Од Утрински....
Едно од најпознатите фудбалски имиња од Велс, Џон Тошак, не се откажува од својата желба да биде селектор на Македонија во претстојните квалификациски средби за Светското првенство 2014 во Бразил. И претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Хари Хаџи-Ристески е заинтересиран да го види Тошак на кормилото на нашата најдобра селекција. Уште пред патот за Рио де Жанеиро, каде што во саботата се одржа ждрепката за квалификациите за СП, кога ги добивме противниците во групата А, Хаџи-Ристески не' извести дека договорил средба со Тошак на 5 или 6 август во Барселона и оти ФФМ сериозно смета на него. Велшанецот има куќа во Мајорка, каде што живее, и ќе дојде во Барселона да се сретне со Хаџи-Ристески.
Дали ќе дојде до измена на овој план откако во нашата група се најде Велс, со кој шест години селекторуваше токму Тошак, засега нема негативен одговор од Хаџи-Ристески. Според првичниот договор, Тошак треба да допатува заедно со нашите фудбалери во Баку на пријателската средба со Азербејџан на 10 август, за да ги види можностите на кандидатите за националниот тим.
Во Баку треба да го придружува родениот скопјанец Борко Круниќ, кој во Лондон има агенција за менаџерски услуги. Тој веќе се заинтересира околу потребните документи за вадење на визите за Азербејџан. По вчерашниот телефонски разговор со Круниќ, ја пренесуваме изјавата на Тошак веднаш по ждрепката во Рио.
„Интересна група, која може да биде голем предизвик за мене ако се договориме со луѓето од ФФМ. Добро ја познавам играта на Велс, ги знам и можностите на Шкотска и на Белгија. Веројатно, многумина во Македонија сигурно ќе се прашаат дали би можел да водам селекција, во случајов Македонија, против Велс, каде што сум роден, каде што играв фудбал и каде што бев селектор. Но, тоа воопшто не ме оптоварува, јас сум професионалец, живеам од фудбалот, а и моите сонародници не би ми забележале“, се зборовите на Тошак.
Од Круниќ, кој е добар пријател со Тошак, дознавме дека тој имал програма што ќе и' ја понуди на ФФМ. Неговата намера е да внесе повеќе играчи од домашното првенство, за што би престојувал подолго време во Скопје, а за свој помошник го посакувал Бобан Бабунски, кого го памети уште од времето кога играше во Шпанија.
Но, се' уште постои голем знак прашање околу ангажирањето на Тошак, не само поради тоа што е од Велс, туку и поради неговите финансиски побарувања. Групата во која е Македонија не носи големи пари од ТВ-преноси, на што се надеваа челните луѓе на ФФМ, но може да донесе големи приходи од средбите со Хрватска и со Србија, кога се очекуваат полни трибини на арената „Филип Втори“, па дури и од другите мечеви, ако добро стартуваме.