Македонскиот пат до независноста

Македон91

Благородник
Член од
21 јануари 2009
Мислења
2.134
Поени од реакции
120
Бидејќи во подфорумот Историја не најдов слична тема, се решив тука да ја изложам мојата проектна задача по историја.

Вовед

Секој народ си има своја историја, своја борба за свое место под сонцето. Македонците со својата мудрост и слава го освоиле човештвото уште пред Христа, во времето на премудрите Филип и Александар. Oттука, од Македонија, светиот апостол Павле со покрстувањето на Лидија Македонката, на денешните европјани им го подарил христовото учење и вербата во Бога.
Преку солунските браќа Кирил и Методиј, малку подоцна низ вековите, Македонците им го покажале писмото на сите народи овдешни и дојдени од Задкарпатите. Тука, крај Охрид и Преспа, уште пред 1000 години се создала втората македонска држава - Самоиловото царство... Потоа минувале децении и векови во кои Македонецот морал да се бори за своето постоење, за својата држава и за своето име. Се менувале поробувачите врз македонска земја, обидувајќи се да го асимилираат Македонецот, да го потурчат и погрчат, да го посрбат и побугарчат. Така минувале вековите до крајот на деветнаесетиот, до векот на македонската преродба, во која отпорот кон поробувачите станал национална кауза и домашна задача за секој возрасен Македонец. Тогаш се разбудила македонската свест и се преродила желбата за своја македонска држава, за Македонија на Македонците.
Во годината 1893та се родило славното ВМРО кое станало основен стожер на македонската борба за независност, за македонска држава. И, веќе, на 2 август 1903 година, во ликот на Крушевската република, Македонецот ќе издејствува одново своја држава, прва република на Балканот! Но, славењето на Републиката ќе трае само десет дена. Илинденското востание е задушено од силниот аскер и тој одново ќе завладее со Македонците. И пак војни: балкански, светски; пак нови битки и борба за своја државност, за самобитност и независност.
Втората светска војна е нов повод Македонецот да се вклучи на вистинската страна, со свои услови: да биде признаен како народ и како држава... По три години заедничка борба со народите на Југославија, тоа било и остварено. На 29 ноември 1943 се оформила новата федерација во која Македонците биле признаени за посебна нација, а Македонија за рамноправна членка во новата Федеративна Народна Република Југославија. Македонија и Македонците го започнале својот нов почеток под водство на тогашната КПЈ и нејзиниот маршал Јосип Броз Тито, кој воедно бил и врховен командант и доживотен претседател на федерацијата. Сè до 1980 година...

1. Распадот на СФРЈ и раздружувањето на Македонија од федерацијата

По смртта на Јосип Броз Тито (4 мај 1980 г.) југословенската федерација била раководена од Претседателството на СФРЈ, односно од колективен шеф на државата кој имал едногодишен мандат. Истиот принцип бил применет и во републиките и во покраините. Започнатиот процес на сепаратизам (со Уставот од 1974 г.) добил поширока димензија.
Спротивставеностите околу клучните политички и економски прашања се зголемувале, а напоредно со тоа растеле и меѓуетничките тензии, најизразени на Косово. Во март 1989 година, во услови на тешка политичка и стопанска криза, премиер на југословенската влада станал Анте Марковиќ. Тој барал поголеми овластувања од владата за да може да воведе стопански реформи кои би довеле до излез од кризата. Марковиќ не ја добил бараната поддршка од страна на републиките, така што неговиот обид за реформи во стопанскиот систем пропаднал.
По неуспехот на XIV конгрес на СКЈ (јануари 1990) во Федерацијата станала доминантна идејата за повеќепартиски плурален систем како главна основа во движењето кон систем на парламентарна демократија. По доаѓањето на власт на Слободан Милошевиќ (мај 1989 г.) се зголемил српскиот национализам и се продлабочиле меѓуетничките тензии на Косово. Милошевиќ се залагал за поцврсто единство во рамките на СКЈ и во Федерацијата што довело до забрзување на процесите на одделување на Словенија, Хрватска и Македонија од заедничката федерација. Биле водени повеќе разговори на раководствата на републиките, но не било изнајдено решение на политичката криза.
Во мај 1990 година, Словенија ја осамостоила својата Територијална одбрана во национална оружена сила. Следувал словенечкиот референдум за истапување од Федерацијата (23 декември 1990) што бил проследен и со неколкудневна војна со ЈНА.
На 25 јуни 1991 година, Словенија и Хрватска прогласиле независност од СФРЈ и со тој чин распадот на Југославија станал реалност.


2. Политичкиот плурализам. Првиот претседател

Со донесувањето на сојузните законски измени во 1990 година било дозволено слободно формирање политички партии од страна на граѓаните и под одредени законски услови, тие биле регистрирани како правни субјекти. Тоа значело воведување на политичкиот плурализам во Југославија, па така и во Македонија биле формирани повеќе политички партии.
Во 1990 година во Македонија дејствувале 26 политички партии.
На 11 ноември 1990 година се одржале првите парламентарни избори во Република Македонија (тогаш сè уште СРМ). Изборите се одржале според мнозинскиот изборен систем при што територијата на републиката била поделена во 120 изборни единици.
Учество во изборите зеле 18 политички партии и 43 независни кандидати. Главната тема во предизборната трка бил статусот на СР Македонија во рамките на СФРЈ и прашањето дали треба да се продолжи по пат на поголема самостојност.
Партиите на национална основа предлагале истапување од федерацијата и формирање на суверена и независна македонска држава, македонска војска, македонски пари, македонска спортска репрезентација, а партиите кои имале комунистичка подлога се залагале за одржување на врските со СФРЈ и формирање на лабава федерација или конфедерација.

Мандати во еднодомното собрание добиле 8 партии и 3 независни пратеници. Најмногу мандати освоила ВМРО-ДПМНЕ - 38, следена од СКМ ПДП со 31, ПДП со 22, Сојузот на реформски сили со 18, Социјалистичката партија на Македонија со 4, Странката на Југословените со 2 и Народната демократска партија и Партијата за целосна еманципација на Ромите по еден пратеник. Првата конститутивна седница на новото собрание е одржана на 8 јануари 1991 година и за прв претседател на Собранието на РМ е избран Стојан Андов.
Веќе на 18 јануари на дневен ред на собраниската расправа бил ставен предлогот за избор на претседател на републиката (функција утврдена со амандманите на Уставот на СРМ од 1990). По неуспешната идеја кандидат за претседател да биде митрополитот Скопски и Повардарски Михаил, таа функција му била понудена на Киро Глигоров.
По првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги добил потребните две третини од
гласовите, поради немање подршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш, тој добил 60 од потребните 80 гласови за избор на претседател. Но, по само три дена, ВМРО- ДПМНЕ излегла со соопштение дека ќе ја подржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпретседател и премиер на државата биде избранa личност која е член на нивната партија.
Така, на 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласови “за“ , Киро Глигоров e избран за прв претседател на Република Македонија, а Љубчо Георгиевски е избран за потпретседател на претседателот на РМ.


3. Декларацијата за сувереност и независност

Првиот државно-правен документ за мирно раздружување на Македонија од СФРЈ била Декларацијата за сувереност и независност на Република Македонија. Првата фаза била исцрпена на 25.01.1991 година, кога се усвоила Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од страна на Собранието на СРМ, едногласно, со 120 гласа “за” и со целосен консензус на сите тогаш постојни 18 политички партии во државата. Меѓународно-правно опсервирана, Декларацијата била политички израз на несомнената волја на македонскиот народ да го практикува неоспорното, неотуѓивото и непотрошливото (трајно) право на самоопределување, како и правото на отцепување.

Втората фаза вклучувала усвојување на Одлуката за распишување референдум за независност и за сувереност на Република Македонија, со апсолутно мнозинство гласови “за“. Претставниците на коалицијата на албанските партии претставени во Собранието – Партијата за демократски просперитет и Народно-демократската партија гласале “против“.

4. Првата влада

Поради распоредот на силите во Собранието настанале сериозни тешкотии во однос на формирањето на влада. По долги и мачни преговори, на крајот се пристапило кон формирање на техничка влада. На 7 март, претседателот Киро Глигоров, мандатот за формирање на влада му го доделил на Никола Кљусев. На 20 март Собранието ја
изгласало првата Влада на Република Македонија на чело со академик Никола Кљусев (претседател), акадeмик Блаже Ристовски, Јован Андонов и Беќир Жута (потпретседатели). Првата влада е позната и како експертска влада, поради политичката неопределеност на нејзините членови.
Владата веднаш се зафатила со разрешување на клучните проблеми во конституирањето на сувереноста и независноста на македонската држава: осамостојување на државата со повлекување на ЈА и мирно раздружување на сите заеднички сегменти од дотогашната сојузна држава, меѓународно признавање, заштита на територијалниот интегритет, безбедноста, економскиот и социјалниот мир. Меѓу првите одлуки на Владата била и одлуката за повлекување на македонските војници од ЈА, како и одлуката за повлекување на ЈА од македонската територија. Важен чекор кон монетарното и економското осамостојување бил воведувањето на македонската валута - денар на 26 април 1992 година.


5. Референдумот од 8 септември 1991 година

Во јуни 1991 г. од името на државата се изоставила назнаката “социјалистичка” и се утврдило уставното име Република Македонија. На 6 август 1991 година била донесена Одлуката на Собранието на Република Македонија за спроведување референдум. За распишувањето на референдумот имало повеќе игри и опции. Некои политички партии на тоа гледале како “чин на недоверба” и се обидувале да ја спасат Југославија. Одлуката за спроведување на референдумот била условена со составувањето на референдумското прашање. По долги и мачни преговори во македонското собрание, пратениците изнашле решение на референдумот да се постави прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија? [/SIZE]

На 8 септември 1991 година се одржал референдумот за сувереност и независност на македонската држава. Според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи на гласање излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас).
Албанскиот електорат го бојкотирал референдумот и со тоа одбил да ја изрази својата волја на демократски начин.
Резултатите сами по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој бил спроведен не биле поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Република Македонија кои се изјасниле "за" самостојна и суверена Македонија.
Вечерта, на 8 септември, на плоштадот "Јосип Броз Тито", денес именуван како "Македонија", претседателот на Референдумската комисија ги соопштил првите резултати, според кои Македонија изгласала да стане независна и суверена држава.

По тој повод, претседателот на државата, Киро Глигоров ги поздравил собраните граѓани со следните зборови: "Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и независна Република Македонија".
Собранието на Република Македонија на седницата од 17 септември 1991 година ги потврдило резултатите на референдумот, а Осми септември како Ден на независноста бил прогласен за државен празник.
 

Македон91

Благородник
Член од
21 јануари 2009
Мислења
2.134
Поени од реакции
120
6. Донесувањето на Уставот

Следниот важен чекор во зацврстувањето на државата било усвојувањето на новиот Устав. На 29 октомври 1991 година, Комисијата за уставни прашања го утврдила текстот на Уставот и процедурата за донесување на највисокиот државно-правен акт се преселила во собранието. По повеќедневната расправа меѓу пратениците, конечно на 17 ноември со 96 гласа “за” бил донесен Уставот на Република Македонија како суверена и независна држава.

Уставот на РМ за прв пат ја дефинирал Македонија како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Тој претставувал наполно самостоен уставен акт, заснован врз сувереноста на граѓаните.
Уставот бил надополнет со два амандмани од 6 јануари 1992 година со кои се нагласувало дека Републиката нема територијални претензии кон соседните земји и дека нема да се меша во внатрешните работи на другите држави.
По донесувањето на новиот Устав, на 19 декември 1991 година била усвоена Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава. Истовремено врз основа на Уставен закон, на 22 јануари 1992 година РМ престанала да учествува во работата на Собранието на СФРЈ, на Претседателството на СФРЈ и во другите сојузни органи.
Владата на РМ на седницата од 30 јануари донела одлука за формирање на Армија на Република Македонија (АРМ). Со таа одлука се отворил патот и кон целосна контрола над вооружениот состав и над целата територија на Републиката. По тешките преговори, бил постигнат договор со Генералштабот на Југословенската армија за напуштање на македонската територија (14 февруари). Македонската армија ја превзела граничната контрола на 10 март, а на 27 март бил потпишан договор меѓу претседателот Глигоров и генералот Узелац за повлекување на единиците и командите на ЈА од Македонија.


7. Битката за меѓународно признавање. Грчките притисоци

По донесувањето на Уставот од 17 ноември и Декларацијата за меѓународно признавање на РМ од 19 декември, започнала тешката и мачна битка за меѓународна потврда на македонската независност. Претседателот Киро Глигоров на 2 декември упатил писмо до шефовите на државите и владите на сите земји во светот во кое барал од нив Македонија согласно со нејзината јавно искажана волја да биде призната за независна држава. Македонските челници ја започнале дипломатската битка кон придобивање на сојузници и земји кои ќе ја признаат независноста на РМ.
Во извештајот на Арбитражната комисија на Европската заедница (на чело со Робер Бадентер) од 15 јануари 1992 година стоело дека Република Македонија ги исполнувала сите услови за меѓународно признавање. Комисијата дала позитивно мислење и за Словенија, додека Хрватска сè уште не ги исполнувала поставените барања на ЕЗ. И покрај позитивната оценка од Европската комисија, Македонија не добила официјално признавање на независноста поради грчкото противење и “прашањето за името” на државата.

Првата земја која го потврдила меѓународниот легитимитет на Република Македонија била Бугарија, на 15 јануари. Истиот потег го сторила и Турција на 6 февруари. Потоа следело признавањето од Хрватска, Словенија, Литванија и Белорусија. Поради грчкиот притисок, влегувањето на РМ во Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во 1992 година, се случило под привремената референца ПЈРМ.

Лисабонската декларација на Европскиот совет од 27 јуни 1992 година го негирала името Македонија со тоа ставајќи се на грчката страна на спорот. Македонскиот парламент ја отфрлил декларацијата. Во знак на протест против Лисабонската декларација, во јули 1992 година се одржал Светски семакедонски протестен митинг под мотото “Да, Република Македонија, да” во сите места во светот населени со Македонци. И покрај лошиот исход на декларацијата, Македонија поднела барање за членство во ООН под уставното име.
Референцата “ПЈРМ” како компромис за името била прифатена во јануари 1993 и од Франција, Шпанија, Обединетото Кралство. Овој предлог проциркулирал на 22 јануари 1993 од страна на Генералниот секретар на ООН – Бутрос Бутрос Гали. Предлогот е веднаш отфрлен и од македонската и од грчката страна; за првите “Македонија одбивала да се стави во било каква релација со денешната конотација на терминот Југославија”, а за вторите “името означувало територијални претензии.” Двете страни се нашле под силен меѓународен дипломатски притисок да ја прифатат референцата како компромисно решение. По жестокиот притисок, компромисот бил прифатен и на 7 април Советот за безбедност на ОOН го одобрил влезот на Македонија со резолуцијата 817, но под референцата “поранешна Југословенска Републикa Македонија”. Резолуцијата била внимателно напишана и
во неа стоело дека:
- Референцата "поранешна Југословенска Република Македонија" е привремена референца и се користи сè додека спорот не се реши;
- Терминот е референца, а не име, како неутрална гледна точка во спорот. Обединетите нации немаат мандат да го утврдат името на земјата;
- Терминот е за користење само во Обединетите нации и не е обврзувачки за било кои други организации;
- Терминот не имплицира дека Република Македонија има било какви врски со
поранешна Југославија.

По официјалното признавање од ООН, Грција не ја признала Македонија. Прва од големите сили која ја признала Македонија под уставното име била Кина на 13 октомври 1993. На 16 декември 1993, две недели пред Грција да го превземе претседавањето со Европската заедница, 6 клучни земји-членки: Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија и Велика Британија ја признале Македонија под референцата. Останатите земји на ЕЗ ја признаале Македонија до крајот на декември. По нив тоа го сториле и: Јапонија на 21 декември 1991, Русија на 3 февруари и САД на 9 февруари 1994.
Грција и Македонија ги формализирале билатералните односи со потпишувањето на Временатата спогодба (Интерим Акордот) во Њујорк на 13 септември 1995 година. Со овој договор, Македонија се согласила да го смени своето знаме, и да го дополни Уставот во делот на преамбулата каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи.

Грчката страна се обврзала да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во меѓународните институции; НАТО, ЕУ, ОБСЕ и слично. Во овој договор, Македонија и Грција се ословени како првата и втората страна, или по името на главните градови: Скопје и Атина.
Последната соседна земја која воспоставила дипломатски односи со Република Македонија била СР Југославија, која го сторила тоа на 8 април 1996 година.
До денес, Република Македонија има воспоставено целосни дипломатски односи со 161 земја во светот, а под уставното име е признаена од 128 држави, вклучувајќи четири од петте постојани членки на Советот за безбедност: Кина, Русија, САД и Велика Британија. Македонија е земја-членка на повеќе меѓународни организации како: ММФ, Советот на Европа, ОБСЕ, СТО, ЦЕФТА, Франкофонијата и др. Исто така, Македонија е кандидат за членка на Европската Унија (од 2005) и НАТО.


Заклучок

Македонскиот вековен стремеж за слободна и независна држава, искажан преку револуционерната борба на македонскиот народ под турското ропство (XV-XX век), Првиот Илинден и формирањето на Крушевската Република, како и Вториот Илинден од 1944 година и формирањето на АСНОМска Македонија, кулминирале со Референдумот од 8 септември како последен исчекор кон сувереност и независност на македонската држава. Третиот Илинден за Македонија и нејзините граѓани значел исполнување на сонот на многу минати генерации чии животи биле посветени на македонската национална кауза.
За остварување на вековниот стремеж и сон на секој Македонец, (но и на сите граѓани на Република Македонија), денешен и предок на денешната генерација, од несомнено значење се револуционерната и народноослободителната борба, како и движењето за ослободување и обединување на Македонија. Заложбите на револуционерите од 1893 и 1903та, македонските партизани и борци од 1941-44, но и на сите оние кои во рамките на поранешнта СФРЈ барале сувереност и независност на македонската држава, како и нејзино целосно обединување, се крунисани со осмосептемвриските референдумски резултати со кои Македонија конечно, после еден долг временски период, станува слободна, суверена и независна држава.
Сонот на денешната генерација Македонци, кои ја има привилегијата да живее во самостојна држава, е нејзино духовно и културно обединување со останитете делови од Македонија, преку евроинтеграциските и евроатланските процеси. Со влезот во обединета Европа, ќе се исполни и сонот за обединета Македонија.


Прилог: Цитати од македонскиот политички врв во предвечерието на 8 септември

Киро Глигоров, претседател на РМ:
“Овој историски чин нека биде потврда дека сме народ со долга историја, со разбудена демократска свест, самосвесни и одговорни да испишеме нова страница на сопственото битисување.”
Никола Кљусев, премиер на РМ:
“Некои агресивни политички аспирации кон Македонија говорат дека по референдумот Македонија ќе биде неспособна економски да опстојува, безбедносно да егзистира, а преку разни памфлети се сее страв дека доколку граѓаните на Македонија гласаат на референдумот ќе доживеат сиромаштија и војна. Македонија ќе опстојува и по референдумот.”
Стојан Андов, претседател на Собранието на РМ:
“Овојпат тој (македонскиот народ) нема да дозволи историјата да се повтори. За Македонија нема повеќе да се расправа на зелени маси. Македонија нема да биде делена. Македонија сама одлучува за својата судбина и автономно го обликува својот статус.”
Љубчо Георгиевски, потпретседател на претседателот на РМ:
“Никакво право на ниту едно малцинство нема да му биде ускратено туку, напротив, можно е да се оди кон збогатување на тие права.”
Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ:
“Оваа определба не се должи на некаква носталгија кон југословенството, туку, пред сè, произлегува од виталните интереси на Македонија - зачувување на државноста на Македонија, зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет, можноста да се вклучува во трендот на европските интеграции и економскиот просперитет.”

Користена литература:

1. “Македонија е сè што имаме” - Киро Глигоров, Скопје: Култура, 2001;
2. “Остварување на вековниот сон” - Љубчо Георгиевски, Скопје: НИП Нова Литература, 2001;
3. “Историја за трета година гимназиско образование” - Блаже Ристовски, Шукри Рахими, Симо Младеновски, Тодор Чепреганов, Стојан Киселиновски - Скопје:
Алби, 2006;
4. “Историја за четврта година реформирано гимназиско образование” - Даринка Петреска, Виолета Ачкоска, Маргарита Пешевска - Скопје: Табернакул, 2005;
5. “Нова Македонијa”: изданија од 1991 година: 8 и 9 септември, 27 и 28 октомври, 17, 18, 19, 20 и 21 ноември, 3 декември;
изданија од 1992 година: 7, 16, 17 и 31 јануари, 7, 13 и 14 февруари, 12, 18, 27 и 28 март;
6. “Резолуција 817 (1993)”, усвоена од Советот за безбедност на 3196 средба на 7 април 1993 година;
7. “Времена спогодба Македонија-Грција”, Њујорк, 13 септември 1995 година;
8. “Карактерот на спорот за името меѓу Македонија и Грција” - Д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски, Скопје: Прогрес - Институт за социјална демократија, 2009;
9. Министерство за надворешни работи, билатерални односи
10. http://mk.wikipedia.org/wiki/Парламентарни_избори_1990_година (18.03.2010 г.)
11. http://mk.wikipedia.org/wiki/Киро_Глигоров (04.10.2009 г.)
12. http://www.mn.mk/istorija/1197-Deklaracija-za-suverenost-na-Socijalisticka-Republika-Makedonija (25.01.2010 г.)



Бидејќи на форумов имаме (многу) сведоци на настаните кои го одбележаа македонскиот пат до независноста, добро би било и тие да придонесат за темата со своите искази и сведоштва.
 

Македон91

Благородник
Член од
21 јануари 2009
Мислења
2.134
Поени од реакции
120
Хронологија на настани (1990-1994):

1990:
- 20 септември Собранието на СР Македонија ги прогласува 25-те амандмани на Уставот на СР Македонија, според кој, покрај другото, Македонија станува повеќепартиска држава.
- 11 ноември Одржани се првите парламентарни избори во СР Македонија. Учество зеле 18 политички партии и 43 независни кандидати.
- 25 ноември Втор круг на парламентарните избори во Македонија. Победа на ВМРО-ДПМНЕ која освојува 38 пратеници, следена од СКМ-ПДП со 31.

1991:
- 8 јануари Одржана е првата конститутивна седница на Собранието на РМ. За прв претседател е избран Стојан Андов.
- 9 јануари Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ доставува предлог за донесување Декларација за сувереност на Македонија.
- 18 јануари На собраниската расправа е ставен предлогот за избор на претседател на Републиката.
- 25 јануари Усвоена е Декларацијата за сувереност на СР Македонија.
- 27 јануари Киро Глигоров е избран за претседател на СР Македонија со 114 гласа “за”, а Љубчо Георгиевски е избран за потпретседател на претседателот на Македонија.
- 7 март Киро Глигоров му го доверува мандатот за формирање на влада на Никола Кљусев.
- 20 март Собранието ја изгласува Првата влада на Македонија, на чело со Никола Кљусев.
- 23 мај Иницијатива на Претседателот на РМ, Киро Глигоров за донесување на нов Устав.
- 7 јуни Со одлука на Собранието на СРМ, одредницата "Социјалистичка" од името на СР Македонија е изоставена и републиката го носи називот Република Македонија.
- 5 август Донесена е Одлука за спроведување на референдум.
- 8 септември Референдум за независност на Република Македонија. 95% од граѓаните гласаат за слободна, суверена и независна Македонија.
- 17 септември Собранието на РМ ги потврдува референдумските резултати.
- 29 октомври Комисијата за уставни прашања го утврдува текстот на Уставот и процедурата за донесување на највисокиот државно-правен акт се сели во Собранието.
- 17 ноември Со 96 гласа “за” е донесен Уставот на Република Македонија кој ја дефинирал државата како суверена, самостојна, демократска и социјална.
- 2 декември Претседателот Киро Глигоров упатува писмо до шефовите на државите и владите на сите земји во светот во кое од нив бара Македонија согласно со нејзината јавно искажана волја да биде призната за независна држава.
- 6 декември Оставки на министерот за образование Димитар Димитров и потпретседателот на Републиката, Љубчо Георгиевски.
- 19 декември Усвоена е Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава.
- 27 декември Средба Глигоров-Милошевиќ. Разговори за меѓусебните односи на двете републики и разрешувањето на југословенската криза.

1992:
- 6 јануари Уставот е надополнет со два амандмани со кои се нагласува дека Републиката нема територијални претензии кон соседните земји и дека нема да се меша во внатрешните работи на другите држави.
- 10 јануари Во центарот на Атина осамнуваат плакати за признавање на Македонија.
- 15 јануари Во извештајот на Арбитражната комисија на Европската заедница (на чело со Робер Бадентер) стоело дека Република Македонија ги исполнувала сите услови за меѓународно признавање. И покрај позитивните оценки, Македонија не добива официјално признавање, поради грчкото противење.
- 15 јануари Бугарија е првата земја која ја признава Република Македонија.
- 22 јануари Република Македонија престанува да учествува во работата на Собранието на СФРЈ, на Претседателството на СФРЈ и во другите сојузни органи.
- 30 јануари Владата на РМ носи одлука за формирање на Армија на Република Македонија (АРМ).
- 6 февруари Турција е втората земја која ја признава Република Македонија.
- 12 февруари Словенија и Хрватска ја признаваат Република Македонија.
- 14 февруари Постигнат договор со Генералштабот на Југословенската армија за напуштање на македонската територија.
- 14 февруари Антимакедонски митинг во Солун. Учествуваат над половина милион луѓе.
- 11 март Македонската армија ја превзема граничната контрола.
- 24 март Распишан конкурс за нов грб, знаме и химна на Македонија.
- 27 март Потпишан договор меѓу претседателот Глигоров и генералот Узелац за повлекување на единиците и командите на ЈА од Македонија. Последниот војник на ЈА ја напушта Македонија.
- 14 април Во гарнизонот во Охрид пристигнува првиот регрут на Армијата на Македонија.
- 26 април Премиерот Кљусев ги презентира првите македонски пари - денари.
- 27 јуни Лисабонската декларација на Европскиот совет го негира името Македонија со тоа ставајќи се на грчката страна на спорот. Македонскиот парламент ја отфрла декларацијата.
- јули Одржан е Светски семакедонски протестен митинг под мотото “Да, Република Македонија, да” во сите места во светот населени со Македонци.
- 30 јули Република Македонија поднесува апликација за членство во Обединетите Нации.
- 11 август Собранието со повеќе од двотретинско мнозинство, го донесе законот за новото знаме - Сонцето од Кутлеш.
- 17 август Македонското собрание и изгласува недоверба на Владата на Кљусев.
- 20 август Пред зградата на Собранието почна да се вее новото македонско знаме.
- 26 август Лондонската мировна конференција. Киро Глигоров ја предводи македонската делегација.
- 5 септември Бранко Црвенковски станува вториот премиер на Македонија по нејзиното осамостојување и го довршува мандатот на Кљусев (1992-1994).
- 8 септември Промовирана е првата редовна поштенска марка на Македонија.
- 23 октомври По едномесечна нафтена војна против Македонија, Грција го повлекува ембаргото.
- 28 октомври Во Собранието на РМ е изгласан законот за државјанство. Условот e 15 годишен престој во Македонија.

1993:
- 7 јануари Пополнета е апликацијата за прием на Република Македонија во ООН.
- 22 јануари Генералниот секретар на ООН – Бутрос Бутрос Гали ја предложува референцата ПЈРМ како “компромис за името”. Франција, Шпанија и Велика Британија го поддржуваат предлогот.
- 7 април Советот за безбедност на ОOН го одобрува влезот на Македонија со резолуцијата 817, но под референцата “поранешна Југословенска Републикa Македонија”.
- 18 август За прв пат е прославен Денот на Армијата на РМ, прогласен со одлука на Владата на РМ.
- 13 октомври Кина ја признава Република Македонија под уставното име.
- ноември Собранието на РМ носи Одлука за пристапување на Македонија кон НАТО алијансата.
- 16 декември Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија и Велика Британија ја признаваат Македонија под привремената референца.
- 21 декември Јапонија ја признава Република Македонија.

1994:
- 31 јануари: Русија ја признава Македонија под уставното име.
- 16 февруари: Грција воведува трговско ембарго против Македонија.
- 21 јуни: започнува пописот на населението и домаќинствата во Р. Македонија.
- 16 октомври: Први непосредни претседателски избори и втори парламентарни избори во Македонија
- 30 октомври: Победа на коалицијата Сојуз за Македонија, предводена од СДСМ. Опозицијата: ВМРО-ДПМНЕ и ДА го бојкотираат вториот круг на изборите поради обвинувања за изборни нерегуларности.
- 30 октомври: Победа на Киро Глигоров во претседателската трка со Љубиша Георгиевски. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не ги прифатила изборните резултати.
- 20 декември: Бранко Црвенковски е реизбран за претседател на Владата на РМ.
 
Член од
10 јануари 2019
Мислења
99
Поени од реакции
7
A moze li nekoj da mi dade link od net, za vojnata na makedonija i grcija, shto se slucuvalo kako, koj i pomozil na grcija, koga zapocnala/zavrshila vojnata. Ednostavno neshto shto i da e, moze i dokumentarec.
 
Член од
10 јануари 2019
Мислења
99
Поени од реакции
7
pa makedonija koga bila izlezena na more, toest segashniot del od grcija, i parceto shto go ima i bugarija. kako grcija go zel toj del od makeonija shto e na more, siguro imalo vojna, ili ne?
 
Член од
11 октомври 2010
Мислења
6.507
Поени од реакции
21.280
pa makedonija koga bila izlezena na more, toest segashniot del od grcija, i parceto shto go ima i bugarija. kako grcija go zel toj del od makeonija shto e na more, siguro imalo vojna, ili ne?
Дај бе не си озбилен ваљда?!
Гледам дека си роден 1995 што значи дека јас и ти скоро од исти учебници да сме учеле.
Просто неможеш ова да не го знаеш...
 
Член од
10 јануари 2019
Мислења
99
Поени од реакции
7
Дај бе не си озбилен ваљда?!
Гледам дека си роден 1995 што значи дека јас и ти скоро од исти учебници да сме учеле.
Просто неможеш ова да не го знаеш...
pa ne go znam toa. :toe::toe::toe:
 

Kajgana Shop

На врв Bottom