Легендарни фудбалери од минатото (до почетокот на 90-те)

Член од
29 јануари 2015
Мислења
7.278
Поени од реакции
20.260
Sócrates Brasileiro Sampaio de Souza Vieira de Oliveira


11918564993.jpeg


Човекот кој за 57 години успеал да биде фудбалски уметник, филозоф, лекар, политички активист, боем, алкохоличар, засекогаш почива на гробиштата во Робеиро Прето. Помеѓу својот, обичен и напатен народ.

„Дојдов во Италија, во Фиренца, бидејќи сакам да научам италијански јазик, за да го читам Грамши во оригинал“.

Тогаш 30-годишниот фудбалер, еден од најдобрите во светот без никакви претерување, Зидан пред Зидан, иако добива понуда од Рома и од други италијански гиганти, решава дека кариерата сака да ја продолжи во Фиорентина. Како протест поради начелно одбиениот предлог од бразилскиот Конгрес за воспоставување демократски институции и право на избор на претседател, ја напушта родната земја.

Со цигара во уста на тренинг, со книга во рака во тимскиот автобус на долги релации и гостувања. Aлкохол е океј, бидејќи фудбал се игра со ум, а не со тело. И тука Сократес започнува со разбивањето на митот за „глупавиот фудбалер кој трча по некоја топка и не знае ништо друго во животот“.
И митот дека мора да си физички најподготвен, Херкул, за да играш помеѓу големите момци.

Е овој знаел. Ем туркал топка, ем бил доктор, ем бил интелектуалец. Можело? Епа можело. Денешното време сигурно би го проголтало, би се зборувало за него како да е идиот кој „не си ја гледа својата работа на терен“ и „еве го овој пак досадува, играј фудбал таму ајде“. ТролФудбал генерациите би го презирале, бидејќи и не би го разбирале. После две послаби партии би го правеле послаб од најслабиот. Сета среќа што не играл во овој милениум.

Еден артикл на BBC за него вели „скоро па телепатско чувство за додавање“. Бавен, висок, на позиција соодветна за некој со поинакви физички карактеристики (во некои конвенционални услови), но долги нозе и брилијатен фудбалски мозок. Лева и десна, нема проблем. Визија за гол, чувство за простор, минимум 10 секунди секогаш пред останатите. По три-четири комбинации во глава пред да прими пас.

sokrates_15958455161569481720.jpg


Громада од човек, па сè останато. И на терен и надвор од терен. Роден на 19 февруари во 1954 година во Белем, Бразил. Фудбалската сениорска кариера ја започнува во Ботафого, каде останува пет години (35 голови во 99 настапи). Во 1978 преминува во Коринтијанс, клуб чија навивачка база во тоа време се состои од работничката класа во Бразил и клуб кој повеќе или помалку соодветствува со неговите политички идеи, кои подоцна ќе го надраснат и самиот клуб.
Таму игра до 1984 година (135 настапи, 74 голови), а истата година го прави неочекуваниот трансфер во Фиорентина.

Името го добива по грчкиот филозоф Сократ, најмал од шесте браќа, со приказна комплетно антитезна на сето што Бразил и фудбалот тогаш (па и сега) можел да го понуди. Роден во сиромашно, накај средна класа (читај сиромашно) семејство, во Рибеирао Прето, мало гратче во близина на Сао Паоло. Уште од најмала возраст се вљубил во книгите и уште од најмала возраст знаел дека кога ќе порасне сакал да биде доктор.

Ама сакал да пронајде и некое друго хоби, кое прераснува потоа во љубов огромна. Сепак недоволно голема за да започне професионално да се бави со неа, до 23 години, период кога ги завршува студиите по медицина. Претходно за Ботафого, игра фудбал и паралелно студира. Впрочем, тоа било и главниот услов за да потпише за нив. Да го пуштаат на предавања и тој кога сака да присуствува на тренинзи.



Во Коринтијанс веќе целосно се посветува на играта. Доктор по спортска медицина, малку подоцна и крунисан доктор по филозофија, кој своето знаење го црпи од книгите на неговиот татко во домашната библиотека (Болшевичка литература воглавно).

Идолите Ернесто ЧЕ Гевара, Фидел Кастро и Џон Ленон (шо го отепаа)

На први април, 1964 година, со поддршка (секако) на САД, воената хунта го симнува од власт Жоао Гулар и се инсталира во следните 20 години. Диктаторскиот анти-комунистички, шовинистички и милитаристички насилен режим, повторно го родил Сократес и ненамерно го направил бесмртен.

Капитенот на бразилската репрезентација (која убедливо го играла најдобриот фудбал во историјата на Бразил) и капитенот на Коринтијанс, започнува јавно да го искажува незадоволството од режимот и покренува мини-револуција, прво од самиот клуб.

Идејата потоа се шири многу и надвор од рамките. Како 27-годишник се запознава со новиот спортски директор во Коринтијанс, социологот Адилсон Алвес (социјалист) со кого делат слични политички ставови и замисли и под мотото „Слобода со одговорност“ иницираат политичко движење Corinthians Democracy. Тука е и третиот човек, логистичар и уважен помеѓу колегите фудбалери, Владимир.

Набрзо, сите во клубот, од претседателот до хигиеничарките, биле инволвирани во одлуките кои клубот ги носел (трансфери, патувања, што и да е) и сите биле третирани подеднакво. Бонусите што ги добивале играчите ги делеле со економите, луѓето задолжени за косење на тревата, готвачите.
Дваесет и седум (да, 27 милиони навивачи на тимот) апсолутно во целост се подредиле на таа идеја, а во Сократес гледале Исус.

Зелениот терен бил единственото место каде што некој можел да изрази политички став против хунтата. Богатите стануваат во Бразил побогати, сиромашните стануваат посиромашни, како и денес. На тоа мора да дојде крај. Пароли за демократија, Бразилците сакаат да гласаат на избори. Win or lose but always with Democracia.

soc-Cropped.jpg


Win or lose but always with Democracia. На навивачите на Коринтијанс фудбалот им бил во втор план. Движењето функционирало во хоризонтала (нема човек на чело, нема претседател, директна демократија).

Играчите го користеле секој миг за политичка афирмација. По идеја на Сократес, спонзорот на Коринтијанс (Кока-Кола) бил исфарбан со црвена боја (симболизира крв), а наместо имињата свои на грбот, стоело името на движењето, како и други пораки.

Сократес после тренинг излегувал помеѓу народот и присуствувал на повеќе масовни собири против воената хунта. А непосредно пред да замине во Фиренца, одржал говор пред 200.000 луѓе во Сао Паоло.

Во 1984 во законодавниот дом на Бразил изгласан е предлогот за одржување претседателски избори во земјата. Една година потоа, на 15 јануари, Танкердо Невес е избран за претседател на Бразил. На инаугурацијата нему му се влошува здравствената состојба, по што е хоспитализиран, а функцијата ја презема Хозе Сарни, човекот што го окончува милитаристичкиот режим за навек.

„Да се победи не е најважно нешто. Фудбалот е уметност и треба да се покаже креативност. Ако Винсент ван Гог и Едгар Дегас однапред знаеле дека ќе бидат признаени и ценети, тие немале да го прават истото. Треба да си уметник без да размислуваш дали ќе победиш.“


На Светското првенство во Шпанија, 1982 година, бајката на Кариоките завршила како La tragedia del Sarria. На Бразил му бил доволен и бод за полуфинале, но Џентиле, Кабрини, Ѕоф и особено Паоло Роси (хет-трик), мислеле поинаку. Но, пред тоа, магија.



Сократес се враќа да прими топка и да поведе акција, ја носи залепена топката на противничка половина и во длабочина го пронаоѓа Зико за 1:1.

Од 1979 до 1986, Сократес го облекол дресот на Кариоките „само“ 60 пати, постигнувајќи 22 погодоци. Во 1986 година на Светското во Мексико, Бразил повторно игра најдобар фудбал и повторно испаѓа на болен начин. Пенали во четвртфинале против Франција, а нашиот јунак промашува еден од нив.

Фудбалската кариера, претерано завидна. Не мораш да играш во Европа за да бидеш голем (читај Пеле, исто така).

Прогласуван за најдобар играч на јужноамериканскиот континент, капитен на Бразил на два Мундијали, легенда во Коринтијанс.

Велат, постојат голем број причини зошто Сократес ќе биде вечно врежан во колективната фудбалска меморија. Примарната, принципиелното држење до својата политичка идеологија, непрестаната борба за нејзино остварување во сите можни форми и искористувањето на оваа прекрасна игра како платформа за политичка борба. Бидејќи фудбалот е политика и политиката е фудбал.

Фудбалот запирал граѓански војни, фудбалот предизвикувал тектонски општествени и социолошки поместувања, фудбалот рушел диктаторски режими. И тоа е едноставно така.



Токму принципите можеби и му го одзеле животот прерано. Одбивал да се лечи во приватни здравствени установи, а ужасното јавно здравство во Бразил го почувствувал на своја кожа. Трансплатацијата на дроб ја чекал уредно, како редовен пациент. Не сакал преку ред, не сакал да земе нечие место.

Пред да умре, единствената желба му била Коринтијанс да биде шампион и денот кога ќе оди на „оној“ свет да е недела. На четврти декември, 2011 година, неговиот Коринтијанс после ремито со Палмеирас, станува бразилски шампион. Во недела.

„Доктор Сократес отиде на небото да го поздрави Бог“ - стоеше на транспарент од навивачи на Фиорентина.

socrates_cuba99001.jpg


Долга коса, елеганција, сеприсутен физикус, жолт стегач за коса, долги нозе, фудбал во малиот прст. Толку необичен, а толку обичен. Доктор Сократес, еден од најголемите господа што спортот некогаш ги запознал.

А и не само спортот.

* крева стегната тупаница во воздух
 
Последно уредено:

Џонтра Волта

Qué miras, bobo?
Член од
20 јули 2020
Мислења
8.860
Поени од реакции
54.393
Сократес дефинитивно е попознат но понепознат факт е што неговиот брат Раи всушност е поуспешен фудбалер од него, освојувајќи титули со Сао Паоло и ПСЖ во 90тите.
Година дена после пензионирањето на брат му, Раи дебитира за Селесао каде во 91ва година има шанса за првата титула со Бразил во финалето на Копа Америка, ама тоа време едноставно не се можело против големиот Габриел Батистута.

Но, 3 години подоцна, во САД на Светското првенство Раи е капитен на бразилската репрезентација во групната фаза пред да биде сменет со Дунга а утакмиците од нокаут фазата да ги почне од клупа.
На крај, сепак Светски шампион.


Иначе во 86ра @RATM, Едињо е капитен на Бразил а не Сократес. Докторот само во 82ра бил капитен.
 

Џонтра Волта

Qué miras, bobo?
Член од
20 јули 2020
Мислења
8.860
Поени од реакции
54.393
Првиот аргентински син, првиот од триото што ја обедини и фрли во транс целата аргентинска јавност.
Најдобар стрелец, најдобар играч и освојувач на Светското првенство во 1978ма година.
Првиот Ел Торо, првиот Матадор (поздрав Лаутаро и Кавани).
Шпиц, полушпиц, везњак, нема проблем. Голман? He did it first. :D
2 пати по ред најдобар стрелец во шпанската Примера.
Топ 3 најдобар стрелец во историјата на Валенсија.
Од 2010та година фудбалскиот стадион во градот Кордоба го носи неговото име.

Марио Алберто Кемпес, Елллллллллллл Матадоррррррррррррррр


 

Scirea

ZARDOZ
Член од
4 август 2010
Мислења
26.499
Поени од реакции
80.570
Клаудио Џентиле, фудбалерот кој ги запре Марадона и Зико... Попознат како Гадафи ради тоа што е роден во Триполи, Либија тој важи за еден од најбруталните дефанзивци кои стапнале на зелениот терен. Беше дел од триото заедно со колегите од Јувентус и репрезентацијата Ѕоф и Ширеа. Ако Дино Ѕоф беше искусниот и капитенот во екипата, а Ширеа беше џентлменот на теренот познат по своите чисти стартови, Клаудио Џентиле беше касапот во тоа трио, ја вршеше највалканата работа во дефанзивниот дел. Снажен, борбен, цврст, жилав...позната е неговата изјава после натправарот со Аргентина од групната фаза каде на најбрутален начин ја запрел ѕвездата во подем Марадона, изјавувајќи дека фудбалот не е игра за балерини, или пак онаа другата понепознатата...

. I wanted to study Maradona and his potential, and how I could limit it. I couldn't stop him, but I could 'limit' him.”
И покрај тоа што редовно ги касапел играчите на терен, тој во цела негова кариера има заработено само еден црвен картон, и тоа со два жолти ради играње со рака на натпреварот против Клуб Бриж. Како и да е дефанзивната линија на Јувентус составена од Дино Ѕоф, Гаетано Ширеа, Клаудио Џентиле, Серџио Брио и Антонио Кабрини важи за една од најдобрите во историјата на фудбалот. Кариерата ја завршува во Фиорентина и Пијаченца, а од репрезентативниот дрес се пензионира после Европското Првенство во 1984 година, дозволувајќи му на Марадона помирно да го освои Светското Првенство во Мексико '86та. Да играше денес Џентиле, не би издржал 5 минути на терен од денешниве балерини, ќе јадеше црвени картони од соблекувална.

Како го запрел Марадона


Како го запрел Зико




Ова ние го викаме "Му се залепи како мрсул..."
 
Член од
22 декември 2011
Мислења
1.956
Поени од реакции
4.017
Тимот на Холандија од 70ти што го смени начинот на играње фудбал и е темелник на моменталниот фудбал, а не успеа да го помине последниот праг до светски првак. Пред 1974 оваа репрезентација не постоеше на фудбалската мапа, за од еднаш да направи бум со нивниот нов начин на играње фубал и да освои две сребра 1974 и 1978.



Кројф сите го знаеме, затоа ќе идам со Нескенс и Ренсенбринк.
Првиот се смета за првиот box to box midfielder. Силен, снажен, пргав а во исто време бил многу брз и технички поткован затоа често одел напред. Најдобар во изнесување на топка од своја половина во противничка. Играч на Ајакс и Барселона, со Ајакс освоил се неколку пати, со Барселона нормално НЕ. Кројф не би бил тоа без него.
Ренсенбринк, сенката на Кројф во репрезентацијата. Сличен играч како него, брз, технички поткован, со долги нозе и поради начинот на кој се движел ги викале змија. Играл во Белгија за Бриж и Андерлехт ( таму се смета за легенда ).


 
Член од
6 јануари 2023
Мислења
69
Поени од реакции
143
Гунар Нордал е рекорден стрелец на Милан на сите времиња и долго време го држеше рекордот за најмногу голови за еден клуб во историјата на италијанската лига, пред да биде надминат од Франческо Тоти во јануари 2012 година.Тој се уште го држи рекордот по голови за настап во Италија.
Играл за Милан од 1949 до 1956 и на 262 натпревари постигнал 214 голови,вистинска гол машина во своето време.
 

Kajgana Shop

На врв Bottom