Народна лирика

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
И игpите на животните и инсектите се опеани на соодветен традиционален начин. Во песната Комар ми свирка свиреше (Тахов, ц. 147) на орото се собрале скакулци: ”Рипале сите, скокале, / и со уста си свиркале, / за да се чуе далеко.” Го дочул штркел, дошол сеир да гледа ”и им се пушчил да зоба, / како кокошка пченица; / орото му го расипал, / и тој си бапка наполнил.”
Во некои хумористични песни се вклучени и човечки ликови, за да се исмејат:

Комар мува водеше, водеше,
за два заба врзани, врзани.
Комар мува тегнеше, тегнеше,
како крава јалова, јалова.
Збирајте се селани, селани,
да колиме мувата, мувата!
На комарот месото, месото,
а на попот кожата, кожата!

Сакани теми во хумористичните песни за животни и инсекти се и нивните меѓусебни пријателски или непирјателски односи. Композицијата на сите песни почива, главно, врз принципите со кои се изградени и приказните за животни – врз средби и дијалози. Карактерните особини и црти на животните и инсектите се усогласени со човечките.
Од општиот фонд на традиционалната народна поезија се преземени сите поетски средства (епитет, споредба, хипербола и др.). Естетските вредности на хумористичните песни за животни и инсекти се скромни, но нивните алегориски пораки се приемливи и наполно разбирливи за народните маси.
Хумористичните песни во македонскиот народ се мошне популарни; тие се пеат од поединци или групно на разни седенки, на трудови процеси, на разновидни семејни забави и народни веселби, особено широко во народните игри – како ороводни песни на бројни народни ора. Токму оваа нивна значајна особеност е фактор многубројни хумористични песни се одржале речиси непроменети со векови. Народот ги поврзал со своите игри како релаксација од дневните грижи преку смеата и шегите со кои тие се проткаени.
Насекаде во Македонија хумористичните ороводни песни тематски се слични или еднакви со другите видови хумористични песни. Врз старо-младо, меѓу најпознатите песни за старите дедовци се смета ороводната песна Лош дедо, што несомнено е инспирирана од прастариот обичај на нашите далечни прадедовци: старите луѓе да ги носат в планина, односно да ги отепуваат, кога веќе не можеле да стопанисуваат:

Го пратиле дедо в планина
мечките да го изедат...
Ете го дедо кај иде –
полна му торба мечиња!

И следнава ороводна песна е позната:

Е бре дедо, ерген дедо,
педа човек, лакот брада,
везден одиш, везден шеташ,
голо босо низ саборо,
везден гледаш по момите,
како прчо по козите...

Широката тематска страна на хумористичните ороводни песни Љубица и Даница С. Јанковиќ во своите истражувања на народните игри во Македонија посебно истакнале дека во Охридско ”шеговити песни за игра има релативно најмногу”. Заедно со Влад. Р. Ѓорќевиќ тие ги обработиле кореографски и мелографски најпознатите охридски ороводни песни:

Се посврши Дранда мома,
Прела баба три вретена,
Ставре ми се ожени,
Набедили сирома Ивана,
Станала ми стара баба,
Ми свршија,
Чудо стана по света,
Чудила се мала мома,
Мома момче измамила,
Тича дедо по полјана.

Песната Прела баба три вретена припаѓа на кругот песни за дедовците – бабите:

Прела баба три вретена,
и однесла на пазара,
и продала за три пари,
си купила педа човек,
си го клала во скутина.

И избрани хумористични песни за разни животни или инсекти се користат како ороводни песни. Шегите и смеата во овие песни посебно се потенцираат со рефрените и извиците:

Се посвршил цуцул-јунак,
зеташина за девојка,
чучулига-тресопатка, путонога,
ој гуј, гуј, гуј, гуј!...
Ми поканил сто сватои –
се врапчиња џивџанчиња.
Ми тргнале по невеста,
по грутките, по трњето...

Поинтересни се хумористичните ороводни песни со мотиви од секојдневниот живот. Лазарополската песна Ори, моми, буковки е проткаена со драмски и еротски елементи:

Ори, моми, буковки, мори, буковки,
как вадите пиперот, леле, пиперот?
- Ете, вака, вадиме, леле, вадиме...

Во орото следува чучнување на момите – играорки, за да прикажат како тие го мочаат, итн.
И песната Ставре ми се ожени се користи во орска игра. Ставровата жена трошела многу пари за своето токмење, па мажот се обидел да ја одвикне удирајќи ја со маша по главата:

- На ти, жено, капела
капела од две лири,
одзгора со пердуви!
На ти, жено, чадорче,
чадорче копринено...

Од наведените примери јасно се согледуваат битните одлики на хумористичните ороводни песни: творечката смисла на народот одделни животни проблеми и искуства да ги вообличи со избалансиран хумор, суптилна иронија и остар сарказам, што непосредно никого не загрозува.
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Љубовна народна поезија

Во македнската народна лирика, љубовните песни имаат централно место по бројност, по извонредно богата сижетика и поетика и по вредност. Кога се слушаат, тие пленат со силината на чувствата и богатството на поетските слики и облици. Во своите изблици и конкретности врз совршена складност на зборот и ритамот (звукот) – со ненадминати структури на стиховите, со оригинални и навидум невозможни идеи, формули и преобликувања, љубовните песни откриваат уникални естетски достигнувања. Во нив се опеани различни душевни состојби што љубовта може да ги предизвика: од љубовните задевања, скришните мечти и еротските мисли – до среќната или несреќната љубов и другите нејзини пројави, со чудесни слики, што често на неповторлив начин ја сврзуваат реалноста со мечтаењето, можното со невозможното, познатото со непознатото, јасното со скришното... И се во една зачудувачка контрастна испреплетеност.
Нашите љубовни песни можат да се групираат во поголем број тематски циклуси и гнезда:

- за младоста (моминството и ергенството),
- за љубовните задевања, копнежи и посакувања,
- за убавината на либето,
- за разновидните љубовни пројави (остварена љубов, несреќна љубов, неверна љубов, недозволена љубов – родоскрвна или со туѓинци и сл.,
- за грабања и бегства,
- за родителските односи кон љубовта на нивните деца,
- за хумористичната страна на љубовта, итн.

Во рамките на овие основни тематски циклуси постојат сототици разновидни мотиви со илјадници и илјадници варијанти. Во споредба со другите поетски жанри, љубовната народна лирика од појавата на првиот зборник на Стефан И. Верковиќ па до изданијата од нашево совремие, тематски и по бројот на објавените песни доминира. Во Зборникот на Миладиновци, на пример, групата Љубовни песни содржи 224 песни, што претставува добра третина од неговите објавени песни. Во современото монументално издание на народните песни од Пиринска Македонија, пак, исто така, од печатените 1557 песни скоро една третина се чисто љубовни песни. Ако кон овие бројки се додадат и песните со љубовни мотиви од другите поетски жанрови, особено од свадбените и печалбарските песни, тогаш е јасна нивната голема улога и значењето во народното поетско творештво.
Љубовните песни генетски му припаѓаат пред се на нашето селанство, независно кога тие почнале да се создаваат и нивните развојни линии не можат со сигурност да се определат, иако е јасно дека никнале многу одамна. Со градските љубовни песни положбата е поинаква, тие се многу, многу помлади. Љубовните песни најтесно се поврзани со селскиот амбиент, а вљубувањата се случуваат обично на прв поглед на средби, на чешми и кладенци, на ора, во градини, на работни процеси.
Односите меѓу вљубените двојки можат да се квалификуваат како коректни. Љубовната врска се манифестира и со прстенување што води кон женидба.
За македонската љубовна народна поезија многу се пишувало, без исклучок со највисоки оценки. Од нашите истражувачи големиот критичар Димитар Митрев истакнал дека: ”Од сите песни во кои е одразен секојдневниот личен живот на Македонецот, најмногубројни се љубовните. Тие се и најпоетичните – по тонот, по стегнатост на изразот и по својата тивка таговност. Стилот во кои се напишани ги одликува реско од останатите народни песни. Додека, често, реализмот од другите народни песни преминува во рескост и во натурализам, а понекогаш и без романтични обележја, реализмот на љубовните народни песни е секогаш образен и секогаш емотивно наситен, со примеси на здрав романтизам, со постигања на еден совршен поетски израз, а секогаш со еден потцртан стремеж кон завршеност на мислата и чувството”:

На друм легнав, мајко, на друм заспав,
друм постела, мајко ле, друм перница,
штом си легнав, мајко ле, и си заспав,
на сон видов, мајко ле, малој моме,
променето, мајко ле, облечено,
с свилен појас, мајко ле, препасано.
Кажи ми, мајко ле, што ми мислиш?
Дали мислиш, мајко ле, да ме жениш?
Пуста самос, мајко ле, не се трпи,
сам легнувам, мајко ле, сам станувам,
на полноќ се, мајко ле, разбудувам,
малој моме, мајко ле, побарувам.

Критичарот Душко Наневски, пак, во неговата спомната антологија Љубовни народни песни, во предговорот ја открива и луцидно докажува магијата на песните, всушност богатствата на безбројните уникални метафори во нивните стихови.
Љубовните песни се разновидни од тематска гледна точка, секој циклус за себе, и се изградени врз одредени посебни традиционални творечки принципи. Во нив лудото младо е млад орач или, почесто, младо овчарче, кое љубовта кон саканата мома чудесно ја искажува, чувајќи го своето стадо големо:

со меден кавал свиреше,
Димана ми ја славеше.

Но, убавината на момата (и момчињата), како сакан љубовен мотив, нема димензии, таа се искажува со куси описи или со прашални форми. Фасцинирано од убавината на сретнатата мома, момчето ја прашува:

- Од бога ле си паднала,
ф градина ле си никнала,
та си толку убава?

Одговорот на момата е реален:

- И мене мајка родила,
и мене како тебека,
на голем ден Велигден,
на Ѓурѓовден сам крстено,
пресно ме млеко доила,
кравјо ме млеко мажала,
за тој сам бела црвена,
за тој сам толку висока,
за тој сам толку убава.

Во одговорот на момата нејзината убавина е објаснета според општата претстава на нашето селанство: убавината да се поврзува со идната социјална функција што здравите моми (”бела црвена”) ги очекува во бракот и семејството. Истиов мотив, во варијанти, пошироко и поетски поиздржан, ја опишува убавината на едно момче. Во песната Никола порти градеше, кадица го прашува:

- Нешчо искам да те питам,
ама право да ми кажеш,
шчо си си толку убаво:
од бога ле си паднало,
ф ливада ле си раснало,
та си си толку убаво?
Терзии ле те скроија,
сос аршин ле те мерија,
с ножици ле те секоја?
Златарје ле те лееја,
на кал`п ле те турија,
те си си толку убаво?

Меѓутоа, вистинската апотеза за убавината во македонската љубовна поезија претставуваат бројните варијанти на поетскиот мотив убаво моме род нема, што е безграничен и што ги крши дури и основните односи во семејните традиции: со обиди за инцест меѓу братучеди:

Стамено, пиле шарено,
убаво моме род нема,
длабоко море дно нема,
ситнана песок број нема,
јагне сугаре грев нема...

Во бројни љубовни песни расцутот на природата метафорично асоцира разбудена љубов, но прекрасната песна на Миладиновци Дојде време, дојде коа со расцутот на трендафилот ја искажува оваа поврзаност во сета нејзина реална широчина:

Дојде време, дојде коа,
да расцути трендафило,
да смириса сета земја,
сета земја Румелиска,
от Битољско до Прилепско,
от Прилепско до Велешко,
от Велешко до Солунско,
да го берет момињата,
да го редат на лесите,
да ги греат ергените.
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Љубовните песни се изградени врз совршена складност на зборот и ритамот со оригинални фасцинантни идеи, формули и изблици на најскришни љубовни копнежи, мечти и еротски мисли. Веќе чинот на вљубувањето и љубовниот занес, при средбата на момче и мома, се искажува со навидум обично прашање:

- Трено, вино ли се твојте очи,
вино ли се твојте очи?
Погледнеш ме, опиеш ме,
погледнеш ме, опиеш ме!
Трено, у кого си погледнала,
секому си болест дала.
Трено, кому два дни, кому три дни,
а на мене три години!

Или, нереализираната љубов:

- Ја опули се, моме мала,
на ваја тука планина,
шчо м`гла има на неа?
Да не ја речеш от бога,
току да речеш от мене,
това се мои здивои,
што здиа јаска за тебе,
а ќе изгора крај тебе.

Во друга песна момче прашува мома дали магија му сторила ”да што ми си срце умилила”, а таа одговара:

- Еј јуначе, црноок невене,
ја не сум ти магија сторила,
ни пак сум ти коња билјосала!
Магија се мојте црни очи,
блено билје мое бело грло!

Среќната љубов не признава граници. Младите се губат, а во некои песни момите настојуваат својата љубов да ја скријат од мајките. Во песната Мило Јане, мило добро, момата се враќа дома доцна од љубовната средба, кога веќе:

С`нце зајде и па пројде,
месечина зора даде
зора даде и огреја...

Момата се обидува да ја излаже мајка си дека се враќа од кладенците, што карвани ги разматиле, но таа ја знае причината за задоцнувањето и во варијантата От ка сме се Јанче заискали што има целосна реализација, љубовното врагување на ќерката мајката го опишува без осуда:

- Ој ле Јано, мила шчерко,
лажи, Јано, кој да лажиш!
И мајка је мома била,
и мајка је врагувала,
познава те по ќитката,
ќитката је повенала,
бело лице целувано,
ред петелќи раскопчани,
коленќе ти раскопчано,
фустанче ти југмечено,
ѓерданче ти разнишано,
руса коса размрсена,
бели дојки постискани.

Освен среќните љубовни, кои обично водат кон женидби, и неостварените љубови се опеани во бројни песни. Причините се сведуваат на одбивањето да се прифати предложената љубов:

- Девојко, девојко, моме црнооко!
Не стој спроти мене, изгореф за тебе!
- Гори, лудо, гори, гори, гори да изгориш,
Гори да изгориш, пепел да се сториш!
Мајка не ме дават, оти си сиромах...

Во нашата љубовна народна поезија на оваа релација се испеани и бројни песни во кои љубовните идили завршуваат несреќно поради одбивањето на родителите тие среќно да завршат:

- Девојко, мори девојко!
С лето мое, с пролет,
На есен туѓа одмена!
С лето сенка ти праеф,
студена вода ти носеф,
с блаѕи јаболка те ранеф.
Кога те видоф на коња,
ми дојде да се убодам,
та жал ми падна за мајка,
дека сум еден у мајка.

Грабежите на моми се чест мотив во нашата љубовна поезија, а причините се обично од економска природа. Грабежот значи принудена женидба. Во следнава песна од Костурско убаво се опишани чувствата на лудото и грабената мома:

Димка ми пери на тремо,
лудо ми греди јоздола.
- Подај ми, Димке, тро вода,
да си јоладам устата.
Димка ми даде ибрико,
лудо је фати за р`нка,
та си ја фрли над којњо;
како шчо ветар вејеше,
така си лудо бегаше,
така си мома плачеше:
като шчо м`нгла м`нглеше,
така си мома издишва,
като што с`нце грејеше,
така се лудо смејеше!

* * * * * * * * * * * *

Градската љубовна народна поезија започнала да се создава и да се развива врз благородната почва на традиционалните љубовни песни на македонското селанство со широко и сестрано користење на нејзините тематски и поетски достигања, од кои наполно не се ослободила.
Причината за овој факт се објаснува со социјалната структура на македонските градови во XIX век и последиците што миграцијата село-град ги предизвикувала. Доселените селани со време станувале се позначаен фактор во стопанскиот и културниот живот на градовите. Своите животни навики, старите обичаи и верувања тие лесно и брзо не ги менувале. Народните поетски творби, пак, им биле своевидна врска со нивните родни села што им служеле за забава и разонода.
Во времето на Преродбата дотогашните скромни пројави на градската љубовна поезија почнале да се засилуваат. Нејзината временска дистанца не може точно да се определи поради недостигот на конкретни записи. Оформена градска љубовна поезија нема дури и во втората половина на XIX век, бидејќи и животот на македонското градско население сеуште бил обременет со своите стари навики.
Споредбата на традиционалните љубовни народни песни со песните што можат да се именуваат како градски народни љубовни песни не покажува големи разлики. Безимените творци на градските песни законито и нужно се потпирале врз љубовната поезија на селото.
Во градските љубовни песни, за кои точно е напишано дека претставуваат ”бледа граѓанска алтернатива” (Наневски), со оглед на нивниот развој, сфаќањата и односите кон љубовта на младите се усогласени со тогашните градски животни услови. Наместо за убавината на момите и момчињата и нивните вљубувања и доживувања, во песните повеќе се пее за изгледот, натокменоста и богатството на момите, а младите ергени – занаетчии или трговци – не одат по момите на кладенци, за да ги одменат момите во носењето на нивните стомни со вода, на работа и на ора, туку седат на ќепенците на своите дуќани и оттаму ги следат момите. Популарната струшка песна На Струга дуќан да имам е своевидна поетска потврда за промените на тематскиот карактер на градските љубовни песни по однос на селските љубовни песни:

Што ми е мило ем драго,
на Струга дуќан да имам,
на ќепенците да седам,
на струшките моми да гледам...

Врз мал избор од градски љубовни песни од Зборникот на Миладиновци, што се најстари, убаво можат да се согледаат основните релации меѓу нив и традиционалните љубовни народни песни. Интересна во овој поглед е песната Пролетале два сиви сокола, во која ”личен Иво на ќепенек седи” со порезана десна рака. Соколите го прашуваат дали го боли раката, а тој одговара:

- Ајви вие два сиви сокола,
не болит р`чица десница,
тук ме болит срце за девојка,
што помина лична Материна,
та што беше лепа и убава!
Како што беше лепа и убава,
така беше лепо променета,
наредена динар по динара,
на уши стребрени менѓуши,
а на срце пафти позлаштени.
Ко помина близу крај дуќана,
динар тропна, мене срце клопна,
динар ѕвекна, мене срце трепни.

Иновациите во песнава јасно се согледуваат, а вљубувањата на богатите млади се мерат и со пари. Во песната Мила момо црнооко, таа седела во градината.

Под бела лоза на сенка,
под бела дреновина,
под солунска јадрина,
под бел црвен трендафил,
дробен бисер си нижи,
дробен бисер и флорини...

Таму поминало лудо младо и и предложило:

- Чин ми прелаз да помина,
јас при тебе да си дојдам,
двете ѓердан да нижиме,
дробен бисер и флорини,
очи да си размениме,
да ми дадиш црни очи,
да ти дадам сери очи...

Но, ако таа не е согласна, тој и нуди повеќе:

Сто флорини туралии,
се на синџир оковани.

Девојката го одбива:

- Море лудо, море младо,
не да дадеш сто флорини,
ток да дадеш сто товари,
не се очи разменуват,
твојте очи мој да бидат,
мојте очи твој да бидат.

Богатството се поврзува во градските љубовни песни и со традиционални љубовни поетски мотиви. На пример, мотивот за кроење на фустан на мома по мерка од сенка добива нов одговор кога момата го прашува шегарчето: ”дека ме мајстор видело, / што ми кроило фустанот”:

- Девојко, мори девојко,
кога одеше на бања
со дванесет робинки,
со тринаесет алајки;
робинки п`тот метеа,
алајки поли крпеа.
Тогај, девојко, мајстор ми
от сенка фустан ти крои.
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Но, некои песни укажуваат и на поетско сиромаштво во љубовните предлози на градските ергени кон момите при нивните средби:

Оф, леле, боже милечок!
не можа д`ода на пазар
от тие пусти бакали:
црни маслинки давает,
црни ми очи сакает!...

Во градските љубовни песни и социјално класната диференцијација од селските љубовни песни јасно е изразена. Наспроти на селската мома што спие на рогозина, на ”шарен одар” или на земја во природата и заспана, градската мома спие:

Во недеља на утрина,
на постели бамбакерни,
на перници копринени,
под јоргани бадемлии...

Развојната тематска и структурна линија на градската љубовна народна песна открива и некои нови, поинакви содржини и подруги форми на обликувањето – последица на образовните и културните придобивки на градското население. Овие промени се дожат пред се на литературното влијание и дотолку се повидливи, доколку се поблиски до нашава современост.
Поетскиот јазик на градските љубовни песни сосема малку е изменет, ретки се нови поетски форми и функции. Сепак, одделни песни имаат ритмички послободни стихови, а во некои се среќаваат строфи и рими (дури и внатрешни), што не е типично за традиционалната љубовна песна.
До крајот на XIX век развитокот на градските љубовни песни се движел, главно, во споменатите рамки и релации. Дури во овој век, во збирките што се печатени по Првата светска војна (Михајлов, Чешмеџиев, Киселиновиќ, Ѓорѓевиќ), особено во оние од нашево совремие (Црнушанов, Кауфман – Тодоров, во збирките на Институтот за фолклор од Скопје и др.) – веќе се објавени песни што се пооддалечени од традиционалната љубовна поезија.
Аналитичката споредба меѓу традиционалните – селски и новите – градски љубовни песни им дава примат на првите. Градските песни не успеале да создадат сопствена физиономија, сопствен стил и јазик, што целосно би ги диференцирал од љубовните песни на нашето селанство.

* * * * * * * * *

Кратките љубовни народни песни – натпевките припаѓаат на жанрот на народната љубовна поезија. Тие се на пат да се изгубат од народното поетство творештво ако се суди по единственото нивно истражување во македонската фолклористика.
Натпевките ги пеат групно моми и момчиња за разонода на работни собири (седенки, преденки, попрелки, лупенки и др.) и на жетварските и копачките трудови процеси, на кои тие заеднички работат. Секоја група во своите натпевки, најчесто импровизации, пее за љубовните односи во другата група. Всушност, обично неколку моми или момчиња ја сигнализираат симпатијата на некое момче или мома спрема некого, односно ги ”натпеваат”:

Шафар трева бучамиш,
кажи, Јано, шчо велиш?
- Бели раце разгртам,
та си Перо прегрнам.

”Натпевањето” понекогаш се прифаќа со скриена радост или црвенило на лицето – тогаш кога е погодена симпатијата – а друг пат со навреда ако е натпеана антипатија. Во вториов случај натпевката предизвикува лутење и желба за реванш со контранатпевка. Така се доаѓа до натпревар меѓу групите: која ќе пронајде повеќе антипатии и повеќе ќе ја разлути другата група. Импровизацијата со натпевките се сведува на вметнувања на имињата на момата и на момчето на кои таа се однесува.
Натпевките по содржина, по начинот на пеењето и по својата поетска вредност се прилично разновидни. Љубовни чувства, копнежи, страсти во нив скоро и нема, а доколку ги има тие се послабо изразени отколку во другите видови љубовни песни. Причината лежи во карактерот на натпевките, чија основна задача е да соедини двајца млади, донекаде и да се пошегува со нив. Освен тоа, натпевките најчесто ги пеат непосредно незаинтересирани пејачи, поради што во нив нема изрази на субјективни љубовни изрази. Одделни натпевки со поетски квалитети се пееле и индивидуално надвор од заедничките собири.
Меѓу натпевките доминираат вљубувањата и на првите моменти на љубовта. Неколку примери тоа убаво ќе го прикажат. Во следнава песна вљубените се вклучени во мотив што нема никаква врска со нив:

Сношти бев многу јадовна,
че либето ми немаше.
Отишол в гора зелена,
да сечи буки дебели,
да прави моста на Струма,
да мине цар и царица
и неговите дечица.
Не мина цар и царица,
тук мина мома и ерген.
Мома се врна, преврна,
Илјо си Зора прегрна.

Цвеќето е симбол на љубовта и во натпевките:

Цафнало бело кокиче
на Софкините прозорци.
Ѕаран си цвеќе цавтеше,
вечер го Мара береше,
та го на Митко даваше:
какво му китка мериса,
така и душа сака.

Шеговитоста во натпевките не е навредлива, се искажува мирно и обично се однесува само на еден партнер:

Која мома ели дреми,
ега да задрема?
Таралинка сама санка,
гиздава девојка,
Магда мома ели дреми,
ега не задреми?
Та кој ерген ќе испратим
да ја расшењава?
Таралинка сама санка,
гиздава девојка.
Васко ерген ќе испратим
да ја расшењава.

Поетиката на натпевките не се разликува од поетиката на љубовната народна поезија, а нивното потекло, според некои недоволно сигурни податоци од некои собирачи на народните песни од минатиот век, се доведува во врска со пролетните велигденски обичаи и песни и со ѓурѓовденските песни при лулања.
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Семејни песни

Семејните песни опфаќаат широк круг на типови мотиви од секојдневниот семеен живот, помеѓу одделни негови членови; во нив се сликаат чувствата и односите меѓу маж и жена, родители и деца, браќа и сестри итн.; во многу песни се прикажани односите меѓу снаа и свекрва односно меѓу свекорот и другите членови на нејзиното ново семејство: девери, золви и др. Речиси во сите семејни песни што се објавени во нашите постари зборници со народни песни, та дури и во песните што се пеат и во нашава современост, најдобро е претставен животот на македонското семејство од времето на турското робување, па тие прекрасно ги одразуваат патријархалните сфаќања на семејната и на здружената институвија – строго утврдени врз принципи што ги влечат своите корења од дамнешни времиња. Оттука, честите конфликти во овие односи, на пример судирот свекрва – снаа, понекогаш имале трагични последици.
Во целина посматрани, семејните песни ги одразуваат и карактерните, лични и социјално-општествени односи на нашите луѓе и нашиот народ низ одредена историска призма и врз спомнатата основа. Обработката на карактерните добродетели на луѓето, на нивната меѓусебна љубов, готовноста на најголеми жртви, особено на љубовта меѓу најблиските роднини е светлата страна на семејните песни. Но, во нив се пее и за темни, мрачни страни на семејниот живот. Освен страдањата што ги предизвикуваат болестите или смртта на блиските, и човечките пороци: љубомората, омразата, клеветата, неверството, лагата и сл. се најчестите причини за големи семејни несреќи.
Семејниот живот во песните е опеан од ”руљка до дупка”, како што тоа во народот се вели. Блиските рожбени, свадбени и тажачки песни, поради нивната поврзаност со бројни соодветни народни обичаи и обреди, во фолклористиката се издвоени како посебни жанри во семејно-обредната поезија.
Во македонското патријархално семејство домаќинот и домаќинката се неприкосновени раководители, па затоа тие и во многу семејни песни се носечки личности со реално сликање на нивните меѓусебни добри или лоши односи, онака како што тоа се случува и во практичниот брачен живот. И во нивните односи како родители кон своите деца и другите членови на семејството се опеани на иста релација. Од следниот прекрасен метафорички портрет на патријархално македонско семејство се доловува високата негова оценка како основно јадро во општиот народен живот и развој:

Овде дрво столовито,
столовито, грановито:
гранки му се до небеси,
а корења сура земја;
гранки му се мили снаи,
а корење синовите,
а вршките мили внуци.

Во семејните песни мотивите за женидбите се широко застапени и оформени врз спротивни желби, приоди, решенија. За женидбите на своите деца одлучуваат родителите, помалку таткото, повеќе мајката:

- Никола, море Никола,
дај мајка да те оглави,
оглави мајка, ожени,
дорде си младо зелено,
дорде ти руба прилега,
дорде те моми искаа,
дорде ти китки прашчаа.

Но, постојат и песни со барања од син (или ќерка) родителите да ги оженат. Блиско звучат следниве стихови на претходната песна, во кој син бара од мајката да го ожени:

- Жени ме, мајко, жени ме,
дури сум младо зелено,
дури ме моми сакает,
дури ми ќитќи праќает!

А заканувачки гласат следниве стихови на еден друг син: ”Ја ме жени, нане, прибери ме, / или ќе се, нане, калуѓерам!” (Михајлов, 282). И во двете песни мајките не се согласуваат да ги оженат синовите: годината била скапа.
Од семејните песни посебен интерес предизвикуваат мотивите за несреќните бракови на моми што нивните родители ги омажиле без да побараат од нив согласност. Во песните тие ги опишуваат со голема болка своите бракови и обично на мајките им упатуваат најтешки прекори и клетви, сметајќи ги за виновници за своите судбини. Бројни верзии има мотивот женидба за разбојник:

Седнала ми Ана на малата врата,
бела риза п`лнит, своја мајка к`лнит:
- Мајко, мори, мајко, да би ми не била,
та зошто ме даде на м`ж кесеџија,
дење кесеџија, ноќе арамија?
Ката ноќ ми носит се по еден нишан,
а ноќеска, мајко, до два ми нишана...

Но, внимание заслужува и мотивот за неприроден брак на возрасна сиромашна девојка за малолетно дете од богата куќа, не постаро од десетина години. Во нашето минато ваквите бракови имале само економска заднина: богата куќа добивала бесплатна работна рака! Но, свекорот често воспоставувал постојани сексуални односи со снаата – т.н. снахаштво. Следнава песна од Зборникот на Миладиновци е тажна и смешна слика на ваквите женидби:

... Како да дојдам, мајче ле,
срцево ми го изгоре!
Зетот е мочне малечок,
ах, ти ме зеде на душа!
Ката вечер тој, мајле ле,
на к`тот тешко заспиват,
на р`це јас си го кревам,
него в одаја го носам,
на три постели го клавам,
момче одвај се разбудвит,
р`це ми клаат в пазуа,
а не знајт да ме пољубит;
пак ми задремвит лудото,
как рудо јагне заспиват.

Мотивот за бездетство има различни верзии во кругот на семејните песни. Мајчината клетва како причина за бездетството на ќерката има повеќе варијанти. Во некои од нив таа како невеста сепак ќе забремени: Господ ќе ја услиши нејзината желба и ќе престори камен покрај море да продума, што бил клетвен услов (Молерови, 302). Во слична варијанта младата невеста која жали што е бездетна, ја смирува мажот:

- Егиди Јано, млада невесто,
многу без чедо, Јано, и ние;
ќе поминеме и ние вака,
јас ти се мољам, ти да не жалиш.
Никоја мајка чедо не к`лнит,
чедо не к`лнит, чедо да немат,
туку ни било касмет од бога.

Мошне интересен мотив е камуфлираната бременост со носење на ”опашан камен становит” девет месеци од безродна невеста (Црнушанов, 57). Вината за немање пород во некои песни му се припишува на мажот. Во песната Невесто, камо ти мошко детенце (Црнушанов, 393), таа на деверот му одговара: ”девет години как дојдов, / в постеља не сум легнала - / дења е коде овците, ноќа е коде коњите!” Во една друга варијанта, на прашањето зошто побегнала за мажот, таа одговара:

... Море, куќата е мошне арна,
кабаетот е во момчето,
море, кабаетот е во момчето:
мома легни, мома стани!

Некои бракови се среќни, но за нив помалку песни има. Брачните неверства се сакан мотив во семејните песни. Неверствата на жените и на мажите имаат една заедничка компонента: се случуваат кога мажот е на туѓина или во планина со своето стадо. Во песната Невесто, црвен трендафил (ММФ, I, 187) мажот се враќа дома ненадејно од гурбет. Неговата невеста со лаги го правда своето ”црвено лице”, ”раскопчаниот елек”, ”посланата соба со шише ракија”. Кога мажот го нашол и нејзиниот скриен љубовник ”со бело капче на глава, / со тенка пушка на рамо”, песната завршува со признанието на невестата:

- Лагите ми се свршија,
прво ме мене отепај,
после го него заколи.

Обвинувањата за неверствата мажите ги отфрлаат со клетви, што во некои варијанти се исполнуваат:

- Ако љуба, море, драга љуба,
да ми испрснат обе очи!
Уште речта, море, не дорече,
м`испрснае обе очи.

Семејните односи внатре во едно патријархално семејство не се исцрпени со досегашното нивно претставување. Во богатиот фонд на семејните песни и односите на релацијата свекрва – снаа се опеани врз бројни мотиви. Нивните односи се изразито лоши. Свекрвата е закитена со погрдни епитети: ”зла свекрва”, ”лоша свекрва”, ”врла душманка”. Од љубомора и омраза таа настојува да му ја одмилее на синот невестата со измислици, користи ”билки за омраза”, а во некои песни снаата дури ја отрула. Во песната Свекрва, лута душманка (Костиќ, 86) и ”с`нцето се запрело, / и оно чудо да гледа, / дека се млади остават.” Во подолгата песна Покарај ја, сину, невестата (Шапкарев, п. 563) нејзиниот епилог е трагичен: мажот жена си ќе ја завие во рогожа и ќе ја запали.
Односите сестра – брат имаат спротивна обработка. Доминираат поетски мотиви за безмерната сестринска љубов кон братот, што обично имаат баладна форма. Во песната, пак, В гора до два јаора сестрата прекрасно ја формулира својата љубов кон братот, како одговор на неговото прашање дали повеќе го сака својот маж или него:

... Ивано, сестро Ивано,
што е погоре од копје,
што е побрзо од пиле,
што е помило од м`жа?
- Иванче, брате Иванче,
погоре небо од копје,
побрзо око од пиле,
помил е братец од м`жа.
Братец е прстен позлатен,
м`жот е црвено јаболко.
Јаболко ќе си огниет,
од ковчег ќе го исфрла,
ќе си прескоча в градина,
друго јаб`лко ќе скина...

Во односите сестра – брат постојат и песни во кои нема трага од било каква сестринска љубов: таа го продава братот за ”белило и црвило” (Миладиновци, 651) или дури го отрува за да ги одржи своите љубовни односи со еден пијаница (Миладиновци, 262).
Од широкиот спректар на народните песни на релацијата сестра – брат бројни мотиви имаат баладна обработка со високи уметнички вредности. Такви се, на пример, баладите за преобразбите од жал за изгубениот брат (Миладиновци, 19 – Јана кукавица; Костиќ, 96 - Мила и Марко и др.) за сестринската саможртва (Миладиновци, 183), итн.
 
Член од
14 ноември 2005
Мислења
54
Поени од реакции
0
FortunE напиша:
Хумористичните песни се испеани според утврдените нормативи на народното поетско творештво, со стилски и композициски средства што се општи и за другите видови лирски народни песни. Во споредба со нив тие го немаат нивниот уметнички дострел. Во прашање се истите оние причини поради кои и во уметничката поезија хумористичните и сатиричните песни се ретка појава.
По потекло хумористичните песни спаѓаат меѓу помладите лирски песни; веројатно започнале да се создаваат во времето на родовото општество. Нивната тематика останала ограничена. Во почетокот острицата на смеата, на иронијата и сатирата, била насочена против неспособните луѓе, а подоцна се проширувала и на општествените нееднаквости и спротивности.
Основната задача на хумористичните песни е смеата. Затоа народот ги нарекува ”смешни” песни, иако во некои од нив честопати има малку смеа. Бројните човечки слабости, мани и недостатоци, кои во животот на луѓето се повеќе се множат, се основата врз која се гради смеата. Освен оваа група хумористични песни, во посебна група можат да се издвојат оние песни во кои ”јунаците” се животни или инсекти, слично на приказните за животни. Нивните дејства и постапки се прикажани слично или еднакво како човечките и алегориски ги исмејуваат пороците и недостатоците на луѓето, како и нивните субјективни чувства и стремежи при одредени згоди и незгоди во секојдневниот живот. Во овие песни има и поуки, но тие немаат примарно значење.
Во првата група песни најмногу се исмејуваат мрзливците, пијаниците, старците. Еве како една невеста ја пофалува ”работливоста” на своето момче:

- Имам момче работно,
на ден бразда ораше,
во неделата лехичка,
а в месецот погонче,
а в годината нивичка...

Слична пофалба добива од својот маж и ”работната невеста”:

Момче невеста фалеше,
имам невеста работна,
на ден си нишка тегнеше,
в недеља к`деља вретенце,
и во месецот пасменце,
во годината платненце...

Пијаниците мажи и жени се подеднакво сакана тема на остра сатира. Како прекрасен пример може да послужи песната О, ти, вино голо:

- Море чашо, бу чашо,
шчо ми бучиш на мене?
Ев`ти јунак за тебе!
Јас те тебе утнав,
ти ме мене кутна!...
О, ти, вино вато вато,
шчо си чудновато!
Кој те тебе пиет,
без невеста спиет...

Многу хумор содржат и следните стихови во кои мажот си ја наоѓал својата невеста во визбата: ”со главата под бочвата, / со нозете крај вратата. / Што ќе капне на земјата, / нека капне во устата, / што ќе капне на земјата, / нека капне во устата!”
Хумористичните песни за женидбите на дедовци и баби и за нивните вљубувања во моми или момчиња се опеани во бројни варијанти. Обично во нив дедовци – стогодишни се одлучуваат на женидба.
Во долгата песна Сто години ерген седоф ергенот се оженил на сто и десет години, но жената му се погодила болничава. Таа му бара понади, за да не умре: прво лубеница од Струмица, потоа бело грозје од Цариград. Дедото и ги купува бараните понади. На крајот, таа побарала:

- Море мажу, ако умрам,
фрлете ме во визбата,
со главата кај бочвата,
со устата кај чепчето –
шчо ќе падни на земјата,
нека падни во устата!

Во хумористичните песни поради желбата да се постигне повисок степен на хумор или сатира се користат рефрени, што имаат значајно место и во нивната музичка страна. Рефрените претставуваат дополнување на смислата на песните со ликови на луѓе, а рефрените во песните за животни се обични извици без конкретно значење.
И социјалната страна во животот на луѓето е сакана тема во хумористичните песни, што честопати е поврзана и со други мотиви. Сатиричниот опис на сиромаштијата во следнава песна доволно е јасен:

- Земи ме, Пено мори, што ми е мене,
дали не сме, Пено мори, ние чорбаџии:
куќа на два ката, тркало на врата,
крив е влезеш, Пено, грбав ќе излезеш;
сурија овци, девет се сите,
осом комшиски, една е туѓа.
Дали не сме, Пено, мори, ние чорбаџии:
деветмина браќа с едно рало гаѓи,
еден ги смакне, друг ги натакне,
дали не сме, Пено мори, ние чорбаџии?

Меѓу современите записи на хумористично-сатирични песни видливо е дека среде народот продолжуваат да уживаат голема популарност варијанти на бројни мотиви што биле запишани и објавени уште во 19 век, и дека истовремено се создадени и песни со нови мотиви:

Одоздола идат малите моми,
малите моми, моми армасани,
на магаре вјават, д`лзи нози мајат,
д`лзи нози мајат, тутун си пијат;
првум тија носат два товара жаби,
два товара жаби, три товари жељки.

Мотивот на оваа гевгелиска песна е инспириран од вносното собирање жаби и желки за продажба во првите години на слободна Македонија. Чудно е зошто ова станало предмет на смеа. Песната ја испеала група мажи. Интересно е, на пример, како се случило следнава хумористична песна да се промовира во лазарска песна:

Ракоите, ракоите, Лазаре,
свадба чинет, свадба чинет;
а желките, желките, Лазаре,
панаѓур бе, панаѓур бе.
Се собрале, се собрале,
си сватои, си сватои...

Во хумористичните песни за животни или инсекти, женидбата на нивните ”јунаци” е најсаканиот мотив во бројни варијанти. Женидбите обично се реализираат од присилни причини. Во песната Рак и жаба ”раче осмокраче” побарало ”убава невеста” за синот од ”жаба кречанога”, но таа го одбила, па рачето се налутило:

Си истргна сабја шеварлија,
да посечет жаба кречанога;
си истргна пушка безоица,
да отепа жаба кречанога.

Од домашните птици најпопуларен е петелот:

Петел свадба правеше,
чудо бре големо!
Врапци се сватови,
чудо бре големо!
Волкот е старосват,
чудо бре големо!

Во песната натаму и другите сватови (мечка, мува, болва) имаат конкретни улоги, а во следнава песничка коковчица раскажува ”чудо за чудење”:

Коковчице мила,
каде си ми била?
- Да ја сум си била
у Леѓена града.
Шчо сум си видела,
чудо за чудење!
Елена со чалма,
волкот со зердија.

Постојат и песни со адаптирани мотиви и познати стихови од љубовната народна поезија. Во песната Мома желка замената е очигледна:

Прошета се мома желка,
низ ливади, низ угари.
У среќа и ерген ежо,
истроши и рамна става,
изоба и црни очи,
избаци и бело лице,
измрси и руса коса,
искина и ѓерданите...



Ubavo, eden milion cut & paste citati + predolgi birokratski frazeologii/definicii nauceni napamet od nasite fakultetski profesori. Pretpostavuvam deka zatoa nemas svoe mislenje /objasnuvanje sto se "temnite paganski veruvanja" etc.

P.S. Ocigledno deka diplomskata ti bila/ili ke ti bide skoro. Kako i da e, ne prestanuvaj tuka. Doprva ke ucis mnogu raboti, pod uslov da ne si ignoramus (mediokritet), kako sto se tvoite profesori, se razbira.
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Koreni напиша:
Ubavo, eden milion cut & paste citati + predolgi birokratski frazeologii/definicii nauceni napamet od nasite fakultetski profesori. Pretpostavuvam deka zatoa nemas svoe mislenje /objasnuvanje sto se "temnite paganski veruvanja" etc.

P.S. Ocigledno deka diplomskata ti bila/ili ke ti bide skoro. Kako i da e, ne prestanuvaj tuka. Doprva ke ucis mnogu raboti, pod uslov da ne si ignoramus (mediokritet), kako sto se tvoite profesori, se razbira.
Со сета почит кон тебе, но темава не ја отворив за да дискутираме за темните пагански верувања и за факултетските професори. Отворена е за некои кои не знаат за народното творештво, за песните од зборниците на собирачите на нардони умотворби. Доколку имаш желба за тоа, слободно можеш да отвориш тема и да се дискутира околу тоа.


И да не се разбираме погрешно, темава (пак ќе напоменам) е за народна лирика.
 
Член од
14 ноември 2005
Мислења
54
Поени од реакции
0
FortunE напиша:
Со сета почит кон тебе, но темава не ја отворив за да дискутираме за темните пагански верувања и за факултетските професори. Отворена е за некои кои не знаат за народното творештво, за песните од зборниците на собирачите на нардони умотворби. Доколку имаш желба за тоа, слободно можеш да отвориш тема и да се дискутира околу тоа.


И да не се разбираме погрешно, темава (пак ќе напоменам) е за народна лирика.


Seta pocit i kon tebe, no sepak mislam deka ne se razbirame pogresno, naprotiv... Ako (vistina) mislis deka temata "Narodna Lirika" nema nisto blisko so "temnite paganski veruvanja", togas kako go objasnuvas, na primer, denesniot ("temen paganski") ritual na zrtvuvanje jare ili jagne pri gradenje kukja? Hristijanski li e?
Se pravi golema greska koga nasata "Narodna Lirika" ja vrzuvame samo so hristijanstvoto, ti teknuva:wink:

Se soglasuvas li deka tie sto ne go znaat naseto narodno tvorestvo treba da go naucat pravilno, od prva? Ako e taka, togas nema potreba da otvoram nova tema.

Nasite fakultetski profesori zasluzuvaat poseben osvrt/tema, ama za toa drugpat....
 

Kajgana Shop

На врв Bottom