Македонско овчарско куче - Караман

Член од
5 ноември 2010
Мислења
4.841
Поени од реакции
3.873
Со осамостојувањето на Република Македонија се појави разбирлива потреба за национално куче. Оваа сe уште неофицијализирана раса сe повеќе се омасовува меѓу Македонците. Всушност, овој вид куче не се создава денес, тоа е стварано долго време во дивата планинска природа во Македонија, па затоа сега можеме да зборуваме само за реставрирање на расата која, патем, е пред исчезнување. Зачувувањето на Македонското овчарско куче-караман е замислен повеќедецениски проект на браќата Влатко и Марјан Костовски.
Во почетокот, кога се појави идејата за зачувувањето на караманот, се појавија голем број пречки кои се обидоа да ја елиминараат оваа живототворна неимарска акција. Сепак, и покрај тоа, проектот продолжува и тоа со сe поголем интензитет.


210 24

Историјат

Македонското овчарско куче-Караман е автохтона раса чии прапочетоци се врзуваат за неолитските земјоделско-сточарски населби со кои изобилува Македонија, како и за локалните номадски движења. Оттогаш досега континуирано се одгледува како заштитник на стадата на цела географска Македонија-од Епир до Шар планина и од Солун до Пирин. Македонците негувале посебен култ спрема ова куче, така што неговиот лик често зазема видно место на античките монети на Македонските кралеви, на вазите, мозаиците и скулптурите, во записите на античките историчари и античките поети, во иконостасите на македонските манастири, како и во епските народни песни собрани од македонските собирачи на народни умотворби од ЏИЏ век. Тоа е, всушност, вистинскиот молос, куче кое го одгледувало епирското племе Молоси (племе од кое потекнува мајката на македонскиот крал Александар Македонски), а кое во античкиот свет било особено ценето и љубоморно чувано. Во чиста форма го зачувале Мијаците и Власите чиј конзервативен живот се одвивал номадски и полуномадски-во постојано движење од летните кон зимските пасишта и обратно. Поради неговата исклучителна храброст и верност, денес често го среќаваме како заштитник на стадата овци, но и како заштитник на лица и чувар на недвижен имот.

Општ изглед и особини
Куче со цврста, збиена конституција и со складни пропорции на сите делови од телото. Доста е подвижен, издржлив на физички напори и со изострени сетила. Разликата меѓу половите е видливо изразена. Мажјаците се покрупни, помасивни, робусни и со широка глава, додека, пак, женките се со помала и со поелегантна конструкција. Тој не е класичен терач на добитокот, туку негов неподмитлив заштитник за кој е готов да го жртвува и животот. Недоверлив е спрема непознати, со контролирана агресија која ја изразува тогаш кога тоа е потребно. Лаењето му е силно, длабоко и пробивно. Верноста му е главна особеност и се врзува за еден човек.
Височина: Кај мажјаците просечната височина на гребенот е 70 см., а кај женките 64 см. Горната граница не е ограничена бидејќи се пожелни поголеми примероци. Најниската височина на гребенот кај машките единки е 65 см., а кај женките 60см. Просечна тежина на просечен возрасен примерок во работна кондиција изнесува околу 50 килограми за мажјак и околу 45 килограми за женка.
Должина:
Должината на трупот кај машките кучиња е 9-11% поголема од височината на гребенот, а кај женските 11-13%.
Глава

Целосен изглед:
Главата е молосоидна од месоцефален тип. Гледано од страна, горната линија на муцката е права, а челното прекршување (стопот) не е изразен со нагло прекршување, туку постепено се издига во испакнат челен черепен дел. Линиите на муцката и на челото се меѓусебно дивергентни. Гледано од напред, челото е широко, суво, со изразена челна линија и очни лакови. Соодносот меѓу должината на муцката и на черепниот дел е 1:1,7 за машки и 1:1,6 за женки. Просечната должина на главата е 28,5 см. за машки и 27,2 см. за женки, или процентуално изразено таа е 40% од височината на гребенот.
Муцка:
Муцката е цврста со силно развиено и целосно ножичасто забало во кое има моќни, големи канини. Во нејзината основа широчината на муцката е еднаква на нејзината длабочина. Усните се прилепени, а аглите на усните се затворени и без набори. Носна печурка: таа е широка и црно пигментирана. Гледано од профил, незначително е понапред од усните.
Очи:
Нивниот облик е во форма на бадем, косо се поставени, при што медијалните агли стојат пониско од латералните. Пигментацијата на очите го опфаќа спектарот од костенлива до светло пченична боја. Погледот е пробивен, интензивен и исконски див.
Уши:
Тие се дебели, висечки, добро прилепени до главата и се во форма на латиничната буква в (в).
Врат
Широк и длабок, изразито долг, мускулест и добро поврзан со главата и со трупот. Гледано од страна, горната линија на вратот е благо заоблена, кожата е затегната и без фанони. Должината, мерено од потилокот до гребенот, изнесува околу 40% од височината на гребенот. Влакното на вратот е грубо, густо и остро со што го дополнува впечатокот на широк, дебел волчји врат.

Труп
Општ изглед:
Грбната линија на трупот незначително се издига од гребенот кон сапите. Должината на трупот во однос на височината на гребенот е поголема за 10% кај мажјаците и за 12% кај женките. Долната линија на трупот постепено се спушта од стомакот кон градите но иако градниот кош е длабок, стомакот не е премногу вовлечен, туку продолжува во истата линија на градната коска со незначително прибирање.
Гребен:
Гребенот е благо издигнат над грбната линија и прави цврст спој меѓу вратот и трупот.
Грб:
Грбот е прав, широк и цврст.
Сапи:
Незначително искосени во однос на грбната линија, која е хоризонтална што овозможува опашот да стои цврсто над грбната линија.
Граден кош:
Ребрата се долги и добро засводени. Гледани од напред градите се широки, а нивната длабочина, (нивната најниска точка) мора да е под лактите. Обемот на градниот кош треба да е околу 25% поголем од височината на гребенот.
Стомак:
Целиот е мускулест и незначително прибран. Слабинскиот дел е сразмерно краток.
Опаш
Опашот е правилно всаден во продолжение на линијата на сапите. Тој во коренот е дебол и силен со постепено стеснување кон врвот. Целосно е обраснат со густи влакна. Силно е свиткан над грбната линија во вид на прстен, а неговата должина е до скочниот зглоб на задните нозе.
Предни нозе
Предните нозе, гледани од напред, се паралелно но широко поставени поради широкиот граден кош. Тие се цврсти, масивни и складни, а височината на лакотот е приближно 50% од височината на гребенот. Плешката е широка, благо искосена, а силната мускулатура ја поврзува лопатката со трупот, вратот и со преостанатите делови од нозете.
Надлактица.
Зафаќа агол од 55-60 степени во однос на хоризонталата. Две третини од нејзината должина се прилепени до телото, но поради цврстата мускулатура, лактниот зглоб, кој ја поврзува надлактицата и подлактицата, е благо исфрлен нанадвор во однос на градниот кош.
Подлактица:
Овој дел е стрмен со прави, цврсти коски, мускулест и добро поврзан со дошепјето.
Зглоб на дошепје.
Тој е широк, цврст со многу благ агол на искосеност, а неговата должина е околу 1/5 од вкупната должина на подлактицата мерена од лакотот.
Шепи.
Шепата е широка и тркалезна, мачја, а прстите се благо подраширени. Јагодиците, табаните и ноктите на прстите од нозете се црно пигментирани. Табаните се тврди и отпорни на груб терен.
Задни нозе
Гледано од зади, нозете имаат правилен став, но затоа што бутот и преостанатите делови од нозете се видливо мускулести, на нозете им даваат изглед на коњски став.
Бутна коска- умерено долга и широка.
Потколеница-сразмерно долга, широка и цврсто преминува во скочниот зглоб.
Скочен зглоб-аголот кој го создава со спојување на потколеницата и на дошепјето е 140-145 степени.
Дошепје-силно, со или без заперци кои не треба да се купираат.
Шепи-заоблени, прстите се цврсти и нешто помалку подотворени од тие на предните нозе.
Од
Чекорот му е долг. Движењето му е лесно, комотно и одмерено. Галопот му е долг, умерено брз и карактеристичен.
Кожа
Кожата е дебела и прилепена за телото без знаци на лимфатичност. Пигментацијата на носната печурка и на сите видливи слузокожи е црна.
Влакно
Тоа е грубо и остро. Покривното влакно е долго, сјајно и остро, а под него се наоѓа заштитното подвлакно кое е кратко и густо. Во однос на влакната на трупот, влакната на задните делови од нозете, на вратот и на опашот се подолги, додека, пак, на главата и на предните делови на нозете влакната се пократки. Должината на влакната на гребенот е околу 7 см.
Боја
Дозволени се црна (најпожелна), темнокафеава, темносива и темно тигравата боја која се јавува во разни колористички варијации во кои доминира кафеава, сива или окер нијанса. Белините се дозволени, но не и пожелни. Тие можат да се појават на градите и тоа во најголем пречник од 30 см., потоа до средината на предните нозе, на шепите од задните нозе и на врвот од опашот. Притоа, на белиот фон треба да има дамки кои по боја се исти како доминантната боја на телото.
Мани
Лесни мани:
тркалезни очи, поголеми белини од дозволеното, зајачки шепи, сабјаст опаш, тесен и плиток граден кош, несразмерност на височината на гребенот со должината на трупот, згрбавен или седласт 'рбетен столб, вроден недостиг на заб, клешстасто забало, премногу кратко или предолго влакно, фанони, депигментација на видливата слузокожа.
Тешки мани:
олабавен прав опаш, Х-став на нозете, стрмни сапи, ниско всаден опаш, мали песјаци, слаб костур со недоволно развиена мускулатура, недоволно широк череп, долга и тенка муцка, предгризач или подгризач, олабавеност на кожата, плашливост.
Дисквалификациони мани:
нетипична боја за расата, недоволна височина на гребенот, неправилно држење на ушите, лимфатична конституција.
--- надополнето: 9 јуни 2012 во 20:56 ---
Сe уште се живи постарите овчари кои биле сведоци на големите подвизи на караманите. Еве една трогателна случка за еден караман кој го жртвувал својот живот за својот верен другар-овчарчето и за овците:


Караманот Карчо

"Секој ден се среќававме на еден поголем рид десно од селото: Трајче со неговото стадо, јас со мојте стотина овци, Спире со трите крави, Алим со селските говеда и Крсто со стадото од овци и кози. Бевме деца, без грижи со по петнаесетина години. Додека добитокот пасеше, скокавме, фрлавме камен преку рамо и разни други игри. Времето минуваше со смеа и со соништа за иднината. Се беше добро додека еден ден не се случи нешто од што коса се крева и од што човек долго време не може да си го прибере сонот ноќе на постела. Еве вака беше:
Таа сабота, есенска и студена, стигнав многу порано од другите на местото на кое се среќавав со другарите. Кавалот го извадив и засвирив. Стадото го облекло ридот во бела руба по малку попрскана со црни точки за да не му студи. Ми се чинеше како ридот по малку да се перчеше пред другите ридишта голи како издрскана сиромаштија. Дури и помислив како да заигра од среќа што беше завиено во мека преѓа. Старата крушка, до која бев потпрен, одамна била насадена и, како што кажуваа дедо и баба, од дамнина чувала тајни за самовили што излагале по некогаш и играле околу дрвото.
Се слушна завивање. Наеднаш се престана: и кавалот и перчењето на ридот и мојата занесеност. Изрипав како да сум седнал на крушкино трње. На сите околни ридови имаше по еден волк- вкупно четири. Нагоре високо удоле длабоко. Море како високо, на две на три рипнав на крушката и од око измерив дали може да ме дофати со скок некој од волците. Кога се осигурив дека не ми можат ништо, почнав да викам на цел глас за да ме слушне некој што ќе ме куртули од бељата. Ни пиле да помине, ни па другарите со кучињата да стигнат. Волците почнаа да колат. Овците паѓаа како детелина на косење. Кај најде татко да го врзе Карчота баш некни. За да не одел по кучки! Солзи ми потекоа кога ја видов калешка како паѓа цела во крв. Од мала ја одгледав, уште од кога умре мајка и додека ја раѓаше. Меот и го растргнуваа и крвта и ја локаа гладните волци. Снеможев од викање и кога веќе се помирив со судбината, од далеку гледам како трча Карчо накај мене и крвавото стадо. Како сетил дека барам помош, не знам. Ме фати жал и за него - ќе го растргнат волците, многу се. Да беше еден, пак некако. Додека беше помлад, еден волк сам имаше удавено. Кога кучето стигна, само занемев и почнав да го гледам мегданот без да земам воздух. Ми се чини дека се беше застанато, целата слика како да беше замрзната.
Карчо ја дигна опашката, се накостреши за да изгледа поголем и во еден брз миг се нафрли врз најблискиот волк кој беше доста крупен. Го фати за половината, го стегна силно, па откако му се вдаде за врат, попатно го докачи за увото. По неколку тресења за вратот, волкот престана да диши. Не чекаше ни за миг, веднаш рипна на еден поситен волк. Е тука запна работата. Овој беше многу брз, така што веднаш се закачи на Карчовиот врат и почна цврсто да држи. Караманот, чекајќи погоден момент, кога волкот малку како да го попушти стегањето, користејќи ги сите нозе, се одби ненадејно со сета сила и, откако го грабна волкот за чурило, почна да го влече кај што сака по мегданот. По подолго држење, волкот доста искрвави и кога веќе одвај се држеше на нозе, кучето го фати за врат и го задави. Така заморен, караманот си ја продолжи работата: потклекна многу вешто како секој искусен борец кога на него тргна еден млад но строен волк и, откако волкот падна невешто врз трњето, Карчо гризаше каде што ќе стигне. На помош дојде и другиот волк. Дури тогаш песот беше речиси совладан и тоа за кратко време. Го гризаа за нозете, за вратот, за ушите. Кучето беше беспомошно. Се чинеше како да се предава. Ама го познав јас мојот пес оти сака да направи некој марифетлук. Штом така го згрчува телото и ги собира нозете кон себе, знаев дека ќе се превртува како сукало за да ги тргне острите вилици од себеси. Така направи и пред две години кога го совлада големиот карабаш на еден овчар од Кичево што сезонски го имаше таксано бачилото недалеку од овде. Тој збунувачки трик беше малку чуден, но ако успешно го изведе сега- ќе се спаси. Наеднаш како да му зовре крвта, чудно го изобличи ликот, дали од болки или од некја чудна сила што извира во секој што се надева и на најмалата надеж. Како да го гледав пред себе Болен Дојчин како со последни сили ги совладува сите што ја сквернават честа на убавата Ангелина. Почнав да викам како улав за да им го одвлечам вниманието на волците. Сакав да му порачам на другарот мој дека не е сам, дека тука е тој што го одгледал од кутре, тој што го хранел и што спиел крај него до топлиот вршник од кој лазеше убавата миризба на зелникот. Тие миговни сеќавања, кои не знам зошто баш сега ми се јавија в глава, како да допреа до него и како да му дадоа дополнителна сила. Неочекувано го направи тоа брзо вртење, рипна, се исправи на нозе и го фати младиот волк за врат, додека другиот во паника се нафрли и гризаше без контрола кај ќе стигне. Падна и третиот волк. Карчо знаеше дека во себеси веќе нема доволно сила и затоа без двоумење го зграби последниот волк за черепот и почна да стиска. Не знам каква храброст ми дојде, рипнав од дрвото и со една мотка почнав да го удирам волкот силно по грб. Карчо веднаш го префрли зафатот - сега врз вратот на волкот. Зграбениот врат почна силно да го тресе со своите последни сили, се додека не го задави и последниот волк.
Откако битката заврши, кучето легна да одмори. Сувите бусови од мајчина душица се натопија со црвена јуначка крв. Почнав да му ја запирам. Од каде побрзо- од градите, од главата, од нозете... За половина час Карчо почина. Почнав да рикам од плачење. Дури тогаш доаѓаа стадата на другарите кои, кога слушнаа плачење, дотрчаа со сета сила. Одвај ме смирија и кога, гледајќи ги мртвите волци, почнаа да прашуваат што се случило, почнав неповрзано и со занес да раскажувам.
Карчо го закопавме до дрвото и дури пред стемнување си отидовме дома. Ноќта сигурно дошле самовилите за да го одведат кај боговите мојот караман зашто само јунаци можат да стапнат во бескрајната вечност. Кога по триесет години за првпат дојдов во татковината и кога отидов да ги посетам гробот на караманот и крушката спасителка, тоа место беше преполно со викенд-куќи и воопшто не личеше како некогаш".
--- надополнето: 9 јуни 2012 во 20:59 ---


Има и други заљубеници во расата? Или сум јас? :love:
 

Hiperaktiv

Султан :P
Член од
16 февруари 2012
Мислења
1.590
Поени од реакции
923
Брееј,јас мислев само Шарпланинецот е македонско куче,ама види имало и друго :D
 
Член од
17 јули 2010
Мислења
1.421
Поени од реакции
2.203
И ова ќе ни го земат кај и да е! Кој се сега на ред Србите или Албанците?
 

Fringe

Скитник низ паралелни светови
Член од
24 септември 2011
Мислења
7.898
Поени од реакции
3.004
Па кучето(Шарпланинец) е исто само името е различно(Карман)
 
H

Hip.Hop_MKD

Гостин
Имаше книга и убаво истражување посебно за ова куче, криво ми е што не ја купив.. :S
 

M.O.P.

Niggaz were born to kill
Член од
27 јануари 2012
Мислења
1.435
Поени од реакции
1.302
Bravo ubavo kuce
 
K

kalimer0

Гостин
Имам слушнато за Караман што значи црно а воедно е и основна боја на кучето. Од секогаш ми биле онака непредвидливи на изглед ама се доста верни кучиња и знаат како да чуваат своја територија.
 
Г

ГОЦ-К.О

Гостин
Дедо ми имаше вакво куче..Клара.. :)
Многу питомо,многу мило..Кучето беше од Тетово,оригинал..Дедо ми го зел 95 година..
Умре пред 5 години.. :(
Клара има син,се вика Блек,и е многу голем дивјак..Го уапа брат ми,и го дадовме на едни луѓе у планина да чува овци..Мајмун дивјачки.. -.-
 
Член од
8 март 2012
Мислења
3.058
Поени од реакции
1.250
Најдобрата раса на балканот според мене,најубаво,најпитомо,најмило,највеќе се жртвува за тоа што го сака :cuc:
 
Член од
6 март 2007
Мислења
2.301
Поени од реакции
1.574
Па кучето(Шарпланинец) е исто само името е различно(Карман)
Не е исто, кај мене у комшии има еден човек што чува Караман, мажјак.
Се разликуваат, не сум стручњак за кучиња но знам дека се разликува шарпланинец од караман.
 

iksimkd

ШшшШшшШ...
Член од
31 јули 2007
Мислења
5.000
Поени од реакции
2.183
Караман



Шарпланинец



Многу се слични, ама не се исти.
 

M.O.P.

Niggaz were born to kill
Член од
27 јануари 2012
Мислења
1.435
Поени од реакции
1.302
Што мислите кое куче е по јако по снажно
 

Hiperaktiv

Султан :P
Член од
16 февруари 2012
Мислења
1.590
Поени од реакции
923
Што мислите кое куче е по јако по снажно
Шарпланинецот ...имам 2 во Берово,мажјакот е 80 килограми(добро де сега е 72 слабее оти е лето и оти се митари) и женка шо е моментално 53 килограми...ги чуваат за расплод и продаваат кученце по 200 евра и плус си одат стандард со овци :D
Еднаш пробал волк да влезе во трло,а оти има таму и шкотски овчар оти комшиите нивни чуваат а таа раса ги е страв од борби само зајаал овие му се стркнале и цревата воз трло му ги распрачале а овој мажјакот му ја СРУПАЛ главата...и на крај одошто бил искасапен неможеле да го качат на автомобил и да го шетаат за луѓето да оставаат пари :D
 
Член од
8 март 2012
Мислења
3.058
Поени од реакции
1.250
Шарпланинецот ...имам 2 во Берово,мажјакот е 80 килограми(добро де сега е 72 слабее оти е лето и оти се митари) и женка шо е моментално 53 килограми...ги чуваат за расплод и продаваат кученце по 200 евра и плус си одат стандард со овци :D
Еднаш пробал волк да влезе во трло,а оти има таму и шкотски овчар оти комшиите нивни чуваат а таа раса ги е страв од борби само зајаал овие му се стркнале и цревата воз трло му ги распрачале а овој мажјакот му ја СРУПАЛ главата...и на крај одошто бил искасапен неможеле да го качат на автомобил и да го шетаат за луѓето да оставаат пари :D
Да остават пари ? Традиција ли е ? Првпат слушам за ова :)
 

Kajgana Shop

На врв Bottom