Земјата на сонцето не го користи сонцето
Анализите покажуваат дека со користење на сончевата енергија годишно може да се заштедат 32 милиони евра, колку што чинат и давачките за отворање на 6.874 нови работни места годишно
Единствена стопанска гранка, во светски рамки, која се покажа отпорна на глобалната економска криза е индустријата за соларна енергија.
И не само што е имуна на кризата туку оваа гранка ја намалува невработеноста и генерира економски пораст. Најновите податоци на Европската федерација за соларна и термална енергија (ЕСТИФ) покажуваат рапиден пораст од над 60 отсто на пазарот на ЕУ во оваа област.
Сите други стопански гранки бележат драматични падови. Само лани обртот на финансиски средства во соларната индустрија изнесува повеќе од три милијарди евра, со над 40.000 вработени со полно работно време.
Во услови на криза и рецесија токму соларната индустрија станува најсилниот и најбрз економски стимулатор за земјите од Европа, велат од ЕСТИФ. Со доаѓањето на Барак Обама, и САД своите приоритети ги пренасочија кон зелената опција и обновливите извори на енергија.
Каде е тука Македонија? На опашката на Европа.
Земјата на сонцето не го користи сонцето
Иако се декларираме како земја на сонцето, сé уште не знаеме да ја користиме неговата сила, која ја има во изобилство и е бесплатна. Во Македонија искористеноста на сончевата енергија е помала од 1 отсто, или илјадници пати помалку од другите европски земји. Бројот на постојано вработени лица во соларниот сектор исто така е многу низок и тие безмалку може да се избројат на прсти. Единствена комерцијална соларна централа во Македонија со моќност од 10,2 киловати и годишно производство од околу 22 мегават-часа беше пуштена неодамна и се наоѓа во селото Кадино.
Нејзиниот сопственик Звонко Марковски очекува ваквиот проект за изградба на сончеви централи наскоро да добие поширока примена во целата држава и ја промовира идејата за 10.000 сончеви покриви во Македонија.
- На тој начин и парите и струјата ќе останат во државата. Доколку има странски инвеститор, струјата ќе остане тука, но парите ќе отидат надвор. На ваков начин Македонија ќе добие една огромна соларна централа од 40 мегавати, која ќе произведува чиста зелена струја во наредните 50 години, а ќе се отворат и нови работни места - вели Марковски.
За помасовно користење на сончевата енергија се залага и МАНУ во Стратегијата за енергетика. Навистина е жално Македонија со над 270 сончеви дена во годината да има толку ниско ниво на искористеност на соларната енергија, порачуваат екологистите. За надминување на ваквите состојби Министерството за економија втора година по ред промовира кампањи за инсталирање сончеви колекторски системи, нудејќи субвенции до 300 евра на првите 500 семејства што ќе се јават.
Панели и по ридови
Според заменик-министерот за економија Методиј Хаџи-Васков, едно домаќинство може да заштеди околу 900 денари месечно на сметките за електрична енергија со примена на сончевите колектори.
Голите ридови и запуштени краеви во Македонија треба да се прекријат со сончеви панели. Тоа ќе биде и естетски поубаво и економски поисплатливо, сметаат експертите. Неодамна во пустината Сахара почна реализацијата на мегапроектот „Десертец“, со учество на 20 најголеми светски енергетски компании за поставување сончеви панели, кои треба да ја снабдуваат со струја цела Европа. Од здружението „Солар“ апелираат на јакнење на свеста и засилени институционални мерки за поголема искористеноста на соларната енергија.
- Потребно е да се обезбедат и директни грантови, кредити без или со ниска каматна стапка, како и намалување на даноците. Законите за градба треба да наметнат обврска од постоење на сончеви системи во секоја нова или темелно реновирана зграда - вели Сања Поповска Василевска од „Солар“. Светот веќе одамна сфати дека гасот, нафтата и струјата не се долгорочни опции, бидејќи се премногу скапи. Кај секоја од овие опции зависиш од волјата на снабдувачот, за што најдобар показател е и последната гасна криза во Европа. Најсигурниот снабдувач со енергија останува единствено сонцето. Тоа изгрева секој ден.
Како е во Европа
Барањата за соларно-термална технологија лани во Шпанија пораснале за 58 отсто, во Италија за 28 отсто,Франција за 18 отсто, но најголем чекор има во Германија, каде што пазарот е повеќе од дуплиран, со пораст од 120 отсто.
- Во 2008 година солуциите за соларно термално греење и ладење станаа примамливи во сé повеќе и повеќе земји - вели Оливер Друк, претседател на ЕСТИФ. Токму на ладењето и на греењето отпаѓаат над 50 отсто од вкупните потреби за енергија.
Секоја година се губат по 6.874 нови работни места
Сонцето, освен што грее, може и да вработува. Македонија секоја година за увоз на енергија троши стотици милиони евра. Анализите покажуваат дека со користење на сончевата енергија годишно може да заштедат 32 милиони евра. Претворено во број на работни места оваа заштеда значи 6.874 нови работни места годишно, со плаќање на сите давачки кон државата. Годишниот просек на издатоци што ги плаќа работодавецот по вработен изнесува 283.974 денари или 4.655 евра.
Повластени цени за енергијата добиена од обновливи извори
Искористеноста на обновливите извори на енергија, во кои спаѓа и сонцето, е спомената како една од клучните цели и во Националната стратегија за енергетика со важност до 2020 година. Министерот за економија Фатмир Бесими вели дека МАНУ до крајот на годината треба да подготви посебна стратегија за обновливите извори на енергија. За стимулирање на искористеноста на овие извори, Регулаторната комисија за енергетика усвои четири правилници за купопродажба на енергија произведена од хидроцентрали, ветерни електроцентрали, биогас и фотоволтаични системи. Во согласност со членот 141 од Законот за енергетика операторот на пазарот на електрична енергија е должен да ја откупи произведената енергија од овие извори по повластени таканаречени фидинг-тарифи. За енергијата добиена од сонцето цената е 46 евроценти по киловат-час. Сончевите колекторски системи и компоненти се ослободени од царина, а даночната стапка за нив изнесува 5 отсто. Државните стимулации од 300 евра по семејство за инсталирање сончеви колектори се исто така една од мерките за поголемо искористување на соларната енергија. За жал, онаму каде што сонцето најсилно грее, во Струмица и во Гевгелија, има и најмала заинтересираност за примена на вакви системи. На последниот оглас за субвенционирање најмалку кандидати имаше токму од овие места. Владо Костески, експерт, смета дека за неколку години може да се постигне покриеност од 20 до 30 отсто со колекторски системи на ниво на цела држава.
- Има системи со природна циркулација, кога и колекторот и бојлерот се поставени на таванот, и системи со принудна циркулација, кога колекторот е горе, а бојлерот долу во просторијата. Комплетна инсталација на еден ваков систем со набавка и монтажа чини околу 1.200 евра и во целост ги покрива потребите од топла вода за едно семејно домаќинство во текот на целата година - ни изјави Костески. Вложената инвестиција се враќа брзо преку намалените сметки за струја, тврдат познавачите.
Неодамна и Светската банка сугерираше Македонија да ја зголеми својата енергетска ефикасност.
Автор: Александар С. Димковски
http://www.time.mk/story_d64db93bee_article_3ea961bbd7.html