Караманот Кербер на Божиновски е вистински пример за импозантноста на оваа раса
РАСАТА ЧУВАНА СО ВЕКОВИ ОД НАШИТЕ ДЕДОВЦИ ДЕНЕС Е ЗАНЕМАРЕНА
При првата средба со караманот низ вашите вени прострујуваат најразлични реакции. Мозокот ви вели дека треба да се плашите, но срцето одговара дека нема место за ништо друго, освен за восхит кон ова црно суштество. А кога ќе залае, тогаш навистина морници везат громови, планини се кријат в пештери и мирно спие гората, како што Марјан Костовски, коавтор на книгата „Македонско овчарско куче - караман“, ја опејува изворната домашна раса на ова овчарко куче, која е во изумирање.
Заедно со својот брат Влатко го основал Кинолошки клуб на Македонија и ги бара гените на оваа автентична раса на домашна почва, во обидот да се зголеми нејзината популација.
- Погрешно е мислењето дека името караман претставува турцизам. Тоа е всушност дел од македонската митологија, како што кербер е дел од грчката. Поради вековната сеприсутност на тоа црно куче во народните песни, не е случајно тоа што секогаш кога во бачилата ќе се роди црно куче, овчарите му го даваат името Караман - раскажува Влатко Костовски.
МАТИЧНА ОВЧАРСКА РАСА
Моментно во границите на нашата држава има околу сто кучиња карамани. На последната, трета државна изложба на македонско овчарско куче учествуваа 26 единки. Победи караманот Кербер на Сашо Божиновски, кој е вистински пример за импозантноста на оваа раса. Браќата Костовски се надеваат дека за неколку години ќе видиме изложба со најмалку 50 примероци.
Расата полека исчезнува, поради изумирањето на традиционалното овчарство.
- Со замирањето на овчарството исчезнува и потребата од караманот, а наша цел е да ги собираме тие последни единки од бачилата и да се обидеме да ја зголемиме популацијата. Караманите ги има во голем број македонски градови и села и, за жал, многумина што ги врзуваат за да им ги чуваат домовите не разбираат какво богатство всушност чуваат - продолжува Влатко.
Повеќето европски држави имаат матични раси на овчарски кучиња. На домашна почва како раса од овој тип се јавува и шарпланинецот, но него го делиме со Србија. Тоа значи дека ниту една буква во името не смее да се промени ниту, пак, делови од стандардот, без нашиот сосед да се согласи со тоа.
- Сите држави си додаваат национална придавка пред домашната овчарска раса и на тој начин си ја промовираат земјата. Луѓето не се свесни дека додека се палат на расите како германски овчар и слично, занемаруваат раса што нашите дедовци со векови ја чувале, а која буквално изумира - нагласува Костовски.
КУЧЕ ЗА СИРОМАШНИОТ СЕЛАНЕЦ
Браќата Костовски се обидуваат да ја зголемат расата со размножување и создавање повеќе крвни линии. За да може да се спарат животните, тие не смее да бидат од исто легло.
- Џабе би земале три кучиња од едно исто бачило ако тие се во крвно сродство и не може да се размножуваат. Кинолошкиот сојуз издава и родовници на кучиња со непознато потекло, па откако тоа животно ќе се спари со друго куче чие потекло е непознато, тогаш за нивните потомци ќе се знае од чија крвна линија се. Овој процес продолжува додека не се исполни низа од шеснаесет предци - објаснува Влатко.
Расата е релативно скромна по своите барања, пред сѐ затоа што со векови живеела во скромни услови.
- Караманите на бачилата егзистирале во чопори, спиеле на земја и се хранеле со тоа што имало. Како и сите овчарски кучиња во Македонија, тие не бараат којзнае каква исхрана, овчарите ги хранат со качамак и со сув леб. Тоа е на некој начин куче на сиромашниот селанец, затоа што знае да помине со парче сува корка и потоа да си се снаоѓа наоколу. Нормално, кога се чува во поурбани услови, каде што не може да се снајде само и да си улови помал плен, тогаш мора малку да му се збогати исхраната - раскажува Костовски.
Иако постојат можности караманот да се чува и во урбана средина, Костовски не препорачува негово чување во стан. Тој нагласува дека, со оглед на тоа што станува збор за навистина големо куче со долги влакна, чувањето во стан ќе претставува мачење и за сопственикот, како и за кучето.
УПОТРЕБНА ВРЕДНОСТ
Намената на сите овчарски кучиња е, пред сѐ, да бидат чувари. При приближувањето на секаков месојад во близина треба да реагираат, без оглед дали станува збор за друго куче, волк или човек.
- Големи се потребите на македонската војска за кучиња, особено за граничната полиција. Тие моментно користат странски раси кучиња, како германски овчари и ротфајлери, а караманот е раса што е изворно растена, питома и здрава, што значи дека сетилата ѝ се добро развиени, а кога е службената употреба во прашање, овие карактеристики се клучни за полицијата. Нивното сетило за мирис е особено развиено, а тоа ги прави многу корисни при потрагата на дроги, експлозиви и слично - вели Костовски.
Последниот пат кога Влатко бил во посета на касарната во Ѓорче Петров забележал дека во неа има стотина кучиња. Тој нагласува дека е голема штета да се полнат државните институции што имаат потреба од кучиња со увозни раси, додека домашната изумира.
- Службите треба да пројават интерес, а ние сме подготвени да им подариме неколку кучиња. Макар и половина од кучињата во касарната да се карамани, полесно ќе дојдеме до таа зголемена бројка, што ние како клуб се обидуваме да ја постигнеме - појаснува тој.
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=51712943293&id=49&setIzdanie=22582#.U-IdwPDqrBc.facebook