Драги ми е професор на факултет и за луѓето од фелата важи за еден од најдобрите преведувачи кои некогаш сме ги имале. Да го тргнам на страна фактот што е најдобриот професор кој некогаш сум го имал. Имам читано неколку преводи од него и до сега никогаш не ме е разочарал. Не верувам дека ќе ме разочара и во иднина.
Што се однесува до Загубениот рај, македонската верзија ја немам читано, ама ја имам читано англиската. Делото е напишано на англиски јазик и тоа рана верзија на модерниот Англиски, во периодот на Ренесансата. Карактеристично кај Милтон е што бил ептен полиглот и знаел околу десетина јазици. Затоа во текот на делото се среќаваат зборови од различни јазици, во вид на еден многу комплексен стил. Исто така, користи латински стил на пишување, кој ја доста усложнува структурата на поемата. Затоа на многу места доаѓа до изоставување на зборовите, глаголите се наоѓаат на чудни позиции, понекогаш наместо да стои англиски збор кој одговара има вметнато латински еквивалент итн.
Се извинувам ако забегав малку, ама со ова горе сакам да кажам дека пред се' делото е многу зафркнато, на моменти нејасно, а со тоа и тешко за превод. Можам да те уверам дека преводот е директно од англиски, со оглед на она што сум го слушал на предавањата. Поради тоа нема и србизми, но сигурно има многу архаични зборови. Во тоа нема ништо лошо бидејќи тие се дел од нашиот јазик, иако недоволно употребувани. Исто така не гледам ништо лошо и во индексот отпозади. И англичаните имаат индекс со зборови на некои книги од 14-от век. Поарно да се објасни, отколку читателот да не знае што е финтата со зборот. За консултации со стучни лица сигурно е дека се консултира. Кога преведуваше книга во која дејството се дешаваше на море, специјално отиде во Хрватска за да разговара со морепловци и да се запознае со тематиката.
Сепак, зборувам вака познавајќи му го начинот на превод. Книгата ја немам читано, иако одамна планирам. Мене особено од неговите преводи ми се допаднаа сонетите од Шекспир, па еве една препорака од мене.