Кајганџиски книжевен каталог

Статус
Затворена за нови мислења.

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
Се собравме неколкумина ентузијасти и љубители на книжевноста, на иницијатива од @Ставрогин со идеја да составиме еден кајганџиски каталог од книги кои сметаме дека треба да се издвојат како ремек дела во литературата. Листата можеби е пристрасна, можеби не, во секој случај е убава идеја за оние на кои им треба некаков водич во литературата, оние што се запрашале, од каде да почнам, што да читам, што е вредноста во тоа и тоа дело? Преку кратки рецензии ќе се обидеме да ги доловиме сопствените импресии и да ве убедиме да ја прочитате книгата што ја застапуваме.

По прилично долги натегања дали класификацијата да биде хронолошка, жанровска, или сепак да биде малку поразиграна и поневообичаена се одлучивме за овие категории:

I. Класика (50)
II. Литература за деца (30)
III. Современа литература (70)
IV. SF, фантастика, епска фантастика и хорор (30)
V. Филозофија (20)
VI. Антика (10)
VII. Јужнословенска книжевност (20)
VIII. Македонска книжевност (20)

Во заграда е бројката на книги што ќе биде застапена во секоја од категориите.

Па, да почнеме со ред.

I. Класика

1. 1001 ноќ
2. Данте Алигиери - Божествена комедија
3. Џовани Бокачо - Декамерон
4. Мигуел де Сервантес - Дон Кихот
5. Вилијам Шекспир - Отело
6. Вилијам Шекспир - Хамлет
7. Вилијам Шекспир - Ромео и Јулија
8. Вилијам Шекспир - Магбет
9. Томас Мор - Утопија
10. Џон Милтон - Загубениот рај
11. Јохан Волфганг фон Гете - Фауст
12. Лотреамон - Малдороровите пеења
13. Џорџ Гордон Бајрон - Странствувањата на Чајлд Харолд
14. Џејн Остин - Гордост и предрасуди
15. Мери Шели - Франкештајн
16. Виктор Иго – Богородичната црква во Париз
17. Виктор Иго - Клетници
18. Александар Сергеевич Пушкин - Евгениј Онегин
19. Оноре де Балзак - Чичко Горио
20. Михаил Јурјевич Лермонтов - Херој на нашето време
21. Едгар Алан По - Поезија и раскази
22. Николај Васиљевич Гогољ - Мртви души
23. Александар Дима - Грофот Монте Кристо
24. Емили Бронте - Оркански височини
25. Густав Флобер - Мадам Бовари
26. Иван Сергејевич Тургењев - Татковци и синови
27. Стендал - Црвено и црно
28. Достоевски - Записи од подземјето
29. Достоевски - Злосторство и казна
30. Достоевски - Демони
31. Достоевски - Браќата Карамазови
32. Толстој - Војна и мир
33. Толстој - Ана Каренина
34. Толстој - Смртта на Иван Илич
35. Артур Рембо - Илуминации
36. Шарл Бодлер - Цвеќиња на злото
37. Емил Зола - Нана
38. Роберт Луис Стивенсон - Островот со скриеното богатство
39. Роберт Луис Стивенсон - Доктор Џекил и мистер Хајд
40. Херман Мелвил - Моби Дик
41. Артур Конан Дојл - Авантурите на Шерлок Холмс
42. Александар Дима - Тројцата мускетари
43. Оскар Вајлд - Сликата на Доријан Греј
44. Хенрик Сјенкјевич - Кво вадис
45. Антон Павлович Чехов - Раскази
46. Брам Стокер - Дракула
47. Натаниел Хоторн - Скарлетната буква
48. Џозеф Конрад - Срце на темнината
49. Кнут Хамсун - Глад
50. Херберт Џорџ Велс - Времеплов

Во секој нареден пост ќе објавуваме по 5 рецензии за книгите што се наоѓаат на листата.

Се надеваме дека идејата ќе биде продуктивна и ќе вроди желба за читање кај оние што ќе ја следат темава со интерес.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
1. 1001 ноќ (рецензија - @Setsuko)

1.png

„1001 ноќ“ е всушност збирка со приказни од Блискиот Исток и Јужна Азија на кои подоцна им е додадена воведната, онаа која ги поврзува.

Какво е чувството кога приказната ќе биде прекината во најинтересниот и највозбудлив момент, кога единственото нешто на коешто можеме да мислиме е – што следува понатаму?

Очигледно тоа добро го знаела ќерката на мудриот везир, Шехерезада, која секоја вечер на овој начин го искушувала тогашниот крал Шахријар за да го спаси сопствениот, а и животот на многу девојки. Имено, Шахријар ги открил изневерите и измамите на својата жена, жената на својот брат и уште неколку слични валкани игри. Така, тој заклучува дека сите жени се итри измамнички. За да му се одмазди на целиот женски род секоја вечер се жени со различна девојка и наутро ја убива. Шехерезада, решена да ја прекине крвавата серија убиства, се мажи за Шахријар и секоја ноќ го заведува со својата слаткоречивост раскажувајќи му по една приказна. Таквите приказни секогаш ги прекинува во најинтересните и клучните моменти кои ја носат кулминацијата, па така кралот љубопитен да дознае што следува понатаму секое наредно утро ја остава жива. Тоа раскажување траело точно 1001 ноќ, речиси три години, период доволен за кралот да се приврза за заводливата Шехерезада и да не може да си го замисли животот без неа.

Симболично, секоја приказна е мала смрт, нов свет, магична умешност на зборот да нѐ поведе некаде подалеку од реалноста, некаде каде што други, поинакви закони владеат со нештата, некаде каде што проблемите се решаваат благодарение на духот од Аладиновата волшебна ламба, каде што килимите летаат, животните зборуваат и во пештерите има огромно количество злато. Зарем има некој што не би сакал барем за миг да се најде таму, макар и преку магичната моќ на зборот?

2. Данте Алигиери - Божествена комедија (рецензија - @Sussaro)

2.jpg

Божествена комедија е книгата која извршила најголем пресврт во историјата на литературата. Авторот, Данте Алигиери е нарекуван последниот од старите а првиот од модерните писатели, а и самата книга е најбитниот еволутивен мост кој ги поврзува античката со ренесансната литература. Меѓутоа, значењето на Божествената комедија се издигнува над литературата, таа претставува и зародиш на целокупната епоха на хуманизмот и ренесансата.
Книгата е со религиозна тематика која била речиси и единствената тематика во теократските владеење во Европа низ средновековието, но главните јунаци се луѓето: од најголемите грешници до најголемите светци, нивните карактери, дејствија во земскиот живот, заслугите поради кои се нашле онаму каде што се.

Самата книга раскажува за патешествието на Данте низ задгробниот живот. Тој дефинира 3 главни делови на подземјето: Пекол, Чистилиште, Рај, и самата Божествена комедија е составена од 3 книги со истоимени наслови според деловите од подземејето.

Пеколот се состои од 9 кругови. Книгата започнува со губењето на Данте во шума. Таму се среќава со римскиот поет Вергилиј кој бил идол на Данте. Вергилиј бил испратен од Беатриче за да го води низ круговите на Пеколот и подоцна низ зоните на Чистилиштето. Во пеколот се наоѓаат најголемите грешници, скалесто тежината на гревовите и соодветната казна се зголемува со секој круг, од многубошците па се до предавниците кои по Данте се најголеми грешниции кои се наоѓаат во последниот 9-ти круг заедно со Луцифер кој за казна вечно ги распарува и раскинува.

Од таму Данте и Вергилиј продолжуваат кон Чистилиштето. Чистилиштето се состои од 7 платформи за секој од седумте смртни гревови како и две предзони со што повторно се стигнува до 9 реони како и во пеколот. За разлика од Пеколот каде што за душите кои се наоѓаат таму нема спас, гревовите во Чистилиштето се поблаги но сепак се гревови и затоа е неопходно тие да се искупат и прочистат преку соодветни казни. И тука со секоја следна платформа се зголемува направениот грев и соодветната казна при што Данте го смета сладострастието за најголем смртен грев.

На излезот од Чистилиштето Вергилиј го напушта Данте бидејќи е политеист и со тој грев нема право да му биде водич низ рајот, но затоа се појавува Беатриче да ја превземе неговата улога. Рајот има 9 сфери кои се дом на праведниците, чесните и оние кои живееле по Божјите правила. Градуалноста е и тука присутна, најзаслужните се наоѓаат во највисоките сфери. На крајот после 9-тата сфера е Емприон, место (ако може така да се нарече) кој е надвор од границите на просторот и времето, каде што е самиот Бог, и каде што свети вечна и заслепувачка светлина која попречува секого да го види.

Бројот 3 како одлика на светото тројство се сретнува низ целата книга. Книгата е составена од 3 дела, секој дел има 9 региони (3х3), секој дел е опеан во 33 пеења, и секоја строфа е составена од 3 реда. Во текот на книгата во различни делови од Пеколот, Чистилиштето и Рајот сретнуваме повеќе ликови на тие места кои во приватниот живот на еден или друг начин го инспирирале Данте, на кои самиот тој пристрасно ставајќи се во улога на судија им ги одредува местата на припадност. Инспирацијата Данте ја имал од случки и лица од историјата, религијата но и тековните случувања од неговото време, во некои учествувал и самиот тој. Според тоа дел од ликовите се значајни луѓе кои оставиле траг во историјата, но дел и се личности од животот на Данте-пријатели, непријатели, познаници... Во книгата значајно се истакнати римскиот поет Вергилиј кој бил идол на Данте и Беатриче која била негова неостварена љубов и на која Данте и дава дури и сакрална димензија.
Имагинација и креативноста со која Данте ја развива оваа приказна, описот на ликовите и нивните дела, тежината на стиховите и римите како и иноватиноста и внесувањето на сосем нови дотогаш елементи во литературата го прават Данте генијалец, а оваа книга една од најголемите ремек-дела некогаш напишани.

3. Џовани Бокачо - Декамерон (рецензија - @Sussaro)

3.png

Џовани Бокачо е еден од најзначајните преставници на ренесансата, а неговата најпозната книга Декамерон се смета за врвно дело во литературата.

За време на епидемија на чума во тогашна Италија, група од десет млади луѓе од кои седум девојки и тројца момци одлучуваат да прибегнат на село во една напуштена куќа барајќи го спасот од болеста во самонаметнат карантин. За полесно да помине времето секој од десетмината секој ден раскажува по една приказна и тоа се повторува десет дена при што се доаѓа до сто раскажани приказни. Самиот Декамерон е кованица од грчки зборови и значи десет дена или Десетдневие.

Приказните се инспирирани од секојдневните случки во тогашното општество односно љубовни доживувања и авантури, добрината но и злото што луѓето го прават, меѓусебното надмудрување и итроштини на сограѓаните, корумпираноста на власта, како и несекојдневни и интересни настани, авантури, патувања и средби, анегдоти, познати и легендарни личности од минатото и сегашноста и нивните преживеалици. Во некои приказни постои похрабра еротска па дури и сексуална содржина покриена со алузија која е сепак провидна како во случајот на расказот - Славејот кој ја обработува тематиката на предбрачна љубов и секс. Ако се земе во предвид дека книгата е пишувана во 14-тиот век при дадените околности тоа сигурно претставувал смел чекор за самиот Бокачо.

Иако темите во стоте раскази се различни, хуманизмот е она што ги спојува сите т.е. самиот човекот во главна улога, неговите доблести и недостатоци, неговите постапки и делувања, неговите светли и темни страни. Со тоа свое пионерство во прозната ориентација како и со одличната и занимлива наративна техника, Десетдневието на Бокачо заслужено си го добива своето место во историјата на пишаниот збор и на оваа наша листа.

4. Мигуел де Сервантес - Дон Кихот (рецензија - @nicole_l)

4.png

Првичната намера да се напише бурлеска за далекусежните ефекти кои своевремено ги оставиле популарните рицарски романи врз читателската публика во Шпанија, резултирала со создавање на ликот на симпатичниот безумник - Алонсо Кихано, самонаречен Дон Кихот, неговиот слуга Санчо Панса и дополнителни други 667 ликови.

Контрастот помеѓу трагикомично заблудениот витез и неговиот штитоносец се согледува од надворешниот изглед до нивните карактерни црти.
Дон Кихот е носител на сето она што со разумот и здравата логика е скарано-тој со текот на времето е станат симбол на неоснованото идеализирање, сулудите соништа и фантазии, нереалните очекувања и неможноста да се прифати стварноста онаква каква што е. Итриот селанец Панса, кој е мотивиран од ветувањето дека ќе стане управител на непостоечки остров доколку верно си ја сработи задачата на пратител во „спасоносните“ походи, е целосна спротивност на донкихотските особини.
Ако се согледаат двата лика како два дела кои се комплементираат еден со друг, се добива слика на еден завршен нов лик кој е далеку од комичен, за разлика од Кихот и Панса разгледувани одделно.

Кихот и Панса оставаат слободен простор за толкување на најразлични начини: како две идеологии жестоко судрени, како психолошка поделеност на една индивидуа, како нужност да се пронајде пресечна заедничка точка на личносните крајности...

5. Вилијам Шекспир - Отело (рецензија - @Сабазиј)

5.jpg

Своите драматуршки заплети Вилијам Шекспир (1564 - 1616) неретко ги поставува на простори кои на неговите современици, на публиката и на читателите, им изгледале прилично егзотично. Покрај „Венецијанскиот трговец“, „Ромео и Јулија“, „Многу врева за ништо“ и уште некои други, меѓу нив се вбројува и животната и љубовната приказна на Маварот Отело, најверојатно напишана меѓу 1601 и 1609 година.

Главни двигатели во Отело се зависта, одмаздата, љубовта и љубомората, а трагедијата се одвива во Венеција (во првиот чин), односно на Кипар (во наредните чинови).Со невообичаена успешност Шекспир претставува ликови кои независно од својата морална обоеност и постапки се убедливи и полни со живот. Ова е едно од најпознатите дела на авторот, кој, не без право, се вбројува меѓу највлијателните и најважните претставници не само на англиската, туку и на светската книжевност.
 
Последно уредено:

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
6. Вилијам Шекспир - Хамлет (рецензија - @Ставрогин)

1.jpg

Шпанско-американскиот филозоф и теоретичар на уметноста Сантајана во една прилика има напишано дека историјата на уметноста е историја на нејзиниот израз. Таму каде што има уметнички израз, сѐ може да биде претворено во уметност. Од примерот на Хамлет тоа лесно може да се потврди. Она што за некого е сувопарна историска хроника, приказна за данскиот принц чиј стрико го убива татко му, и се жени со неговата мајка узурпирајќи го престолот, во имагинацијата на Шекспир се претвора во бесмртна драма.

Веројатно не постои поцитирано дело од „Хамлет“ во историјата. Да се биде или не, нешто е труло во државата Данска, се само два од многуте цитати од ова ремек дело на Шекспир за кои секој има слушнато. Ликот на Хамлет, the sweet prince, е еден од најсаканите во историјата на книжевноста. Неговите монолози, кои започнуваат со неговата лична драма, преминуваат во прашања кои задираат во сечиј животи на крајот се претвараат во длабоки согледувања на судбината на човекот, во мали трактати за смислата и бесмислата на човечкото постоење. Гонет од желбата за одмазда, и длабоко разочаран од моралниот пад на неговата мајка, тој останува скаменет во сопствената немоќ, немоќ која на крајот ќе биде причина за голема трагедија.

Книгата е преполна со незаборавни сцени. Претставата која се игра на дворот која Хамлет ја поставува како стапица за кралот, дијалозите на Хамлет со Офелија, убиството на таткото на Офелија од страна на Хамлет, и морничавите појавувања на духот на таткото на Хамлет во неговата глава.

„Хамлет“ е веројатно најпознатото и најдоброто дело на Шекспир, и сигурно е меѓу десетте најголеми дела било кога напишани. Поставувано е на сцена безброј пати, исто и многу пати екранизирано. Дело кое никој не смее да си дозволи луксуз да не го прочита.

7. Вилијам Шекспир - Ромео и Јулија (рецензија - @Sussaro)

2.jpg

Вилијам Шекспир е едно од најголемите имиња во драмата и литературата воопшто, а „Ромео и Јулија“ е најголем репер за класика во книжевноста.

Главната тема на драмата е забранетата љубов помеѓу Ромео Монтеки и Јулија Капулети. Фамилиите Монтеки и Капулети во приказната се две моќни и меѓусебно завојувани страни од Верона, Италија. Во време кога на традиционалното однесување и фамилијарната чест им се давало највисоко значење, за љубовта помеѓу овие млади немало место. Но во нејзино име Ромео и Јулија ги кршат сите забрани, ги погазуваат сите принципи и на крај умираат еден покрај друг.

И после неколку векови оваа трагедија и понатаму останува една од најразработуваните тематики во светот, преку неброените телевизиски екранизции, театарски обработки, енормните влијанија во уметността и во скоро секој сегмент на културата од нејзиното појавување до ден денешен. Драмата е и задолжително четиво во училиштата и школите насекаде низ светот, една е од најпродаваните и најпопуларни книги глобално со што има триуфирано над Хронос, добивајќи вонвременски пиедестал.

8. Вилијам Шекспир - Магбет (рецензија - @Ставрогин)

3.png

Згасни, угаси се, кусовечна среќо!
Та животот е сенка што чекори
Артист беден, што час два се перчи
И на сцена гине, а потоа
Не го слуша никој. Сказна е тој
Раскажана од идиот, полна крик
И бес, што не значи ништо.

Ова е најстрашната осуда на животот, која излегува од устата на Магбет, непосредно пред да биде убиен, кога Бирнемската шума се придвижува, а неговиот убиец е човек нероден од жена.

„Магбет“ е најмрачното, најготичкото, најхалуцинантното дело на Шекспир. Приказна за разјадувачката моќ на амбицијата, за тоа како еден човек од најверен војник се претвара во убиец на сопствениот крал. Во таа трансформација, сосем очекувано, голема улога одигрува неговата жена.
Целото дело се тетерави по танката линија која го дели јавето од сонот, реалноста од халуцинацијата. Вештерките кои се појавуваат на почетокот од делото, и кои го всадуваат семето на политичката амбиција кај Магбет и Банко, можеби се реални, а можеби се истите оние вештерки кои живеат во секој од нас.
Ножот кој на Магбет му се појавува како халуцинација, потоа се претвара во оружјето со кое е убиен кралот Данкан.
Едно убиство повлекува друго, кругот на крвта мора да се затвори, и тоа и се случува со убиството на Магбет. На крајот, како што Сталин наводно рекол, а чии збориви ги пренел Малро, победува смртта.
Историјата се повторува од почетокот на светот, на власт секогаш доаѓаат најкрвожедните, најаморалните, најдеструктивните ликови.
Во критиката на кралевите, тираните, политичката амбиција, Шекспир отишол најдалеку.

9. Томас Мор - Утопија (рецензија - @Ставрогин)

4.jpg

Човечкиот род од памтивек се интересирал за општественото уредување. Од Платоновата Држава до Винас проектот, многумина нуделе одговори на прашањата во врска со општествените уредувања.

Кое уредување е најдобро? Кој облик на владење е најдобар? Како да ги избереме најдобрите да владеат? Како да обезбедиме правда и еднаквост за сите?

„Утопија“ на Томас Мор претставува уште еден обид да се одговорат овие прашања. Можеби не се најдобрите одговори било кога дадени, и можеби од денешен аспект многу од идеите на Мор ни изгледаат помалку смешни и наивни. Повеќето од тие идеи се само стилизирана претстава за Изгубениот Рај. Оваа книга ја нема енергијата на Платоноватаа Држава, која нуди прецизно сецирање на човечката психологија, ниту пак илузиите на квази-научност на Марксовите фантазии. Ја нема ниту рационалноста на Роулс и неговата Теорија на праведноста.

Но оваа книга има голема вредност. Таа е базирана е на вербата дека човечкиот род има способност да се поправа, и да тежнее кон доброто. Замислете ги општествените услови во кои е настаната. Во едни такви услови храброст е да замислиш општество во кое ова се вели за управувачите:

If any man aspires to any office, he is sure never to compass it; they all live easily together, for none of the magistrates are either insolent or cruel to the people: they affect rather to be called fathers, and by being really so, they well deserve the name; and the people pay them all the marks of honour the more freely, because none are exacted from them.

Оваа книга претставува обид пипајќи да се излезе од темницата на теократското владеење кое на Европа и донесе неколку векови темница. Иако ревносен католик (Томас Мор е погубен од кралот на Англија затоа што одбил да ја прифати новата Англиканска Црква која не го прифаќала авторитетот на Папството) тој увидел дека општеството во кое живее е неправедно и сурово, и дека треба да биде заменето со подобро. Томас Мор ја задолжил западната цивилзиација многу повеќе отколку со самиот збор утопија кој стана синоним за општество на благосостојба.

10. Џон Милтон - Загубениот рај (рецензија - @Ставрогин)

5.jpg

Митот за падот, и митот за изгонот се преплетуваат во митологиите на различни народи. Едниот мит се обидува да го објасни постоењето на злото во свет кој е создаден од Божјата премудрост, со префрлање на кривицата за злото на паднатиот ангел. Митот за изгонот се обидува да ја објасни грешноста на човекот. Христијанството ги презело овие митови, ги споило на некој начин, и тој амалгам го поставило како едно од централните учења во севкупната доктрина. „Загубениот рај“ на Џон Милтон се надоврзува, односно го прикажува овој христијански мит.

Веднаш да кажеме, „Загубениот рај“ е спектакуларна книга. Во неа нема ни А од апстракција. Сите сили на злото, исто како и сите сили на доброто се отелотворени. Војски на ангели, како и војски на демони маршираат низ книгата. „Загубениот рај“, иако поема, е пишуван во слободен стих, односно стих независен од римата. Тоа му дало голема слобода и моќ на Милтон да ја прикаже битката на доброто и злото на фантастичен начин. Во книгата има две наративни линии, едната на Сатаната, другата на Адам и Ева. Приказаната започнува со падот на Сатаната и неговиот прогон во пеколот, а завршува со прогонот на Адам и Ева од рајот.

Изразот на Милтон, неговиот начин на пишување е чуден и невообичаен за читател од нашето време. Меѓутоа се работи за едно од најзначајните дела на класичната литература, и дело кое секако вреди да се прочита.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
11. Јохан Волфганг фон Гете - Фауст (рецензија - @nicole_l)

2.jpg

„Фауст“, филозофско-симболичната трагедија, претставува највисокиот естетско-книжевен дострел во извонредното творештво на еден од најголемите ерудити на човештвото - Јохан Волфганг фон Гете.

Стожерот на оваа трагедија во над дванаесет стихови е модифицираната германска народна легенда за Фауст, докторот на науки, кој воедно студирал право, филозофија, медицина и за жал, како што вели самиот главен лик, теологија.

Фауст е ставен на повеќе распаќа во текот на целото дејство: презаситеноста од фактографијата на науката и согледувањето на нејзината неспособност да ги открие тајните езотерични знаења кои би го направиле животот повозвишен и исполнет, го води до суицидални мисли и намери. Решение со кое би се ставило крај на неговите себеизмачувања нуди ѓаволот лично, т.е. Мефистофел кој најпрво се појавува како црн пес, а потоа како отмен млад човек. Интересно е да се спомене дека Гете не го сметал овој понудувач на земски задоволства во замена за поседување на душата како „деструктивна појава која му наштетува на човекот, туку како фактор на отрезнување и покомплексно согледување на светот и човекот“.

Во Фаустовиот свет како контратежа на Мефистофел постои Грета, единственото човечко битие кое може да добие макар и краткотрајна љубов од него.

Фауст сакајќи да го запознае и сознае микрокосмосот во себе и макрокосмосот околу себе води своевидна битка со ѓаволот. Кој е победникот на крајот? Всушност дали постои победник или неизвесноста на исходот е вечна?

12. Лотреамон - Малдороровите пеења (рецензија - @Ставрогин)

3.jpg

„Кога ќе го прочитам шестото Малдоророво пеење, се срамам од своите книги“ - ќе напише во една прилика Анатол Франс.

„Малдороровите пеења“ е една од најчудните книги било кога напишани. Малдорор е без сомнение најголемиот метафизички бунтовник во целокупната светска книжевност. Ниту Фернандо Видал Олмос, ниту Ставрогин, дури ниту Иван Карамазов не можат да се мерат со него.
Малдорор е јасно и гласно кажано НЕ на Бог, на човештвото, и на сите негови вредности.

Од Малдорор само порекнување се еманира. Тој е духот на порекнувањето, истиот дух од Фауст. Сѐ што постои, еднаш ќе исчезне, затоа е подобро никогаш ништо да не постоело. Малдорор не е способен да оствари никаква емоционална или разумна поврзаност со ништо на овој свет. Стои замрзнат во својата злоба, настрана од светот, и го третира сето постоечко со иронија и црн хумор. „Малдороровите пеења“ е надреалистичка епопеја на злото во која се нижат бизарни сцени на насилство и презир. Најчудните испади на со ништо непредизвикана злоба за Малдорор се нешто сосем нормално. Малдорор себеси се доживува како ривал на Бог, како некој кој ја предизвикува Божјата креација, за која смета дека е многу лошо направена. Кога ја читаме книгата, често сме во ситуација сето постоечко да го погледнеме со сосем други очи. Ништо не е онака како што изгледа на прв поглед.

Огромно, но некако подземно е влијанието на оваа книга на севкупната француска книжевност после неа. Најсилно и најдиректно е кај надреалистите. Бретон го сметал Лотреамон, заедно со Рембо, за еден од јунаците на надреализмот, но скоро ниту еден правец во француската книжевност не го одминало влијанието на „Малдороровите пеења“.

Една сулуда, страсна, фантастична, надреалистична приказна која мора да се прочита.

13. Џорџ Гордон Бајрон - Странствувањата на Чајлд Харолд (рецензија - @Mary Poppins)

4.jpg

Легендата на европскиот романтизам и воедно еден од најчитаните поети до ден денес – Бајрон, во оваа поема ни ги презентира патувањата и доживувањата на главниот лик, Чајлд Харолд и неговата разочараност од англиското општество.

Поемата, композициски составена од четири пеења, започнува со претставување и запознавање на читателот со главниот лик, опишан како човек-скитник, презрен од општеството кое и самиот тој го презира поради продавањето на лажни закони и лажен морал. Разочаран и незадоволен од здодевниот живот тој го напушта родниот крај и заминува во непознатото. Целата поема понатаму претставува историски, културен, географски запис за местата кои ги посетува главниот јунак. Патувањето започнува со Португалија и Шпанија каде имаме евоцирање на минатото на овие земји и воопшто на сите наредни кои ќе бидат посетени (Грција, Албанија, Италија, Индија...). Чајлд Харолд го велича минатото на овие земји, жали по честа на изгубените херои и типично романтичарски – ја презира сегашноста во која не може да се вклопи и верува во среќниот живот на луѓето во некои минати времиња. Песимистичката филозофија нема да му помогне на романтичарскиот јунак да ја пронајде својата среќа, да ја надмине тагата, а ниту пак да успее да го распламти гневот на поробените народи и да ги повика на борба.

Од ликот на Чајлд Харолд ќе се развие и цело движење наречено бајронизам чии главни одлики ќе бидат: желба за патување во далечни и егзотични земји, изразен индивидуализам, желба да се помогне на угнетените народи, разочарување кое преминува во светска тага и секако величење на славното минато на народите.

14. Џејн Остин - Гордост и предрасуди (рецензија - @Mary Poppins)

14.jpeg

Напишан на почетокот на XIX век, за овој роман на Џејн Остин многумина ќе кажат дека претставува најубавата љубовна приказна која ја прочитале додека пак некои ја условуваат како најпреценета книга на сите времиња.

Романот претставува сатира на англиското општество во XIX век кога главната цел на секоја девојка е да се омажи и тоа под услов да се провлече во добро ситуирано семејство. Во центарот на приказната се наоѓа брачниот пар Бенет и нивните пет ќерки.

Кога богатиот и угледен господин Бингли ќе се досели во соседството, помеѓу него и најстарата ќерка Бенет ќе се појават искри на симпатии. На организираниот бал на кој треба официјално да се запознаат семејствата заедно со господинот Бингли доаѓа и неговиот пријател господинот Дарси кој ќе го привлече вниманието на втората ќерка Елизабет.
Дарси е човекот за кој многу девојки ќе кажат дека е пример за тоа како изгледа и се однесува идеалниот маж кој е сон на секоја жена. Воздражан, ладнокрвен, горделив, а од друга страна нежен, грижлив и добродушен. И плус убаво изгледа и има многу пари.

Ако ви се допаѓаат бајките и приказните од типот на „...И така си живееја среќно до крајот на животот“ тогаш ова е книга која сигурно би ви се допаднала.

15. Мери Шели - Франкенштајн (рецензија - @Setsuko)

15.jpg

Готската приказна за чудовиштето кое предизвика многу ужаси и страдања верувам дека на сите ни е позната без разлика дали преку книгата, филмските или театарските реализации. И покрај шпекулациите за авторството, дали навистина Мери Шели на 19 години била способна да напише таков култен роман, или сепак тоа бил нејзиниот сопруг Перси Биш Шели кој ѝ го предал авторството не ја намалуваат неговата вредност. Книгата е напишана како резултат на предизвикот од Лорд Бајрон за тоа кој ќе напише најдобра хорор приказна.

Во овој роман нараторите се менуваат, а со тоа и добиваме различна перспектива на настаните. Сижетната линија начнува прашања од типот: Дали човекот непочитувајќи ги Божјите закони и законите на природата може да создаде друг човек кој би бил еднаков на него самиот? Што всушност значи некому да му се подари живот? Дали науката може да ѝ пркоси на природата и да дари живот еднаков на оној што се добива по природен пат? И кога теориски би се создал таков вештачки живот како таа креација ќе се однесува кон човечкиот род?

Докторот, алхемичар, Франкенштајн успева од збир на мртви тела да создаде свое сопствено чедо на кое ќе му даде живот. Таквата креатура не може да воспостави човечки однос со љубов и почитување бидејќи од самиот старт луѓето се плашат од него, од неговата, страшна појава, натприродна големина и сила. Тоа ќе роди фрустрации и чедото на доктор Франкенштајн ќе се претвори во монструм, ќе се сврти против целиот човечки род, како и против својот создател.

Романот е зачеток на готиката, хоророт, резултат на егзистенционалната криза заради развојот на науката, поттикнува и одговара на прашањата од типот што би било кога би било? Култ и синоним на самодеструкцијата на човештвото.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
16. Виктор Иго – Богородичната црква во Париз (рецензија - @Setsuko)

3.png

Насловот на овој роман имал повеќе варијации, во зависност од преведувачите и нивните интерпретации, па може да се сретне како „Богородичната црква во Париз“, „Нотердам“, „Ѕвонарот на Богородичната црква“ или „Грбавецот од Богородичната црква“. Самиот Виктор Иго потенцирал дека главен лик во неговиот роман е токму таа црква, како симбол на вечноста, како сведок на сите минати времиња. Всушност, овој роман е напишан за да се подигне јавното мислење за заштита на црквата, да се забрани какво било модернизирање, реновирање или пак уривање. Црквата во Париз е сведок на многу животни приказни, на многу болка, на многу страдања, љубови и разочарувања, како што тоа за Андриќ е мостот на Дрина, градба која е присутна постојано и која како да им се потсмева на обичните смртници поради нивното незнаење и нивниот мал „рок на траење“.

Описот на црквата всушност е образец на идеите на романтизмот, тоа не е обична градба, тоа е порака до луѓето да научат да се справуваат со проблемите и животот не предавајќи се, борејќи се, противејќи се и опстојувајќи, постојано, оставајќи белег за сопственото постоење. Читателите кои веднаш би сакале да преминат на дејството би имале потешкотии со деталните описи и би ги сметале за непотребни, но токму тие се инспирацијата за постоењето на овој роман и развивањето на приказната во него.

Виктор Иго ги испреплетува судбините на циганката Есмералда кон која луѓето имаат целосно екстремни чувства (или ѝ се восхитуваат и ја посакуваат или сакаат да ја убијат прогласувајќи ја за вештица) и грбавиот Квазимодо кој е едно кутро суштество што ја врши функцијата ѕвонар во црквата и ужива во тој звук, но иронијата да биде поголема истиот тој звук ќе му го уништи и слухот. Само еден добар, внимателен, човечен потег од Есмералда, во мигови кога сите го исмеваат и потценуваат ќе биде доволен за грбавкото да се заљуби во неа и да живее со идејата дека мора да ја добие нејзината љубов.

Ова е приказна за една вечност, за една љубов и за низа судбини, испреплетени и стиснати ко во прегратка.

17. Виктор Иго - Клетници (рецензија - @Sussaro)

4.jpg

Моменталната позиција на телото на човекот може да одреди цели животни судбини, ќе напише Виктор Иго во оној момент кога Фантина од немоќ ја остава својата ќерка Козета кај Тенардиеви на издржување. Клучниот момент бил што газдарицата била седната, додека во стоечка позиција таа ја оддавала сета своја злоба и Фантина не би го направила тој чекор. Со таквиот осет за детали, Иго живописно, конкретно и пред сѐ маестрално ја раскажува приказната за луѓето од самото дно на Франција во раниот XIX век. Жан Валжан, Фантина, Козета, Гаврош, Мариус, Тенардиеви и уште многу ликови одигруваат една комплексна меѓусебно преплетена судбина борејќи се за опстанок некаде низ лизгавите калдрми на постоењето. Деталистичките описи не се за сечиј вкус, но тоа е стилот на Иго. Во „Богородичната црква во Париз“ само 50-тина страни одвојува за опис на Париз сосѐ канализацискиот систем, додека во „Морепловци“ борбата со полипот трае малку подолго отколку што треба, но тоа само ја збогатува тежината на неговото дело.

Магнум опусот без било каква дилема е „Клетници“ која со својата должина и комплексност го заслужува челното место во епохалните ремек дела карактеристични по својата должина „Војна и мир“ на Толстој, „Браќата Карамазови“ на Достоевски и „Во потрага по изгубеното време“ на Пруст. Би била потребна докторска дисертација за убаво да се долови што ја прави оваа книга грандиозна. Од небројните прашања што ги отвора преку религијата, социјалното уредување, етиката, власта и хиерархијата, егзистенцијализмот, успешниот флерт со филозофијата која на моменти како да ни носи заборав дека пред себе имаме литературно, а не филозофско парче хартија, па портретирање на цели региони чиниш се работи за детален урбанистички план, несомнемната фантастична меморија која Иго ја имал, политичките збиднувања од тоа време раскажани подобро дури и од професионални записничари па сѐ до она што можеби е и главна мотивација за читање на широкиот публикум - самата приказна, дејствието, авантурата, наративата или од ова време кажано филмско движење на акцијата, интересните заплети кои те тераат да ја свртиш следната страница. Креативноста и имагинацијата кои Иго ги вложил во едно такво долго дело се за сите почести. Без видливо да направи ниту една грешка хроношки и логички, без некаков парадокс или апсурд кој би открил дека сепак се работи за човек од крв и месо кој не може 1500 страници да ги води совршено. Мултиталентот е шлагот на тортата. Иго е воедно историчар, поет, филозоф, книжевник, прозаист, географ, психолог, политичар, биолог, разноразен занаетчија и многу, многу повеќе, одразувајќи го сето тоа на самата книга правејќи ја безжанровска или уште поточно општожанровска иако поради нескриените симпатии кон ниските слоеви, нагласеноста на трагичните судбини и внесувањето на мрачни позадини, ситуации и емоции неретко е класифицирана во папката на романтизмот.

Зошто оваа книга е врвна класика може да послужи и анегдотата за кратката преписка што ја имал Иго со издавачката куќа на Клетници.

Суштина на „преписката“ е романот "Les Miserables" („Јадници“, „Клетници“) кој Виктор Иго го подготвувал пар децении. Знаел дека напишал нешто големо и бил многу заинтересиран да биде тоа објавено, особено заради неговиот политички статус и комплициран однос со власта.
Бил на одмор кога романот требало да биде објавен. Нестрплив да слушне дали книгата се појавила и какви се реакциите, на својот издавач му напишал писмо со следнава содржина:

?

Oд „Хрст и Блекет“ добил одговор:

!

Извор

18. Александар Сергеевич Пушкин - Евгениј Онегин (рецензија - @Mnemozina)

5.jpeg

Во величествената ризница на рускиот романтизам едно од најголемите богатства секако е романот или новела во стихови – „Евгениј Онегин“. Покрај истоимениот херој, се среќаваме и со ликовите на младиот поет Владимир Ленски и двете сестри Ларини – Татјана и Олга.

Евгениј Онегин е млад човек, образован аристократ со богат социјален живот, кој ќе ја презре помпата и лажниот сјај на средината, за да биде поразен токму од предрасудите и воспитувањето кое таа средина го калемела врз луѓето од неговиот ков. А Татјана, која ќе се вљуби во него со чистотата и наивноста за која знае и е способна само младоста и чистата душа, ќе прерасне во национален круцијален лик при образувањето на рускиот идеал на жена. Таа, покрај Толстоевата Ана Каренина, се најмаркантните женски ликови во руската книжевност, додека Ана е „паднатиот ангел“ Татјана се издигнува како неизвалканиот ангел, успевајќи да ги наметне своите доблести и чистотата на духовната возвишеност во едно од морален поглед тргнато кон трулење, ладно, калкулантско и полно хипокризија опкружување (која дефиниција се чини прикладна за било кое време), останувајќи верна и доследна на своите принципи, макар и на сметка на својата среќа.

Ова е многу повеќе од книга за трагиката на невозвратената љубов, која потоа ќе стане невозможна љубов. Низ овие страници се среќава и смрт од раката на најдобриот пријател, но и смртта на наивноста и илузиите на младоста. На крај го остава читателот со безвременската поента дека сме жртви на сопствените избори и на последиците од тие избори.

19. Оноре де Балзак - Чичко Горио (рецензија - @Sussaro)

19.jpg

„Чичко Горио“ е најзначајната книга на еден од најважните претставници во реализмот и великан во литературата Оноре де Балзак.

Една куќа во Париз е дом на тројца потстанари чиишто судбини наскоро ќе бидат испреплетени: студентот по право Ежен де Растињак, старецот Горио и загадочниот Вотрен. Колку ниско може човек да падне духовно и на какви сѐ не подлости е спремен за да се издигне материјално и да се пробие низ социјалната статусна хиерархија за да ги зграпчи моќта, славата и парите? Злосторникот Вотрен е спремен и на убиство во потрага по таа цел. Горио од друга страна го прави обратното, жртвувајќи ги сите финансии, позиции и угледи во општеството за доброто на сопствените ќерки без воопшто да жали за тоа. За возврат ќерките го бришат од нивниот живот и контактираат со него само во случај на користољубиви потреби.
Де Растињак, главниот јунак, е некаде на средина, држејќи рамнотежа помеѓу двајцата. Доаѓа во Париз како неимашлив студент и провинцијалец со голема амбиција да стане пробисвет во повисоките социјални слоеви. Ги согледува матните, нечисти игри кои се играат таму каде што се гледа себеси, свесен дека за да успее мора и тој да стане дел од нив. Но совестта и борбата на конфликтната личност Растињак ја доживува преку восхитот и почитта што тој ја има кон ликот и делото на Горио кој и покрај сѐ останал со чистотата во себе. Така е барем сѐ до смртта на старецот. Тука е разрешницата на Де Растињаковата внатрешна поделба. Со снемувањето на Горио како симбол на идеалот, последната пречка е отстранета. На Гориовиот мизерен погреб Де Растињак кој е еден од четворицата присутни, од кои двајца платени оплакувачи, ја гледа бедата на чесноста и го донесува својот избор. „А сега, да се пробаме јас и ти“ ќе му се обрати тој на градот Париз додека тргнува на средба со богатата Делфина, која како ќерка на Горио, е само една од низата животни иронии.

„Чичко Горио“ е книгата која ја открива вистинската вредност на човекот, продавањето на душата, моралната ерозија. Единствениот мост помеѓу статусот и материјалната благосостојба од една страна и етичката белина од друга е оној изграден врз труд, мака и пот. Скратени патишта, алтернативни премини, поинакви начини не постојат.

20. Михаил Јурјевич Лермонтов - Херој на нашето време (рецензија - @Setsuko)

20.jpeg

Руски романтизам. Игра со нараторите на почеток и претставување на ликот Печорин уште пред да се сретнеме со него.

Иако е отсутен уште по раскажувањата за него читателот го насетува неговиот специфичен карактер кој е тешко да се дефинира. Налик на Бајроновите обиди да се избега од рутината и досадата, да се спознае нешто ново, поинакво.

Печорин не е лик кој постапува според некакви идеали и цели, во него се збиени емотивноста, цинизмот и досадата. Постојано потенцира колку му е досадно. Заради тоа страда, заради тоа повредува, но во ниту еден момент нема да дозволи вистински да ја видите неговата внатрешност. Единствено девојката што сиот свој живот го сакала ќе успее да ја допре неговата суштина, но сепак не може да и биде позната причината за неговата ароганција, надменост и навидум незаинтересираност.

Уште во самиот Предговор сме предупредени да не ги сфаќаме буквално нештата што ќе ни бидат претставени. Портретот на Печорин не е само портрет на еден човек, тоа е алегорија на една цела слаба и дефектна генерација, тоа се хероите на нашето време. Ќе најдеме ли оправданија и можности за идентификација? Ќе предизвика ли тој сожалување и милост заради иронијата на животот? Или пак сè ќе и препуштиме на судбината на која Печорин толку колебливо ѝ се противи и одбива да ѝ верува?
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
21. Едгар Алан По - Поезија и раскази (рецензија - @Setsuko)

4.png

Оние кои ќе се впуштат во поетиката на По неизбежно се нурнуваат во болно треперење на нервите, исчекување, морбидност и страв. Поезијата и расказите на По како истовремено меѓусебно да се надополнуваат и исклучуваат едни од други, тоа е спој на убавото, ритмичното, морбидното и окултното истовремено. Кога го читате По во глава ви одѕвонуваат рефрени и неговите зборови оставаат таков впечаток што ги читате, ги слушате, ги доживувате ПАК, ПАК и ПАК.

Љубовта кон саканата добива друга димензија преку стиховите на По, болката заради нејзината загуба станува двојно, тројно поголема. Поетиката на По е специфична и остра, до миговен детаљ ви ги буди сите сетила, ве тера да се замислите, но и да уживате. За таквиот тип на метод Итало Калвино ќе рече „метод толку суптилен и флексибилен што е еднаков на отсуство на каков било метод“. Кај Едгар Алан По постои жед за совршенство и жед за Убавина (овој збор секогаш го пишувал со голема буква), а што е тоа ако не желбата да се допре директно до изворот, да се достигне бесмртноста...

Жената била честа инспирација за По што е воочливо уште од самите наслови на неговите песни: На Елена (To Helen), Анабел Ли (Annabel Lee), Јулали (Eulalie), За Ени (For Annie), како и во неговите кратки раскази: Лигеја (Ligeia) и Елеонора (Eleonora).
Сите негови раскази потенцираат едно чувство или еден мотив што е доминантен: страв (Пропаста на куќата на Ашерови), исчекување (Бунарот и нишалото), злосторство (Предавничко срце, Црниот мачор), персонификација на Смртта (Маската на црвената смрт), загрозен идентитет (Вилијам Вилсон) итн.

По е вистински избор за читање и препрочитување во секое време бидејќи на морбидноста, мистичноста и окултизмот знае да им даде нишка на Убавина, ќе ве заведе со својата совршено драматична нарација, но и со беспрекорната лиричност на стихот.

22. Николај Васиљевич Гогољ - Мртви души (рецензија - @Ставрогин)

5.png

За многумина, Гогољ е таткото на рускиот реализам и рускиот романтизам во книжевноста. На листата на автори кои биле под влијание на неговите книги се и Толстој и Достоевски. Без претерување може да се каже дека целокупната руска проза после Гогољ е обележена од неговотот дело.

„Мртви души“ е неговото најзначајно дело, кое парадоксално не е завршено. Гогољ имал намера да напише современ пандан на „Божествената комедија“, а „Мртви души“ биле неговиот „Пекол“. Непосредно пред смртта Гогољ ги уништил другите делови.

Тешко е да се пишува за „Мртви души“, бидејќи скоро е невозможно да се опише злобната, иронична, полна со презир атмосфера во која е потопено ова дело. „Мртви души“ е книга каде што самиот заплет на истата е помалку важен од атмосфера која книгата ја носи. Чичиков, типичен претставник на руската средна класа од тоа време сака да се збогати на тој начин што купува мртви души, односно го купува правото над закрепостените селани, практично робови, кои се веќе мртви. Тој патува до околните губернии и се пазари со другите земјпоседници. Тоа е едноставниот заплет, предтекстот за еден вистински Danse Macabre, каде што читателот цело време има чувство дека под секојдневните ликови на портретираните јунаци во книгата се кријат демони кои едвај чекаат да ги извадат своите маски. Во многу нешта овие ликови потсеќаат на демоните и вештерките од неговите хорор приказни, градени врз мотиви од украинскиот фолклор. Гогољ до најситни детали врши вивисекција на алчноста, злобата, желбата за доминација врз другиот, исто како што дава одличен приказ за лицемерието и лагите во кои што живее средниот сталеж во тоа време.

„Мртви души“ е плач над заостаната Русија со својот ужасен економски систем, кој создава тотална дехуманзиација, и кој е единствено способен да продуцира поединци кои се сведени на голото задоволување на нивните базични потреби. Симптоматично е тоа што Гогољ ги уништил другите два дела од планираниот opus magnum, како да не бил способен да напише пооптимистично, и повеќе полно со надеж дело.

23. Александар Дима - Грофот Монте Кристо (рецензија - @Ставрогин)

23.png

Ретко ќе најдете човек кој не ја слушнал приказната за Едмонд Дантес, грофот од Монте Кристо. Ако некоја книга поседува магија во себе, тогаш тоа мора да е оваа книга. Едмонд Дантес, неправедно наклеветен, поминува 14 години во ќелија во Тврдината Иф, од каде што бега на чудесен начин, после кој оди на островот Монте Кристо и таму...

Можам да ја раскажам целата приказна во детали, но каква смисла би имало? Не може никако да се пренесе фасцинацијата и магијата која „Грофот од Монте Кристо“ ја носи. Ова е книгата која ја распламтува фантазијата на многу генерации веќе неколку векови. Сè во ова дело на Дима е чудесно, големо, магиско, романтично.

Пронаоѓањето на богатството на семејството Спада на островот Монте Кристо, моментот кога фасцинацијата со златото добива некој алхемиски сјај. Потоа се нижат карактеристични сцени, една од друга повпечатливи. Подземната палата на островот и средбата со Франц, па средбата на грофот со Алберт во Рим, комбинирано со романтичната приказана за римскиот разбојник Луиџи Вампа, киднапирањето и ослободувањето.

Спектакуларното враќање на на Едмонд Дантес во светот, под маската на грофот од Монте Кристо, и страста која во себе ја носи желбата за одмазда. Средбата со Мерцедес, животот во Париз, и фасцинацијата на луѓето околу него со богатството и мистеријата. На крајот, во духот на христијанското милосрдие, одмаздата останува недовршена, грофот ќе го поштеди Дангларс.

Книгата е врвулица на ликови, поврзани помеќу себе на различни начини, и на неколку места задира во историјата на еден од најфасцинантните моменти и места за да се помине животот, постбонапартистичка Франција. Малку е да се каже дека книгата е бескрајно забавна за читање. Многумина сметаат дека „Грофот од Монте Кристо“ нема уметничка вредност, затоа што ликовите се некако предимензионирани. Но кому му е всушност грижа за вакви критичарски пуританци? Книгата нуди многу забава, и одговорно тврдам дека нејзиното читање е едно огромно и ретко задоволство. Никако немојте да ги гледате филмовите снимени по книгата, затоа што не доловуваат ниту 5% од богатството на ликови и настани кои таа ги нуди.

24. Емили Бронте - Оркански височини (рецензија - @Mnemozina)

24.jpg

Емили Бронте починала на 30 години, непосредно по издавањето на „Оркански височини“, без да биде свесна за фактот дека напишала еден од најдобрите романи, не само во англиската, туку и во светската книжевност. Своевремено, поточно кон крајот на 40-тите години на XIX век, романот од критиката бил сметан за доста шокантен, контроверзен, суров за читање и со главни ликови кои се носители на многу непријатни карактери. Денес овој роман е еден од најпознатите и слободно може да се рече култните љубовни романи, многупати екранизиран на големото платно.

„Оркански височини“ не е идилична љубовна приказна, напротив Бронте го руши клишето на дотогашните љубовни приказни (и најголем дел на сите воопшто постоечки љубовни приказни), во кои хероите и хероините, од рамнодушни или студени ликови, под дејство на љубовта, се трансформираат во грижливи и посветени љубовници.

На имотот Оркански височини, во тој готички, суров, ветровит и мочуришен предел, се раѓа љубовта помеѓу младата госпоѓица Кетрин Ерншоу и посвоениот, од страна на нејзиниот татко, Хитклиф. Двајцата имаат идентична дива, нескротлива и горда природа, толку налик на пределот на кој ќе ги поминат најубавите години. Меѓутоа, подоцна веќе повозрасната Кетрин ја прифаќа брачната понуда на џентлменот од соседството Едгар Линтон, бидејќи оценува дека статусот во општеството е позначаен од првата љубов. Мислите и целото битие на Хитклиф од тој миг пулсираат само во еден ритам – оној на одмаздата.

Приказната на романот е всушност генијално осмислена во однос на структурата, таа кружи или ротира околу себе, преку серии на повторувања кај две генерации. Првата генерација носи на сцена – дива, опсесивна љубов, која продолжува и по смртта; губење на разумот и лудило поради загубата, кошмари и прогонување од духови на јаве; ривалство и омраза, склони кон дегардација и најразлични форми на огорчено постапување. Веќе втората генерација има поинаква завршница, преку која авторката веројатно сака да ни сугерира една визија за животот како неминовен процес на промени.

25. Густав Флобер - Мадам Бовари (рецензија - @nicole_l)

25.jpg


„Мадам Бовари, тоа сум јас!“

Да се пишува во XXI век книга со сижејна линија - неверствата на мажена жена, постапката не би можела да се нарече ни близу до храбра, но пред два века излегувањето на таква книга во јавност претставувало вистински револуционерно - контроверзен чин.

Мадам Ема Бовари е лик чија трагедија произлегува од разидувањето помеѓу младешките соништа и мечтаења од една страна и монотоната неисполнета реалност на брачниот живот од друга страна.

Погрешниот клучен избор во животот е почеток на пропаста.

Уништувањето на мадам Бовари формално започнува со безопасни кокетирања, продолжува со љубовни афери кои завршуваат и повеќе од бедно и неуспешно, за да на крај кулминира со смрт бидејќи толку силно посакуваната среќа и конечно не е пронајдена и доживеана.

Прашањето кое природно се наметнува при читањето на овој роман, ремек-дело на францускиот реализам е: Дали повеќе тежат оправдувањата или нападите за каприциозните постапки на несреќната мадам Бовари?
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
26. Иван Сергејевич Тургењев - Татковци и синови (рецензија - @nicole_l)

5.jpg

Насловот на ова најпознато дело на Тургењев на прв поглед упатува на погрешен заклучок дека станува збор за едноставен конфликт како последица на природниот општо познат генерациски јаз или во најмала рака, конфликт помеѓу руското благородништвото и прогресивните левичари кои тоа време се на самиот зародиш. Тургењев всушност преку самоизјаснувањето на протагонистот дава претстава како би изгледал човек кој обезвреднува апсолутно сè. Со тоа ја заокружува главната тема.

Централниот лик на делото, Базаров, е прототип на нихилист во литературата 20-тина години пред ничеовиот Übermensch (Надчовек) прикажан во „Така зборуваше Заратустра“. Погрешен би бил секој обид да се смета за припадник или пак симпатизер на идеолошка, политичка и каква и да е друг вид на матрица која ќе го припои кон истомислечко стадо. Базаров е ослободен од сите општествени пранги - ja презира дворјанската аристократија; што може да се забележи при расправата со Павел Петрович,но истовремено гледа со аверзија и омаловажување кон новите револуционерни окружоци чии надежи наивно се насочени кон рускиот чесен и трудољубив човек.

На прашањето дали верува во она што го изучува и прави со најголемо задоволство - науката, тој децидно негира со зборовите: „Јас веќе Ви кажав дека во ништо не верувам“.
Базаров отфрла сè од себеси дури и изјавената љубов од страна на вдовицата Одинцова бидејќи станува свесен дека во овој случај не може да се повика и придржи на сопственото премногу ценето рационално објаснување.

Писарев со една реченица успеал да даде дефиниција за неговиот лик. Тој вели: „Пред него - никаква висока цел, во умот - никаква висока замисла“.

27. Стендал - Црвено и црно (рецензија - @Genesis)

27.jpg

Француски роман од 1831 година во два тома. Делото импонира со возвишениот стил: детален опис на ликовите, поготово на карактерните црти, моралните вредности, внатрешните размислувања и двојби - овие ликови не се еднодимензионални, него Стендал ни дал ликови со длабоки психолошки описи; понатаму природен тек на настаните и дејствијата, природен дијалог; уште и извонредно напишани реченици, мисли, преку кои Стендал ни го пренесува точно она што е потребно во моментот, понекогаш директно, понекогаш со употреба на некои од стилските средства. Иако може да се смести во стилот на романтизмот, повеќе тежи кон реализмот. Без преголем романтичарски занес и преувеличување, туку како што самиот Стендал вели на едно место од книгата - страници предадени со умерени бои. На почетокот на секоја глава имаме по еден епиграф од познати писатели, но не сите се вистински. Дел од нив се напишани оригинално од Стендал, а се доделени на некоја друга личност од книжевниот свет.

Содржински, делото ги опишува напорите на млад, сиромашен селанец да стаса до врвот на општеството, проследено со сите искуства: неволји, љубовни доживувања, студии, интриги. Сместено во периодот после Бонапарта, кога се враќа монархијата во Франција; време кога големо влијание има католичкото свештенство, во кое херојот, Жилиен Сорел, ќе најде прилика за задоволување на своето славољубие. Жилиен Сорел не е идеализиран лик (какви што преовладуваат во романтизмот), туку си има свои мани, свои добри и лоши страни. Овде нема место за црно-бело техниката, каде што добрите ликови се совршено добри, а лошите - совршено лоши. Ликовите се претставени онакви какви што ги има во реалноста. Двата тома се поделени по местото на дејство: во првиот том главно се опишани деновите на Сорел како тутор кај фамилијата Ренал, неговите мечти за припадност кон повисокото општество и неговата неуспешна љубовна авантура, за потоа да се префрли дејството во католичката семинарија; додека во вториот том Сорел е повикан да работи како секретар во една мошне богата и отмена фамилија, кај маркизот де ла Мол. Овде ќе се запознаеме со големата лицемерност која владее во високото општество, како и нивната интелектуална ограниченост.

Додека низ целата книга Стендал ни дава прекрасни описи на настаните и настроенијата на ликовите, завршетокот е комплетна спротивност на сето тоа. Имаме нагло прекинување на дејството коешто предизвикува многу силен ефект.

28. Достоевски - Записи од подземјето (рецензија - @Ставрогин)

28.jpg

„Но јас сум тврдо убеден дека не само силната свест, туку и дека секое спознание е болест...“

„Колку повеќе имав спознание за доброто и за сето убаво и возвишено, толку повеќе и подлабоко тонев во својата жабокречина, и сè повеќе бев склон потполно да се заглавам во неа...“

„Записите од подземјето“ се најзагадочната книга на Достоевски, полна со реченици со скоро мистичен увид, кои бараат да бидат длабоко промислени. За многумина познавачи на делото на Достоевски оваа книга е клучот за разбирање на целокупниот опус на генијалниот автор. Филозофот од подземјето во себе ги крие сите анти-херои на Достоевски, кои понатаму ќе се појават на сцената во неговите најголеми романи. Во него на моменти можеме да ги препознаеме Раскољников, Ставрогин, Иван Карамазов и неговиот брат Димитар, па и нивниот татко Фјодор Карамазов. Филозофските поставки на јунакот од подземјето, во понатамошните дела на Достоевски ќе ги преземат неговите други ликови, кои ќе ги доведат до нивните крајни, застрашувачки последици.

„Записите од подземјето“ се монолог на човек кој е решен да најмала ситница да го анализира својот душевен живот, со перверзно инсистирање на ситниците, една особина толку типична за славјанските народи. Јунакот од подземјето е закочен за било каква активност, опседнат со сопствениот душевен живот, и ги презира сите оние кои го живеат животот на прва, без рефлексија за него. Да се живее животот, за него значи да се биде едноставно глупав, без никаква перспектива. Само глупоста овозможува социјално активен живот. Тој е решен да до крај ги открие сите парадокси на човечката душа без разлика на цената со која една таква анализа мора да се плати. А таа цена всушност е превисока за кого било, бидејќи значи гушење на нагоните и најдлабоките инстинкти кај човекот.

Неверојатно е влијанието на оваа книга врз други автори. „Записите од подземјето“ била опсесија за многу писатели и филозофи. „Паѓањето“, последното дело на Албер Ками на пример, се практично препишани „Записите од подземјето“. Лав Шестов, руско-еврејски филозоф есеист, ја изградил целокупната своја филозофија на религиозен егзистенцијализам, врз еден пасус од Записите, оној за нужноста и природните закони.

За секој оној кој сака сериозно да го проучува Достоевски „Записите од подземјето“ се неизоставен прв чекор.

29. Достоевски - Злосторство и казна (рецензија - @Ставрогин)

29.jpg

Ако Бог не постои сѐ е дозволено. Кога човештвото ќе дојде до стадиум секој негов поединец да ја увиде оваа вистина, тоа исто човештво ќе се промени комплетно, физички и психички. Меѓутоа, бидејќи тоа нема да се случи уште многу векови, заради вродената глупост човечка, секој поединец кој ќе дојде до овој заклучок има право да си го уреди животот онака како што сака, без да води сметка за оние кои се неспособни да го направат истотото. Вака заклучува Иван Карамазов.

Ова е дијалектиката и на Раскољников, главниот јунак од „Злосторство и казна“. Од оваа мисла логички следува дека човештвото се дели на обични луѓе и необични, големи луѓе. Обичните се покоруваат на законите, и се послушни. Тие служат само како ѓубриво на историјата, за на илјадници обични да се роди еден необичен, голем човек. Главната одлика на големите луѓе е нивната силна волја. Таа волја е единственото нивно божество, со чија помош можат да направат сѐ. Раскољников за себе мисли дека тој е еден од тие големи луѓе, и решава да ја преземе судбината во свои раце.

Раскољников ја зема секирата и ја убива лихварката. По грешка, ја убива и Лизавета, полусестрата на лихварката, која се случува да биде на местото на злосторството. Од тој момент, неговата душа станува сцена на која се борат неговата логика и неговата совест. Неговата душа престанува да биде една целина, и постепено се дезинтегрира. Достоевски со вонредно мајсторство ја прикажува оваа дијалектичка игра на разумот и совеста, исто како што го прикажува и суптилното поигрување на Порфириј, полицискиот детектив, со Раскољников. Врвот на книгата е еден од најчудните дијалози во светската книжевност, кој се води помеѓу Раскољников и неговиот мрачен двојник, неговото алтер его, Свидригајлов а се однесува на тоа како спрема Свидригајлов би изгледала вечноста. Свидригајлов на крајот се убива, Раскољников го признава злосторството, но во суштина се работи само за еден заклучок. Достоевски во ниту еден момент не престанува да кокетира со христијанството.

„Злосторство и казна“ сигурно не е најдоброто дело на Достоевски. Критиката направи доста шеги на сметка на светата проститутка, Соња Мармеладова, која како да е излезена од петпарачките новели. Но и покрај тие слабости, оваа книга претставува неодминливо скалило во проучувањето на развојот на мислата на Достоевски. Раскољников е еден стадиум помеѓу филозофот од подземјето и ликовите на Ставрогин и Иван Карамазов.

30. Достоевски - Демони (рецензија - @Ставрогин)

30.jpg

„И на Ангелот на Лаодикијската Црква напиши му: така зборува Амин, сведок верен и вистинит, почеток на творењето Божјо! Ги знам твоите дела, знам дека не си ниту студен ниту врел. О да беше студен или врел! Така, бидувајќи млак, а не си ниту студен ниту врел, ќе те повратам од устата моја...“

Само еден лик од „Демони“ е млак, и само еден лик не го допира огнот на идеите, тоа е Николај Всеволодович Ставрогин. Парадоксално, тој е причината за сите бесови околу него. Кирилов, Шатов, Шигаљев, Верховенски, сите се прогонувани од злодухот на нивните идеи.
Кирилов сака да ја обзани својата слободна волја со тоа што ќе изврши самоубиство. Ако Бог не постои, тогаш човекот станува Бог и тој ќе живее во слава најголема. Луѓето се плашат да ја земат својата слобода во своите раце, и Кирилов чувствува должност преку самоубиството на човештвото да му покаже дека новиот човекобог треба конечно да се ослободи од сите стравови и сите лаги од минатото. Тој се смета за несреќен што судбината му ја доделила таа должност, иако е уверен дека сѐ е добро.
Шатов од друга страна е затруен со мислата за Божјиот руски народ, кој треба на човештвото да му го покаже вистинскиот пат кон Христос, иако тој самиот останува на нивото на идеја, никогаш не успевајќи да премине во стадиумот на вера.
Шигаљев го прогонува идејата за насилна промена на општеството, со пресврт кој води кон тоталитарно општество, а Верховенски е оној кој се обидува во пракса да ги спроведе неговите идеи. Видовитиот Достоевски предвидел дека руската револуција ќе биде насилна и крвава, дека нема да донесе прогрес, и дека во неа важна улога ќе имаат ликови како робијашот Фечка.

Ставрогин останува настрана од овие огнови. Тој води еден ироничен живот. Ништо не може да го натера да прифати сериозно било каква идеја. „Вие не сте јак карактер Ставрогине“ - му вели Кирилов во една прилика, и Ставрогин се согласува. Тој знае дека вистинската сила се добива само од фанатизмот на слепото верување во една идеја. Како што вели во прошталното писмо, ниту тука во Русија, ниту било каде, не успеав ништо да мразам. Реката може да се преплива на трупец, на слабо парче дрво не може.
Во портретирањето на Ставрогин, Достоевски отишол најдалеку со неговата претстава за човекобог. Ставрогин не е ниту добар, ниту зол, тој е чисто постоење. Никому не суди, и никого не мрази затоа што знае дека сѐ е сеедно. На крајот, Достоевски сепак го самоубива Ставрогин, не верувајќи дека еден таков живот е возможен, или можеби бидувајќи уплашен од сопствената креација.

„Демони“ е книга за заводничката моќ на идеите, кои како зли духови се вовлекуваат во главите на луѓето, и ги тераат да прават незамисливи работи, и истовремено е книга за другата крајност, за потполното отсуство на било каква верба во било што...
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
31. Достоевски - Браќата Карамазови (рецензија - @Ставрогин)

31.jpg

Еднаш порано, во едно мало гратче во некоја зафрлена руска губернија, двајца браќа кои се немаат видено од кога биле мали деца седнуваат во една кафана за повторно да се запознаат. На една таква позадина, во една скромна биртија, се развива најинтересната дискусија било кога напишана, онаа помеѓу Иван и Аљоша. И ништо друго Достоевски да не напишаше во животот освен описот на таа средба на браќата во кафаната, повторо ќе беше помеѓу најголемите писатели и мислители во историјата на човештвото. Низ тој разговор на Иван и Аљоша, пред очите на читателот се отвара огромната визија на „Легендата за големиот Инквизитор“ како и најстрашната осуда и отфрлање на Бог и неговата креација било кога напишани.

„Браќа Карамазови“ е пред сѐ книга за бунтот. Бунт на синовите против татковците, бунт преку кој се поставува едно централно прашање. Дали доколку таткото е аморален, автоматски го губи својот авторитет и кредибилитет кај синот? Иван Карамазов вели да, и бунтот се одвива на две нивоа. Едното ниво е бунт против неговиот татко по тело, Фјодор Карамазов, а другото, многу посуштинско ниво, е бунтот против оној кој требало да му биде духовен татко, Бог, на кој Иван со сета должна почит му ја враќа влезницата назад. И пред Иван Карамазов се бунтувало и хулело против Бог. Волтер му се потсмеваше на христијанскиот Бог, Ниче страсно му судеше и велеше дека има аргументи кои и глувите ќе ги слушнат, но аргументацијата на Иван е без преседан во историјата. Иван удира таму каде што најмногу боли, го напаѓа христијанството на етичка основа. Неодолива е неговата аргументацијата, до тој степен што дури и Аљоша во еден момент од дискуијата се приклонува кон неа.

Бунтот на Иван се завршува со две убиства, Смердјаков го убива Фјодор Карамазов, а Иван го убива Бог. Се разбира дека тој бунт и тие убиства имаат цена, и таа цена Иван ја плаќа, и тоа ја плаќа многу скапо, со постепено губење на своето духовно здравје. Сцената во која на Иван му доаѓа во посета Ѓаволот и дискусијата со него исто спаѓа во било која антологија на книжевноста.

Се разбира дека „Браќа Карамазови“ е многу повеќе отколку книга за Иван Карамазов. „Браќа Карамазови“ е полифоно дело во кое неговите јунаци стапуваат на сцена и ги изнесуваат своите аргументи. Достоевски се обидел да даде контра-теза на аргументите на Иван, а таа контра-теза е дадена преку Аљоша и старецот Зосима, многу повеќе како опис на нивните животи, отколку како некоја експлицитна аргументација. И кај „Легендата за големиот Инквизитор“ единствениот одговор кој Исус му го дава на инквизиторот е бакнеж во образот. На читателот останува да одреди чии аргументи натежнуваат.

Тешко е да се напише пофалба за „Браќа Карамазови“ и при тоа да се претера, но јас сепак ќе се обидам. „Браќа Карамазови“ е најголемиот роман кога било напишан. Тоа е едно од оние дела кои нѐ дефинираат како врста, дело во кое Достоевски ги запишал најскриените и истовремно најважните сомнежи и копнежи на човечкиот род. Можете да живеете многу интензивен живот, да заработите многу пари, да пропатувате многу земји, ако не сте ја прочитале „Браќа Карамазови“ ништо не сте направиле. Ликовите од оваа книга, и покрај тоа што остануваат само книжевни ликови, сепак се најрастреперениот живот за кој јас знам. Ако барем еднаш не ја осетите страста на аргументацијата на Иван, или занесот на Аљоша под ѕвезденото небо, исто како да не сте живееле.

32. Толстој - Војна и мир (рецензија - @Mnemozina)

32.jpg

Се чини дека нема доволно пофални зборови кои би ја опишале големината на Толстој. Достоевски сметал дека Толстој е најголемиот романописец. Творештвото на Толстој предизвикало восхит кај Чехов, Ман, Пруст, Набоков, Фокнер, Вирџинија Вулф и многу други. Исак Бабељ изјавил – Доколку светот би пишувал за себеси, би пишувал како Толстој.

Централна тема на романот „Војна и мир“ е инвазијата на Наполеон Бонапарта на почетокот од XIX век и напредувањето на француските и сојузничките трупи низ Европа, освојувањата и навлегувањето на територијата на Русија и нивното повлекување и крах, при што детално се опишани голем дел од битките. Сепак, „Војна и мир“ не е само историски роман, тоа е цела епопеја на едно време и еден поредок, блескаво изградена хроника на многу животи, најмногу доловена низ призмата на благородничките семејства – Безухови, Болконски и Ростови.

Толстој е и многу успешен психоаналитичар, но за разлика од Достоевски, чии ликови се екстремни, тој ни сервира далеку поприземјени и поконформистички карактери. Пјер Безухов и Андреј Болконски пленат восхит секој на свој начин, првиот со својата неизнасилена природност и спонтаност, често на граница на импулсивност, со целосно отсуство на такт на кој е навикнато благородништвото, неуморен трагач по смислата на животот, растргнат од прашањето – како да се достигне висок морален дострел во еден етички толку несовршен свет, а вториот со својата брутална рационалност, крајна практичност и брилијантност во доста сфери, но навидум со хендикеп за подлабока меѓучовечка конекција.

Во „Војна и мир“ не недостасуваат и темите повразни со романсите, љубовта и брачниот живот. Може да се рече дека ова е роман со сосема непредвидливи љубовни пресврти, а тие пресврти укажуваат на инстинктите кои владеат со луѓето и на нивните избори, кои колку и да сакаме да ги препишеме на мистериозните сили на судбината, всушност се затскриени калкулантски обиди да се проживее на најлесниот можен начин.

Толстој отворено и цинично ја девалвира улогата на големите лидери, сугерирајќи дека историјата не е креација и резултат на нивните одлуки, туку на милиони индивидуални причинско-последични врски, нанижани како алки од синџир, а секоја алка е минорна анализирана одделно, но како целина создаваат застрашувачки кумулативен ефект. Во книгата генералот Кутузов, со својата искрена грижа за војниците, ја фрла во сенка не само славната фигура на Бонапарта, туку и на самиот цар Александар.

„Војна и мир“ е обемно дело, кое со право котира многу високо на листата на класиците. Тоа е генијален приказ на политичките прилики од почетокот на XIX век во Европа, како и увид во воено-стратешките бесмислености и неспособноста на командниот кадар на војската, мотивирани од кариеризмот. Можеби и главната поента која Толстој сака да ја даде низ делото е дека луѓето секогаш се клучот на победата во една војна. Бонус во книгата ги добиваме анализите на дејноста на Масонеријата, како и приказ на луксузот на кој е навикнат највисокиот сталеж, и кој е соочен со суровото спознание на губење на тотално сѐ во ужасите на војната. Низ сето ова се провлекува една постојана нишка на топлина, човечност која Толстој сака да ја приближи до читателот, успевајќи да биде поттикнувач на оној словенофилски идеал, кој сме веројатно генетски предодредени да го почувствуваме.

Читањето на „Војна и мир“ не е прашање на избор, бидејќи веројатно станува збор за најзначајниот роман било кога напишан.

33. Толстој - Ана Каренина (рецензија - @Mnemozina)

33.jpg

„Ана Каренина“ е меѓу најпознатите романи во светската книжевност, во кој заблеснува во полн сјај авторскиот гениј на Толстој. Интересен факт е што дејството е сместено во патријархалната, православна царска Русија во XIX век, а Толстој се апстрахирал умешно од морализирање на еден експлицитен начин на чинот на брачното неверство од религиозен аспект, за јасно да ја сервира социјалната стигма со која ќе се соочи Ана Каренина. Во епицентарот на таа стигма лежи голема хипокризија – неверството не е ни ново, ни непознато дело за благородниците, ама Ана оди чекор понатаму, решава да го напушти сопругот за љубовникот и затоа ја навлекува јавната осуда врз себе со толкав интензитет.

Ана ќе се скрши, растргната внатрешно од јачината на љубовта кон својот љубовник Вронски и својот син Серјожа, бидејќи нејзината позиција е токму таква што едната љубов мора да ја плати со губењето на другата. Нејзиниот сопруг Алексеј Каренин, ќе мора да излезе од удобниот кожурец на својот живот, заграден со чиста рационалност и испран од емоции, дури со презир кон чувствителните луѓе. Неговиот престиж ќе биде извалкан со срамот, ќе мора да се соочи со себеси барем за миг, пред да побара ново засолниште овојпат во религијата. Ова е совршен пример и приказ на пар кој е на целосно дијаметрално спротивна емоционална фреквенција.

Романот има уште еден главен ко-протагонист, кој се истакнува како најприземјен и најпозитивен од сите ликови, тоа е Левин, големопоседник со искрена љубов кон својата работа и желба за воведување на технолошки напредни аграрни реформи, кои би донеле и поголема продуктивност, но и општа благосостојба за сите класи и човек со големо срце и искрен визионер, љубител на едноставниот живот, а истовремено трагач по филозофски одговори за смислата на животот. Тој е и морално грандиозен лик, вистински посветен на сопругата Кити и семејството.

„Ана Каренина“ е многу повеќе од роман само за брачното неверство, ова е воедно и роман за доживувањето на љубовта и односот кон бракот и неговите обврски, но и увид во функционирањето на пријателствата и интригите во високото друштво, како и круцијалното значење на родителската улога. Во романот се споменуваат многу реформи кои во тоа време се воведувале или биле во зародиш во Русија – аграрни, образовни, изборни и судски реформи, дури има и дискусија околу правата на жените.

Толстој вовел нова форма во пишувањето т.н. внатрешен монолог, преку кој уште појасно се согледуваат чувствата и мислите на ликовите, па токму преку него е посебно интензивна последната трагична сцена со Ана. Толстој е еден од најголемите мајстори на пишаниот збор во историјата на човештвото, според тоа никако не смее да изостане од листата на било кој страстен читач.

34. Толстој - Смртта на Иван Илич (рецензија - @Ставрогин)

34.jpg

На стари години, Толстој, гонет од страшен неспокој, во еден момент заминал од својот имот Јасна Пољана и на една станица, по неговите зборови, го имал најстрашното искуство во неговиот живот. „Смртта на Иван Илич“ е токму тоа искуство, пренесено со мајсторство без преседан во историјата на книжевноста. „Смртта на Иван Илич“ претставува медитација за смртта, можеби и најпозната во цеколупната книжевност.

„Зошто? Сѐ ми е исто“, си велеше сам на себе гледајќи со отворени очи во темницата. „Смрт. Да, смрт. И никој од нив не знае за тоа, и не сака да знае, и не им е жал. Тие свират. Ним им е сеедно, а и тие ќе умрат. Глупаци. Јас ќе умрам порано, тие покасно, и нив ќе ги снајде истото. А тие се радуваат. Животни.“

Сите луѓе се смртни. Повеќето од нив живеат како смртта да е нешто што секогаш му се случува на некој друг. За нив, смртта не е дел од животот, туку е нешто нереално, нешто кое секогаш се случува на другиот, па дури и ако тој друг е некој близок. Свеста за смртта само понекогаш се појавува преку повремени испади на фантомски страв коj бргу се потиснуваат, а не како настан кој ја заокружува целината.

Толстој ја изместува перспективата. Го одбира Иван Илич, еден сосем просечен карактер, со сосем просечни амбиции, чија единствена цел во животот е да води доличен живот, и го соочува со свеста за сопствената смрт, која неминовно следи во краток временски рок. Тој постепено умира од болест предизвикана од сосем банална повреда, исто толку банална колку и целокупниот дотогашен негов живот.

Иван Илич се обидува да се помири со смртта, да ја прифати, но никако не може. Се гледа во неа и ја анализира. Смртта му изгледа како единствената реална работа во неговиот живот, спрема која сите нешто кои му се случиле изгледаат потполно неважни. Се плаши од смртта и се мачи со неа. На вагата на неговиот живот му се чини дека само неколку настани го издржуваат тестот на вредноста. Таму нешто далечно во детството, таму имаше нешто со кое што може да се живее, мисли Иван Илич. И нешто од одамна закопаните идеали од студентските денови, и првото искусувување на љубовта. Сѐ друго му изгледа празно, банално и безначајно. Стравот од смртта се претвора во презир кон себе и кон сопствениот живот. Тој веќе не може да ги поднесува другите членови на сопственото семејство, посебно сопругата и ќерката, за кои неговото умирање е само еден непријатен настан кој ја руши рутината на постоењето. Единствено пријатно му е друштвото на Герасим, слугата кој се грижи за него додека овој лежи беспомошен. Му се чини дека само тој има разбирање за неговото сопствено соочување со смртта. Потешко од самата смрт му изгледа стравот кој мора да го трпи до конечниот крај.

Приказната за Иван Илич добива соодветен епилог, тој успева да се помири со смртта, и да го победи стравот од неа. Никогаш нема да дознаеме дали Толстој успеал да се помири со сопствената смртност и сопствениот крај.

35. Артур Рембо - Илуминации (рецензија - @Ставрогин)

35.jpg

Не жалам за мојот стар удел во таа божанска веселост. Трезниот воздух од тоа сурово поле многу делотворно го рани мојот скептицизам. Но како тој скептицизам повеќе не може да ме натера на акција и како сум впрочем оддаден на нов немир, очекувам дека ќе станам многу зол лудак....

Овие зборови на Рембо се веројатно и неговата разделба со поезијата. Загосподарувајќи во целост со својот поетски израз некаде на 18-19 години, тој набргу после тоа престанува да пишува. Тишината која ќе следи потоа е неразделива а од неговото дело, и можеби зборува погласно и од самата негова поезија.

Кога се читаат „Илуминациите“ на Рембо, апсолутно е непоимливо дека се работи за дело на некој кој имал помалку од 20 години. „Илуминациите“, збирка на скоро криптограмски песни во проза, се фасцинантни во секој поглед. Се работи за еден огномет на слики, идеи, зборови, звуци, бои, мириси. Чист интензитет, без преседан во книжевноста. Раскрстувајќи со класичната поетска форма, Рембо ги остави своите претходници, своите современици, и парадоксално, своите наследници, да тапкаат во бесмисленоста и бесполезноста на поезијата сфатена како социјално врамковен чин. Сета друга поезија споредена со „Илуминациите“ и „Престојот во Пеколот“ на Рембо делува помалку наивно.

Појавата на Рембо е еден од клучните моменти во светската книжевност. Неговото дело, како и тишината која следи по „Илуминациите“, поттикнуваат многу прашања околу постоењето и целта на самата уметност. Рембо имал амбиција која сигурно е неспоредлива со ниту една друга на било кој друг уметник во историјата. Рембо верувал дека поезијата има магична моќ, алхемиска моќ која може да ја промени метафизичката ситуација на човекот. Верувал дека е способен да пишува потполно објективна поезија која ќе има моќ да продре од онаа страна на стварноста. Бескрајно било неговото разочарување кога сфатил дека секоја и сечија поезија е секогаш субјективна. Илумнацијата „Историска вечер“ зборува за овој момент и веројатно е последното нешто што Рембо го напишал.

Истите граѓански магии секаде каде што кочијата ќе нѐ остави. Дури и физичар-почетник чувствува дека веќе не е возможно да се потчинува на таа лична атмосфера, на маглата на физичкото гризодушје, што нѐ растажува веднаш кога ќе се појави.

На Рембо му била одвратна идејата да живее од поезијата. Тој бил неспособен да размислува половично. Во или-или ситуациите тој секогаш одел до крајните заклучоци. Кога увидел дека поезијата не може да му ја даде метафизичката слобода по која копнеел, дека всушност не може да го претвори во Бог, ја отфрлил како стар партал. Заминал во беспаќата на Абисинија да тргува со оружје и да го бара златото кое можело да му ја купи единствената можна слобода, онаа која се купува со пари. Легендата вели дека кога до него стигнала веста за неговата поетска слава во Франција рекол - по ѓаволите со поезијата.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
36. Шарл Бодлер - Цвеќиња на злото (рецензија - @Mary Poppins)

36.jpg

Исповед на надежи, соништа, неуспеси и гревови. „Цвеќињата на злото“ ќе се обиде да ја екстрахира убавината од гротескното, изопаченото и грдото.

Спротивно на традиционалната поезија која се потпирала на убавината на природата за да ја пренесе душевната состојба на поетот, Бодлер промовира нова поезија во која поетот се свртува кон себе и во себе. Мислата по која се движи Бодлер е дека поезијата е пресоздавање на светот на симболичен начин и верува дека со тоа ќе достигне друго ниво на свеста.

Бодлер е поет на сплинот. Сплин како симбол на здодевност, мачнина, рамнодушност. Состојба на душата спротивна од онаа со желба за живот. Бодлер сака да навестува, а не да опишува. Прикриената и навестена убавина е поубава од соголената и откриената. Естетиката на грдото ќе биде одликата на неговата поезија. Секако дека и големо влијание има и фактот што Бодлер го преведувал и читал Едгар Алан По и со восхит пишувал за неговиот живот и дело. Меланхолијата која е длабоко населена во неговата психа во неколку наврати ќе го натера да посегне по својот живот.

Оваа збирка ќе стане зародишот од кој подоцна ќе никнат нови правци во книжевноста - симболизмот и надреализмот.
И покрај тоа што првото издание на збирката ќе биде запленето и забрането за читање, а Бодлер и издавачот ќе добијат парична казна, вниманието е веќе привлечено.

Големината на неговите песни ќе биде забележана и од поети како Виктор Иго и Артур Рембо, кој притоа ќе го нарече Бодлер - Бог на поезијата.

37. Емил Зола - Нана (рецензија - @Mnemozina)

37.png

Театарското деби во кое финишира гола како од мајка родена ја вивнува Нана од дното на самиот врв во Париз. Не би било доволно да се каже само дека таа е убава, таа со својата разоружувачка насмевка и тело чии контури се дрско сензуални, е жена на која луѓе од различни класи, возраст, морално убедување едноставно не можат да одолеат. И покрај целосното отсуство на актерски талент, станува најславната личност во градот за која сите зборуваат. Со нејзината неверојатна харизма заведува, освојува намамувајќи вешто во својата мрежа, каде немилосрдно експлоатира до степен на уништување, додека нејзиното богатство вртоглаво расте, а уште побргу се расипува и распрснува, доаѓајќи до степен да позајмува пари и од личната слугинка.

Нана тешко дека би се категоризирала само како кокета или проститутка, таа е многу чекори понапред и од денешните спонзорџики, бидејќи не знае за доста кога се во прашање нејзините жртви, ги остава буквално целосно уништени и финансиски и професионално и емотивно. Иако таа е сурова, себична, каприциозна, манипулантка, има и една друга страна која сака да измами почит и да биде сметана за рамноправна со дамите од високото друштво, како контратежа на нејзиното исклучително бедно потекло. Иронично е што нејзината вредност расне на сметка на тоа што таа – нема вредности, нема почит кон ниедна личност или институција, не знае за никаква лојалност.

Зафон смета дека книгите се огледала во кои се огледува она што го носиме во себеси. Многумина во делото на Емил Зола, најпознатиот француски претставник на натурализмот, ќе видат осуда на моралната ерозија на француското општество, каде во име на една симболична еротска божица се жртвуваат сите доблести на олтарот на задоволствата т.е. најниските страсти и најанималните нагони. Постои и таква интерпретација според која Нана е симбол на одмаздата на најнискиот сталеж врз декадентната висока класа. Сепак не смее да се изостави и следната порака од оваа книга – Нана е и симбол на сексуалната моќ и влијание и тоа толку вешто опишани, што веројатно и Фројд би бил задоволен. Иако нема ни една единствена експлицитна сексуална сцена, јасно се наѕира дека токму сексот е најмоќното оружје во рацете на Нана.

Нема да откријам како ќе заврши оваа жена, ќе оставам самите читатели да дојдат до одговорот. Од денешен аспект може оваа книга ја нема јачината на импактот кој своевремено го предизвикала, меѓутоа одредени сегменти од делото се толку безвременски, што не само што со право е сместено во друштвото на класичните дела, туку е и неминовно на листите на препорака на книги кои мора да се прочитаат.

38. Даниел Дефо - Робинзон Крусо (рецензија - @Setsuko)

Робинзон Крусо.jpeg

Се смета дека „Робинзон Крусо“ е првиот англиски роман истовремено и основоположник на англиската литература. Тоа е измислена биографија за бродоломецот кој 28 години преживеа на пуст остров. Игнорирајќи ги советите и забраните од своите родители да не заминува од својот дом, тој на 18 години тргнува со бродскиот екипаж и е единствениот што ќе остане жив по несреќата.

Романот има епистоларна, исповедна и дидактична форма. Осаменоста и борбата за преживување, покрај надежта дека ќе биде спасен ќе го натераат да си направи живеалиште, да собере залихи од бродот, да бара храна и да ги открива тајните на островот. И покрај опасноста во секој миг да биде растрган од диви ѕверови, Крусо нема избор, мора да преживее, мора да се снаоѓа сам. А осаменоста боли. Боли повеќе од сѐ. При таква осаменост човек може да полуди, може да изгуби секаква волја за живот, ако нема барем тронка надеж. Но, по конфронтирањето со канибалите ќе го добие својот најдобар другар, Петко, тоа е и неговата надеж, споделувањето на болката со друго човечко суштество е мотивот да се продолжи понатаму, да се избори, да се преживее.

Низ целиот роман проткајуваат религиозни мотиви, уште од самиот старт тоа е мотивот за непослушниот (блудниот) син, тука се и моментите кога Робинзон го чита Светото писмо, ќе научи да се моли и притоа тој е многу поблиску до Бог созерцувајќи ја сета природа околу себе, отколку кога би бил во црква и би се молел постојано.

Животот на Робинзон Крусо на пустиот остров загатнува прашања и донесува теории за економијата, историјата, цивилизацијата, религијата, моралот и етиката на еден народ и воопшто смислата на живеењето и преживувањето.


39. Роберт Луис Стивенсон - Доктор Џекил и мистер Хајд (рецензија - @Ne_sum_ja)

39.jpg

Доктор Џекил и мистер Хајд е уште една култна новела напишана од еден од најголемите автори на деветнаесеттиот век, Шкотланѓанецот Роберт Луис Стивенсон. Нашиот наратор, адвокатот Џон Атерсон го води дејствието во приказната и ги истражува чудните промени во однесувањето кај неговиот пријател Хенри Џекил и појавата на мистериозниот господин Хајд.

Стивенсон во оваа новела навлегува во дуалноста на нештата. На доброто и злото кај еден човек, двете спротивни страни кои водат борба меѓу себе и кои испливуваат на површина во зависност на околностите. Несомнено е дека таквото излагање на борбата помеѓу доброто и злото, желба да се биде суров и злобен без да се биде откриен од проста причина зашто човек може да биде и дивјаштвото кое тлее во секој од нас е маестрално изложено во оваа книга, посебно при расплетот во вториот дел.

Новелата дозволува да биде толкувана на повеќе начини, како критика на викторијанскиот морал во тоа време, или во поново време преку теориите на Фројд за човековото его и инстинките.

Самата популарност на книгата има овозможено фразата ,,како Џекил и Хајд” да се вкорени во нашиот вокабулар како референца за човек со две силно спротиставени личности во него. Заслужено Доктор Џекил и мистер Хајд претставува класично дело и култна новела во популарната култура.

40. Херман Мелвил - Моби Дик (рецензија - @DaedaIus)

40.jpg

Како еден од најзначајните преставници на мрачниот романтизам, „Моби Дик или китот“ е роман за егзистенцијалната битка помеѓу две контрасни сили. Едната од нив е човекот, а другата, природата. Според Херман Мелвил, човекот ја губи битката. Преку стилистичка игра на театарската драматичност и прецизното техничко изразување, напишана со поетски тон, јазично пребогата, со силна симболика и со енциклопедиски прецизни информации за морнарството, магбетската епопеја „Моби Дик или китот“ е помеѓу првите американски епски фикции, а воедно и едно од најдлабоките филозофски четива напишани во белетристична форма.

Мисијата на нараторот Ишмаел е проследена со опсесивна и ултимативно трагична авантура, спроведена од Ахаб, капетанот на бродот за ловење китови „Пекот“. Ахаб бара гигантски кит кашалот наречен Моби Дик, нешто што преминува во опсесија и цел, достојна за жртвување на сѐ во неговиот живот. Во некоја смисла, Херман Мелвил го претставува Моби Дик како симбол за Бог и/или природата и нејзината нескротливост. Ахаб се бори со нему непознатото, со цел да го открие и скроти. Ова е чест мотив во мрачниот романтизам и подоцнежна инспирација на писатели како Бредбери, Лавкрафт, Стивен Кинг и др.

Ишмаел и Ахаб се карактери чиишто имиња се изведени од Библијата, нешто што алудира на религиозниот подтекст. Ишмаел го претставува нелегитимниот син на Авраам кој е талкач и осаменик, а Ахаб го претставува владетелот кој стигнува до својата цел на нечесен начин, но на крајот се соочува со пропаст. Религиозниот јазик кој вклучува пророштва, паганизам, и потценување на религиозната ортодоксија, говори за контрасните елементи на цивилизацискиот подем преку освојувањето на непознатото, во име на христијанството, наспроти паганскиот етос. На некој начин, оваа приказна укажува на пропаста на цивилизацијата поради колонијалните апетити и желбата за материјален прогрес, изразена преку производството и индустријализацијата (бродот „Пекот“ потсетува на пловечка фабрика). Пловидбата на бродот „Пекот“ и неговото име имаат алегориски подтонови. Пловењето укажува на барањето на смисла во животот и смртта, а името на бродот е поврзано со индијанското племе Пекот што скоро било истребено од британските пуританци кои ја населиле Америка во 17 век. Екипажот на бродот е составен од различни раси, а тоа укажува на универзалистичката мисла на Мелвил кој прави паралела помеѓу бродот и американскиот капитализам.

Опсесијата на западната цивилизација со прогрес и контрола, отелотворена во Ахаб и неговиот безусловен стремеж за совладување на Моби Дик, е нешто што можеби ќе доведе до крајот на истата според Мелвил. „Моби Дик или китот“ длабоко продира во основните егзистенцијални проблеми на западната цивилизација и нејзината несигурна иднина од перспектива на тогашниот дух на времето.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
41. Артур Конан Дојл - Авантурите на Шерлок Холмс (рецензија - @Ne_sum_ja)

41.jpg

Ликот на Шерлок Холмс претставува најпознатиот приватен детектив во нашата историја. Со неговото појавување заедно со партнерот Доктор Вотсон во новелата Студија во скарлетна боја започнува целиот серијал кој се состои од четири новели и многубројни кратки раскази.

Детективот Шерлок Холмс претставува ексцентричен лик без обѕир кон прифатените социолошки норми во општеството, со силна потреба од константно решавање на проблеми и загатки. Неговото љубопитство е толку фокусирано кон детективските работи што во еден дел Вотсон доаѓа до сознанието дека Шерлок Холмс не е свесен дека Земјата се врти околу сонцето, додека без проблеми може да распознае стотина различни видови на пепел од тутун. Користејќи го својот познат метод на дедукција и логично резонирање тој успева на спектакуларни начини да реши многу од случаите.

Сите дела се напишани со одлична карактеризација и описи каде што секој расказ е уникатен на свој начин со интересни ликови и дејствија.

Делата за Шерлок Холмс претставуваат еден од главните камен темелници на крими фикцијата. Неговото влијание врз популарната култура е огромно и ликот на Шерлок Холмс се има појавено во еден куп серии, филмови и претстави. Може со сигурност да се каже дека ретко кој не слушнал за него.

42. Александар Дима - Тројцата мускетари (рецензија - @Setsuko)

42.jpg

Ако треба да го сведеме овој роман на три именки тоа би биле: лојалност, пријателство и љубов. „Тројцата мускетари“ е совршен пример за историско-авантуристички роман со сите карактеристики што му доликуваат на романтизмот. Двобои, битки, пресврти.

Сѐ започнува кога младото момче д'Артањан од провинција доаѓа во Париз и им се придружува на мускетарите на кралот Луј XIII. Тројцата мускетари Атос, Портос и Арамис заедно со д'Артањан тргнуваат во многубројни незаборавни авантури. Д'Артањан за кратко станува славен поради својот бестрашен карактер, но поради тоа и често влегува во секакви незгоди. Читателот е сведок на еден широк спектар од настани кои се дел од имагинацијата на Дима.

Но, дел од овие настани ѝ претходеле на Француската револуција, па така романот добива и политичка нота. Опишувајќи ги неправдите кои тогаш се случувале, Дима ги опфаќа и лошите односи помеѓу француските републиканци и монархистите. Неговиот татко бил ценет генерал во војската на страната на републиканците, па оттука очигледен е интересот за оваа тема.

Романот и до ден денес е многу актуелен и возбудлив за современата публика, се играат претстави во театар и се екранизираат филмови и серии и се чини дека уште долго нема да се заборави приказната за храброста и големите срца кои ги победија сите животни препреки.


43. Оскар Вајлд - Сликата на Доријан Греј (рецензија - @Zlatikevichius)

43.jpg

„Сликата на Доријан Греј“ или „искасапениот роман“. Кон крајот на XIX век, книгата најпрво страдала од самоцензурата на авторот, а потоа уште неколку слоеви на цензура од издавачите, заради процутот на хомофобијата во Велика Британија. Вајлд менувал зборови за да звучи поблаго, па така „страста“ станала „чувство“, а „убавината“ (во однос на централниот лик, Доријан Греј) - „добар изглед“. Но издавачот и покрај тоа што ја прифатил цензурираната верзија, се одлучил од неа да исфрли околу 500 зборови. И покрај толкавата цензура, по излегувањето од печат, критиката не го дочекала романот со воодушевување, опишувајќи го како „нечист“, „отровен“, „валкан“, „полн со неморал“. И покрај сите тие препреки, овој филозофски, готски роман на Оскар Вајлд, му пркосел на забот на времето и успеал да го постигне она што на Доријан Греј не му успеало - да остане вечно убав!

Во основата на романот лежи една добро позната приказна - договор со нечестивиот. Истата ја имаме сретнато многу пати, во многу варијанти, од фантастичниот расказ за Петар Шлемил на Шамисо, преку Гетеовиот Фауст, па сѐ до Мајсторот и Маргарита на Булгаков, на некој начин. Тука, преку желбата на Греј да остане вечно млад, авторот прави еден извонреден филозофски портрет на човечката душа, при тоа дискутирајќи за моралот, за општеството, за религиозните норми и за длабочината на човековите состојби.

Она што особено плени кога е во прашање овој роман е неговата моќ да се врзе со контекстите на различни временски периоди, и секогаш да биде актуелен. Дури и денес е подложен на толкувања врз призмата на естетиката, притоа мешајќи термини од „козметика“ до „естетска хирургија“. Но како и да го читаме, како и да го толкуваме, само едно е јасно - сликата на Доријан Греј можеби старее и умира, но „Сликата на Доријан Греј“ останува вечно млад.


44. Хенрик Сјенкјевич - Кво вадис (рецензија - @Ne_sum_ja)

44.jpg

Quo Vadis е еден од класиците на историската фикција од нобеловецот Хенрик Сјенкевич. Сместен во последните денови на Рим и императорот Нерон, романот раскажува за почетокот на една љубов помеѓу еден благородник и една млада христијанска ќерка на еден заробен крал.

Проткаено помеѓу љубовната приказна Сјенкевич со мајсторски стил ги прикажува декадентниот Рим и зачетокот на тогашната мала секта, христијанство, со раскошни описи на тогашниот живот без разлика пагански или христијански. Помеѓу многуте писатели на историска фикција ова дело несомнено отскокнува неколку скалила.

Покрај другите негови одлични литературни дела, несомнено е дека Quo Vadis игра голема улога за неговото добивање на Нобеловата награда.

Романот претставува задолжителни четиво за љубителите на историска фикција и општо за сите љубители на добра литература.


45. Антон Павлович Чехов - Раскази (рецензија - @Setsuko)

45.jpg

Малку е да се каже дека Чехов е еден од најголемите мајстори на краткиот расказ, затоа што тој е најголемиот. Како претставник на натурализмот Чехов секогаш тежнее кон верно прикажување на стварноста создавајќи атмосфера во која лесно влегувате, а со неговите ликови често се идентификувате. Неговите раскази се како миг украден од реалноста кој носи поента која не ретко ни влепува шлаканица од која долго потоа се чувствува болка.

Преку мешавината од хумор и блага иронија во нарацијата речиси секогаш постои некоја нота на тага. Чехов пишува за обичниот човек и неговото секојдневие истовремено критикувајќи го трулото општество кое високата функција секогаш ја става на пиедесал. Тој е одличен прикажувач на руската, но и општо, на словенската душа, на потчинетоста и менталитот кој ни е длабоко вкоренет со векови.

Така, сатиричниот приказ на апсурдноста на општествената хиерархија најдобро го отсликува во „Смртта на чиновникот“, лицемерието за социјалната грижа во „Павилјон број 6“, потчинетоста и кроткоста во „Млитавка“, зачмаеноста на руската малограѓанштина тлее во „Човек во футрола“, за една симпатична детска игра во која се меша сонот и реалноста читаме во „Мала шега“, а ако го прочитаме расказот „Облог“ како да сме ја протолкувале и разбрале целата книжевност на овој свет.

Чехов е задолжителна лектира и за оние што „не се по книгите“, пред сѐ затоа што сите ние сме барем мало делче од неговите ликови.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
46. Брам Стокер - Дракула (рецензија - @Setsuko)

46.jpg

„Најдраг мој, преубаво е. Ќе добиеш големи признанија и многу пари“ - пишувала мајка му на Брам Стокер во писмо упатено кон него откако го прочитала неговиот роман „Дракула“. Но, не добил ни успех, ни слава (барем во неговиот животен век) ниту пари, туку умрел во сиромаштија и беда како и многу писатели во тоа време.

Сепак, мајка му имала право за една работа - преубаво е. Романот на Стокер и до ден денес е убедливо најпознатиот готски, хорор роман воопшто. Имено, оваа приказна потекнува од Балканот. Додека работел на некаков театарски текст Стокер запознал еден професор којшто му раскажал дека на Балканот луѓето сѐ уште веруваат во вампири кои никогаш не умираат и живеат од крвта на своите жртви. Исто така, според некои биографии стојат записи дека Брам Стокер во детските години боледувал од некоја мистериозна болест којашто го држела закован за кревет, а лекарите морале да му испуштаат крв како метод на лекување. Тука лежи и зародишот и идејата за настанувањето на овој роман. Меѓу неверојатната имагинација за грофот од замоците на Трансилванија не изостанува и цитатноста како книжевна техника, па така Стокер вметнува цитати од Шекспир, Бајрон, но дури и од Светото писмо користејќи симболи и мотиви без кои романот не би бил тоа што е.

Оваа книга има филозофски значења за животот и смртта, но исто така ги опишува и значењата на вистинското пријателство, верноста и љубовта. Поради повеќеслојноста била инспирација и на безброј други уметници. Најпознатите филмови за крволочниот заводник Дракула ги режираа Роман Полански и Френсис Форд Копола.

47. Натаниел Хоторн - Скарлетната буква (рецензија - @Zlatikevichius)

47.jpg

Во едно село во пуританска Нова Англија, младата Хестер Прин раѓа вонбрачно дете. За прељубата која ја направила, осудена е на нејзиниот фустан да ја носи како жиг скарлетната буква А. Иако таа себеси се смета за вдовица и смета дека детето е плод на љубов, нејзиниот наводно починат сопруг се појавува, жив, и опседнат со тоа да го најде човекот со кого неговата Хестер извршила прељуба, а човекот кој е татко на детето, исплашен да не биде жигосан исто како и Хестер, е на чело на оние кои ја плукаат и покажуваат со прст.

„Скарлетната буква“ на Хоторн се смета за првиот американски психолошки роман. Тоа е дело кое го опишува раѓањето на индивидуализмот и самоувереноста од трулите корени на конформизмот во американското пуританско општество, отсликувајќи ја потребата на истото општество да ги жртвува, жигоса и отуѓи своите таканаречени грешници. Но она што е запрепастувачко е што токму „грешниците“ најчесто се најдоблестни. Хоторн во романот мајсторски ги опишува подвоеностите помеѓу редот и престапот, младоста и искуството, цивилизацијата и дивината, деградацијата на моралот наспроти чистата душа... Во САД се смета за едно од најзначајните дела на американската романескна традиција, а Хоторн за родоначалник и вистински архитект на една нова форма на роман, кој е невозможно да остане целина доколку од него се испушти поглавје, параграф, па макар и една реченица. Хоторн е мајстор на алегоријата и симболите. Секоја можна активност на неговите ликови, нивните дилеми и размислувања не се ништо лично, минорно, дел од микрокосмосот на една индивидуа, туку генерализации за смислата на човековото постоење. Така „гревот“ на Хестер не е нејзин, личен, не е ни алегорија на првиот грев. Тоа е алегорија на секој направен грев, и мој, и твој, и на целото човештво, алегорија за декаденцијата на моралот воопшто.

Она за што најчесто му замеруваат читателите на Хоторн е стилот: речениците се толку долги, што понекогаш е невозможно да стигнеш до крајот, а сѐ уште да ја помниш смислата од почетокот на реченицата, па честопати може да се почувствуваш изгубен во целата пајажина од врски во која Хоторн ги сместува четирите главни ликови. Но, за вистинските љубители на убавиот збор ќе биде уживање да се впуштат во овој маестрален роман од епски пропорции не само за американската книжевност, туку и за светската белетристика.

48. Џозеф Конрад - Срце на темнината (рецензија - @DaedaIus)

48.jpg

Во 19-тиот век, за време на колонијализмот, одразот на комлексот на супериорност врз другите народи се отсликувал и во пишаниот збор на Европејците. Одразот почнал да се менува во знакот прашалник на почетокот на 20-тиот век. Империјалистичката експлоатација е една од главните мети во „Срце на темнината“ од Џозеф Конрад, како и во многу други дела од тој период.

„Мрачниот“ континент Африка бил еден од основните економски столбови на Викторијанска Британија, но тоа не ја спречувала колективната свест на империјалистите да ја поима Африка како изворот на мракот, наместо нивната економска добробит. Конрад ја користи сликата за темнината која постои независно од белите луѓе и се наоѓа подлабоко од колективниот идентитет, вкоренета во човековата прасвест. Курт, мистериозниот продавач на слонова коска, гледа директно во мрачнината на својата душа, а таа е одраз на социјалните текови и историските стеги кои исто така се мрачни, но и таа е изворот на мракот кој го модулира општеството. Досега му е јасно на читателот на рецензијава дека мракот е еден од главните мотиви во ова четиво!

На почетокот на приказната, група пријатели седат на брод, закотвен на реката Темза (за која авторот спомнува дека се влева во темнината!). Еден од нив, Марлоу, раскажува за времето што го поминал во тогаш белгиската колонија Конго. Тој го објаснува освојувањето на нешто што ним не им припаѓа, од луѓе кои изгледаат поинаку од нив. Низ неговата приказна, јасно се забележува контрастот помеѓу психолошкото лудило на белите Европјани и физичкиот пекол на црните Африканци. Марлоу е засегнат од приказните за Курт, трговецот на слонова коска кој ја загрнал темнината околу себе и во себе. Тој почнува да гледа сѐ повеќе делови од себе во Курт, нешто што ја опишува неговата психолошка проекција на надворешно ниво, додека на интроспективно ниво, Курт е неговата потсвест. Неговата личност се трансформира за време на неговото патување во длабочините на сопствениот ум. Разбирајќи ги поривите на цивилизираниот човек кои не се разликуваат од тие на канибалот, освен наративот и финиот превез на интелектот позади кој се скриени, тој доживува метаноја која му го менува светогледот.

Конрад имал разни здравствени и психолошки проблеми. Неговата психофизичка тортура била отсликана во тонот на неговите четива, а тие содржеле карактери што отсликувале вистински личности кои Конрад ги запознавал при своите бродарења. Неговите политички позиции и скептичност за демократијата се делумно поттикнати од неговата депресија, супстанцијата од која е исткаена „Срце на темнината“.


49. Кнут Хамсун - Глад (рецензија - @DaedaIus)

47.jpg

Живеејќи во нашата комфортна зона, обземени од проблемите кои нам ни се најважни, забораваме колку од нашите удобности ги земаме здраво за готово. Повеќемината имаме барем неколку луѓе кои ни се блиски и се секогаш тука за нас; имаме покрив над главата што покрива просторија со струја, грејни тела и можности за одржување на хигиената; а имаме и можности за забава. Најважно од сѐ, не сме гладни. Можеме ли да ја замислиме ништожноста на навредата која продавачката ни ја упатила поради несогласувањето за откуцаните производи на нашата сметка, во сценарио во кое немаме што да јадеме? Сценарио во кое можноста за умирање од глад е реална...

„Глад“ од Кнут Хамсун навлегува во еден од највисцералните пориви кој го одржува човекот во живот, всаден во неговите инстинкти за преживување, а тоа е гладот. Користејќи ја наративната алатка на тек на свеста, Хамсун го бомбардира читателот со најинтимните мисли во умот на нараторот, испреплетени со неговите силни сентименти. Протагонистот чиешто име не го знаеме, но умешно измислува имиња во ситуации што ја прегазуваат неговата гордост, е млад уметник, со самодоверба претолчена од суровоста на економијата и социјалните услови.
Преживувајќи од ден за ден како гладно животно кое се бори за својот опстанок, тој ги потхранува своите главни двигатели: срамот, тагата и стравот од смрт. А гориво му е гладот кој е негов поттикнувач и непријател истовремено. Неговата личност е отсликана како трагична оставина од неговиот „претходен живот“ во кој имал социјален статус, изветоперен од сегашната состојба на морален и психофизички пад. Борејќи се со својата чест која му пречи да се понижи за да се прехрани, тој е олицетворение на конфликтот помеѓу инстинктите за преживување и интегритетот, маскиран од комплексот на супериорност. Губењето на неговиот социјален статус, во дадени моменти, му е пострашно од можноста за смрт. Неговиот статус му е единствената реминисценција од среќното минато, пред да потоне во духовната пропаст која го уништува неговото расудување.

Ништожен и немоќен, тој се бори со својата вера, очекувајќи Бог да му помогне, но истовремено бивајќи гневен на Бога. „Ако Тој сакаше да ме привлече кон Него и да ме подобри со тоа што ме истоштува, поставувајќи пречка за пречка на мојот пат, Го уверувам, Тој згрешил...“ Ова го повлекува прашањето за религиозниот наратив во кој Бог нѐ искушува со глад и беда за да нѐ поучи (библиската приказна за протагонистот Јов, кому Бог му ги одзема најважните работи во животот, со цел да го искуши).

„Глад“ е еден од првите модерни психолошки романи. Во него е отсликана социјалната и економската беда на многу уметници во 19-тиот век, а протагонистот е приказ на самиот Хамсун кој се соочувал со слични проблеми во дел од својот живот.


50. Херберт Џорџ Велс - Времеплов (рецензија - @Zlatikevichius)

50.jpg

Од каде потекнуваат нештата? Кој го измислил сирењето, асфалтот, спојувалката... Кому прв му паднало на памет дека глуварчето може да се јаде? А кој и како открил кои печурки се отровни? Одговорите на вакви прашања ме интересирале отсекогаш. Затоа, во време кога интернетот не постоеше, а јас растев, сум пребарувал по енциклопедии и атласи, сум ги наоѓал за читање први токму „дали знаете дека...“ рубриките во списанијата, сум прашувал таму каде сум знаел дека ќе добијам точен одговор... Едно од прашањата чиј одговор го дознав така, со помош на мојата нескротлива жед за учење нови и навидум непотребни работи е „кој прв раскажувал за концептот на патување низ времето“...

Херберт Џорџ Велс. Таткото на научната фантастика. И тоа токму со оваа новела, со која ги изградил темелите на еден жанр кој денес е доста популарен, а низ времето ја надминал книжевната форма и се адаптирал на многу други медиуми. Подоцна, за време на моето школување и ја прочитав новелата која во тоа време беше меѓу задолжителните лектири за основно образование, и не е тешко да се претпостави дека ми стана една од најомилените!

Времеплов е првата, оригиналната приказна за патување низ времето (или барем го популаризирала концептот). Приказната која инспирирала илјадници други слични. Но, иако во основата изгледа како едноставен научно-фантастичен роман за патување низ времето, ова е и многу повеќе од тоа - ова е спекулативна студија за далечната иднина на човештвото и неговата еволуција како последица на развојот на индустријата. Новелата, напишана како frame наратив (приказна во приказна), раскажува за патувањето на еден британски научник (во нашите преводи најчесто наречен: Времепловец) околу 800 000 години во иднината со помош на временската машина која сам ја конструирал. Во таа 802 701 година човекот на земјата еволуирал во две класи: Елои - малечки човеколики суштества, вегани :D (јадат само овошје) кои по природа се плашливи и беспомошни, со недостиг на љубопитност и дисциплина, и Морлоци - примати, пештерски луѓе со ликови на мајмуни кои живеат во подземјето и излегуваат на површина само ноќе, кога ловат храна... Во ноќите, пак, Елоите мистериозно исчезнуваат...

Сега, кога знам дека Велс е писател кој бил напред во своето време, се прашувам едно друго прашање: дали можеби тој допатувал од иднината со помош на својата машина, и во Времеплов всушност ги раскажува своите вистински доживувања? Тоа е веројатно само искра на имагинацијата која заблеснува по едно вака инспиративно дело. Како и да е, дефинитивно ова е брзо и забавно читање кое зад тој параван на едноставност крие доста провокативни прашања. Кое не застанува само на површината. И кое завршува со феноменален крај!
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
II. Литература за деца

1. Роберт Луис Стивенсон - Островот со скриеното богатство
2. Браќата Грим - Сказни
3. Чарлс Дикенс - Оливер Твист
4. Хериет Стоув - Колибата на чичко Том
5. Џонатан Свифт - Гуливеровите патувања
6. Луис Керол - Алиса во земјата на чудата
7. Марк Твен - Авантурите на Том Соер
8. Марк Твен - Авантурите на Хаклбери Фин
9. Карло Колоди - Пинокио
10. Егзипери - Малиот принц
11. Жорж Санд - Малечката Фадета
12. Астрид Линдгрен - Пипи долгиот чорап
13. Астрид Линдгрен - Карлсон лета
14. Алан Александер Милн - Вини Пу
15. Елвин Брукс Вајт - Пајажината на Климентина (Шарлот)
16. Јохана Шпири - Хајди
17. Ханс Кристијан Андерсен - Бајки
18. Џејмс Метју Бари - Петар Пан
19. Мато Ловрак - Возот в снег
20. Бранко Чопиќ - Ранолетните орли
21. Памела Траверс - Мери Попинс
22. Ана Франк - Дневник
23. Џани Родари - Приказни по телефон
24. Џек Лондон - Повикот на дивината
25. Френк Баум - Волшебникот од Оз
26. Оливера Николова - Зоки Поки
27. Марко Цепенков - Силјан штркот
28. Видое Подгорец - Белото циганче
29. Славко Јаневски - Шеќерна приказна
30. Бошко Смаќоски - Големи и мали


1. Роберт Луис Стивенсон - Островот со скриеното богатство (рецензија - @Ne_sum_ja )

1. Островот со скриеното богатство.jpg

Островот со скриеното богатство претставува една од најпознатите авантуристички книги во историјата на литературата.

Романот започнува во крчмата на родителите на Џим каде што наеднаш се појавува еден сомнителен морнар кој отседнува кај нив со месеци. При целиот сплет на настани и самата смрт на морнарот Бил, Џим открива во неговиот морнарски ковчег мапа на остров со означени места со Х за тоа каде се наоѓа богатството на некој остров во Карипското море. Џим ја споделува таа мапа со земјопоседникот Трилоуни и докторот Лејсви кои заедно решаваат да преземат експедиција од Бристол кон тој остров и да го пронајдат скриеното богатство. Од тука започнуваат нивните авантури.

Авторот во ова дело не случајно го одбрал за главен јунак и наратор на приказната младото момче Џим. Џим ќе видиме низ книгата ги поседува сите карактеристики на млад авантурист кој пред се сѐ одликува со љубопитност и храброст.

Стивенсон на мајсторски начин ја раскажува целата приказна и атмосфера со прекрасни описи на тој егзотичен карипски свет, уникатно опишани ликови и настани со што ја прави книгата вистинско уметничко дело.

Влијанието на оваа книга напишана пред безмалку 140 години врз нашата култура, книжевност и филмска индустрија е огромно. Оваа книга го поставува стандардот за авантура на море и пиратите. Содржините како што се мапи за богатство, тропски острови и лаѓи со пирати се популаризирани токму од оваа книга. Ликот на Силва опишан како брадест човек со една дрвена нога, паларија на главата и папагал на рамото е архетип на пират за кој ретко кој не слушнал, прочитал или не го видел на некој филм или цртан филм.

Малку се на број книгите кои успеале да создадат толку големо влијание во книжевноста и надвор од неа во многу други области.

2. Браќата Грим - Сказни (рецензија - @Sussaro)

2. Грим - Сказни.jpg

Браќата Вилхелм и Јаков Грим се најпознатите и најзаслужни преставници на делот од книжевноста посветен на сказните.

Времето во кое тие живееле се поклопува со периодот на роматизмот во Европа, период во кој на цена и популарност биле готиката, преданијата, легендите, битовите елементи, народните приказни и митовите. Браќата се посветиле на собирањето и запишувањето на тие сказни претежно од родната германска митологија.
Приказните говорат за фантазиски и имагинтивни настани прераскажувани од колено на колено, џинови, ѓаволи, животни кои зборуваат, змаеви, вештерки и останати непостоечки суштесва, предмети и амајлии со вонземска моќ, магии, клетви, патешествија и опасни авантури на главните ликови кои на крај со својата доблест, чесност и хероројство, неретко потпомогнати од добродетели кои ги среќаваат низ својот пат ги победуваат своите противници кои се олицетворение на злото. Светот на сказните на Браќата Грим е имагинативен и фантазиски но кракатеристичен е и по строгата линија на црно-бела боја во распределбата на ликовите без присуство на сива зона. На протагонистите им се дадени сите позитивни епитети: храброст, херојство, витешки нарав, чесност, истрајност, упорност, добрина, цврстина, праведност и згора на тоа и надворешна телесна убавина додека пак антихероите се секогаш злобни, малициозни, користољубиви, нечесни, алчни, себични и грди.

Дали приказните уште од памтивек не се одлика на човековата моќ на расудување? На луѓето од секогаш полесно за прифаќање и апсорбирање им биле предметите, појавите, процесите а особено луѓето доколку се тие кристално поларизирани добар човек-лош човек, убав-грд, работлив-мрзлив, чесен-измамник итн. Приказните се сепак измислени од луѓе кои со голема претпоставка кажано одбивајќи го отпорот на реалната комплексност на светот наоколу ги одбираат крајните контрасти како најлесен одговор на нималку простите прашања од светот на живеење. Дали и колку нашите умови ја перцепираат реалността токму како што е претставена во сказните на браќата Грим?

Од нивното прво појавување па сè до денес, Снежана и седумте џуџиња, Црвенкапа, Заспаната убавица, Пепелашка, Јованче и Марика, Принцот жаба и уште многу други раскази останале вечно популарни особено во литературата за деца, но и во културата воопшто. Сказните собирани од Вилхелм и Јаков се неброено пати издавани и реиздавни, анимирани, филмувани и застапени не само во уметността туку и во секојдневието од брендирањето на производи, преку поп-културата, па сѐ до шоу-бизнисот и понатаму. Ако на сето тоа го додадеме и фактот што се општоприфатени и сметани за крајно интересни и возбудливи за читање, добиваме неодоливи книжевни залаци за кои зборот класика е недоволно силен.

3. Чарлс Дикенс - Оливер Твист (рецензија - @Mnemozina)

3. Оливер Твист.jpg

Дикенс го напишал еден од најпознатите романи во светската книжевност во кои главниот протагонист е дете. За жал, Оливер Твист, главниот јунак на оваа книга не ги ужива благодетите на среќното и безгрижно детство, напротив, во сиропиталиштето во кое поминува 9 години од својот живот во ужасна беда, сурово изгладнување и постојано малтретирање од страна на персоналот, нему ќе му се падне ждрепката да побара уште малку храна. Оценувајќи го овој чин со крајна згрозеност како крајна неблагодарност, челниците го вработуваат во погребалното претпријатие каде треба да спие меѓу мртовците и да ги јаде, заедно со песот, остатоците од храната на својот работодавач. Тука не завршуваат искушенијата на младиот Оливер, пребегнувајќи во Лондон, ќе се најде помеѓу членовите на една криминална група на крадци и подлеци, за кои дури и убиствата не се непознат акт.

Викторијанскиот Лондон, во екот на индустријализацијата, претставувал дом на хармонични домаќинства од високиот свет на најблагородните и најпрефинетите дами и џентлмени, но ги инфилтрирал во себе и најбедните квартови, највалканите улици, во кои ситните и крупни криминалци, проститутките и последниот олош се постојан декор. Во овој град бил на сила т.н. Закон за сиромашните, кој ги принудувал на работа најбедните слоеви, без изземање на децата. Дикенс вешто, со употреба на црн хумор и сатира, ги сервира вистините за недостатоците на општетството. Темата на романот е социјална, а она на што сака да го сврти посебно вниманието се животните околности на најнезаштитениот општествен слој – децата без родители, изложени на најсурова експлоатација, регрутација во криминални групи, неретко со фатален исход или прерана смрт на истите.

Оливер Твист, најпознатото сираче во литературата ќе ги открие своите корени и ќе успее низ цела таа валкана средина да ја задржи својата чиста и доблесна детска душа. А неговите авантури, често и такви кога самиот живот му е загрозен во буквалната смисла на зборот, би требало да ги проследи секој еден читач кој трага по убавината на делата кои се со право окарактеризирани како класика, кои преку различни интерпретации – театар, филм, мјузикал итн. и денес се актуелни на светската уметничка сцена.

4. Хериет Стоув - Колибата на чичко Том (рецензија - @Mary Poppins)

4. Чичко Том.jpg

Преведувана безброј пати и прочитана од стотина милиони читатели од целиот свет, Хериет Стоув не можела ни да претпостави дека нејзината книга не само што ќе го помине тестот на времето, туку и до ден денес оваа универзална приказна ќе живее во мислите на луѓето и ќе продолжи да ја пренесува хуманата порака во неа.

Приказната за добродушниот и обесправениот чичко Том буди симпатии и благородни чувства во секого. Настаните се врзани за еден проблем – ропството на црнците во Америка, трговијата со нив, инфериорноста во однос на белата раса...
Чичко Том ќе ја има таа среќа да живее мирен живот со своето семејство и колку толку да ја ужива почитта од неговиот бел господар. На оваа идила и доаѓа крајот кога Том ќе биде продаден на друг робовладетел поради тешката финансиска состојба на неговиот тогашен господар. И од одовде па натаму ја следиме тажната судбина на овој човек на кој единствена вина му е тоа што е црн. Отпорот на чичко Том против насилството во огромна мера потсеќа на Гандиевиот пасивен отпор. Можеш да удираш колку сакаш по неговото тело, но нема да успееш да ја извалкаш и неговата душа.

И покрај тоа што опишаниот настан веќе одамна е зад нас односно ропството на црнците во Америка е и со закон забрането, прашањето е колку навистина мислењата и ставовите на луѓето се променети во однос на тоа. Да, го нема ропството, но ја има расната дискриминација. Токму затоа оваа книга нема изгубено од својата актуелност. Злото во луѓето не е искоренето, во сите средини има обесправени и покажувањето сила сè уште е средство на помоќните за штитење и исполнување на своите цели.

5. Џонатан Свифт - Гуливеровите патувања (рецензија - @Сабазиј)

5. Гуливеровите патувања.jpg

Како што во една прилика напишал Борхес, погрешно е општо прифатеното мислење кај најголемиот број читатели дека „Гуливеровите патувања“ е книга за деца. Ваквиот став, според него, се должи на тоа што децата најчесто ја читаат првата половина од ремек-делото на прославениот мизантроп. Би додале дека повеќето од нив, за жал и во подоцнежните години потпирајќи се врз првичните, наедно и последни впечатоци, не го менуваат мислењето. Делото претставува сатиричен, неретко и саркастичен осврт кон општеството во кое живеел и создавал Џонатан Свифт (1667-1745). Фантастичниот патeпис не е лишен ни од утописки, односно дистописки елементи. Поради својата повеќеслојност „Гуливеровите патувања“ заслужуваат и повеќекратно внимание.

Низа незгоди при вршењето на морнарската должност (како лекар, и подоцна, како капетан) ќе го одвеат Лемјуел Гуливер низ различни краишта, населени со повеќе или помалку чудни жители.

Во првиот дел, со наслов Патувањето во Лилипут, Гуливер ќе заврши во земјата на малите луѓе. Ќе се запознае со животот и со обичаите на Лилипутанците, и ќе одигра пресудна улога во судирот меѓу државите Лилипут и Блефуск (исто така населена со народ кој не може да се пофали со својата големина). Поводот за војната е од верска и политичка природа.

Нешто поинаква, лилипутанска судбина ќе го снајде во наредниот дел, Патувањето во Бробдингнаг. Во земјата на џиновите, Гуливер ќе биде грешка на природата, предмет на љубопитна потсмешливост и на забава. На потсмев и презир ќе наидат и неговите описи на државното уредување на Британија, на славните воени подвизи и достигнувања. За големите луѓе историјата на Британија и на останатите европски држави, како и на нивното ситно население, не е ништо друго освен збир на сплетки, на предавства, војни и убиства.

Во третиот дел, насловен како Патувањето во Лапут, Гуливер ќе се соочи со расеаните и секогаш исплашени жители на летечкиот остров Лапут. Ќе му остават впечаток нивните крајно апстрактни согледби, смислата за естетика, архитектонскиот стил итн. Откако ќе се симне на земјата, во континенталните владенија на Лапут, ќе има можност да го посети главниот град Лагадо (кој е сличен на Скопје) и Академијата (која е слична на нашата МАНУ, само е нешто попродуктивна). Напуштајќи ја земјата, Гуливер ќе го посети Островот на Волшебниците (на некромантите) и ќе има прилика да размени по некоја мисла со дел од починатите ликови од светската историја, наука и филозофија и да ја слушне нивната страна на приказната. Дека бесмртноста и не е така забавна авантура ќе се увери некаде на крајот од овој дел, кога ќе отиде во Кралството Лугнаг.

Во последниот дел, Патување во земјата Хуинхм, Гуливер ќе биде примен со голема зачуденост и недоверба од тамошното население. Интелигентните жители на Хуинхм сите до еден се коњи. Тие се беспорочни, мудри и речиси совршени. Лишени се од човечката злоба. Наспроти нив, се луѓето, кои ги нарекуваат јаху. Тие живеат во дупки, плашливи се и многу подли. Хуинхм (коњите) ги употребуваат луѓето како стока. Гуливер ќе има можност да поднаучи нешто своите доблесни домаќини, и на чун обложен од кожи на јахуи, да го заврши последното од своите фантастични патувања.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
6. Луис Керол - Алиса во земјата на чудата (рецензија - @Setsuko)

6. Алиса.jpg

Алиса во земјата на чудата важи за една од најнеразбраните книги. За да биде парадоксот уште поголем сместена е во категоријата – литература за деца. Дури и изреката „како во Алиса на земјата на чудата сум“ е синоним за тоа – ништо не ми е јасно, не сфаќам, не разбирам...

Но, што да се очекува кога самиот писател не е ниту книжевник, ниту литерат, ами математичар. Луис Керол, (неговото вистинско име е Карлс Доџсон) бил професор по математика и постојат теории дека всушност приказната за девојката Алиса која расте, се намалува, се дружи со бели зајчиња, консумира печурки и тие магично ѝ влијаат всушност е алегорија, сатира за модерната и апстрактна математика и имагинарните броеви.

Сепак, сето ова би можело да се анализира и од книжевен аспект. Имено, приказната за Алиса во основа има реалистичен код, но само затоа што сите настани имаат прифатливо и сфатливо објаснување – сѐ било само сон на едно мало девојче. Ако ја тргнеме настрана рамката, во внатрешноста ќе најдеме надреалистични елементи, блиски до фантастиката, што всушност се наоѓаат во потсвеста на девојчето. Со песната на почетокот (мета-текст) авторот врши мета-опис и практично ја сместува целата фабула уште во самата песна. Како подлога за книгата користи игра со карти. Алиса паѓа во подземниот свет што е метафора на потсвеста. А таму сѐ е возможно и сѐ може да се случи, како и во сферата на чудесното.

Хуморот е специфичен, понекогаш дури и бесмислен, тој не треба да се сфати буквално туку иронично и со преносно значење. Барањето од кралицата да се отсечат главите на сите нејзини поданици на пример, никогаш не се сфаќа сериозно, сцените со судењето се критика на англискиот судски систем во тоа време итн. итн.

Ако сакате да се нурнете во чудесии, да се дружите со животни кои зборуваат, да се насмеете на бесмисленоста и извртеноста на реалноста, сѐ што треба да направите е да ги отворите кориците на оваа книга и да паднете во дупката заедно со Алиса.

7. Марк Твен - Авантурите на Том Соер (рецензија - @Сабазиј)

7. Том Соер.jpg

Семјуел Клеменс (1835-1910), многу попознат под псевдонимот Марк Твен ја задолжил американската и светската книжевност, и како сатиричар и како писател за деца, со неколку исклучителни дела. Најпопуларни меѓу нив, барем меѓу децата, веројатно се неколкуте книги посветени на малиот авантурист Том Соер.

Том, чиј лик авторот ќе го изгради имајќи се за пример себеси како дете, живее во еден замислен град до реката Мисисипи (на простори на кои растел Твен и на кои неколкупати ќе се навраќа како автор) и неговите доживувања на еден возбудлив начин ја отсликуваат магичната привлечност на детството, на слободата и на безгрижноста, независно од препреките и од тешкотиите на кој наидуваат Том и неговите другари – Хаклбери Фин и Џо Харпер.

Покрај „Авантурите на Том Соер“, Твен ќе ги напише и „Том Соер во странство“, односно „Детективот Том Соер“. Том ќе биде присутен и во други објавени дела на Твен (на пример, „Авантурите на Хаклбери Фин“) како и во некои кои нема да стигне да ги заврши.

8. Марк Твен - Авантурите на Хаклбери Фин (рецензија - @Sussaro)

8. Хаклбери Фин.jpg

За ова дело Ернест Хемингвеј ќе рече: Цела модерна американска литература доаѓа од една книга на Марк Твен наречена „Авантурите на Хаклбери Фин“.

Тоа јасно може да се види ако погледнеме наназад. Вистинскиот процут во американската литература се случува во XX-тиот век, додека во XIX-тиот само името на Марк Твен стои на пиедесталот. Ова (барем тогаш) најзначајно дело од „другата страна на океанот“ често и неоправдано е класифицирано како литература за деца. Иако главните протагонисти на Твен се децата, книгата доловува повеќе аспекти и прашања кои се главните компоненти на нејзината голема вредност.

Преку едно мошне (од читателска перспектива) интересно и возбудливо дејство и сплет на настани во кои главната улога ја има сиромашното момче Хаклбери Фин, Твен прикажува еден фрагмент од американската историја. Сето тоа го декорира го со морални дилеми, конфликтот помеѓу индивидуалното и колективното односно стереотипното расудување, општествените збиднувања и социјалната состојба во тогашното општество распостелувајќи ги осетливите тематики: расизмот, алкохолизмот, сиромаштијата, чесноста и измамата, довербата, младоста и искуството, начинот на комуникација и интеракција помеѓу единките. Твен на крај оптимистички го воздигнува хуманизмот како идеал кој треба да биде главен двигател во човечката заедница.

Велат дека ја предвидел својата смрт, но во најмала рака е дискутабилно колку тој негов визионерски оптимизам во човечноста ја отсликува денешната ситуација во неговата матична земја. Но дури и земајќи го предвид тој аспект „Авантурите на Хаклбери Фин“ е книга за деца од која и возрасните можат и да научат и да се разонодат што е спој кој исклучително тешко се наоѓа во едно литературно дело.

9. Карло Колоди - Пинокио (рецензија - @Setsuko)

9. Пинокио.jpg

Речиси и да не постои човек што не слушнал за дрвената кукла на која стариот мајстор Џепето ѝ вдахна живот и ја нарече Пинокио.

„Пинокио“ е некаква мини верзија на „Франкенштајн“, детска верзија на креацијата и потребата на човекот да ја победи осаменоста и да биде творец на нечиј друг, поинаков живот. Но бидејќи од возрасен аспект толкувањата се сосема поинакви, а детските срца се чисти и неизвалкани, тие искрено се идентификуваат со дрвената кукла и ги преживуваат сите авантури заедно со неа. Пинокио е кукла која копнее да стане вистинско дете, дете од крв и месо.

За да се случи процесот на иницијација претходно мора да помине низ низа авантури, наивно да згреши повеќе пати, да премине на страната на злото, да биде заведен од лоши зборови и постапки, да страда, да биде на работ да ги изгуби најсаканите и да покаже дека може да чувствува, дека неговите чувства се интензивни и можеби поискрени и подлабоки од оние на обичните деца.

Сказноликите елементи надополнети со желбата да се биде подобар, да не се лаже, редовно да се посетува училиштето, да не се повредуваат другарите, да се сакаат и слушаат родителите се одлична комбинација за да се задржат вниманието и интересот на едно дете и притоа да се обиде заедно со Пинокио да ги исполни сите овие „задачи“ и да стане вистинско, послушно дете.

Рецептот на Карло Колоди очигледно бил успешен и ги освоил и децата и возрасните. Асоцијациите кон неговиот роман се многубројни, често бил инспирација за театарски и филмувани верзии, а неговиот лик стана епски херој.

10. Антоан де Сент Егзипери - Малиот принц (рецензија - @Setsuko)

10. Малиот принц.jpg

„Малиот принц“ е веројатно најнеразбраната книга што сме ја читале во детските денови, но препрочитувањето на истата во повозрасни години е вистинско откритие! Откритие за светот виден низ нечии други очи, за сите заборавени вистини, за пријателите, за и тајните скриени кај ѕвездите. Малото неодоливо детенце со руса коса нѐ научи на универзалните сознанија: „Човек добро гледа само со срцето. Она што е важно, за очите е невидливо“, „Многу е потешко да судиш на самиот себеси отколку на другите. Ако успеете да бидете добри во тоа, значи дека сте вистински мудрец“, „Сите возрасни некогаш биле деца… Но само неколкумина од нив се сеќаваат на тоа“. Не би било погрешно да се каже дека и целата книга можеме да ја изделиме во цитати, затоа што секој збор е извор на мудрости кои се безвременски и секогаш актуелни.

Нараторот на приказната е пилот (како што бил и самиот Егзипери) чијшто авион се руши во пустината Сахара. Обидувајќи се да го поправи за да се врати дома, тој налетува на малиот принц, мало човече кое ќе го научи многу за човечките односи и природата што нѐ опкружува. Патешествијата од една до друга планета се едукативни, но и енигматични. Малиот принц никогаш не престанува да поставува прашања и не може да се изначуди на „рационалноста“ на возрасните кои навидум ги имаат сите одговори, но заборавиле што значи вистински да се чувствува, да се другарува, да се љуби. Разделбата со Малиот принц е како разделба со близок пријател којшто засекогаш ќе ви остане во срцето. И секогаш кога ќе видите жолто класје кое се ниша заедно со ветрот, ќе се сетите на неговата разбушавена руса коса, како што тој се сеќаваше на својата припитомена роза. Ова е роман на којшто секогаш му се навраќам со насмевка и ми ја враќа довербата во искреноста, но и вербата во човештвото.

Романот е толку популарен што банкнотите од педесет француски франци го имале ликот на Малиот принц. Постои дури и астероид кој го носи името Малиот принц. Покрај ова снимени се мјузикли, опери, филмови, анимации и секакви адаптации. Преведен на повеќе од 180 јазици и распродадени се повеќе од 80 милиони изданија.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
11. Жорж Санд - Малечката Фадета (рецензија - @Setsuko)

11.jpg

Таму некаде во 19-от век во рурална средина во Франција се раѓа вистинска љубов... Со оваа кратка реченица е опишана содржината на „Малечката Фадета“ и со неа веројатно е опфатена најглавната мотивација и идеја за овој роман. Ликовите на Санд се живописни, а руралната средина е идеалистички претставена. Селскиот живот во романот на Санд е еден голем идеал во којшто сите ликови се портретирани со убави, фини и невообичаени црти. Селото кај Санд не е село во коешто ликовите се борат за парче леб и гола егзистенција, напротив кај неа сѐ е уметнички, идеализирано и префинето. Но, Санд е и добар психолог па сите нејзини ликови имаат длабока карактеризација, така што на читателот му е сосема лесно да ѕирне во длабочините на нивните души.

Во таква една атмосфера Санд раскажува за двајцата браќа близнаци, Ландри и Силвине коишто се буквално неразделни. И иако сите соседи ги советуваат да се разделуваат почесто затоа што таквата близина може да биде неподносливо тешка, тие на крајот сепак мора да се разделат под принудни околности. Кога Ландри заминува да работи во соседството Силвине постојано тагува, се разболува и бега од домот. Ландри заминува да го бара својот брат и тука неговиот живот добива сосема друга насока. Тој случајно ја запознава Фадета за којашто кружат секакви гласини. Ликот на Фадета е енигматичен, загадочен, но толку чист и природен како ниту еден друг лик во светската литература. Нејзината недопадлива надворешност е сосема спротивна на чистината на нејзината душа, а тоа сосема ќе го зароби срцето на Ландри. Кон неа ќе ја покаже најчистата форма на љубовта - грижливоста.

Но, покрај идиличните слики овој роман зборува и за класните разлики во едно конзервативно општество. Класни разлики кои само искрената и чиста љубов може да ги победи. Оваа книга директно со прст ни ги посочува предвремените предрасуди и осуди и ни го покажува патот кон скриените длабочини кои се вистинскиот извор по којшто би требало да трагаме. Но ќе нѐ научи и на пожртвуваност за којашто треба да сме смели и со отворени срца.

Фадета е олицетворение на бруталната искреност, кај неа не постојат фини амбалажи завиткани со панделки, нејзиното богатство е длабоко скриено, а ќе го откриеме меѓу страниците на оваа книга која и до ден денес плени и со нарацијата и со стилот.

12. Астрид Линдгрен - Пипи долгиот чорап (рецензија - @Setsuko)

12.jpg

Секогаш кога ќе видите мало девојче со долги плетенки или коса врзана во опавчиња неминовно помислувате на Пипи долгиот чорап. Тој лик е толку длабоко врежан во спомените од нашето детство што е првата асоцијација за непослушност, бунт, палавост, ведрина, разиграност и пркосење на „нормите“ и правилата.

Книжевниот лик на шведската писателка Астрид Линдгрен настанал кога нејзината седумгодишна ќерка се разболела од пневмонија и сакала од мајка си да ја слушне приказната за Пипи долгиот чорап. Авантурите за ова необично девојче Линдгрен подоцна ги сместила меѓу корици и ѝ ги подарила на својата ќерка за роденден. Потоа Пипи ги освои срцата на сите деца во светот со својата црвеникава коса, бемки на лицето, карактеристична насмевка, интелигенција, но и ѓаволест темперамент. Милиони деца ја обожаваа и ѝ се восхитуваа. Лудориите и откачените идеи на Пипи, заедно со љубопитноста и комичноста очигледно биле полн погодок. Пипи е лик од којшто со нетрпение се очекува што ќе направи следно.

Таа верува дека мајка ѝ е на небото, а татко ѝ е крал на црнците на островот Курекуредутон во јужното море. Затоа Пипи живее во куќа без родителите, заедно со својот пегав коњ и мајмунот Господин Нилсон. Со радост се сеќаваме на моментите кога тргнува на училиште, кога организира протест, се брка со полицајците и учествува во безброј авантури со своите пријатели Томи и Аника Шетергрен. Таквите авантури речиси секогаш завршуваат на комичен начин, а од нив тие излегуваат како победници. Пипи долгиот чорап е симбол за оптимизам и ведрина, а нејзиниот свет е секогаш забавен и возбудлив.

13. Астрид Линдгрен - Карлсон лета (рецензија - @DaedaIus)

13.png

„Карлсон лета“ е книга што ја имам прочитано најмногу пати во животот. Еден период кога бев мал ја читав секој ден. Ги терав баба ми и дедо ми да ми прават крофни со какао бидејќи Карлсон јадеше крофни и пиеше какао. :D

Легендарна во Русија, но помалку позната на Западот, „Карлсон лета“ од Астрид Линдгрен е дел од серијалот книги со антихеројот Карлсон. Како четиво за ескапизмот од суровата реалност која ги кине и уништува сите нишки на детската фантазија, „Карлсон лета“ му ја дава идејата на секое дете за пријател кој е семоќен и може да го спаси од сите лоши(!) возрасни ликови кои не го разбираат, му ја ограничуваат слободата, а на кои не може да им се спротистави бидејќи е мало и немоќно.

Приказната зборува за седумгодишниот протагонист Сванте кој е осамен и без пријатели. Тој го запознава Карлсон, малечок човек што живее на покривот од зградата, кој му станува најдобриот и единствениот пријател. Карлсон има пропелерче на грбот што се вклучува со копче на неговиот стомак. Тој може да лета кога ќе посака. За повеќето деца, да леташ кога ќе посакаш е една од најомилените моќи бидејќи летањето претставува ултимативна слобода на движење, нешто што на децата им е ограничено. Летањето отсекогаш симболизирало ослободување од прангите на заробеноста и е мотив во многу уметнички дела.
Карлсон и Сванте минуваат низ различни авантури, а нивното мото е: „Ние против возрасните“, мото од кое највеќе страда „лошата“ негувателка која е антагонистот низ очите на Сванте. Карлсон е архетипот на измамник, шегаџија и илузионист (не знам дали имаме соодветен израз за „trickster“). Тој е најомразеното нешто кога е против тебе, но најдобриот сојузник кога е на твојата страна. Таквиот карактер ја зародува идејата дека возрасните не може да се победат насила, но тие може да се надитрат. Ликовите кои имаат арсенал од креативни трикови отсекогаш биле поттикнувачи на детската фантазија. Примери за тоа се карактери како Маската од истоимениот стрип и Душко Долгоушко. Тоа се личности кои се самоуверени измамници, не се плашат од правилата и ги кршат без да им даваат тежина на последиците, нешто за што возрасните опсесивно се грижат поради нејасни причини во умот на едно дете. А секое дете сака да има еден пријател како Карлсон кој ќе го спасува од „тиранијата“ на возрасните и ќе му даде нешто многу драгоцено, а тоа се слободата и авантурата.

После експериментите со „малиот Алберт“ на психологот Вотсон како и неговите контраверзни трудови/книги за воспитување деца, во светот постоел тренд, воден од бихевиоризмот, кон воспитување деца со психолошко кондиционирање, односно со казни и со награди. Астрид Линдгрен била активист за укинување на насилното воспитување и казнувањето деца. „Карлсон лета“, во некоја смисла, го изразува бунтот на Линдгрен против таквиот начин на воспитување.

14. Алан Александер Милн - Вини Пу (рецензија - @Zlatikevichius)

14.jpg

За само 6 години од денес, едно мече со многу малку мозок ќе го прослави својот стоти роденден. На прославата ќе бидат поканети и Прасенцето, и Ијор (во нашиот превод - Ушле), и Бувот, и Кенга со малиот Ру, и Зајакот... Секако, и Кристофер Робин! Кога се родил, во стоекарската шума, од перото на еден визионер, А.А.Милн, кој им вдахнал душа на плишаните играчки од неговиот син Кристофер Робин, во далечната 1926, никој не ни сонувал дека мечето со многу малку мозок ќе стане толку познато насекаде во светот, дури и стотина години од тогаш. Секако не сонувал ни самиот Вини Пу. Зашто сѐ што тој сонува, секогаш, е само мед...

Во далечната 1926, А.А. Милн ја издал првата од серијата збирки приказни и песнички за деца за омилената играчка на неговиот шестгодишен син Кристофер Робин, мечето Вини Пу. Истата се здобила со толкава популарност не само во Англија, туку и насекаде во светот, што Вини Пу и животните од стоекарската шума станале нераскинлив дел од британската култура воопшто. „Вини Пу“ е класик кој ја прикажува невиноста и шармантната буквалност на детската логика. Навистина е чудно како едно дело кое навидум ги крши сите дотогаш воспоставени книжевни норми и практики, може да се одржи до таа мера, да не само е читливо, туку и од денешна перспектива да се нарече класик. Напишано е како приказна во приказна, односно нараторот (Милн) раскажува приказна за тоа како тој му раскажува приказни на својот син во кои син му е еден од ликовите. И иако тоа звучи навистина комплексно и за еден возрасен ум може да изгледа збунувачки, очигледно е дека детскиот ум функционира сосема поинаку и тоа не е никаква бариера за децата. Она што мене особено ми се допадна е тоа што секаде во приказните авторот му се обраќа на Кристофер Робин со „ти“, што дава впечаток дека оној кој ја чита приказната е учесник во авантурите на мечето Вини Пу и неговите пријатели, односно дека секое дете е Кристофер Робин и дел од приказната.

Централна тема во секоја од приказните е анксиозноста која се создава кај ликовите кога заради нивното незнаење или нивните будалаштини не можат да одговорат на некое важно прашање кое ги мачи, па пробуваат со наивната детска логика да се извлечат. Обично Пу и Прасенцето се тие кои се прават дека разбираат, а всушност не разбираат ништо. Но навистина интересно е тоа што и покрај целата таа наивност и бесмисленост, критичарите и низ историјата, а и денес, ги толкуваат приказните низ призма на многу посериозни теми. Така, денес едно од најшироко распространетите толкувања е дека секој од ликовите одговара на некаква ментална болест или состојба на умот, како PTSD, OCD, аутизам, анксиозност...

Јас ја немав таа среќа да другарувам со Вини Пу како дете (прв пат му ја прочитав на мојот син пред некоја година, додека со по една приказна секоја вечер ја завршувавме со бакнеж и зборовите: „добра ноќ, глупаво мече мое!“), па така не можам да кажам дека книгата ме враќа носталгично во моето детство. Но особено ме фасцинираше во нејзе совршеното илустрирање на тоа што мислат луѓето кога зборуваат за „изгубената невиност од детството“. Не е тоа дека детските души се чисти, добри, невини, туку повеќе илустрира еден посебен начин на гледање на светот, каде што имагинарните пријатели се еднакво важни колку и вистинските, каде долгите денови во кои не се случува ништо важно се денови полни со авантури и каде не знаеме што носи секој нов ден, но не ни е гајле, зашто тој мора да е фантастичен! Затоа не можеше а да не ме допре толку сентиментално колку што успеа. Ако земете да ја читате сега, и не се почувствувате како мене, тогаш можеби вие не сте ја почувствувале магијата во детството. Можеби јас не сум пораснал, па сум во заблуда. Или можеби вие не сте доволно возрасни за да разберете. ;)

15. Елвин Брукс Вајт - Пајажината на Климентина (Шарлот) (рецензија - @Zlatikevichius)

15.jpg

Ова е книгата која е прогласена за најпродавана книга за деца на сите времиња од страна на магазинот Publishers Weekly, оставајќи го зад себе дури и Хари Потер и каменот на мудроста (на шесто место)! Во 2010 година, пак, њујоршката јавна библиотека го прогласи романот за шестата најпозајмувана книга во историјата на библиотеката (исто, повеќе од Хари Потер и каменот на мудроста кој е на деветтото место)! Безвременски класик, роман по кој многу деца (и возрасни) пролеале океани солзи, по кој многумина научиле што значи вистинското пријателство, по кој дури и оние кои се грозат од свињите и имаат фобија од пајаци почнале да сакаат барем едно прасе, и барем еден пајак...

Во оригинал „Пајажината на Шарлот“, кај нас преведена како „Пајажината на Климентина“, е роман за деца издаден во 1952. Тоа е приказна за едно прасе, Вилбур (кај нас Цанко), одгледувано за да стане нечија храна за Божиќ, и неговото чудно и неспоиво пријателство со пајакот Шарлот (Климентина) која живее во еден агол од шталата на прасето, и со помош на своите мрежи му помага да остане подалеку од ножот на неговиот сопственик. Во академските кругови, честопати се цитира како одлично напишано дело, особено при спомнување на ритамот во композицијата. Имено, темпото на речениците во романот го одразува нишањето на пајажината на Климентина. Но она по што е особено важно, е што пренесува една универзална порака за несебичната пријателска љубов, олицетворена во обидите на Климентина да го спаси животот на прасето Цанко, без никаква особена причина. Освен ако не станува збор за несебичната љубов и добрина. Сите лекции кои едно дете може да ги научи од овој роман се особено важни - дури и оние за смртта. Не би сакал да го расипам уживањето некому, затоа тука ќе сопрам со мислата. Најтопла препорака до сите деца, и до сите возрасни деца! Ова е книга со која слатко ќе се насмеете, ќе ви го згрее срцето, и ќе ве растажи до таа мера што и вие ќе бидете еден од милионите луѓе кои пуштиле солза по неа. И во секој случај, нема да ја заборавите до крајот на животот.
 

Setsuko

Модератор
Член од
29 јануари 2006
Мислења
6.487
Поени од реакции
5.963
16. Јохана Шпири - Хајди (рецензија - @Setsuko)

16.jpg

Раскошниот опис на швајцарските Алпи и сентименталниот занес на Јохана Шпири нѐ сместува во напуштените села и нѐ држи маѓепсани од малиот рај на Земјата заедно со Хајди.

Хајди има само 5 години кога ќе остане без родители и нејзината безмилосна тетка ќе ја однесе кај дедото којшто живее во село меѓу планинските предели. Дедото на самиот почеток изгледа како намќор затоа што грижата за Хајди ќе значи обврска плус, сепак тој е принуден да се грижи за девојчето и со текот на времето ќе ја засака толку многу што ќе му биде тешко да се раздели од неа. Хајди вешто и брзо учи како да се справува со животот на село, таа ужива во природата, свежиот воздух и цвеќињата, додека нејзиниот дедо ги извршува секојдневните обврски. А кога ќе го запознае Петре таа ќе научи многу и за работата, трудот, пасиштата, козите, млекото, сирењето и уште куп убавини што ја опкружуваат. Сите тие мириси и вкусови извираат од нарацијата на Шпири и ве тераат да посакате барем за кратко да се најдете во таа средина.

Но сѐ би било прекрасно кога таквата идила би можела да трае вечно. Тетката повторно ќе вмеша прсти и ќе ја однесе Хајди во Франкфурт каде што таа ќе се запознае со Клара и ќе научи да се приспособи на новата градска средина полна со „културни“ луѓе и манири кои за Хајди се сосема чудни и непознати.

Силна е дидактичката улога на овој роман, затоа што преку Хајди нѐ запознава со две сосема различни средини и луѓе. Едните од село, навидум прости, неписмени, но блиску до природата и исполнетиот живот, а други од градската средина, со „чудни“ навики и манири. Хајди ќе ве научи и како да се изборите со љубомората, како да бидете лојални и верни пријатели, како да ги сакате сите луѓе, да им помагате и на оние со хендикеп и да се изборите со суровоста на животот. И покрај тоа што е сираче, нејзиниот лик постојано е ведар, а нејзината љубопитност и интелигенција ќе ѝ помогнат да ги преброди сите неправди кои судбината ќе ѝ ги нанесе.

17. Ханс Кристијан Андерсен - Бајки (рецензија - @Ne_sum_ja)

17.jpg

Бајките од Ханс К. Андерсен со право се сметаат за светско богатство на човештвото. Опусот на овој дански автор од 19тиот век опфаќа повеќе од 150 бајки, многу од нив како „Снежната принцеза“, „Малата сирена“, „Грдото пајче“ и други имаат достигнато небесни височини и се врежани во меморијата на сите деца и возрасни низ светот.

Бајките на Х. К. Андерсен имаат универзална допадливост. Тие надминуваат место на живеење, националност и религија, и обработуваат теми кои ни се опипливи на сите нас. Во бајките често сретнуваме контрасти на доброто и лошо, грдо-убаво, и добиваме лекции за доблесност, трпение и издржливост во тешки моменти и ситуации. Ситуации каде што можеби дознаваме дека сиромашното селско момче всушност е кралски принц.

Бајките содржат често скандинавски фолклорни мотиви како и личен печат на Андерсен. Самиот факт дека потекнувал од сиромашно семејство и се соочил со еден различен свет често се гледа низ неговото творештво.

Би бил пресреќен доколку идните генерации задолжително навлезат во светот на Х. К. Андерсен и нема да се ограничат само на филмови од Волт Дизни. Така ќе откријат еден прекрасен свет кој ниту еден филм не може ни приближно да го прикаже.

18. Џејмс Метју Бари - Петар Пан (рецензија - @Zlatikevichius)

18.jpg

или, Момчето кое не сакаше да порасне. Една од омилените книги од многу детства, насекаде во светот. Оригинално напишана како драма (1904), и подоцна адаптирана како роман (1911), приказната за момчето кое одбива да порасне повеќе од еден век ги маѓепсува срцата на многу деца и шири носталгија и меланхолија меѓу многу возрасни. Петар Пан се родил од приказните кои авторот Бари ги раскажувал на децата од неговата пријателка Силвија Левелин Дејвис, со кои создал една посебна врска. Тие биле и негова инспирација, а подоцна, по смртта на нивната мајка од рак, и негова „обврска“. Дури и името - Петар Пан е амалгам од името на едно од децата, Петар Левелин Дејвис, и Пан, грчкиот бог на шумите. Но иако името и дел од авантурите биле инспирирани од малиот Петар, сепак, главната приказна е инспирирана од постариот брат на Бари, Дејвид, кој трагично го загубил животот на 14 годишна возраст, и кој во меморијата на Џејмс Бари засекогаш останува детето кое никогаш не пораснало.

Приказната е добро позната: една вечер, Петар Пан влегува преку прозорецот во спалната соба на децата од семејството Дарлинг за да ја најде својата сенка. Таму ги запознава Венди, Мајкл и Џон, ги учи да летаат и ги води на едно прекрасно патување во земјата на Изгубените деца: Недојдија. Таму, помеѓу пирати, Индијанци, сирени, самовили и секакви животни децата имаат безброј авантури. Но Капетанот Кука, лошиот водач на пиратите, е одлучен да ги уништи децата, особено Пан кој во една битка му ја отсекол раката и му ја фрлил на крокодилот, кому вкусот на раката му се допаднал толку многу, што цело време го брка Кука за да го изеде цел. Со помош на самовилата Ѕвончица, сепак Петар Пан успева уште еднаш да го победи Кука на пиратскиот брод и да ги ослободи заробените деца.

Кога ќе се спомне Петар Пан, верувам многумина помислуваат прво на анимираната верзија на Дизни, која исто така, на сите ни е позната. Вистинскиот Петар Пан, оној зачнат од перото на Бари е подеднакво забавен како и анимираниот, но приказната тука не е само за забава на едно основно ниво како цртаниот филм, туку е многу пософистицирана. Романот го тера читателот да размислува и да се прашува. Постои ли радост во тоа да останеш засекогаш дете? Секако, да. Постои ли нешто трагично во тоа да останеш засекогаш дете? Исто така - да! Понатаму, романот подлежи на бројни анализи и толкувања, почнувајќи од романтичниот слој под површината: желбата на Венди да го бакне Петар, неговата мечта кон фигурата на мајка, и симболиката на борбата меѓу Петар и капетанот Кука (некаде прочитав дека во театар обично истиот актер кој го глумел Кука бил и таткото на Венди) (!) ; и завршувајќи со егзистенцијалните мотиви: некои го толкуваат како приказна за оние кои се плашат од одговорностите на живеењето и од непознатото по смртта. Во тој домен спаѓаат и толкувањата за неминовната смрт, отуѓувањето, за времето кое не брка сите нас (претставено преку крокодилот во чиј стомак константно чука часовник), но и за чувстото дека постоењето нема никакво особено длабоко значење.

Преполна со авантури какви секое дете сонува да има, дури и запрепастувачки носталгична, и истовремено извонредно напишана, Петар Пан е приказна која не може да биде заборавена и која ќе остане вметната во секоја листа на литература за деца уште од зачетокот на литературата за деца, па до денес. Така и на нашава. Сите оние кои сѐ уште се немаат впуштено во оваа авантура, искрена препорака да ги прелистаат страниците на ова извонредно дело - патувањето во Недојдија, ветувам, никогаш нема да го заборават!

19. Мато Ловрак - Возот в снег (рецензија - @Setsuko)

19.jpg

Во најраната возраст омилени ми беа романи чие дејство се случува во зима. Чистата белина и натрупувањето на снегулките набљудувани од прозорецот со книга во рака ми беа омилена активност уште кога научив да ги распознавам буквите. Овој роман секогаш носталгично ме навраќа на тие безгрижни денови.

Но, набљудувањето на снежните пластови од прозорец и борејќи се со студот и снежната покривка во надворешни услови се сосема различни доживувања. Па така, овој роман ќе нѐ заглави во снежните пластови, со болест и студенило.

Мато Ловрак нѐ носи во хрватското Големо Село и нѐ запознава со дружината од централното училиште. Во тоа училиште учат сите деца од околните села, а главните ликови се Љубан, Драга и Перо од село Јаболковец. Уште на самиот старт ги запознаваме нивните карактери, некои се грижливи, паметни, храбри, сериозни, одговорни, љубезни и чесни, но некои се разгалени деца на богаташи, мрзливи, кукавици и одмаздољубиви. Преку детските игри во училиштето сфаќаме дека исказот на Фројд - „детето е татко на човекот“ не може да биде повистинит. Овие деца се толку сериозни во своите игри што нивните навидум безначајни постапки зборуваат многу за тоа во каква личност ќе израснат во иднина.

Таквата палета од карактери заедно со својот учител тргнува на една екскурзија во градот патувајќи со воз и се соочува со низа сплетки и незгоди кои ќе го извлечат најдоброто, но и најлошото од нив. Кога возот ќе заглави во снегот тие сфаќаат дека мора да се организираат, да бидат сложни и да си помагаат еден на друг ако сакаат да се извлечат. Заедништвото ќе им помогне да станат посилни и да ги победат и најсилните препреки.

Ловрак се води од максимата - „заедно сме посилни“ и ја постигнува својата поента враќајќи ги децата дома, на безбедно, побогати со едно огромно искуство.

Романот направил вистински бум во поранешна Југославија, а популарноста ја достигнала својата кулминација кога приказната била екранизирана во филмот Vlak u snjegu.

20. Бранко Чопиќ - Ранолетните орли (рецензија - @Setsuko)

20.jpg

Инспириран од Втората Светска војна и прераното растење и созревање на децата во тој период, Бранко Чопиќ остава едно вредно наследство - романот за деца „Ранолетните орли“. Сижетната линија на овој роман е поделена во два дела, а нарацијата е водена од една симпатична комичност која многу повеќе ги зголемува љубопитноста и уживањето.

Имено, се работи за група деца кои растат во босанското село Липово, а во нивното училиште доаѓа нов учител којшто брзо го добива прекарот Пиперка (поради големиот црвен нос) којшто верува дека најдобриот воспитен метод е тепањето, најчесто и без никаква причина. Од овој момент започнува и нивното бурно, динамично детство. Децата незадоволни од методите на учителот бегаат од училиште и формираат своја дружина (дружината на Јованче) во шумата, создаваат свој логор, колиба и огниште, па дури и куќичка за куче. Тие детски игри како да се предвесник за нешто многу сериозно. Нивната игра го антиципира животот на партизаните, но и ги подготвува за сериозноста на идната задача.

Во вториот дел од романот започнува војната, а децата се активни учесници и сведоци на истата. Тие храбро стануваат партизански курири, гледајќи ѝ во очи на опасноста ја водат својата борба со неправдата на многу посериозен начин.

„Ранолетните орли“ зборува за вредности како пожртвуваност, другарство, слобода во едни други времиња со тешки историски моменти и настани. Современите деца читајќи го овој роман ќе научат многу повеќе да ја ценат слободата и безгрижноста на детската игра.

Приказната за дружината на Јованче исто така го достигнала врвот на својата популарност во 1966-та година кога била филмувана под истиот наслов - Orlovi rano lete.
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

На врв Bottom