Пред 2 дена се вратив од Лефкада - Василики па да пишам некое инфо за оние кои сакаат да одат.
Бевме преку агенција Игуана, сместени во вила Катерина (која веќе не е на нивниот сајт затоа што била полна за цела сезона - така ни кажаа коа прашавме, но не е на одмет да се јавите и да препрашате). Вилата се наоѓа на 20 метри од плажа, веднаш до хотел Аполо. Сите соби имаат поглед на море. Собите имаат посебно кујна и купатило како и голема тераса. Хигиената во вилата беше супер. Секои три дена ти ја чистат собата. Просторот околу вилата, дворот секој ден се средува.
Василики е инаку мало рибарско селце, но има своја душа и шмек. Местото е мало и не го препорачувам за оние кои сакаат бурен ноќен живот, ама ако сакате да се одморите и да сте блиску до убавите плажи тогаш топло ви го препорачувам. Има доста кафичи ,таверни, супер маркети, рент а кар агенции, како и агенции за крстарење. Во Василики имате и доктор, аптеки, месарници.
Како
најповолен супер маркет ви го препорачувам
маркет Никос кој се наоѓа после аптеката и црквата.
Цените се следни:
вода пакет 6 Х 1,5 л = 1,6 евра, леб од 0,8 до 1,7 евра, јајца 6 = 1,3 евра, кроасани 0,5 евра, нутела 200 мл = 1,8 евра, сирење 7-8 евра кг, кашкавал 10 евра кг, домати 1,2 евра, краставици 0,2 евра парче, лубеница 0,4 евра четвртинка, диња 1 евро, фанта голема 1,5 евра, 6 лименки спрајт 2,4 евра, млеко 0,7 евра, 4 мали лименки амстел 2,4 евра, пиво Амстел радлер флаша 1,2 евра, 4 големи лименки ФИКС пиво (многу убаво пиво) 4,6 евра, сладолед од 1 евро нагоре.
Цените по кафичи се: нескафе 1,5 -2 евра, пиво големо 2-3 евра, коктели 5-8 евра.
Цената на Гиро пита се движи од 1,5 евра до 2,4 евра. Убаво гиро има во Јанис и чини 2,2 евра, исто толку му е и суфлакито.
Цената на
литар бензин е 1,7 евра а бензинска имате на главната улица кај Еуро маркет и Алекс рент а кај.
Во Василики имате неколку
рент а кар агенции, но ви препорачувам да погледнете кола/мотор во
Алекс рент а кар - се наоѓа на главна улица на самиот агол во близина на Еуро маркет. Цената за рентање кола варира во зависност од сезоната и од број на денови за рентање. Колку повеќе денови ренташ кола, толку пониска цена ти нуди. Обавезно ценкајте се. Ние рентавме 3 дена Фиат Панда ни ја даде по 26 евра поминавме околу 200 км со посета на 5 плажи. Стаивме бензин за 3 дена 25 евра.
Цената на
мотор 50 кубика е од
8 евра па нагоре. Не ви препорачувам да се мрцварите со мотор, затоа шо ветерот ќе ве убие пошо има бајаги угорници, удолници, кривини и патот искрено не е за со мотор. Освен ако не сте ептен авантуристи. Ко ќе пресметате дека за со кола ќе ги даете истите пари повеќе ви се исплати да рентате кола со уште некој пар ако одите двајца наместо да се малтретирате по горештините со мотор и да акате по пола саат плус отколку со кола.
Што се однесува до плажите таа пред вила Катерина може да помине за првиот ден додека да го запознаете местото. Градската плажа која е оддалечена 5 минути од центарот - 10 минути од вила Катерина е песочна, но во попладневните часови дува бајаги ветер и има сурфери, а шо е најзезнато е шо се наоѓа веднаш до фрекфентен пат. Во близина на хотел Аполо има уште една плажа која е малку задскриена позади дрвца од маслинки, ама ќе ги забележите скалите до неа
Од местото Василики најблиска плажа ви е Агиофили до неа до одредено место се стига со кола, па имате после тоа уште 5 минути пешачење. Со пешачење од Василики се стигнува за 30-40 минути. Патот не е страшен за одење, но треба да знаете дека има доста пајаци по дрвата, и патот е земјен а на места и асфалтен. Исто така има и бродчиња кои ве носат до плажата Агиофили. Првото бродче тргнува во 11 часот, а последното за враќање е во 18:30 h.Цената за повратна карта за едно лице е 6 евра. На плажата можете да поставите свој чадор и лежалки или да платите 7 евра за комплет од две лежалки и чадор. Водата на Агиофили е кристално чиста, ако носите апарат за сликање под вода појдете накај карпичките во морето и сликнете ги прекрасните бели рипки.
Следна блиска плажа од Василики ви е
Гиалос. Се наоѓа на 14 км од Василики, со кола се стига за 30 минути. Ако имате
GPS внесете ги
координативе N38.6675997/E20.5674799 и терајте. Патот до Гиалос е добар ама има доста кривини и на некои места е оштетен асфалтот т.е има дупки

Плажата е огромна, песочна, вреди да се посети има место за поставување на свои реквизити за на плажа колку ви душа сака. Водата е тиркизно плава и топличка. На плажава не видовме шанк или кафич, ама лежалки за изнајмување има. Паркинг има и не се плаќа.
Убава плажа е и
Каваликефта, следниве
координати N38.7543179/E20.5889149 внесете ги на
GPS. Од Василики е оддалечена 21 км или 30 минути возење. Каваликефта се спојува со Каламици и Мегали Петра. Така да со една посета престојувате на 3 плажи

Но треба да имате среќа, да нема бранови па да може да се бањате. Патот до овие три плажи е добар со многу кривини т.е змија пат

Паркинг има и се наплаќа 3 евра за цел ден, но и од страна покрај патот има место за да оставите кола.
На 26 км од Василики и 40 минути возење по солиден пат, без многу кривини се наоѓа
Катизма е една од поурбанизираните плажи на западната страна.
Координатите за GPS се N38.7776269/E20.6009472. Плажата има сопствен паркинг и се плаќа 3 евра за цел ден. Имате и прекрасен кафич Копла со базен и прекрасен поглед. Лежалките на плажата се плаќаат со порачана пијачка. Кафе на плажа е 3 евра, коктели 8 евра. Водата е тиркизно плава, доста топла а плажата е со ситни каменчиња. Зезнато беше шо имаше доста големи бранови кога бевме па така да не се пробањавме баш ко шо треба. Брановите буквално ги исфрлаа луѓето на обала како рипки на суво
Егремни е следната посетена плажа.
Од Василики е оддалечена 19 км или 30 минути возење по нормален пат, без некои поголеми кривини.
GPS координатите за оваа убавица се
N38.6372625/E20.5594421.Последниот дел од патот е неасфалтиран ама прооден. Паркинг има и се плаќа 3 евра цел ден. До плажата се стигнува по навидум 350 хорор скали, кои воопшто не се страшни ниту за симнување ниту за качување.
Плажата е со ситни каменчиња и песок. Водата е бистра и чиста. Лежалките на плажата се плаќаат 6 евра за комплет две лежалки со чадор. Кафич има на врвот пред да почнете да ги симнувате скалите и цените се пристојни.
Од Василики до прочуената
плажа Порто Кацики ве делат
22 км или 30 минути возење со кола. Патот до плажата е супер без некои поголеми кривини, a
GPS координатите се N38.6030952/E20.5496214. Имате паркинг кој ќе ве чини 3 евра за цел ден. Кај паркингот има и WC. Од паркингот кога се спуштате кон плажата има неколку кафичи и сендвичари. До плажата се стига по скали кои воопшто не се страшни за симнување/качување. Сонце на плажата се појавува околу 11 часот, затоа не брзајте први да стигнете пошто ќе смрзнете. Знае да има доста силен ветер, а и водата да е ладничка. Плажата е песочна и опремена со лежалки кои во комплет чинат 8 евра. Доколку не сакате да се качувате по скалите за да пиете некое кафе овде постојано поминуваат дечки кои вршат достава на храна и пијалоци по достапни цени. Треба да нарачате пијачка/храна за 5 евра и бесплатно ви носат до лежалка.
Од Василики до последните две плажи - Егремни и Порто Кацики има и тура со бродче која би ве чинела 15 евра од човек што според мене е неисплатливо. 3 часа се бањате на Егремни и 3 часа се бањате на Кацики. Подобро изнајмете си кола и одете си по еден ден на двеве плажи отколку да одите со бродче.
Исто така ви препорачувам да одите и на
крстарење со бродот на Македонија палас. Имаат убава тура (Егремни 1 саат застанува, Порто Кацики 20 минути на сред море стои, Кефалонија 1 и пол саат за прошетка, Итака прошетка 30 мин. , посета на пештера Меганиси, бањање 20 мин. на сред море остров Оназис) се ова без ценкање ќе ве чини 20-25 евра, ама ние се исценкавме за 12,5 евра од човек.
Ако нешто друго ве интересира прашајте.