НЛБ Тутунска банка оствари добивка од 10,2 милиони евра лани
Според резултатите објавени на Годишното акционерско собрание, кое се одржа на вчера, НЛБ Тутунска банка оствари нето добивка од 10,2 милиони евра. Повратот на капиталот РОЕ е 11,2%, билансната актива е 972 милиони евра, додека нивото на нефункционални пласмани е 7,8% со што банката повторно оствари подобри резултати од просекот на македонскиот банкарски сектор.
На Собранието на акционерите, четврта година по ред, беше одлучено целата остварена добивка од 2013 година, да се реинвестира во резервите на Банката, што ќе овозможи понатамошен раст на кредитните активности, висока ликвидност и висока адекватност на капиталот од 15,5%.
На крајот на 2013 година, вкупните кредити изнесуваат 615 милиони евра од кои 291 милиони евра се пласирани кај стопанството, додека кај населението се пласирани 314 милиони евра.
„За следната година планирано е зголемување на постојното кредитно портфолио, со посебен акцент на кредитирање на микро, малите и средни претпријатија и населението, за што веќе е направено олабавување на каматните и кредитните услови, а планирани се и дополнителни инвестиции во електронските сервиси на банката што ќе овозможи полесна достапност до услугите и нови функционалности на платните системи“, објаснуваат од НЛБ Тутунска банка.