се случи потоа?
„Тие продолжија да ме удираат по лицето “
За време на шесте недели колку што бил во притвор, Роди вели дека бил држен во страшни услови.
Дека тој, како и други 600 луѓе со кои бил затворен во една сала сето време биле болни, измачувани од стомачни болки, инфекции на лицето и вошки.
Откако бил ослободен и му бил даден рок да ја напушти Грција, неговиот пат го водел кон Италија, па преку Белгија и Шведска до мирните улици на Осло.
Норвешка не упатува назад кон Грција
Сите европски земји имаат право да ги вратат барателите на азил назад во земјите од кои прв пат влегле во Европската Унија.
Сите земји освен Норвешка редовно ги враќаат барателите назад во Грција.
Но норвешката влада вели дека итно сака доказ дека човековите права во Грција на овие луѓе не им се узурпирани.
Атина се брани дека не може да ги контролира морските граници
Берит Лидерман е од норвешкиот хелсиншки комитет- една од организациите кои ја убедија владата во Осло да ги суспендира враќањата на овие луѓе во Грција.
Таа ги посетила така наречените „Прифатни центри"за мигрантите во Грција и вели дека се згрозила.
„Грција е европска земја. Ние би требало од неа да очекуваме со овие луѓе да се однесува поинаку. Она што ние го видиовме во Грција е исто она што можете да го видите во земји со кои ние не сакаме да се споредуваме. Тука зборувам за земји со режими кои ги измачуваат луѓето- и ова не можеме да го прифатиме среде Европа".
Атина не сака да слуша
Но во Атина, на забелешките на Берит Линдерман не им се верува многу.
„Не го прифаќам она што го тврди оваа госпоѓа. Можеби била измамена" - вели Анастасиос Андрулакис, генерален секретар на одделот за грчката јавна безбедност, во министерството за внатрешни работи.
Тој е одговорен за третманот на имигрантите.
Тој потенцира дека Грција е толку блиску до Блискиот Исток и со стотици илјади километри крајбрежна линија никој не може да очекува од неа сама да се справи со огромниот прилив на луѓе секоја година.
Андрулакис ги отфрла обвинувањата за злоупотреба и измачување, па дури и откако ќе му предочите дека тие показатели се изнесени од УНХЦР, Советот на Европа и Грчкиот хелсиншки комитет:
„Сите овие обвинувања се засноваат на исклучително на изјави дадени од оние кои веќе биле лошо третирани, но не постои темелна истрага за тоа дали нивните обвинувања се реални.Секако дека ќе го процесуираме секое обвинување кое е изнесено пред нас и секако дека ќе имаме нулта толеранција за какви било злоупотреби.“
Омонија - област на дојденци
Грција е земја која што штотуку учи да се справува со имиграцијата на ова ниво- ниво кое веќе му е познато на Западна Европа.
На плоштадот Омонија, една голема доселеничка област во грчкиот главен град, луѓето велат дека ситуацијата се граничи со нова напнатост.
„Има луѓе кои ја водат нашата земја и кои мислат дека е исправно да се краде и да се узурпира.“
„Во последните десетина петнаесет години Грција се наполни со имигранти. Имаше сериозен прилив на имигранти. Јас мислам дека треба да има некаква контрола.“
Сте чуле ли во медиумите за тоа дека барателите на азил се третирани лошо од грчката полиција?
„ Па ова е ужасно Тие не не прават горди на нашата полиција. Верувам дека грчките полицајци не се толку агресивни. Тие се обидуваат да си ја вршат работата и само работата.“
„Не им верувам на медиумите. Не сакам да верувам дека нашата полиција е толку лоша“.
Следниот месец во Брисел од членовите на Европскиот парламент ќе биде побарано да не ги враќаат барателите на азил назад во Грција.
Тогаш можеби ќе стане јасно дали обвинувањата за систематска злоупотреба се само резултат на чувствителноста на нордиската свест.