Кајганџиски книжевен каталог

Статус
Затворена за нови мислења.

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
21. Памела Траверс - Мери Попинс (рецензија - @Setsuko)

21.jpg

„Од моментот кога Мери Попинс пристигна во семејството Бенкс, нивниот живот потполно се измени“. Мора да е посебна оваа Мери Попинс кога може да го измени животот на едно цело семејство. Секако дека е. Навидум обична дадилка која доаѓа во Лондон на Црешовата уличка број 17 да се грижи за децата Бенкс, пристигнува донесена од многу силните источни ветрови и ветува дека ќе остане сѐ додека тие не се променат. Мери Попинс е строга и надмена, но доаѓа со волшебна торба, а кога децата ќе дознаат дека таа поседува магични моќи, нивните животи ќе станат чудесни. Таа ги носи низ низа магични авантури користејќи волшебен компас за да патува низ целиот свет. А кога најмалку ќе очекуваат таа едноставно ќе го отвори својот чадор и носена од западните ветрови ќе го напушти семејството.

Приказната за необичната дадилка е раскажана во серијал од 8 книги, првата била издадена во 1934 година и за многу кратко време доживеала огромен успех. Мистеријата што ја носи со себе ја прави допадлив лик и за децата и за возрасните. А таа на некој начин е и критика на проблематичниот однос помеѓу нив.

Инспирацијата за креирање на ваков лик се претпоставува дека е комбинација од тетката и слугинката во куќата на Траверс. Тетката имала невообичаен карактер, а слугинката имала чадор којшто го привлекол вниманието на Памела и го искористила како инструментално чудесно во својата книга.

Не постои дете кое не би сакало да има дадилка како Мери Попинс, затоа и романите го издржале тестот на времето и станале класици кои сѐ уште ја разбрануваат детската фантазија низ целиот свет.

Продукцијата Волт Дизни ги адаптираше книгите, а беа направени куп театарски изведби и мјузикли кои сѐ уште ги освојуваат и ги забавуваат детските срца.

22. Ана Франк - Дневник (рецензија - @Setsuko)

22.jpg

Буквите од едно мало книжуле добиено како подарок за роденден на едно 13 годишно девојче ни ги раздрмаа погледите на светот како никогаш претходно. Во тоа мало книжуле се истурени страдањата, желбите, скриените мисли и стравови на едно обично еврејско девојче - Ана Франк. Криејќи се од нацистите во поткровјето на една куќа, заедно со своето семејство, речиси 2 години, во текот на Втората Светска војна Ана Франк во својот дневник ги запишува сите емоции и случувања. Дневникот ѝ е единствен пријател и „слушател“, таа секогаш му се обраќа со „драга Кити“ како да ѝ раскажува настани на своја блиска пријателка.

Ужасите од војната, константниот страв, сооченоста со гладот и живот во затворен простор се толку живо раскажани што читателот буквално сочувствува и се соживува со малата авторка. На крајот таа дури и филозофски ќе почне да ги разгледува прашањата за животот и што значи да се биде добар? „Кога пишувам, сета моја тага исчезнува“ ни пренесува Ана без да биде свесна дека нејзините зборови ќе одекнат силно и многу години подоцна ќе влијаат врз модерната историја, но и книжевноста.

Колку и да е наивен стилот, Дневникот е еден искрен и детски поглед на настаните за време на Холокаустот којшто ви ја распара душата. Девојчето коешто почна да станува жена ги раскажува проблемите во семејството, својата прва заљубеност и соништата за иднината. Но нејзиниот живот мораше да заврши пред да започне, таа мораше да загине заради туѓи идеали, каприци, фрустрации. Заради едно цело полудено (не)човештво.

Единствен преживеан на крајот е нејзиниот татко Ото со чијашто помош подоцна Дневникот ќе ја види светлината на денот. Куќата на Ана Франк денес е претворена во музеј и секоја година привлекува милиони туристи. И иако таму се наоѓаат куп фотографии и предмети, директорот на музејот изјавил: „Мислам дека празнината е можеби најмоќната слика на Куќата на Ана Франк”. Ана има и фејсбук страница со повеќе од 2 милиони следачи. Децата сѐ уште пишуваат писма упатени кон неа, како Ана да е нивна пријателка. А таа вечно ќе остане девојчето кое никогаш не порасна.

23. Џани Родари - Приказни по телефон (рецензија - @Zlatikevichius)

23.jpg

Една од моите најомилени книги од детството. Јас ја имав и таа среќа која за жал денешните деца веќе нема да ја имаат, да ми биде задолжителна лектира во трето одделение (со последните измени на списокот на лектири за основно образование, е укината). Затоа, сметам дека мора да стои во нашиот список со детска литература, за ако некое љубопитно дете дојде на форумов и сака да прочита нешто друго освен лектирите, да ја пронајде, и да ужива.

„Приказни по телефон“ е збирка од многу кратки (некои само една страничка, а повеќето не подолги од 4 страници) и многу слатки приказни, кои еден фиктивен татко од Варезе, сметководителот Бјанки, кој заминал на фиктивен пат, ги раскажува на својата фиктивна ќерка, секоја вечер во 9 часот, пред заспивање. Приказните се неверојатно имагинативни, забавни, го топлат срцето и скоро секогаш нудат една блага оптимистична визија за тоа како би требало да изгледа светот. Повеќето од приказните можеби изгледаат глупаво, со сите тие намерни бесмислици и парадокси, но на крајот секогаш нудат една нежна слика за светот со пораки за љубов, мир, правда и почит. Џани Родари овие кратки приказни најпрво ги објавувал по списанија, додека на крај одлучил да ги објави заедно во збирката „Приказни по телефон“, што меѓу другото, му донело и Ханс Кристијан Андерсен награда за детска литература, и милиони насмеани фанови по целата Земја.

Оваа збирка е како „Декамерон“ на Бокачо, само за деца. И она што е интересно, е што и сега, кога препрочитав некои од приказните, за да се потсетам за пишување на оваа кратка рецензија, не ми изгледаат ни малку глупави или „детски“. Напротив, измамија насмевка кај мене, па затоа со право можам да тврдам дека ова не е збирка за деца, туку и за возрасни. Зашто во секого од нас постои дел кој посакува да може да врне дожд од бонбони, да постојат дворци од сладолед, да има глувци кои јадат мачки, и пушки кои наместо да стрелаат со куршуми ќе викаат „пу“ и ќе ги плукаат на земјата. За сите мали и големи деца, огромна препорака од мене!

24. Џек Лондон - Повикот на дивината (рецензија - @Ne_sum_ja)

24.jpg

Повикот на дивината е вистинско ремек дело на Џек Лондон. Главниот лик во оваа книга е кучето Бак кое е половина бернандинец и половина шкотски овчар. Неговиот живот како домашно милениче во Калифорнија уживајќи во благодетите на таквиот живот и грижа е нарушен кога е украден и продаден при што на крај завршува како куче кое влече санки во Алјаска. Неговиот живот доживува целосна промена и Бак е соочен со комплетно друга реалност и со суровоста на природата и човекот.

Џек Лондон маестрално го обработува главниот лик Бак, феноменалните описи кои му ги придава, и му наметнува човечки особини како и чувства и истиот лик со голема умешност постепено го еволуира од домашно милениче во див ѕвер воден од своите природни инстинкти. Суровоста на животот со која ќе се соочи Бак верувам дека може да се пренесе како алегорија за човекот во многу животни приказни и ситуации. Постепеноста со која Бак се чувствува отфрлен од човека ја преминува и последната граница. Бак го чувствува повикот на дивината и веќе не може да одолее. Веќе последната нишка е скината и Бак не се чувствува поврзан за човекот. Романот го има класичниот тек на настани како роман за морален и карактерен развој на главниот лик. Со таа разлика што тука ликот е куче, и наместо класично созревање ликот на крајот станува див и крволочен.

Тука морам да напоменам, како и во другите негови книги, многумина ќе се согласат дека му нема рамен на Џек Лондон во неговото доловување на пејсажот на Алјаска, животот во тоа време исполнети со сета таа суровост, бруталност и авантуризам.

Повикот на дивината е една од првите книги за кои јасно се сеќавам дека сум ги прочитал. Се сеќавам дека истата имала големо влијание врз мене. Не сум помислил дека некој може да опише куче и кучешки ум на тој начин. Книгата не бара напор за читање ниту некоја посебна софистицираност, но трасформацијата на Бак и самиот тек на настани е брутален. Џек Лондон прекрасно ја везе оваа приказна во едно безвременско ремек дело и задолжителна литература за сите генерации.

25. Френк Баум - Волшебникот од Оз (рецензија - @Zlatikevichius)

25.jpg

Ова е веројатно најпознат пример за еден од оние дела за кои сите знаат, а ретко кој ги има прочитано. Барем кај нас. Во САД се смета за еден од најкултните детски класици. Се оди до таму што го сметаат романот за првата вистинска американска бајка, зашто иако претходно Американците имаат други автори на детска литература, како Вашингтон Ирвинг, на пример, овој роман-бајка е прв смесен во Соединетите Американски Држави, односно прв во кој се спомнуваат градови од САД, како Канзас и Омаха, и некои елементи од американскиот живот, како фармерството и индустријализацијата. Кај нас веројатно е познат преку бројните адаптации, кои сме ги гледале пред сѐ на филмското платно и телевизиските екрани, од кои најпознат е филмот од 1939, со Џуди Гарланд како Дороти.

Приказната ни е на сите добро позната: циклон ја уништува куќата на малата Дороти во Канзас, и неа, заедно со куќата и нејзиното куче Тото ја носи во волшебниот свет Оз. Кога куќата паѓа таму, ја убива Лошата Вештерка од Истокот, па како благодарност, Дороти добива од Добрата Вештерка од Северот магични сребрени чевлички и совет да појде по патеката поплочена со жолти тули до Смарагдниот град каде живее Волшебникот од Оз, кој е единствен кој може да ѝ помогне да се врати дома. По патот кон Смарагдниот град, Дороти среќава едно Страшило, еден Метален Дрвосечач и еден Плашлив Лав - секој со своите проблеми и прашања, ќе ѝ се приклучат на Дороти на патот кон Волшебникот од Оз, кој веројатно има решенија за сите нив. По патот ќе доживеат многу непријатности, ќе се спротивстават на Летачките Мајмуни кои ќе ги испрати Лошата Вештерка од Западот, и ќе доживеат уште многу авантури. За нив и за сето тоа што ќе го видат кај Волшебникот од Оз, ќе прочитате на страниците од оваа американска бајка.

Идејата на самиот Баум била да напише модерна сказна која ќе има една единствена цел: да забавува. Тој сакал таа да биде лишена од морализирање - нешто што, верувал, го правеле сите бајки кои ги знаел, и од сите тие инциденти, крвопролевања и лоши работи кои им се случуваат на ликовите во бајките, сѐ со цел да се прикаже тој морал. Но, иако е точно дека „Волшебникот од Оз“ не нуди претстава за било какви морални вредности, или барем не очигледно, дефинитивно потфрла кога е во прашање идејата за „немање инциденти“. Но иако романот е без морални поуки, сепак под површината крие нивоа кои подлежат на многубројни толкувања, почнувајќи од тоа дека она што е навистина важно е како луѓето се справуваат со ситуациите во кои ќе се затекнат: дали со храброст, искреност и љубов кон тие кои се покрај нив, или сосема спротивно од тоа; па се до алузиите за Америка во 19 век.

„Волшебникот од Оз“ е роман кој е преведен на преку 50 јазици во светот, кој станал значаен дел од многу култури. Така, во Русија, преведувачот всушност го адаптирал романот за тамошните читатели, со што значително го изменил од оригиналот. Во Индија Металниот Дрвосечач бил заменет со коњ, а во преводот во Израел го заменилe името на земјата Оз во Уз, реферирајќи на библиската земја Уз, земјата на Јов, со што преведувачите на хебрејски на романот му дале библиски конотации кои отсусвуваат во американскиот оригинал. Првиот превод кај нас се појавил релативно доцна, во 1984, во издание на Детска радост, и подоцна, во 1989, уште едно издание, на Култура. Тоа биле ограничени тиражи, кои не можеле да стигнат до секое дете, па така, и јас, како и многу други деца во тоа време, го немав прочитано. До неодамна. Првото издание на македонски по 1989 е дури во 2012 година, откога романот има доживеано уште неколку реизданија, од повеќе издавачки куќи. Од 2019 е воведен и во списокот на изборни лектири за четврто одделение, па така идните генерации деца ќе имаат среќа да го прочитаат и да уживаат во него уште додека навистина можат да патуваат по Оз. За сите останати: отворете го срцето, препуштете ѝ се на имагинацијата, јас сум убеден дека детето во ниту еден од нас не е умрено. И авантурите во Оз нѐ чекаат!
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
26. Оливера Николова - Зоки Поки (рецензија - @Setsuko)

26.jpg

Кога двете писателки Оливера Николова и Оливера Ќорвезироска тргнале на некаков книжевен настан којшто требало да се одржи во библиотеката во Битола, по пат им се расипал автомобилот. Брзајќи да стигнат на време, автостопирајќи ги качил некој возач кој исто така возел кон Битола. Во неврзан разговор ги прашал што им се случило и каде одат, а двете Оливери му откриле која е целта на нивната посета. Возачот им кажал, „ах јас не сум многу по книгите, само Зоки Поки ја имам прочитано во животот“, без да биде свесен дека токму авторката на тоа култно дело се наоѓа во неговото возило во моментот.

Оваа анегдота всушност ја покажува значајноста и популарноста на „Зоки Поки“. Не постои човек во Македонија којшто не слушнал за Зоки Поки. Расказите за палавиот Зоки, Оливера Николова ги напишала пред и самата да има деца, верувала дека нема некој посебен афинитет кон книжевноста за деца и дека не ја познава детската психологија. Но, до ден денес се покажува сосема спротивното. Зоки Поки го обожаваат и децата и возрасните. Неговите авантури се блиски до оние на сите деца на негова возраст, тие лесно сочувствуваат со неговите прашања и „проблеми“.

Но, немаше да постои Зоки Поки (ами само едно обично детенце со име Зоран) ако не постоеше и една Лидија. Другарството со Лидија за Зоки е светост, разговорите меѓу нив се толку природни и едноставни, но со својата љубопитност тие загатнуваат сосема нови светови.

„Зоки Поки“ е единствената книга за деца од македонски автор која доживеала екранизација преку две ТВ серии. Најновата современа адаптација е вистинско освежување што нуди уживање за најмалите, но и за повозрасните.

27. Марко Цепенков - Силјан штркот (рецензија - @Ne_sum_ja)

27.jpg

Силјан Штркот е една од најубавите македонски народни приказни собрана од Марко Цепенков. Историјата вели дека Марко Цепенков ја чул приказната од татка си, но во каква форма не може да се утврди. Бездруго, сигурно постоела основната фабула на непослушниот син, кој се побунил против својот татко.

Во приказната станува збор за Силјан, млад аџамија, мрзелив и без никаква желба за селска работа, туку само со мерак за уживање во прилепските меани. Не слушајќи ги татковите поуки, Силјан се решава да следи некој духовник по околните села и да денгуби. Во сиот сплет на околности и неговото патување на гемија, Силјан после доживеаниот бродолом завршува на еден чуден остров каде што живеат луѓе со долги нозе и носови. Откога ја дознава нивната приказна, Силјан останува таму цела година и се претвора во вреден, работлив и одговорен човек. Сепак при враќањето во својот дом, Силјан е принуден да живее цела година како штрк на кровот на својата семејна куќа и немо да ги гледа сопругата, синчето, родителите и сестра му.

Во центарот на оваа приказна е семејството како главна општествена клетка во македонското општество, односот помеѓу родителите и децата, почитта и на крај транформацијата на еден човек кога практично ги сфаќа битните работи во животот. Во ликот на Силјан се случуваат низа големи внатрешни психолошки процеси кои резултираат негова целосна метаморфоза од мрзелив распуштен син во созреан, вреден и одговорен маж. Приказната полна со перипетии одлично ја води транформацијата изразена преку водата, поуката и духовното освестување.

Марко Цепенков одлично ја води оваа волшебна народна приказна, ткаејќи ја постепено се до соодветниот момент за разрешување на ситуацијата. Тука на дело ја гледаме одличната способност на Цепенков како раскажувач кој знае да го задржи балансот помеѓу дотерување и стилизирање на приказната без да се изгуби нејзината суштина. Силјан Штркот е народна приказна погодена во суштината на македонскиот народ и неговите семејни односи, задолжителна за секоја нова генерација на деца.

28. Видое Подгорец - Белото циганче (рецензија - @Zlatikevichius)

28.jpg

„Белото циганче“ е еден од стожерите во македонската книжевност за деца. Роман со кој растеле многу генерации, и иако времињата опишани во него се само одамна заборавени сеќавања, тоа е роман кој и денес не ја губи свежината. Затоа што зборува со универзален јазик и зашто подучува на универзалните вредности. Иако според многу извори на интернет романот бил објавен во 1972, најверојатно сепак прв пат излегува од печат во 1966, во издание на НИП Нова Македонија. Од тогаш до денес е реиздаден уште најмалку 20 пати, од различни издавачи. Сѐ уште е задолжителна лектира за основно образование, во шесто одделение кај нас, и во осмо одделение во соседна Србија. Многу деца растеле со него, за среќа и уште многу генерации ќе растат.

„Белото циганче“ е приказна за едно скромно момче, малиот Таруно, но голем во срцето и душата. Тој нѐ учи дека трпеливоста, молчењето на неправдите и злото од другите насочено кон нас, не е маана, туку доблест. Во една сцена од романот, кога неколку момчиња му се потсмеваат и го малтретираат само затоа што е поинаков од нив, наместо да им врати со иста мера, Таруно спокојно и со зборови им се обраќа, велејќи им дека еден ден ќе се срамат за тоа што го прават сега. Им вели дека во моментот тој во нивните очи не е таков каков што навистина е, туку таков каков што тие го замислуваат, за што тој воопшто не е виновен. И дека тој е сам и исплашен зашто тие се многу, но дека не им се лути, туку целосно им простува. Оваа едноставна, но длабока сцена и ден денес ме остава растреперен, и секогаш кога сакам да бидам подобар човек, си припомнувам на неа. Целиот роман е една длабоко поучна приказна: сите неправди во овој свет, од кои не се поштедени и најневините детски души, сите несреќни моменти и сето зло околу, со себе носат и нешто добро - една поука дека само треба да се истрае и од сето тоа ќе излеземе посилни.

Подгорец во „Белото циганче“ не само што раскажува една чудна, тажна судбина, за едно несреќно дете кое бара среќа во најмалите нешта; не само што поучува; туку и на еден мајсторски начин успева да пренесе една атмосфера - на ромскиот начинот на живот, нивната култура, нивната уметност... Тоа создава едни емоции кои се вруток на среќа, но истовремено од нив ти доаѓаат солзи ко река. Од секоја страница тука блика некоја лирска меланхолија која те носи во некои чудесни светови, ти создава неописливи чувства, носталгично те навраќа во детството, те воздигнува до облаците и потоа те остава да треснеш на земја, скршен од болка. Баш како и самиот живот. „Белото циганче“ кажува многу за животот. Затоа, вистинска штета е ова парче перфекција да се пропушти. Кој не го прочитал - задолжително! Веднаш!

29. Славко Јаневски - Шеќерна приказна (рецензија - @Setsuko)

29.jpg

Славко Јаневски е водечко име во македонската литература, а како таков на голема врата внесува нови стилови, техники и сосема нова поетика од претходно познатата. Јаневски верувал дека не секоја книга за деца треба да има дидактичка (поучна) улога како што имале претходните наративи, со самото тоа тој донел естетика и уметничка вредност во литературата за деца.

Неговото шеќерно дете е пандан на Пинокио, Јаневски е нашиот Колоди којшто ќе напише една модерна сказна и ќе ја внесе фантастиката како начин на мислење и творење. Оттука, неговиот наратив е остварен со помош на алузивна и илузивна компонента, а тие две се влеваат во третата, обединувачка компонента - алегоријата. Фантастиката во оваа шеќерна сказна е постигната со помош на негацијата и колебањето. Така на пример во градот Негобило (уште во самиот наслов се насетува колебливост, постоел градот или не?) живеат итри арамии, судии кои никогаш не судат, волшебник кој една минута е добар, една лош, лакоми глувчиња и секакви животинчиња. Во неговиот свет како и во реалниот земјата е тркалезна, па така тој верува дека од каде и да тргнете пак таму ќе стасате.

Шеќерното дете е мало човече со крупни очи од бадем, густа коса од чоколада, кошулче од мед испрскано со суво грозје и панталончиња од печен шеќер направено од слаткарот Марко. Тоа ќе оживее и ќе започне сопствен живот. Шеќерното дете минува низ куп авантури не можејќи да се изначуди на сите чудесии што го опколуваат, а на сите останати, на своите сограѓани, на децата и возрасните ќе им го направи животот многу повесел и поразличен. Во таква една симпатична збрка, преку многу перипетии шеќерното дете ќе излезе како симбол на добрината, слободата, правдата, упорноста и вербата во својата животна определеност.

30. Бошко Смаќоски - Големи и мали (рецензија - @Setsuko)

30.jpg

Во романот на Смаќоски малите се големи, а големите се мали. Преку постапките на децата од улицата Караорманска сфаќаме колку тие се далеку поправедни, почесни и поискрени од нивните родители.

Нараторот во овој роман, студентот Стево е директен сведок, но и учесник во настаните на улицата Караорманска и околните згради. Тој ќе изнајми соба под ќирија кај тетка Донка која живее со синот Раде, а нејзиниот сопруг Пандо е во затвор. И во социјалистичко време класните разлики се големи, па така тетка Донка не може да се мери со Важната, но е во постојан конфликт со неа, Судијата што живее во подрумот крие сурова тајна и болно животно искуство, самохраната мајка на Ѓоре е чистачка што едвај врзува крај со крај, осамената поранешна директорка бара утеха на секакви начини, Јордан Касапот не дозволува никој да го наруши неговото достоинство. Тука се и децата: Диме Такси, Раде, Буба, Ѓоре, Конде, Жарко како чиста имитација или пак опозит на примерите што секојдневно ги гледаат наоколу.

Запознаваме плејада ликови соочени со сличен товар. Сите ни се блиски, сме ги виделе во соседството, а во некои од нив можеби ќе се препознаеме и самите. Постапките на возрасните ликови понекогаш се толку бесмислени што предизвикуваат одбивност кај децата. Но, тие и самите понекогаш несвесно ги имитираат нивните куќни совети и нивните расправии. А едно од обично детско недоразбирање може да ечи цела Караорманска. Сепак, одлуките на детските куќни совети се праведни затоа што тие ги донесуваат со срце и без скриени намери.

Портретирајќи ги овие ликови Смаќоски ни ги посочува сомнежите и стравовите на возрасните, осудувањата што си ги упатуваат еден кон друг заради длабоките скриени страдања, но и безгрижната детска игра, чистите први детски љубови, желбата да му се помогне на послабиот и гордоста кога ќе се успее во тоа.

Приказните и судбините на ликовите од „Големи и мали“ исто така беа прикажани и во истоимената ТВ серија преку која многу познати јавни личности го трасираа патот кон успешни кариери.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
III. Современа литература

1. Агата Кристи - Убиство во Ориент Експрес
2. Албер Ками - Странецот
3. Алесандро Барико - Замоци на гневот
4. Андре Бретон - Надја
5. Владимир Набоков - Лолита
6. Михаил Булгаков - Мајсторот и Маргарита
7. Орхан Памук - Музеј на невиноста
8. Труман Капоти - Во ладна крв
9. Казуо Ишигуро - Никогаш не оставај ме
10. Џон Фаулс - Колекционер
11. Вилијам Фокнер - Врева и бес
12. Ерик Марија Ремарк - На запад ништо ново
13. Вилијам Голдинг - Господар на мувите
14. Џек Керуак - На пат
15. Итало Калвино - Ако една зимска ноќ некој патник
16. Дејвид Мичел - Атлас на облаците
17. Харуки Мураками - Норвешка шума
18. Хенри Џејмс - Свртување на завртката
19. Херман Хесе - Демијан
20. Приказната на робинката - Маргарет Атвуд
21. Ернесто Сабато - Тунел
22. Џозеф Хелер - Catch 22
23. Жозе Сарамаго - Слепило
24. Ханиф Курејши - Буда од предградието
25. Семјуел Бекет - Чекајќи го Годо

1. Агата Кристи - Убиство во Ориент Експрес (рецензија - @Setsuko)

1.jpg

„Обично идеите ми паѓаат на памет кога мијам садови, тоа е толку глупа и досадна работа што секогаш ми се јавуваат некои мисли за убиство“ - одговара Агата Кристи на прашањето од каде ја добива инспирацијата за нејзините романи.

Изгледа дека многу често миела садови затоа што Кристи има напишано повеќе од 70 детективски (крими) романи, а „Убиство во Ориент Експрес“ е еден од најпознатите, најпреведуван и најчесто екранизиран. Агата Кристи покрај тоа што е една од најплодните авторки, таа продала и милионски тиражи од нејзините книги. Единствено Библијата и Шекспировите дела се попродавани од нејзините романи.

Главен лик во „Убиство во Ориент Експрес“ е нејзиниот веќе добро познат херој, детективот Херкул Поаро. Целото дејство се одвива во луксузниот воз Ориент Експрес каде што се случува убиство. Убиениот е безмилосно прободен точно 12 пати, а секој од патниците е можен соучесник. За да не се прави голем скандал околу настанот во угледниот воз Поаро е замолен директно таму да ја врши истрагата. Како што ги испрашува сите патници поединечно, тој сфаќа дека случајот е многу посложен отколку што изгледа. Во еден момент тој ќе рече: „Невозможното не може да се случи, според тоа невозможното мора да биде возможно, иако не изгледа така“. На крајот Поаро ќе ги собере сите патници од возот за да им го изложи можното решение, а можеби и повеќе решенија?

Агата Кристи го инволвира читателот во случајот поставувајќи му сосема ситни хинтови и го тера со глад и љубопитност да ја врти секоја наредна страница. Стилот и структурата преку која го гради случајот се импресивни и едноставно не дозволуваат да ја испуштите книгата од раце. Колку и да е клише овој израз, оваа книга навистина „се чита во еден здив“.

2. Албер Ками - Странецот (рецензија - @Setsuko)

2.jpg

„Денеска умре мама. Или можеби вчера, не знам.“ - започнува Ками, доволно кратко, но и доволно силно за оваа реченица да одекнува години и години подоцна.

За романот „Странецот“ се напишани илјадници научни, филозофски, естетски и секаков вид статии и истражувања, но тој сѐ уште останува неистражена и вечна тема. Обидувајќи се да го одгатнеме навидум неинтересниот живот на Мерсо, Ками нѐ вовлекува во една атмосфера на монотонија, безначајност и апатија. Во првиот дел од романот го запознаваме Мерсо како лик кој е тотално незаинтересиран за околината, но и за себе самиот, додека во вториот пак учествуваме во еден бесмислен судски процес кој е неверојатно сличен со нашата реалност.

Филозофската нихилистичка, но и егзистенционалистичка нишка Ками ја протнува во секојдневието на Мерсо пишувајќи многу едноставно, просто раскажувајќи, речиси новинарски и фактографски. Самиот наслов има повеќе значења, може да означува некој што е непознат, напуштен, неупатен, отстранет, туѓинец, односно некој што свесно одбива да ја игра „играта“. Ако животот е игра во која сите свесно учествуваме знаејќи дека трагично ќе завршиме, тогаш Мерсо одбива да ја игра. Тој е сосема апатичен, неговите постапки се апсурдни и не доликуваат на општествено прифатените норми. Но, Мерсо си е странец самиот на себеси, тој е лик на којшто му е сосема сеедно дали ќе постои или не, според тоа смета дека е сосема неважно дали и како ќе постапи во одредени ситуации. Токму затоа од него може да се очекува и најнеочекуваното, најшокантното, најнеприфатливото и најнеобјасливото.

Иако живее според филозофијата на апсурдот за Мерсо можеби постои спас. Ками го нуди тој спас во покајувањето свртувајќи се кон религијата, но дали тоа е ништо друго освен илузија? Дали смртта за Мерсо ќе значи казна или спас?

На овие и многу други прашања одговорот немојте да го барате во романот на Ками, но без никаков сомнеж тој ќе разбуди бранувања во секое човечко битие.

3. Алесандро Барико - Замоци на гневот (рецензија - @Zlatikevichius)

3.jpg

Кога го прашале Барико зошто го напишал овој роман, одговорил: „затоа што тоа беше романот што сакав да го прочитам, но не можев да го најдам во библиотека“. Колку и да звучи ова како излитена фора, навистина е така: нема никој налик Барико во ниту една библиотека на светот. Барико е писател со поетска душа, мечтател кој ги тера читателите да мечтаат заедно со него... Ако може да стои некој на тенката линија помеѓу лудоста и генијалното, тоа е Барико! Така и во „Замоци на гневот“, неговиот прв роман, кој, по мое мислење, не е прв само хронолошки, туку е прв и по значење.

„Замоци на гневот“ е сместен во едно сосема (не)веројатно место, малото селце Квинипек, во XIX век, каде животот решил да не одминува, туку да стои, во место, неподвижно, и немо. Квинипек е полн со сонувачи: некои од нив како господин Рејл сонуваат да го спојат Квинипек со железница со остатокот од светот, сѐ со цел да го придвижат животот со неверојатна брзина од дури 50 километри на час, други сонуваат за цели градови направени од стакло, и за стаклени плочи, толку големи што се простираат некаде до недоглед, трети сонуваат да станат сопрузи и мајки без воопшто да имаат сопруг или деца... Четврти, сонуваат само да заминат од таму... И додека сите така сонуваат нешто, во Квинипек доаѓа Елизабет... Тоа е локомотива, која господин Рејл ја поставува на почетокот од железничката линија од 10 километри која планира да ја гради. „Ништо не смееше да изгледа исто како порано кога пристигна брзината. Таа машина не даде сила, но нешто концептуално, сѐ уште замаглено, нешто што не беше таму: брзина“. Елизабет и Квинипек се двата стожери во романот - околу нив еден куп ликови кои со своите приказни, љубови, соништа, желби и лудила, во една надреална, апстрахирана од време и простор атмосфера, го сочинуваат целиот наратив. Всушност, многу е тешко да се опише романот како една целина, бидејќи е едноставно да се зборува за неговите ликови, но не и за целината. Единствено нешто што ги поврзува сите нив е желбата да дадат живот на сопствените желби.

Стилот и јазикот на Барико се уникатни. Јазикот е поетски, со многу повторувања на зборови и реченици, со игри на зборови, празни страници, прекинати мисли и вистинска поезија со кој создава една атмосфера како во сон, каде реалното и имагинарното се допираат и по малку прелеваат едно во друго, а на средината на тој спој се наоѓа центарот на неговиот универзум. Барико е како сликар кој ги зема најсветлите бои од палетата на животот и со нив слика приказни кои оживуваат и бесмислени ликови но со неверојатна генијалност. Фантастичниот свет на Барико поставува милиони прашања, но не дава одговори. Нив ги остава на имагинацијата на читателот. Или како што Барико неколкупати повторува во еден дел од романот: „Се случуваат работи што се како прашања. Поминува минута, или години, и потоа животот дава одговор“. Не можете а да не останете со подзината уста, занемени од едноставната совршеност која тој ви ја сервира, по секое негово дело, а пред се по „Замоци на гневот“. И барем за нијанса да бидете поголеми сонувачи од тоа што сте, зашто „желбите се најважното нешто што го имаме и не смееме да си играме со нив. Така понекогаш вреди да не спиеш за да ја следиш сопствената желба“. И во најневеројатните моменти, важно е да не се откажувате и да гледате напред, кон она кое само вие можете, а никој друг не го гледа. Како кога Ектор Оро ја здогледува за прв пат Елизабет, и го прашува господин Рејл:

-Ама кому му текнало да постави таму споменик на железницата?
-Тоа не е споменик.
-Не?
-Тоа е вистинска локомотива.
-Вистинска локомотива? И што прави таму?
-Како, зарем не гледате? Тргнува.


4. Андре Бретон - Надја (рецензија - @џимеј)

4.jpg

Убавината ќе биде грчевита или ќе ја нема, така го завршува Андре Бретон своето најпознато дело во 1928 година. Таткото на надреализмот, кој четири години претходно ќе го напише Манифестот на ова движење, во Надја ги опишува настаните кои што се одвиваат во текот на десет дена, и зборуваат за случајните и не толку случајни средби помеѓу авторот и Надја. Таа, во октомври 1926 година, близу до книжарницата Дорбок, ќе му рече на Андре - Јас сум ти мисла за капење во просторија без огледала, и на еден начин, токму во таа реченица може да се насети суштината на надреализмот. Но, која е (или што претставува) Надја?

Надја е раскажана нелинеарно и речиси во одломки. Започнува со прашање за идентитетот, за неговата сеприсутност и дуалноста. Дали Бретон ја избира Надја или Надја го избира Бретон? Тој вели „можев да се свртам кон себеси, кон оној, кој од најголема далечина ми доаѓа во пресрет со секогаш патетичното прашање Кој е тоа? Кој е? Вие ли сте тоа, Надја? Дали е вистина дека е онстраното, дека всушност се е онострано во овој живот?“. Делото некаде продолжува фрагментарно; Бретон го опишува животот во Париз во 20тите години од минатиот век, споделува анегдоти, се занимава со поетите кои (како што ќе се види подоцна) оставаат белег во надреализмот. За повпечатлива автентичност, во Надја се содржат 44 фотографии и цртежи кои иако имаат еден вид документаристички пристап (неколкуте цртежи на Надја, портретите на Бретон и неговите пријатели, кафулињата, книжарниците), несомнено придонесуваат за апстрактноста на делото.

За да се направи дисекција на Надја треба време, отворено срце и чиста мисла. Станува збор за едно од најважните дела на надреализмот, правец за кој сакам да мислам дека не успеал долго единствено затоа што бил премногу добар. Мојата прва средба со надреализмот во литературата беше токму преку Бретон и Надја. Потоа копав подлабоко и се запознав со загадочниот Лотреамон (но тоа е друга тема).

За жал, не можеме да се пофалиме со завиден број надреалистички дела преведени на македонски. Првото (и единствено) издание на Надја на македонски е на Магор и во превод на Анка Ѓурчинова, која ја добива наградата „Ванѓа Чашуле“ за најдобар превод во 2010 година. Мислам дека се уште може да се најде по книжарници и антикварници.

5. Владимир Набоков - Лолита (рецензија - @Ne_sum_ja)

5.jpg

Лолита, светлината на мојот мојот живот, огнот во моите препони. Мојот грев, мојата душа. Ло-ли-та: врвот на јазикот тргнува на пат од три чекори надолу по непцето за, на третиот, да ги допре забите. Ло. Ли. Та.

Набоков го пишува едно најголемите книжевни дела на 20-тиот век скоро пет години со многу откажувања, предомислувања и како што самиот вели на два пати со желба да го запали ракописот. Самиот вели, како што ја измислив Западна Европа и Русија, така требаше да ја измислам и Америка. По завршувањето на книгата се соочува со проблемите на нејзино издавање. Во САД сите контактирани издавачи го одбиваат, додека неговите пријатели го советуваат да ја објави книгата анонимно под псевдоним. Најпосле две години по нејзиното завршување Лолита е објавена од француската издавачка куќа Олимпија Прес. Книгата се соочува со инстантно распродадени тиражи и распродажба низ Европа а подоцна во Америка но и во исто време се соочува со разни рестрикции, две годишна забрана во Франција, и дури еден конзервативен пратеник во Британија ќе биде принуден да даде оставка од причина што бил партнер во издавачката куќа која ја издала книгата во Британија.

Во книгата станува збор за ликот и во исто време наратор Хамберт Хамберт неговиот живот и неговата опсесија со дванаесет годишното девојче Долорес Хејз или како што тој ја нарекува неговата нимфета Лолита. Набоков совршено ја склопува сложувалката и одлично го развива ликот на Хамберт неговото минато, коренот на неговите опсесии и константната војна помеѓу него или Лолита за секој да го добие тоа што го посакува. Лолита исто така претставува еден многу специфичен лик на девојче но истовремено многу итро, свесно и совршено владеејќи ги своите способности познавајќи точно кои копчиња да ги притисне кај Хамберт. Низ книгата имаме постојан судир на авторитетот на Хамберт и способноста на Лолита да ја искористи неговата физичка зависност од неа со цел да го манипулира во своја корист. Доколку Лолита му робува на Хамберт физички, он и робува на неа психички. Овој однос на Хамберт и Лолита е еден од највпечатливите и најконтроверзни односи помеѓу два лика во книжевната литература, кој не е ниту црн ниту бел туку одлично изведен со многу посветли или по темни нијанси на сиво, сето тоа благодарение на способноста на Набоков.

Прозата за мене е совршенство. Чисти течни реченици, игра со зборови, на многу места двосмислености, анаграми и нелогизми како што е зборот “нимфета” кој Хамберт го користи да го опише типот на девојчиња како што е Лолита. Генерално уживам да го читам Набоков но во оваа книга неговото пишување ја има надминато секоја граница.

Нема што многу да се додаде за Лолита освен дека секој уживател во квалитетна литература мора задолжително барем еднаш да ја има прочитано. Самата приказна, ликовите на Хамберт и Лолита, пишувањето на Набоков, ја прават оваа книга можеби најголемото книжевно дело на 20-тиот век.

Во однос на моралната поука која може да се изведе од Лолита, Набоков ќе рече ,,Јас ниту читам ниту пишувам дидактичка литература. За мене едно романескно дело постои само доколку му го овозможува она што јас отворено ќе го наречам естетско блаженство, што ќе рече чувство на некаква поврзаност со други животни состојби каде уметноста (љубопитноста, нежноста, страста, екстазата) е норма.”
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
6. Михаил Булгаков - Мајсторот и Маргарита (рецензија - @Setsuko)

6.png

Без ниту трошка сомнеж може да се тврди дека „Мајсторот и Маргарита“ е најврвното дело на рускиот раскажувач и романописец, Михаил Булгаков. Се работи за многу комплексно дело и содржински и структурно. Булгаков успешно се справува вплеткувајќи три паралелни приказни. Во првата приказна го отелотворува самиот ѓавол во ликот на професорот по црна магија - Воланд, кој доаѓа во Москва во 20тите години на XX век заедно со својата урнебесна придружба - мачорот Бегемот. Во втората приказна ја користи техниката „роман во роман“, односно неговиот лик наречен Мајсторот пишува роман за средбата Понтиј Пилат и Јешуа Ха-Ноцри, којшто всушност е Исус од Назарет. А третата приказна раскажува за љубовта помеѓу Мајсторот и Маргарита и условно речено „лудилото“ на двата лика.

Во романот на Булгаков шетаат секакви ликови, професори во улога на демонски суштества, запоседнати човечки битија, ангели на смртта, свештеници, даночници, осуденици, писатели, вештици. Но, кога ќе се погледне големата слика, тоа е всушност потсвеста на самиот Булгаков кој истражувајќи ги овие ликови ги начнува и се обидува да најде одговор на прашањата што го измачуваат.

Овој руски автор често имал проблеми со властите поради цензура врз неговите дела, па и тоа затскриено и метафорично е земено како тема во еден сегмент од овој роман. Но, тоа е само помошно средство преку кое ги поставува всушност длабоките теми и морални прашања. Тезата „Зошто служи злото, ако не постои доброто?“ на пример е средиштето на анализата со којашто се занимава. Исто така тука се и прашањата за Бог и ѓаволот кои секогаш го ставаат човекот во средина. Има ли човекот право да избира, излажан ли е и зошто воопшто е подложен на измами?

Читајќи го Булгаков ќе добиете сосема нова перцепција за длабоко религиозните теми и психологијата на човекот како божја креација.

7. Орхан Памук - Музеј на невиноста (рецензија - @Zlatikevichius)

7.jpg

„Вистинските музеи се места каде времето се трансформира во простор“, ќе рече Кемал Басмаџи, главниот лик, нараторот, во овој извонреден роман на нобеловецот Орхан Памук. А јас веднаш запишувам забелешка - морам да појдам во Истанбул и да го видам со свои очи тој простор во кој се трансформирало едно цело време, една цела љубов, еден цел живот... „Посетителите кои разгледувајќи ги предметите ќе ја споменуваат љубовта на Фусун и Кемал со почит и покорност, ќе сфатат дека приказната не е само приказна за двајца вљубени, туку дека е приказна на цел еден свет, односно приказна за Истанбул, вели Памук на страниците на „Музеј на невиноста“. Но јас сметам дека приказната, романот, сѐ поврзано со него, не е само тоа - приказна за цел еден свет и за Истанбул, туку нешто толку големо, што не можам да го опишам со зборови. Големината на Орхан Памук тука, исто така, не може да се измери: на две идеи создадени од неговиот мозок, кои реално никогаш не постоеле, им вдахнал душа, ги оживеал, им создал цел еден живот, цел еден свет, ги донел во нашиот, и преку предметите и Музејот, креирал личности, не ликови, туку вистински луѓе кои невозможно е да не живееле. А еден од нив, одживеал и многу среќен живот.

Ова е еден од најголемите, најдобрите и најубавите романи некогаш напишани! Просто до таа мера сум забезекнат, што нема зборови доволно големи за да ја опишам цела големина и убавина која штотуку протече низ мене. Не препорачувам, обврзувам - ОВА РЕМЕК ДЕЛО МОРА ДА ГО ПРОЧИТАТЕ! Јас, ќе морам да го доискусам, во Истанбул, во Музејот на невиноста.


8. Труман Капоти - Ладнокрвно убиство (рецензија - @DaedaIus)

8.png

Називот „Ново новинарство“, претставен од книжевните критичари во 1960-те, ги опишува делата на американски писатели како Труман Капоти, Норман Мејлер, Том Вулф и други; кои, со помош на литературни техники, опишувале реални приказни, објавувајќи ги фактите на театрален начин.

Теоријата на Капоти била дека новинарството може да произведе нова уметничка форма, односно документаристички, „нефикциски“ роман (nonfiction novel). Во 1959-тата Капоти прочитал вест која била совршениот предмет за реализирање на неговата идеја: „Богат фармер во Канзас и неговото семејство биле убиени без причина“. Со помош на неговиот пријател Харпер Ли, Капоти почнал да го истражува убиството. „Ладнокрвно убиство“ била објавена седум години подоцна.

Накратко, книгата зборува за убиство кое се случило на 15 ноември, 1959 година. Четирите жртви биле стариот Клатер, жена му Бони и неговите деца. Тие биле пристојно семејство, без никакви проблеми и со многу голема репутација, нешто што внесува мистерија во мотивот на убијците. Капоти навлегол длабоко во случката, трошел многу време со пријателите и роднините на жртвите, локалците, полицијата итн. Тој не ги снимал интервјуата, туку ги запишувал цитатите кои му биле најзначајни, како и неговите впечатоци. Крајниот резултат е дело во кое Капоти хронолошки ги реконструира сцените и им внесува дух на карактерите според неговите впечатоци; создавајќи приказна која стилистички е крими-роман, но базиран на реална реконструкција на настаните. Книгата била објавена во „Њујоркер“ со огромен успех, бивајќи зачеток на нов литературен жанр или (зависно од перспективата) нов жанр на новинарство. Без разлика на тоа дали приказната е точна до точка, Капоти им овозможил на читателите да доживеат реконструкција на настан низ стилизирана нарација. На некој начин, ова е хиперболизирана верзија на теоријата на имитација (mimesis) во филозофијата на уметност и книжевната критика, односно позицијата дека уметноста треба да ја имитира реалноста.

Капоти бил контроверзна личност, познат по неговата ексцентричност, креативност, а и фасцинација со убиствата. Неговото искуство при пишувањето на „Ладнокрвно убиство“, како и самиот настан, се адаптирани во неколку филмови и една мини-серија. Најпозната екранизизација е филмот „Капоти“ (Capote), режиран од Бенет Милер, а игран од Филип Сејмор Хофман кој доби Оскар за најдобар актер.

9. Казуо Ишигуро - Никогаш не оставај ме (рецензија - @Zlatikevichius)

9.png

Тешко е да се напише рецензија за „Никогаш не оставај ме“, зашто најдобро се доживува ако не знаеш ништо за него. Затоа ќе се обидам да бидам што е можно пократок, за да не расипам нечиј впечаток ако случајно откријам нешто што не треба.

Сите зборови се излишни за овој роман. А и не ти ни доаѓаат, до душа, од грутката во грлото која тешко дека ќе може да се голтне, а веројатно ги блокира. И ти иде да врескаш, како Томи, еден од ликовите во романот, кога дознава дека љубовта, сепак, не е лекот за се, но се воздржуваш зашто во тебе постои зрнце надеж дека оваа своевидна критика за дехуманизираното општество во кое живееме ќе остане само фикција.

„Никогаш не оставај ме' на нобеловецот Казуо Ишигуро е дистописки роман, сместен во едно општество кое успеало да ги победи сите болести, но по цена на нешто од кое замрзнува крвта во жилите. Иако во основата е научно-фантастичен роман, сместен во еден алтернативен универзум, сепак под површината е реална драма која наметнува прашања како: што е човекот и што го прави човек, дали сме создадени за некое поголемо добро, или нашите животи се потполно безначајни, дали љубовта може да спаси животи и дали на смртта можеме да и избегаме само преку пријателството и љубовта. Меѓу другото, овој роман е своевидна критика на расизмот - опишано е дистанцирање и отфрлање на група на луѓе само затоа што поседуваат одредени генетски карактеристики различни од другите. Ако се сумира, испаѓа дека „Никогаш не оставај ме“ е се, само научка фантастика не.

„Никогаш не оставај ме“ не е роман кој лесно се чита, и покрај едноставноста со која е напишан. Читајќи го, ќе доживеете такви изблици на емоции какви што не сте почувствувале во животот. И ќе ве натера да размислувате долго потоа, секогаш завршувајќи ги мислите со едно, последно прашање: зарем е возможно во толкави монструми да се претвораме?

10. Џон Фаулс - Колекционер (рецензија - @Zlatikevichius)

10.jpg

Колекционер (1963) е првиот роман од брилијантниот британски писател Џон Фаулс. Сепак, додека го читаш романот, во ниту еден момент немаш впечаток дека ова е нечие дебитанско дело. Напротив, романот изгледа како да е излезен од перото на искусен книжевник или истражувач на човековата психологија.

Трилер во основата, но и длабока психолошка студија за еден човек со чудна опсесија, Колекционер ја раскажува приказната за Фредерик, еден екстремно чуден и осамен човек, кој лекот за својата осаменост го наоѓа во своето хоби - тој е колекционер на пеперутки. Но токму заради тоа хоби, една навидум безопасна опсесија кон студентката по сликарство Миранда, станува опасна игра на мачка и глушец: набљудувајќи ја од страна, во главата на Фредерик се раѓа идејата дека мора да ја има! Баш како една од неговите пеперутки!

Не би сакал да откријам ништо повеќе, за да не го расипам моментот на изненадување некому, иако верувам дека овој извонреден роман би бил интересен секому, па дури и да ја знае целата приказна. Брилијантно напишан - првиот дел раскажан од гледна точка на Фредерик, каде читателот, можеби неуспешно, но се обидува да ги разбере и оправда неговите постапки. Во вториот дел, авторот се врзува врз свеста на Миранда, па така, како некоја жешка шлаканица читателот се враќа во реалноста, за на крај, во последните два дела да се прашува што всушност беше сето ова и да остане занемен од целата убавина во опишувањето на една монструозност. Колекционер е без двоумење најдобриот трилер кој сум го прочитал во животот. И секогаш секому најтопло го препорачувам!
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
11. Вилијам Фокнер - Врева и бес (рецензија - @Ne_sum_ja)

1.jpg

Легендата вели дека кога Фокнер ја завршил книгата и ја однел кај неговиот агент му рекол "Read this, Bud. It's a real son-of-a-bitch … This one's the greatest I'll ever write."

„Врева и бес“ го опишува падот на семејството Компсон од четири различни перспективи. Секоја перспектива дава мал дел од мозаикот кој читателот го осознава низ целата книга. Врева и бес започнува интензивно со првиот дел раскажан од страна на Бенџи, лик кој е со ментална заостанатост. Овој дел е најверојатно еден од најтешките делови од книга кои што сум ги прочитал некогаш. Многумина на овој дел се откажале од читање на книгата како и јас првиот пат посебно поради скокањата низ времето без знаејќи за кога станува збор. Но приказната се плете понатаму и Фокнер како вистински генијалец и нобеловец создава дело вредно за еден класик и книга која редовно се вбројува во најдобрите книги на 20тиот век.

Книгата е пишувана во период кога американскиот Југ доживува процес на редефинирање на своите вредности. Наспроти тоа некои од старите фамилии наместо се свртуваат кон себе по секоја цена да ги задржат своите традиции, вредности и чест.

Истото е прикажано и преку фамилијата Компсон која како приказ на една јужњачка фамилија која влече аристократски корени, и се бори по секоја цена да ги задржи старите вредности и принципи на општеството кое рапидно се менува, и се соочува со својата мизерија.

Ремек дело кое заслужува вложување на сиот напор да се прочита.

12. Ерик Марија Ремарк - На запад ништо ново (рецензија - @Ne_sum_ja)

2.jpg

На запад ништо ново е една од најмачните книги кои сум ги прочитал. Книгата го претставува животот и случувањата на германските војници во Првата Светска Војна.

Ремарк елоквентно и брутално ја прикажува реалноста и безначајноста на животите на младите војници во еден таков вител на големата војна. Го прикажува Фронтот кој носи смрт за толку млади животи кои дошле со благородна кауза да ја бранат својата татковина само за да ја откријат суровоста и бесмисленоста на полн ров млади момчиња вкочанети со модри лица отруени од гас, млади регрути кои завршуваат распарчени од некоја граната и офкаат и плачат по своите мајки, или 18 годишното германче кое утрото јадело војнички леб и пушело цигари а сега лежи со празен поглед и истурени црева на јагленосаното бојно поле. Мачна е и смртта на Кемерих кој со своите 19 години лежи во воената болница со ампутирана и инфицирана нога и плаче. Не плаче од тага за својата мајка или минатото, плаче од тага за неизживеаниот живот од кој се разделува.

Во книгата се начнува и перцепцијата за војната и фронтот од луѓето кои се наоѓаат и го доживуваат тоа наспроти луѓето кои од нивните домови им даваат подршка на војниците и бараат да се оди посилно и појако во напад.

Ремарк генијално ја претвора оваа трагедија во проза која тешко може да се спореди со која било друга воена новела. Суровоста на оваа книга му носи осуда и забрана на истата од страна на нацистите и кулминира со одземање на неговото германско државјанство во 1938.

Книгата денес е all-time класик и основач на жанрот воени новели, и претставува ненадминлива во својот опис на хоророт и бруталноста на војната, физички и емоционално.

13. Вилијам Голдинг - Господар на мувите (рецензија - @DaedaIus)

3.jpg

Летото 1954 година во Оклахома, две детски племиња скоро ќе се убиеле меѓусебно. Сето тоа започнало како антрополошки научен експеримент составен од две „племиња“, односно групи од деца кои спонтано требало да создадат општество. Секоја група се состоела од 22 момчиња кои имале 11-12 год. Несвесни за постоењето на другото племе, тие си играле, правеле бункери, готвеле и живееле во мир. Секоја култура развила свои норми, имиња за опасните места и функција на секој член од групата (имале и лидери). Преку овој експеримент, научниците дознале многу антрополошки и психолошки податоци за начинот на кој луѓето градат хиерархии и ги одржуваат групите. Научниците сакале да видат што ќе сторат двете племиња доколку се запознаат, па ги приближиле на 1-2 км далечина. Групите евентуално се пронашле, си дале називи и биле компетитивни низ разни спортски натпревари. После развиле стереотипи на фундаментална атрибуција за другата група. Другата група била „глупа и неспособна“. Потоа едната група почнала да ги пали симболите (знамето) на другата група, па тие си поставувале разни стапици и др. На крај, сето тоа завршило со отворена војна и борба со ножеви. Научниците ја запреле тепачката поради страв од можни несреќни случаи и убиства. Потоа пак им ги разделиле камповите.

Истата година, во септември, била издадена „Господар на мувите“ книга во која случајно се обработува истата проблематика (Голдинг бил инспириран од други настани и дела). И покрај иницијалниот неуспех, „Господар на мувите“ оттогаш станал класик и фундаментален текст за дистопиското, алегориско, политичко и сатирично пишување. Приказната почнува откако група момчиња, заглавени на ненаселен остров, преку неуспешни, насилни и ултимативно животински обиди; сакаат да наметнат различни форми на самовладеење и ред во групата. Приказната се одвива во сенката на ротирачки свински череп, опкружен со инсекти, а тоа е епонимниот Господар на мувите. Иако овој роман на Голдинг честопати бил критикуван поради контроверзното истражување на човековата природа, утилитаристичките тематики и насилството; тој е неверојатен увид во политичката, психолошката и филозофската мисла од тоа време. Навлегувајќи во психологијата на групата и моќта на авторитетите, тема која честопати е истражувана во социјалната психологија (Милграм, Зимбардо и др.);. ова четиво навлегува во племенската прасвест на групата, честопати поистакната кај децата поради нивната неможност за самоконтрола со помош на повисоките умствени функции.

Едно од најголемите влијанија за ова четиво е „Корален остров: Сказна за Тихиот Океан" на Р. М. Балантајн. Голдинг сакал да напише „реалистична" приказна за тоа што би се случило ако група момчиња заглават на ненаселен остров. Голдинг и жена му Ен честопати им читале приказни за острови на своите деца, па една вечер Голдинг ја прашал Ен: „Нели би била прекрасна идеја ако напишам книга за деца на остров, деца кои се однесуваат реалистично?" „Господар на мувите" ја претставува неговата визија за реалноста која е поинаква од таа во „Коралниот Остров", нешто налик на паралелна димензија која е во „Зоната на самракот", со карактери кои ги имаат истите имиња, но се личности од светот на хоророт на човековото несвесно.

14. Џек Керуак - На пат (рецензија - @џимеј)

4.png

Џек Керуак (1922-1969) е еден од најважните книжевници на американската литература. Предводник е на бит-генерацијата заедно со Гинзберг и Бароуз, која подразбира отфрлање на стандардните форми на творење, експериментирање со дроги, спиритуалност и сите оние други карактеристики кои за жал се заслужни за креацијата на денешниот невладин хипстер кој подразбира уживање лате во Мош и неуморен ангажман на твитер.

Животот на Керуак е еднакво динамичен како и неговите пишувања. Уште во раното детство го загубил постариот брат, настан кој ќе го зацврсти религискиот мотив во неговото семејство. Подоцна, опишувајќи го домот, Керуак ќе напише: Татко ми доаѓа дома од работа, ја разлабавува својата вратоврска и го соблекува елекот, па седнува да јаде заедно со дечињата и добрата сопруга. Пробувајќи да најде утеха, Керуак се посветува на спортот и пишувањето. Подоцна, кога му се укажува можност да го види Њујорк, Керуак открива дека џез музиката ќе му го промени животот.

Такви се и неговите пишувања - авантуристички подвизи и импровизации. Керуак е отпадникот на Америка, битникот кој ќе инспирира цели генерации понатаму. Се закотвува на едно место и засекогаш на 47 годишна возраст.

Неговиот најпознат роман е „На пат“, кој е издаден во 1957 по долгогодишни напрегања од страна на издавачите дали ваков роман воопшто треба да постои. „На пат“ често се нарекува библија на бит генерацијата. Велат дека Керуак го пишувал романот само три недели и тоа непрестано на бескрајно долга ролна. Инспириран од патувањата пругоре прудолу низ Америките, вистината е дека Керуак подолго време се обидувал да го пронајде својот „глас“.

Како другите големи писатели пред неговото време, меѓу кои и Томас Вулф, Керуак вметнува автобиографски елементи во неговите пишувања. Протагонистот од „На па“, Сал Парадајс, е самиот Керуак, а неговиот придружник, Дин Мориарти, е базиран на Нил Кесиди, еден од маркантните ликови на бит генерацијата.

Моето прво искуство со книгата беше пред околу 7 години, ми ја подари еден форумџија (одамна не е активен). Не знаев ништо за Керуак, ниту за бит генерацијата. „На пат“ ми фаќаше прашина на полица наредните неколку месеци, па дојде лето и ми текна да ја земам за на плажа. Едно од најдобрите читачки искуства. Сончање, капење, книџе што би рекле Охриѓани, се ме потсеќаше на слободата која отсекогаш посакував да ја имам. Ме врати во детството кога читањето ми беше чисто и искрено задоволство и знаев да останувам до зори криејќи се од прекорувањата на татко ми дека ќе ми истечат очите. Само што со „На пат“, беше слобода на друг начин, некоја „возрасна“ слобода која сега ретко и ја доживувам.

Мислам дека овој е еден од ретките клипови од Керуак како чита извадоци од книгата.

15. Итало Калвино - Ако една зимска ноќ некој патник (рецензија - @Setsuko)

5.jpg

Експерименталните парчиња уметност обично носат голем товар, ризикот да бидат масовно прифатени или масовно критикувани. Калвино не се плашел од тој ризик и токму затоа го „скршил“ четвртиот ѕид во пишаниот збор. Овој роман ви се обраќа директно на вас - Читателот. Кога ги отворате страниците ве пречекуваат зборовите „Опушти се, концентрирај се, дозволи му на светот околу тебе да избледи“. Вие сте читателот кој удобно се сместува и започнува со читање книга, љубопитен да ја открие содржината. Калвино започнува со раскажување, но токму кога читателот ќе прочита 30 страници книгата прекинува поради некаква печатарска грешка. Читателот оди во книжарницата од каде што ја купил книгата и продавачот му објаснува дека по грешка во романот на Калвино е вметнат текст од некоја друга книга на некој полски писател. Во книжарницата читателот запознава млада девојка која исто така е голем љубител на книгите. Кога се враќа дома открива дека во рацете држи сосема поинаква книга од претходната. Но и во таа книга ќе најде празни страници...

Па, ја сфаќате идејата. Во „Ако една зимска ноќ некој патник“ под најразлични изговори се прекинуваат започнатите приказни и започнуваат сосема нови, сосема поинакви од претходните. Овој роман всушност се состои од 10 почетоци на кои никогаш не им го дознаваме крајот. Во едно предавање одржано во Буенос Аирес неколку години по објавувањето на романот, Калвино го дал следново објаснување: „Значи, морав да напишам почетоци на 10 романи од измислени автори, сите на некој начин поинакви од мене и исто така различни меѓу себе; еден роман изграден врз сомнежи и збркани впечатоци; еден изграден врз цврсти и жестоки впечатоци; еден инстроспективен и симболичен; еден револуционерен и егзистенцијален; еден цинично-брутален; еден со опсесивни мании; еден логичен и геометриски; еден еротско-перверзен; еден телурско-исконски; еден апокалиптично-алегориски.“

Намерното прекинување на приказните, токму во најинтересните моменти, во манирот на Шехерезада е еден експериментален, постмодернистички пристап преку којшто Калвино истражува важни теми во литературата. На пример прашањата како: „Од каде потекнува задоволството од читањето книга?“, „Може ли еден несовршен поединец целосно да комплетира еден роман?“, „Што бара читателот од читањето и како очекувањата да бидат исполнети преку едно обично раскажување?“, „Како постојано да се задржи вниманието на читателот?“ итн. итн. Калвино директно се занимава со процесите читање и пишување и начините на кои тие влијаат врз поединецот. Овој роман е вистински погодок за луѓе кои и самите се занимаваат со пишување, оние кои сериозно им пристапуваат на наративите, структурите, ликовите, но исто така подеднакво може да уживаат и верните љубители на пишаниот збор.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
16. Дејвид Мичел - Атлас на облаците (рецензија - @Zlatikevichius)

1.png

Што ќе добиеш ако во едно дело ги споиш формите на „Дневникот“ на Ана Франк, епистоларниот „Дракула“ на Брам Стокер, трилер-мистериите на Стивен Кинг, мемоарите „Што зборувам кога зборувам за трчањето“ на Харуки Мураками, „1984“ на Џорџ Орвел и „Приказна за робинката“ на Маргарет Атвуд? Или некој чуден спој на дневници, писма, трилер, научна фантастика, мемоар и дистописки роман кој нема да личи на ништо, или ремек дело како „Атлас на облаците“ од маестралниот визионер на постмодерниот роман, англискиот романсиер и компаратист, Дејвид Мичел. Ова е веројатно романот со најкомплексна структура кој сум го прочитал, осуден на пропаст уште од самата идеја, а сепак функционира беспрекорно. Романот е всушност амалгам од 6 романи, секој од нив различен, со различна форма и содржина, сместен во различни простори и времиња, кои прекинуваат, продолжуваат по истиот редослед подоцна за да завршат по обратен редослед, создавајќи едно дело од неспоиви нешта кои сепак совршено функционираат како целина.

Почетокот е некаде во 19 век, преку дневникот на Адам Јуинг, Американец кој патува со брод некаде на средината на Пацификот кон неговиот дом во Калифорнија, по што наеднаш и неочекувано дејството скока во првата половина на 20 век, во Белгија, каде композиторот Роберт Фробишер го пишува епонимниот секстет „Атлас на облаците“ во име на еден познат композитор, и го опишува целиот процес преку писма на неговиот љубовник Руфус Сиксмит, за потоа, повторно неочекувано да се префрли во 70-тите години на 20 век во САД, каде репортерката Луиса Реј во стил на класичните трилер/мистерија/крими - романи дознава за едно убиство и тоа сознание може да и го загрози животот, по што нѐ префрла во современа Англија, па во неокапиталистичка Кореја од блиската иднина, за на крај да не однесе до пост-апокалиптичен свет, во последните денови од човековото постоење... Потоа романот повторно нѐ враќа назад, низ просторот и времето, и повторно се нижат еден по друг истите парчиња од истите приказни, но по обратен редослед, а од сите нив завршува само последната... па предпоследната... па се така наназад, до првата. Ова мислам дека не може да се спореди поинаку, освен баш како секстет, како тој кој Роберт Фробишер го пишува, епонимниот „Атлас на облаците“: шест различни инструменти, секој од нив свири посебна, прекрасна мелодија, и секоја од нив е извонредна. Но ако ги споиш сите заедно... тоа е рај за ушите, мелодија каква ни ангелите не можат да создадат!

Но не е сѐ така неповрзано како што изгледа. Впрочем, тоа е и целта на романот: Мичел во една прилика има кажано дека романот е за реинкарнациите и за универзалноста на човековата природа. Насловот „Атлас на облаците“ реферира на просторот кој се менува (облаци) преку „манифестацијата на фиксната човекова природа“ (атлас). Секоја личност, секое дејство, секоја ситница е ехо на нашто што веќе било, но и на нешто што ќе биде, истовремено. Тие одблесоци на минатото и иднината во сегашноста на секој од наративите се маестрално вткаени како Easter eggs, па овој роман може да се чита и само како еден вид забавна игра - за да се пронајдат сите референци од претходниот и од следниот наратив во тој кој моментално го читаш, но може да се чита и како едно длабоко филозофско дело за времето, преобразбите, душата, вистината, моќта, дрогата, книгите, музиката, уметноста, филмовите, слободата, господарите, робовите, смртта, животот, бројот 12, црвите, змиите, мравките, Робинзон Крусо, хомосексуалноста, Ниче, писмата, религијата, капитализмот, Библијата, бегството, за себеси, злобата, ропството, отпорот, иднината, сегашноста, сонцето, крајот на светот, и уште милиони други нешта... На крајот, остава едно горчливо, но истовремено и слатко чувство додека пронаоѓаш делови и од Адам Јуинг, и до Роберт Фробишер, и од Руфус Сиксмит, Тимоти Кевендиш, Сонми, Захaри, Мероним и Аутуа во себеси, прашувајќи се дали остана при здрава свест по целата оваа шарада од ликови и приказни, или навистина сѐ е до таа мера поврзано...

17. Харуки Мураками - Норвешка шума (рецензија - @Zlatikevichius)

2.jpg


I once had a girl
Or should I say she once had me

-The Beatles

Неверојатно е како Мураками го изградил целиот роман врз основа на овие два стиха! Тие се и идејата, и лајт-мотив кој се провлекува низ целиот роман. И кога ќе размислам подобро, Норвешка шума е едно навистина позитивно искуство, на крај дури и полно со оптимизам, иако тежок и болен е патот за да се стигне до тој оптимистички крај.

Ова е еден од неговите релативно рани романи, но по мое мислење, од тоа што сум прочитал - можеби и неговиот најдобар. Иако целото дејство е обвиено во некој меланхоличен превез од пејсажи и дејства како излезени од нечиј сон, тука отсуствуваат основните карактеристики на прозата на Мураками - ова не е магичен реализам, има само мачки кои не зборуваат и нема ликови кои можеби се духови што го запоседнуваат просторот... Ова е прилично едноставна, еднонасочна приказна за созревањето на главниот лик, Тору Ватанабе, од неговата доцна адолесценција, до годините на неговото универзитетско образование. Сместен е кон крајот на 60-тите години на 20 век, во Токио, во времето која и самиот Мураками студирал. Но ова не е автобиографска проза, иако романот е полн со референци од тоа време, од марксистичката идеологија и комунизмот, па се до референци од западната поп култура, особено поп музиката, и особено Битлси. Реков, романот го следи созревањето на Тору, млад човек кој чита класична книжевност, интелигентен е, делува позрело за годините кои ги има, размислува критички... но истовремено е и прилично пореметен! Тоа е последица од средношколските денови, кога неговиот најдобар пријател се самоубива и остава длабок траг и во неговиот, и во животот на Наоко, неговата пријателка, подоцна и нешто повеќе од тоа. Да, има тука љубовна приказна, но тоа е само како обид да се избега од суровата реалност надвисната над обајцата. Затоа не би рекол дека е ова љубовен роман, туку роман за созревањето, роман за тагата, и роман за сексот! А секс има во изобилство, иако никаде не е експлицитно опишан сексуален чин.

На крај, Норвешка шума е дело кое не може да остане заборавено. Иако длабоко во себе темна, тажна, депримирачка приказна, Мураками на крај сепак освојува победа над секој читател зашто невозможно е да не го сакаш шармот со кој пишува, магловитата атмосфера налик на сон, и одеците од младоста со кои секој човек би можел да се поврзе. Иако имаш чувство како да откинува парче од тебе и го остава местото каде стоело парчето исполнето со една празнина, на крајот е сепак оптимистички роман, совршен за читање во зимските месеци, облечен во дебел џемпер и волнени чорапи, покрај каминот, со топол чај до тебе и пригушените звуци на некоја песна од Битлси во позадина, додека околу тебе се чувствува присуството на некој/некои кој/кои го/ги сакаш.

18. Хенри Џејмс - Свртување на завртката (рецензија - @Setsuko)

3.jpg

„Свртување на завртката“ е еден од најпознатите готски-хорор романи за којшто низ годините се изнапишани куп толкувања и анализи, некои и сосема дијаметрално спротивни една на друга.

Ова е приказна раскажана на Бадникова ноќ, во стара куќа, покрај огнот. Пријателот на нараторот тврди дека приказната што ќе ја раскаже е особено занимлива, приказна за гувернантата која потоа е пренесена од нејзина перспектива и нејзино доживување. Го читаме ракописот кој самата таа го напишала многу години претходно. Нарацијата во прво лице ја води млада гувернанта која добива задача да оди во една стара куќа и да се грижи за две дечиња чии родители се починати, Флора и Мајлс. Восхитена е од нивната убавина уште кога ќе ги запознае. Подоцна тврди дека гледа духови и дека се обидува да ги заштити децата од тој ужас. Сепак, децата како да знаат и да го прифаќаат тоа надреално присуство. И токму околу ова се врти мистеријата, вистински ли се духовите или пак гувернантата е ментално нестабилна личност?

Убавината во делата на Џејмс е токму тоа што тој создава недоверливи ликови-наратори, така што многу поважен е начинот на којшто ни раскажуваат од тоа што го раскажуваат. Многу поважно е КАКО таа раскажува од она ШТО го раскажува. Насловот „Свртување на завртката“ исто така нуди некаква симболика, дека нарацијата и сфаќањето на истата е како завртка која читателот може да ја сврти како што самиот сака, бидејќи не постои точно одгатнување, нашето толкување може да биде најразлично. Духовите можеби навистина постојат, можеби и не. Одлучете сами. Делото на Џејмс припаѓа на жанрот фантастична проза, не бара решение ами предизвикува сомнежи и двоумења.

И покрај настојувањата на Џејмс ова дело да го прикаже како еден вид уметничка игра без особени претензии, „Свртување на завртката“ е идеален спој на две поетики: авторската поетика на Џејмс, суптилно портретирање на психолошкиот свет на ликовите и
жанровската поетика на хоророт, приказна за духови. Мистерија и мистификација во кои е нагласена индивидуалноста. Овој спој е совршен затоа што добро балансира помеѓу традиционалниот (жанровски) и иновативниот (авторски) печат.

Според овој роман се снимени бројни филмски и ТВ адаптации. Во моментов најактуелна е серијата на Нетфликс, The Haunting of Bly Manor.

19. Херман Хесе - Демијан (рецензија - @Setsuko)

4.jpg


Германскиот автор Херман Хесе верувал дека уметничко дело се создава во мигови на целосна хармонија на двојното човечко битие. Творештвото, а и уметноста воопшто ги гледал како нешта кои имаат двојна природа. Кога човекот создава, тој наликува на Бог, бидејќи ја исполнува својата божја цел. Но исто така тој е и Антихрист бидејќи создава поубави светови кои го занесуваат и го мамат.

Романот „Демијан“ првично бил објавен под псевдонимот Емил Синклер, што всушност е нараторот. Го следиме ликот на Синклер од 10-та па сѐ до 18-тата година од неговиот живот. Тој е збунето младо момче кое постојано има потреба од водич и ментор во животот. Токму кога се наоѓа на крстопат меѓу доброто и злото го запознава Демијан. Демијан е малку повозрасен, нов ученик кој доаѓа во училиштето на Синклер и со него тој бргу се спријателува. Демијан ќе му помогне да се спознае себеси, тој ја наметнува потребата од верување во нов бог Абраксас и нова религија, каинизам. Темелите на оваа нова религија се во гностицизмот којшто содржи различни системи на верување и нѐ учи дека луѓето се божествени души кои се заробени во материјален свет создаден од несовршениот бог Демиург.

Синклер му се восхитува на Демијан и се угледува на него и на неговите постапки, но и се преиспитува самиот себе. Демијан е на некој начин негов духовен учител и водич кон неговата индивидуализација. Преку овие ликови Хесе ја исполнува содржината со психоаналистичките толкувања на Јунг преку симболи кои во суштината ја содржат христијанската теологија, но и филозофијата на Ниче и мистицизмот на Истокот. Преку оваа мешавина на сосема невообичаен начин се доаѓа до себеспознанието. И иако Синклер понекогаш е многу вознемирен, тој сфаќа дека под влијание на неговиот пријател ги проширува своите видици и се ослободува од сомнежите и догмите. Идејата на Хесе е дека за постоењето неопходни се и двете спротиставени сили за конечно да се дојде до откровение и целосно себеспознание. Прифаќањето на спротивностите значи да се биде едно со себе, со Бог и со светот.

20. Приказната на робинката - Маргарет Атвуд (рецензија - @Ne_sum_ja)

5.jpg

Напишан и објавен во 1986 година, во истото време кога Реган на “Morning in America“ објавува дека земјата ќе се обнови повторно преку враќањето кон своите стари христијански вредности, Приказната на робинката претставува дистописки роман за државата Галада, формирана на територијата Нова Англија во САД, после насилен преврат од страна на квази христијанска секта. Државата Галада е тоталитарна квази-христијанска држава со строги патријархални вредности и правила на живеење. После отрфлањето на американската власт, жените на територијата на Галада се соочуваат со постепено одземање на нивните права, право да читаат, поседуваат имот, располагаат со пари, па се до крајниот стадиум каде што нивните репродуктивни функции се ставени под контрола на државата. Приказната е раскажана во прво лице од страна на една Робинка која се вика Нафред. Во времето на државата Галада и сите еколошки катастрофи кои се случиле, човештвото страда од голема неплодност. Поради тоа државата ја создава категоријата на жени - Робинки, кои веќе родиле и се со „докажан“ репродуктивен потенцијал, да им служат како средство за репродукција на високите претставници на државата. Самото име на Робинката - Нафред, означува дека таа му припаѓа на Командантот Фред.

Маргарет Атвуд вешто го прикажува внатрешниот и надворешниот бунт на Нафред против Галада и нуди кратки блесоци на далечното минато кога жените се шетале во мини сукњи и имале право да располагаат со нивниот живот како што сакаат. Исто така добиваме приказ од прва рака што значи да се живее живот диктиран според правилата на другите, да се живее како животно за репродукција со минимални права и како едно општество доживува целосна дегенерација на своето уредување, правата на граѓаните и нивното достоинство. Никој не би останал рамнодушен на случувањата низ кои се принудени да поминуваат Робинките како и другите граѓани заглавени во таа тоталитарна држава. Приказната на робинката брилијантно се движи помеѓу стравотија, тага, сатира и гнев и го вози писателот низ целата таа приказна како врвен класик. Во исто време е и студија за моќта, како таа оперира и како таа ги деформира и обликува животите на другите.

Во едно свое интервју Атвуд објаснува дека инспирација за книгата и било проучувањето на американските пуританци кои како бегалци од Европа се доселиле во Америка, Но интересен е моментот на појавувањето на оваа книга како голем предупредувачки знак во 80тите со раѓањето на христијанската десница која е многу заинтересирана со регулирање на правата на жените и нивната улога во општеството.

Книгата, самиот стил, приказната и сите финеси околу неа ја поседуваат способноста целосно да ве вовлечат во неа, да го спознаете секој детал за тоа општество и крајноста кон која човековиот ум и моќ може да отиде. Стилот на пишување и целата приказна со ликовите го бетонираат местото на Маргарет Атвуд помеѓу најголемите писатели на 20тиот век. Сосема заслужено Приказната на робинката стои рамо до рамо со 1984 на Џорџ Орвел и Убав нов свет на Олдос Хаксли.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
21. Ернесто Сабато - Тунел (рецензија - @Ne_sum_ja)

1.png

Постоеше еден единствен тунел, темен и осамен: мојот, тунелот во којшто помина моето детство, мојата младост, целиот мој живот. И во еден од тие проѕирни делови во камениот ѕид јас ја видов оваа девојка и наивно верував дека доаѓа од друг тунел паралелен на мојот, кога во суштина му припаѓа на широкиот свет, на светот без граници на оние што не живеат во тунели.

Тунел е психолошка приказна за еден растроен сликар - Хуан Пабло Кастел и неговата опсесија со една жена. Самиот роман е раскажан во прво лице од страна на сликарот на Кастел претставувајќи се себеси како „сликарот кој ја уби Марија Ирибарне“. Кател се запознава со Марија Ирибарне на една од своите изложби, во моментот кога Марија дава коментар за едно негово дело, коментар кој на депресивниот Хуан му открива дека таа го разбира него, ја разбира неговата слика, ги разбира неговите чувства. Тој не успеава да разговара подробно со неа на изложбата и се опседнува со неа по секоја цена да ја најде, фантазирајќи што би и кажал доколку би се сретнале повторно. Они доживуваат повторна средба и една бурна и интензивна врска.

Тунел не води низ еден страшно добар психолошки roller coaster на емоции, опсесија, љубов и гнев, сите измешани и испреплетени, сместени длабоко во мислите на Хуан Кастел кои постојано експлодираат кон Марија. Срцето на Кастел се одмрзнува поради Марија Ирибарне, и она ќе ја плати цената за тоа.

Многу е тешко да се опише Тунел со зборови, што само дополнително го потврдува фактот дека станува за врвно дело. Како егзистенцијалистички класик сличен по големина на Странецот од Ками, за човек кој ги прочитал и уживал во двете книги можам слободно да изјавам дека двете книги се наоѓаат на две различни планети на егзистенцијализмот. Додека кај Мерсо забележуваме тегобност, здодевност и бесмисленост на својот живот, кај Кастел забележуваме депресија, несфатеност и интензивна опсесивност.

Би додал дека прозата и стилот на пишување на Сабато, како втор столб на овој роман покрај приказната го прават Тунел комплетно ремек дело. Сѐ уште се сеќавам како опсесивно ја голтав книгата и секој нејзин збор по трет пат доцна во ноќта, чувствувајќи ја таа тензија и нелагодност како да е лично моја.

Како егзистенцијалистички класик и еден од најдобрите кратки романи, Тунел е задолжителна книга за читање за секој кој сака да ужива во добра книга која навлегува во длабочината на човековиот ум и неговите емоции.

22. Џозеф Хелер - Catch 22 (рецензија - @DaedaIus)

2.jpg

Користејќи ја фасцинацијата од морбидното и табуто; црниот хумор, преку фарса, ги прикажува контраверзните и/или сериозните нешта во повесела нота. Ужасот и теророт мора да создадат контратежа во форма на црн хумор, па низ балансиран сооднос, да ги покажат апсурдот на постоењето и залудноста на животот.

„Catch -22“ е сатирична новела од Џозеф Хелер во која дејството се случува за време на Втората светска војна, но истата може да биде интерпретирана и како критика на тогашната војна во Виетнам. Таа ги следи потфатите на капетан Јосаријан и неговите пријатели воздухопловци кои се впуштаат во разни бомбардирачки мисии. Јосаријан не е доволно сугестибилен на романтичната сила на патриотизмот, па неговиот сопствен живот му е помил од идеалите на неговата нација. Знаејќи дека животот му е под ризик, убеден дека е опкружен со лудаци, пробува да ги одбегне мисиите така што глуми дека е болен. Сепак, тој и неговите пријатели се во „Catch-22“ (ситуација која реферира на воен код на пракса кој е парадоксален). Tие може да побараат отпусно решение давајќи личен исказ дека се луди; но со самото тоа што тврдат дека се луди, преку определен протокол, тие докажуваат дека се доволно разумни и свесни за да знаат дека се луди, односно дека не се; па мора да продолжат со мисиите.
Лудилото на војната, низ гледната перспектива на Јосаријан, е прикажано со Хелеровиот парадокс, апсурдност и циркуларното резонирање на самиот „Catch 22“. Романот е умешно искомпонирана хармонија од комедија и трагедија, а трагедијата станува поголема кога ќе се разбере контекстот на комедијата.

Хелер, во голема мера, ги проектирал своите сопствени искуства и фрустрации кога служел за време на Втората светска војна. Тој успеал да ја помине истата со многу успешни воздухопловни мисии, но сепак му требало подолго време за да почне да пишува за своите искуства. Во доцната половина од 20-иот век во Америка се издавале многу мрачни и сатирични романи, иронично, баш кога нацијата успеала да воспостави доминација на Западот после распаѓањето на Европа низ двете светски војни, одбележувајќи го почетокот на Ладната Војна. Тие, на некој начин, биле одраз на песимизмот за воспоставување етика која не е лажна и се базира на хуманистички вредности.

23. Жозе Сарамаго - Слепило (рецензија - @DaedaIus)

3.jpg

Повеќемината ги земаме нештата што ни ги дарила природата здраво за готово. Се потпираме на нашите елементарни физички, ментални и емотивни капацитети, користејќи ги сетилата со кои пловиме во секојдневието. Помислата да изгубиме некое сетило ни е незамислива, а ако страдаме од некаква форма на анксиозност, бизарно страшна.

Романот „Слепило“ на Жозе Сарамаго, оригинално објавен со насловот „Есеј за слепилото“, како основна премиса ги поставува прашањата: „Што ако го изгубиме видот? Како би ни изгледал светот во едно такво сценарио?“

Приказната започнува со некој човек (ликовите немаат имиња) кој, возејќи на работа, наеднаш го губи видот. Возачите му дофрлаат бидејќи го блокира сообраќајот, па еден „добар Самарјанин “ му помага да стигне дома. Човекот оди да се провери на офтамолог кој не може да му ја објасни причината за ненадејното ослепување, кажувајќи му дека се потребни додатни анализи. Слепилото има специфична природа, тој не „гледа“ црно како останатите слепи луѓе, туку визијата му е млечно бела. Низ приказната дознаваме дека слепилото е заразно. Владата ги префрла заразените во испразнета лудница, а армијата ги „чува“. Тие мора самите да се снајдат, добиваат само храна, а војниците ги стрелаат ако им се приближат. Заразените формираат општество, станувајќи солидарни, но и себични. Низ танцот на Ерос и Танатос, во психоаналитичка смисла, тие се борат за опстанок, па танцот станува бизарен, налик тој на Шива кога го уништува светот. Ова е алегорија за битката помеѓу тие што ја изгубиле и тие што ја задржале човечноста. Приказната се одвива 'низ очите' на главната протагонистка која го соголува кромидот, ги фрла лушпите на алегоријата и допира до сржта на поентата кажувајќи: „Не мислам дека ослепевме, мислам дека сме слепци, слепци кои гледаат, но не гледаат“. Таа е единствениот човек што сѐ уште гледа, симболизирајќи ги луѓето кои ги задржале емпатијата, љубезноста и хуманоста во отуѓувачкото општество, но и духот на непокорноста и борбеноста.

„Слепило“ ја опишува човечката фрагилност, конзистентност, солидарност, емпатија, инхерентен порив за преживување, гнасотилак, страв, среќа, одговорност, вина... Го опишува човекот. Со силен хуманистички пристап, Сарамаго не ја натежнува вагата кон песимизмот (иако тој самиот натежнувал кон песимизмот), ниту кон оптимизмот, туку го поставува прашањето: „Што значи да бидеш човек со одреден морален карактер?“, оставајќи го читателот сам да одлучи. Стилистички, низ игра со интерпукциските знаци, перспективите и темпото; четивото вешто ја модулира импресијата на читателот. Сарамаго, според некои, е еден од најнадарените писатели во современата книжевност; генерално поради повеќеслојноста на неговиот израз. Малкумина можат експресионистички да му ја пренесат својата замисла на читателот за да допрат до некои концептуални размисли. Поради тоа, заслужно, тој оди рака под рака со најголемите великани во книжевноста. Помеѓу другото, неговиот сатиричен пристап е инспириран од разни социјални и политички настани во Португалија; односно од „Estado Novo“ (Нова држава), авторитарен режим кој владеел со државата од 1933 до 1974 година, иако ликовите, времето и амбиентот во делото не се прецизирани.

24. Ханиф Курејши - Буда од предградието (рецензија - @Zlatikevichius)

4.jpg

Ова е всушност првиот роман од британскиот автор со пакистанско потекло, Ханиф Курејши. Преведен е на повеќе од 20 јазици и екранизиран во ТВ мини-серија од четири епизоди на BBC во 1993. Заради сличната позадина на Курејши со главниот протагонист тука, младиот Карим Амир, многумина велат дека Буда од предградието е всушност автобиографско дело. Карим е тинејџер од 1970-тите години, кој живее во предградие во јужен Лондон. Тој е дете од мешан брак на мајка Британка и татко Индиец. Неговото мешано потекло, како и фактот дека живее во едно сиромашно предградие на градот полн со стереотипи, каде жителите ги омаловажуваат и понижуваат, создава кај него едно чувство за неприпаѓање кое колку и да се обидува, не може да го надмине. Единствено бегство од тоа чувство пронаоѓа во театарот, кој му се отвора како можност не само да се пронајде себеси, туку и да се обиде да се пробие во повисоките општествени слоеви во Лондон, полни со хипокризија и гладни за егзотични бегства од реалноста, кои ги пронаоѓаат во Карим и неговиот татко Харун.

Буда од предградието е роман за многу нешта. На површината е роман за припаѓањето, за домот, за предрасудите, за судирот на источните и западните вредности, за семејството, за сексуалноста... Но јас особено го доживеав како роман за Лондон. Курејши со еден длабоко поетичен тон го опишува Лондон, во кој иако се чувствува како да не припаѓа, заради неговото двојно потекло, тоа е сепак неговиот град, местото во кое е роден, и кое е негов дом, и покрај чувството дека не е. Авторот до таа мера го романтизира Лондон, што чинам не пишува ни една реченица за хомофобијата во тоа време, иако главниот лик е бисексуалец, а по сѐ изгледа дека тоа во Лондон од 70-тите било нормално и општествено прифатливо, иако сите знаеме дека на било баш така. Ова е и роман за поп културата, чии мотиви и елементи ќе ги пронајдете на речиси секоја страница. Јазикот на Курејши е колоквијален, уште нешто што, заради едноставната и чиста мисла, многу помага читателот да се поврзе, да сочувствува, да се радува, да се смее (романот изобилува и со добар хумор), и на крај, да ужива.

25. Семјуел Бекет - Чекајќи го Годо (рецензија - @Setsuko)

5.jpg

„Чекајќи го Годо“ е една од најпознатите драми на апсурдот или подобро речено, антидрама. Структурно е поделена во два чина во кои провејуваат трагикомични елементи. Двата главни ликови Естрагон и Владимир го чекаат Годо, а Годо никогаш не доаѓа. И тоа е сѐ, тоа е целата приказна. Како Бекет да сакал да ни докаже дека не е невозможно да се напише текст којшто ќе биде исполнет со празнина. Во овој текст дијалозите се сосема безначајни и имаат само една цел - да ја пополнат празнината на чекањето. Времето, просторот и разговорите се релативни. И самите ликови не знаат колку долго чекаат, дали чекаат од вчера или можеби порано, дали ќе чекаат и утре, дали покрај некое дрво или грмушка. Здодевноста и повторливоста на разговорите се лајтмотивот преку кој атмосферата во драмата би можела да се опише со насловот на Кундера - „неподнослива леснотија на постоењето“. Апсурдноста стигнува до таму што Естрагон добива идеја да се обеси, но нема јаже за да го стори тоа. Во оваа драма владее една таква апатија и монотонија што дури ни (само)убиството не е решение.

Ликовите на Бекет доаѓаат во двојки, затоа на веќе познатата двојка што чека ѝ се придружува уште една, Поцо и Лики кои се комични по својата надворешност и целосна спротивност еден на друг. Но и со нивното доаѓање ништо особено не се случува, односно дејството е исполнето со бесмислени, безначајни и безизлезни дијалози кои се граничат со комичност и трагичност. За ликовите не дознаваме ништо особено, тоа се едни сосема недефинирани ликови, би можеле да бидат било кои, со било која професија, на било која возраст. Тоа не би направило никаква разлика. Но кој е идентитетот на Годо? Ликот што никогаш не се појавува. Толкувачите на Бекет сето ова го толкуваат како огромна метафора за животот во којшто постојано очекуваме да ни се случи нешто, а Годо може да биде надеж, но и може да биде и Бог.

Сепак, Бекет ги отфрлил овие теории, тој одговорил дека ако сакал да биде Бог, отсутниот лик би го нарекол едноставно Бог, а не Годо. Знаел дека токму поради можноста за отворена интерпретација ова дело доживеало огромен успех. Позната е неговата изјава: „Тоа е игра, сѐ е игра. Кога четирите ликови лежат на земјата, тоа не може да биде толкувано натуралистички. Мора да биде направено уметнички, балетски. Поинаку би станало имитација, имитација на реалноста. Треба да биде чисто и транспарентно, а не суво. Тоа е игра која што се игра за да се преживее.“

Светот и животот за ликовите во оваа драма се нешто што поминува, нешто што може, ама и не мора да постои. Тие се само присутни, дишат, се хранат, разговараат и чекаат да се случи нешто. Дали и ние како читатели ќе го перцепираме ова дело на сличен начин или анализирајќи и наоѓајќи симболи ќе се обидеме да го исполниме со подлабока смисла, останува само на нас.
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

На врв Bottom