Сликан неколку дена пред неговото предавство.
НЕМОЈТЕ НИКОГАШ ДА ЗАБОРАВИТЕ КОЈ ГО ПРЕДАДЕ АПОСТОЛОТ НА МАКЕДОНСКОТО РЕВОЛУЦИОНЕРНО ДЕЛО!
Гоце Делчев како да го посакувал тоа за да може целосно да му се посвети на македонското националноослободително дело. Така, во есента 1894 година станал учител во Штип, каде што веќе работел Даме Груев. Тука веднаш влегол во редовите на МРО и активно се вклучил во проширувањето на организационата мрежа во другите градови и села. На тие места Делчев создал здрави и цврсти бази на МРО, основал канали и погранични пунктови за пренесување на оружје, муниција и литература. При обиколката на тие места насекаде формирал месни комитети МРО.
Во есента 1896 година Делчев заминал за учител во Банско, Разлошко, каде што ја продолжил својата револуционерна дејност. Меѓутоа, наскоро дал оставка на учителската дејност, за да може целосно да се занимава со револуционерна дејност за потребите на македонското ослободително дело.
Уште додека учителствувал во Штип и Банско, по одржувањето на наставата, Делчев активно се занимавал со организаторска и агитаторска дејност. Напуштајќи ги училишните простории, особено по завршувањето на часовите, Делчев крстосувал по околните села и градови и вршел помасовно зачленување на населенито во редовите на ТМОРО. Така ТМОРО постепено ги префрлила градските ѕидини и се преселила и на село. Неделните училишта за возрасни, црковните и манастирските дворови за време на богослужбата претставувале идеални места за ширење на мрежата на ТМОРО. Свртувајќи го вниманието на селските маси, благодарејќи пред сé на поголемата Делчева ангажираност, се пристапило кон посмело, отворено и помасовно влегување на народот во редовите на ТМОРО. Со тоа се подигнало нивото на самочувството дека му се припаѓа на еден народ кој има своја традиција и дека е дојдено време тој да се ослободи од повеќевековниот османски поробувач.
Во пролетта 1895 година, за време на распустот, Гоце Делчев извршил повеќе обиколки во Македонија: во Велес, Солун, Кукуш, Дојран, Струмица, Радовиш и многу околни места во овие градови. Во сите тие места Гоце Делчев основал месни комитети на Организацијата и извршил масовно зачленување на населението во редовите на ТМОРО.
Мошне значајна е Делчевата дејност идното лето (1896 г.), кога во Солун се одржал Конгрес на ТМОРО. Заедно со Ѓорче Петров, го изработил нацртот на уставот и правилникот на Организацијата, која во иднина ќе се вика Тајна македонско - одринско револуционерна организација (ТМОРО). Во Уставот, кој содржел 19 члена, распоредени во четири глави, се следи политичката програма на македонското ослободително дело. Според него, Организацијата е “внатрешна” македонска (со вметнување на Одринско, кое сé уште не било ослободено од османлиите), која единствено ќе раководи со ослободителното дело на Македонија. Издигнувајќи го принципот на самостојност, независност и сувереност на Организацијата, без некакви надворешни попсегнувања и мешања, а особено оние кои што доаѓале од софискиот Врховен македонски комитет, била прокламирана целосна политичка автономија на Македонија и Одринско. Во таа смисла, според Член 1 од Уставот, се предвидувало дека ТМОРО има за цел да ги обедини во едно, сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, преку револуција, за извојување на политичка автономија. Значи со Уставот се трасирале патиштата за натамошниот развој на македонската ослободителна борба, дека патот кон слободата на македонскиот народ води само преку револуција, која ќе изврши коренити промени во општествено - политичкиот и социјалниот систем во земјата, но и во свеста на македонскиот народ.
Во периодот од 1896 до 1901 година Гоце Делчев, заедно со Ѓорче Петров, бил задграничен претставник на ТМОРО во Софија. Во оваа дипломатска мисија двајцата основоположници на Организацијата, во Бугарија настојувале да ја заштитат македонската ослободителна борба од ВМК во Софија и од освојувачките стремежи на бугарскиот двор.
Од 1897 година, па сé до смртта, во својство на општопризнат основоположник на четите на Организацијата и инспектор на револуционерните окрузи, Гоце Делчев праве повеќе обиколки низ Македонија, во повеќе правци и по неколку пати повторувања. Во историската наука е познат “Големиот поход на Гоце Делчев во 1901/1902 година во централна, западна и јужна Македонија”. Станува збор за Делчевата ревизија и организационата мрежа на ТМОРО, почнувајќи од Радовишко, преку Тиквешијата, во Прилепско и Битолско, завршувајќи во Леринско и Костурско.
Во почетокот на 1903 година Гоце Делчев со својата чета ги обиколил Серско и Струмичко. Во април истата година патувал за Солун со намера да го разубеди Даме Груев да го смени решението за кревање на предвремено и недоволно подготвено востание во Македонија. Не успевајќи во тоа, и доста разочаран, на враќање, за да земе учество на Серскиот окружен конгрес, предаден и следен, загинал на 4 мај 1903 година кај селото Баница, Серско.
Целиот свој краток 31 -годишен богат и плоден живот Гоце Делчев го посветил на самостојноста и самобитноста на македонското националноослободително движење, за подоброто утре на својот народ. Поради сето тоа, тој голем син на македонскиот народ зазема најзначајно - врвно место во историјата на Македонија.
Гоце Делчев водел непомирлива борба за ослободување на Македонија од стегите на османското владеење, потоа против посегнувањето на големобугарската завојувачка политика и на балканските земји во Македонија. Во таа смисла, неговата револуционерна девиза била борба за автономија на Македонија во рамките на Османската држава, како преодна фаза кон конечно ослободување на Македонија. Тоа значи дека тој го воспитувал македонскиот народ врз принципите на македонската автономија како услов за братско сожителство на слободните балкаснски народи. Оттаму, мошне јасна е неговата позната изрека: “Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите”.
Со својата храброст и личен пример, овој голем македонски син го будел духот за слобода на поробениот македонски народ, неговите чувства за самостоен живот, а со тоа ги продолжувал револуционерните традиции за национално и социјално ослободување. Затоа, неговото станало светол симбол, легенда во натамошните борби на македонскиот народ за извојување на слобода на татковината, поради што народот го опеал во народните песни.
Ѓорче Петров, Никола Малешевски и Гоце Делчев
Вечна му слава!