Ајде со среќа нека ни е новата демократија, кај и да е ќе дојде..
Во Овчеполието има природен гас и сурова нафта
27
МАР 2012
15:52
Најдобар резултат на истражувањата на тогашната компанија „Нафта гас“ дала дупката што била во близина на селото Ерџелија. Таму по неколкумесечна работа екипите на „Нафта гас“ успеале да извадат и сурова нафта.
Што има под ораниците на Овче Поле?
Истражувањата на „Нафта гас“ од Нови Сад, Војводина, која во поранешна Југославија била најголемата компанија за нафтени истражувања, покажале дека во Македонија има наоѓалишта на сурова нафта и на нафтени шкрилци. Истражувањата покажале дека нивната концентрација е најголема во Овчеполието во споредба со Тиквешијата, делот кон Криволак и со испитувањата вршени во скопскиот регион.
Во периодот од крајот на педесеттите години на минатиот век до крајот на шеесеттите години, тогашната југословенска влада одобрила и делови од Македонија да влезат во програмата за нафтени истражувања финансирана од сојузниот буџет. Во таа програма влегле истражните работи во Тиквешијата, во скопското поле и во Овчеполието, и тоа на повеќе локации зашто првичните снимања покажале дека релјефот на тој терен најмногу одговора за потенцијални нафтени наоѓалишта.
Првично најбрзи охрабрувачки резултати имало при истражните работи во атарот на пробиштипското село Плешинце, кое во еден дел од атарот влегува и во Овчеполието. Таму речиси на површината на земјата биле откриени нафтени шкрилци што месното население, при недостиг од дрва, ги користело и за огрев.
Во регионот на Овчеполието нафтени истражувања биле вршени во атарите на селатаЕрџелија, Врсаково, Мустафино и на неколку локации во близина на градот Свети Николе. Екипите на „Нафта гас“ биле опремени со дупки за нафта што ги транспортирале на камиони и со воз и во тој период биле атракција за локалното население.
При истражните работи кај Свети Николе работниците од „Нафта гас“ по релативно кратко бушење успеале да откријат жила на солена вода што за стручњаците било доказ дека претпоставките дека во Овчеполието има нафта се основани, но дека се потребни и дополнителни сериозни истражувања.
Најдобар резултат во Овчеполието дала дупката што била во близина на селото Ерџелија, кое е лоцирано на страната од Овчеполието, која гравитира кон Пробиштип. Таму по неколкумесечна работа екипите на „Нафта гас“ успеале да извадат и сурова нафта, на што му претходела силна експлозија, која ја предизвикал природниот гас кога бушилката го пробила резервоарот во кој имало сурова нафта.
Набргу потоа истражните работи во тој регион биле запрени, по што бил изработен и извештај со елаборати од извршените геолошки и геомеханички истражувања на почвата.