Кајганџиски книжевен предизвик за 2022 година

Колку книги сметате дека можете да прочитате во 2022?


  • Вкупно гласачи
    25
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
Веќе со години наназад немаме книжевен предизвик на форумот, има Филмски, а има многу членови кои редовно си се дружат со книгата.

Правилата не се комплекси, треба да се наведе редниот број на прочитаната книга, насловот на книгата, авторот на книгата (по можност и издавачката куќа, ако книгата е преведена на македонски јазик, во случај ако некој добие желба да си ја набави) и неколку реченици за книгата, дали тоа ќе биде кратка рецензија или некоја импресија, си останува на самиот член.

Предизвиците го правеа овој заспан подфорум активен, кој мора малку да живне. Есенцијата на предизвикот е да се разменуваат импресии, да се побуди интерес да се прочита некоја книга, па дури и да се проба некој поразличен и поспецифичен книжевен вкус или жарн.

Убаво ќе биде оваа тема да биде само за рецензии, а за коментирање на самите книги да се користи оваа тема.

Јас го прифатам mеdium предизвикот (31-40 книги), тоа се, во просек, по 3 книги месечно.

Анкетата ќе биде отворена до 01.02.2022, а предизвикот ќе трае до 31.12.2022 кога ќе се сумираат резултатите.

Пријатно читање!
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
1. Терапија- Себастијан Фицек

Интересен роман за способноста на човековата перцепција и имагинација. За потрагата по одговорите кои се наоѓаат закопани длабоко во нашата свест.

Книгата е наратив во наратив.

Ларенц, психијатар, е во потрага по својата исчезната ќерка. Тој сега е наоѓа во психијатриска болница, беспомошно врзан за кревет и приказната му ја раскажува на својот колега. Дејството, вториот наратив, генерално се одвива меѓу Ларенц, кој се повлекува на еден остров со дел да пронајде душевен мир, и Ана, мистериозната жена која е олицетворие на една длабока човечка рефлексија. Не сакам да давам повеќе спојлери!

Навистина прекрасен трилер, адекватен за поопуштената празнична атмосфера каде не сакам да се оптеретувам со тешки четива.

Фантастичен трилер кој го прочитав за ден-два. Thank you @Guns N' Roses, досега двете препораки ти беа фантастични, you are on a roll! :love:
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
2. "Филмски клуб" - Дејвид Гилмор

Прекрасно инкорпорирани две уметности, филмската и книжевната, во едно дело. :love:

Почетокот не ми ветуваше многу, имаше некоја жичка на буковизам, која подоцна се претвори во интересен наратив, приказна за градењето врска помеѓу родителот и детето, учењето за животот, секојдневните проблематики, и најслатката меѓу нив-љубовта, со помош на филмовите.

Приказната се гради низ тематски целини, притоа има интересни компаративни и од историјата на самиот автор, кој пишува во прво лице еднина и всушност ни ја претставува релацијата со неговиот син. Книгата е своевиден мемоар.

Мислам дека имаше пар пропусти од самиот издавач кои ми пречеа, но листовите на самата книга самите се вртеа, немаше да имам никаков проблем да беше опфатена поширока палета на филмови, со своевидната критика, осврт, импресии и историјат и романот да тежеше 500-600 страници.

Дел од филмовите ги немам гледано, за дел немав ни воопшто слушано, но сега, поради ентузијазмот на авторот, ми се на листата "100 must-watch movies".

3. "Убав нов свет"- Олдос Хаксли

Клик. :noze:
 
Член од
5 февруари 2007
Мислења
10.646
Поени од реакции
13.104
1. A russian journal - John Steinbeck. 4.5/5
Тоа што ми се допаѓа кај Штајнбек е што е едноставен, со симпатична смисла за хумор.
 

Darklady

Модераторка
Член од
29 октомври 2011
Мислења
5.541
Поени од реакции
34.841
1. Храбар нов свет - Олдос Хаксли Тука

2. Норвешка шума - Харуки Мураками Тука

3. Жената со црвена коса - Орхан Памук Тука

4. Баба - Луан Старова - Тука

5. Никогаш не ме оставај - Казуо Ишигуро Тука

6. Еден сив мартовски ден - Тања Урошевиќ Тука

7. Варшавскиот протокол - Стив Бери
Според мене ова е најслабата книга што сум ја прочитала од Бери. После „Александриска врска“, „Венецијанското предавство“, „Третата тајна“, „Аферата Колумбо“, “Кралска измама“, од еден автор како Бери, очекувам многу повеќе од едно досадно, монотоно и вртење во круг дело, што не држи внимание ни малку.

8. Војводата и јас - Џулија Квин

9. Виконтот кој ме сакаше - Џулија Квин - Последниве две прочитани заради серијата на Netflix. Книги за тетки. Љубовни романчиња од Сакам книги. Животот во аристократското општество на Англија со сите пишани и непишани правила за како треба да се однесуваат дамите и господата. :rolleyes:
 

831

HOATH IAIDA
Член од
8 ноември 2009
Мислења
6.648
Поени од реакции
11.644
Ете оваа година си ставив одредени предизвици за да го тестирам мојот потенцијал и подобро да ги забележам моите граници и нивната причина со надеж дека ќе успеам подобро да се разберам себеси и моето место во заедницата на (релативно) свесни битија наречена човештво. Еден од овие предизвици случајно почна овде благодарение на @Dumbledore а јас го проширив на не само една прочитана книга месечно, туки во моментот кога завршувам една книга да почнам одма нова.
До сега вака изгледа листата, од средината на Јануари па до сега:

1. Убав Нов Свет - Олдос Хаксли
2. Животинска Фарма - Џорџ Орвел
3. 1984 - Џорџ Орвел
4. Дервишот и Смртта - Меша Селимовиќ
5. Норвешка Шума - Харуки Мураками ( или како шо си го завикав јас по мое Харикири Мураками)
6. Записи Од Мртвиот Дом - Ф. М. Достоевски
7. Записи Од Подземјето - Ф. М. Достоевски
8. Девојката Со Црвена Коса - Орхан Памук
9. Понижени И Навредени - Ф. М. Достоевски

So help me God!
 
Член од
21 октомври 2014
Мислења
4.029
Поени од реакции
6.691
Језда си поставив very easy цел, али ова е очајно од мене. Првата книга ( од 110 страни :D ) за годинава дури на крајот од март.

1. Животинска фарма ( Џорџ Орвел ) - интересна политичка сатира во која животните на фармата креваат востание против фармерот со цел да створат едно утописко општество, во кое сите животни ќе бидат среќни, еднакви и слободни.
 
Последно уредено:
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
4. Норвешка шума- Харуки Мураками

Ватанабе е spur of the moment лик, без иницијатива, меланхоличен, без идеал. Низ сите тие нарации, ретко може да се прочита некоја јасна среќна емоција. Дури ни во писмата!

Можеби затоа што целта е да се прикаже една модерна трагедија, за осамничкиот живот во јапонското општество каде самоубиствата не се табу тема.

А можеби и затоа што тоа се сеќавања полни со рани. "Ако сум оставила рана во тебе, тоа не е само твоја рана, туку и моја." Авторот како да го турка Ватанабе, низ текот на целата книга, во некоја самоизолираност и осаменост.

За нас се само ликови, а за него се луѓе, кои ставаат крај на своето страдање. Тука двете" можеби опции" меѓусебно се надоврзуваат и испреплетуваат.

Живописно и сликовито претставување на сите тие пејзажи. Таа глава за посетата на болницата најмногу ми се допадна.

Приказната на Реико е најсуштествена, најинтересна. Нема ни грам оскудност. Опфатени се сите компоненти, од презумпција на невиност, општествен презер, институционалото потфрлање до задржување на ведриот дух. Човечкото во неа, покрај сѐ, не умрело, дури е и мостот помеѓу Ванатабе и Наоко. Она ми е омилен лик!

Очекував, уште од самиот старт, да се самоубие Наоко. Breakdown моментот и апсинацијата од човечки контакт, може да го објасни моментот за плескањето на Реико (^), тоа не го очекував. :icon_mrgr:

Мураками можел комотно да се води и по албумот на The Doors- No one here get out alive, да ја продолжел книгата за некоја глава, можеби Ватанабе ќе направел
камикази во авионот.

Покрај сите тие политички мотиви, како марксистичките движења во 60-тите години, очекував повеќе референци за културата, пред сѐ за музиката. Музичките елементи се расфрлани, како трошки, низ целата книга, а вистинско будење доживуваат при лажниот погреб на Наоко.

Во последната глава гледаме постепено излегување од сиот тој магловит приказ. Само Мидори...:unsure:

Сѐ на сѐ ми се допадна, малку поексплицитна на мојот конзервативен мозок, ама се решив да си го докомплетирам Мураками. :love:

5. Кери- Стивен Кинг

Крајно лоша, па дури и асодржинска книга. Ниту еден дел не ме исполни. Посебно не големото финале. Кери Вајт има телекинетичка моќ и наместо да проследиме целосен хаос, проследен со страв и општа паника во големата сала, каде лево и десно летаат луѓе и предмети...ние читаме за големиот пожар!

Цитирањата од научните трудови и изјавите од сведоците, кои ги проследување од самиот старт, се крајно напорни и контрапродуктивни за градењето тензија и волјата да се заврти новата страница. Едвај ја дочитав! На сила.

Од она што сум го прочитал, филмските адаптации се долеку подобри од книгите на Кинг. Сакам да ги прочитам IT и Мизери. Ако и тие ме разочараат, кревам раце од Кинг.

6. Појадок кај Тифани- Труман Капоти

Проследуваме еден краток мемоар од животот на Пол Варјак. Нема да навлегувам содржински во оваа книга, која е во издание на Антолог, и повеќе ќе се фокусирам на разликите меѓу самиот филм и самата книга

Ако направиме компарација меѓу филмот и книгата, книгата е доста штура. Таа е само костурот за филмот, и очигледна е разликата при визуелизацијата меѓу Капоти и режисерот Едвардс. Описот на Труман Капоти, за Холидеј (Холи) Голајтли е мажествена девојка со кратка коса, но визијата на Едвајтс е самата дефиниција за женственоста: Одри Хепберн која го трансформира филмот, па и на самата книга и дава поголема тежина.

Можеби би го прочитал и "Ладнокрвно убиство". Оваа книга е интересна од неколку аспекти. Првиот е во тоа што е пишува по вистински настани, втората е во тоа што, во авантурата за истражување, се впуштил со Харпер Ли, и последната е, во сета таа серија на интервјуа, се вплеткал со еден од инволвираните (Капоти бил педер) и тој нивен однос имал значителен исход во самиот роман. Мислам дека е во издание на Магор.

Да се вратам на "Појадок кај Тифани". Едвард, донекаде, доследно се држел, до костурот на Капоти. Филмскиот наратив се движи правопропорционално со книжевниот, со исклучок на пар сцени. Таков исклучок претставува последната сцена во филмот, каде Холи сака да ја напушти државата, Пол ја набедува да се премисли. Во филмот тој разговор се води во автомобил, во книгата во болница. Другата, позначителна разлика е бакнежот меѓу Холи и Пол со кој завршува филмот. Во книгата го нема, книгата е еден вид споменар на Пол кој сеуште копнее по Холи. Но меѓу овие две сцени, во таксито, Холи го брка својот мачор, што води кон крајната сцена со бакнежот. Во филмот речиси одма го пронаоѓаат, во книгата Пол и дава ветување дека ќе го најде и ќе се грижи за мачорот, кој го наоѓа по неколку месеци и го одржува тоа верување. Крајот е различен и овој од филмот повеќе ми се допаѓа, не затоа што е поромантичен, туку затоа што е посуштински, поиздржлив, крај кој е кулминација и заокружување на врската меѓу Холи и Пол која тенденциозно се гради.

И мора да го напоменам моментот кога се прекршува содржината, не кога ја притвораат, туку кога дознава дека нејзниот брат е починат и го демолира целиот стан. Едвардс маестрално ја претставил целата таа трансформација и видиозменетост на новиот стан.

Дефинитивно филмот повеќе ми се допадна и компарацијата, во овој случај е невозможна. Филмот зрачи со женственост и сексубилност. Можеби Одри, тука, ја поставува и самата дефиниција за женственоста. Вистинско уметничко дело. Посебно сцената каде Холи (Одри) свири на гитара и пее. :love:

audrey-hepburn-goodnight.gif

7. Жената со црвена коса- Орхан Памук

Првиот дел, за "бунарот" на Махмуд, ми беше крајно неинтересен. Глава по глава се надевав дека Махмуд ќе најде вода, го замислував како среќно рипа од нога на нога, во холивудски стил, на магнат кој штотуку нашол нафта.

Врската меѓу него и Џем е интересна за опсервација. Не само што се постави како фигура на татко, нешто за кое подоцна ќе пишувам, туку покажа одредена смиреност, толерантност, константност и упорност. Клачна мравка која се бори да го пробие окното во својот мравјалник. Тоа е нејзина улога, тоа е во нејзиниот ген. Да бидам искрен, се израдував што остана во "бунарот", затоа што личната агонија за дупката без дно и тегавењето на приказната конечно заврши.

Но уште во првиот дел го воочив мајсторлукот на перото кое го има Памук, сепак ова прва книга која ја читам од него, за сликовитата претстава на местото (Онѓорен), психолошката заднина на секој карактер, посебно на истоштеност и демолизираноста на Махмуд откако го проби рокот, до описот на текстурата на почвата. Од карпестоста, прашливоста, шаренилото до мешавината со школки. Дури и кога стигна до непробојната карпа, ми текна на една латинска поговорка за капката вода и карпата. Овој дел од наративот ми беше во преден план и занемарлив и на моќта на театарот, и за тоа ќе пишувам нешто покасно, и за Жената со црвената коса.

Вториот дел е нешто подинамичен, текот на приказната добива одредено темпо, само приказните за Едип и од Шахнаме се крајно напорни и досадни, пред сѐ поради тоа што се повторуваат. Како и грижа на совест, индивидуалноста и плиткоста на Џем. Но главната поента на книгата е потрагата по фигурата на татко.

Зошто мислев дека книгата нема да заврши вака? Самиот наратив, самите приказни, дури и самите цитати на првата страна на книгата наговестуваа таткоубиство или синоубиство, повеќе мислев дека ќе се случи второто. Зошто? Иако и таткото и синот сонуваат да станат писатели, само еден од нив успева да го изреализира својот сон. Книгата, со исклучок на последниот дел, е пишувана од перспектива на Џем, затоа мислев дека е синоубиство, но автор на истата е неговиот син Енвер. Дури и самата смрт на Џем е идентична со самоказнувањето на Едип откако ќе осознае дека си го убил сопствениот татко и има неколку деца со својата мајка.

Театарот игра голема улога. Благодарение на него и на моќта на тие актери, денес сме во можност во рацете да држиме монументални дела чија намена била изведба пред група народ, кои пак биле инспирација за други класични дела, за потоа од амфитеатрите, со напредокот на технологијата и човековата имагинација, да се преселиме во кино салите.

Дали му пречи тоа константно "Жената со црвената коса", иако знае како се вика? Не, и јас имам слични врежани сеќавања од поедини личности кои ги паметам преку одредена описна симболика.

Убаво е склопена целата архитектура, за духот и животот на еден град, кој доживува прогрес и експанзија. Сликата на Турција се менува во тие години, Турција прогресира, станува прозападна, и да, секогаш имало внатрепартиски судири меѓу конзервативните исламисти и оние кои сакаат да и дадат одредени прозападна вредности. На некој начин на нив се гледа како уништување на духот, вредностите и културата на Турција. Во овој момент, тежиштето се враќа кон ставовите на Абдул Хамид II и се гази по наследството на младотурците и на Кемал Ататурк кој ја соединува и возвишува Турција.

Одлична инкорпорација на политиката, правото и науката во поглед на утврдувањето на татковството. Сепак книгата е пишувана во 21 век, а настаните се случуваат во 1980-тите години на минатиот век. Така, временската динамика е поразлична.

Последниот дел е напишан од перспектива на Жената со црвената коса, нејзината кратка автобиографија, со посебен акцент на врската со нејзиниот син. И дап, не проверив, ама Жената со црвената коса на корицата на оваа книга наводно е Данте Рабриел Росети.


8. Сеќавањето на Шекспир- Хорхе Луис Борхес

Ова е прва моја прочитана книга од Борхес која содржи од 4-ри кратки раскази, полни со симболизам. Дури и да се направи вивисекција на еден, да речеме "Сини тигри", за камењата кои се размножуваат и ги уриваат сите познати закони на физиката, мислам дека нема да наидеме на заедничка, идентична, интепретација. Посебно не на последниот расказ, по кој го носи името сама книга- "Сеќавањето на Шекспир".

Мала книга, во издание на Бегемот, која од срце ја препорачувам.

Останатите 8 прочитани книги ќе си почекаат нов момент на инспирација. :noze:
 

Darklady

Модераторка
Член од
29 октомври 2011
Мислења
5.541
Поени од реакции
34.841
9. Виконтот кој ме сакаше - Џулија Квин - Последниве две прочитани заради серијата на Netflix. Книги за тетки. Љубовни романчиња од Сакам книги. Животот во аристократското општество на Англија со сите пишани и непишани правила за како треба да се однесуваат дамите и господата. :rolleyes:
10. Тунел - Петре М. Андреевски - Тука

11. Неподносливата леснотија на постоењето - Милан Кундера - Тука

12. Читачот - Бернхард Шлинк - Тука

13. Чудото - Ема Донахју - Тука

14. Проклетството на Баскервилови - Артур Конан Дојл - Тука
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
9. Лавиринт: Невозможно бегство- Џејмс Дашнер (Антолог)

Прва книга од трилогијата на Дашнер, каде на тест е ставена човековата издржливост. Наративно, го следиме Томас, па и самата книга започнува со неговото будење во лифтот и со неговите матни мемории, каде се сеќава само на своето име. Секој поединец си има своја функција и свои задачи во таа примитивна општествена поставеност, целта е да се избродат додека не го пронајдат патот низ лавиринтот.

Филмскиот серијал ми се допадна, така, содржината однапред ми беше позната, но сакав да си го проширам корпусот на дистопии.


10. Доктор Џекил и господин Хајд- Роберт Луис Стивенсон (АД Вебрум)

Доктор Џекил и господин Хајд од Роберт Луис Стивенсон.

Искрено ми фалеше Стивенсон, книгава е мала, се на се 60-тина стр, досега не ми е читана (иако имам гледано најмалку две филмски адаптации) и веројатно ќе преминам и на Заливот Фалеса. Убаво, како, трилер започнува да ја гради приказната.
Со една кратка напомена, најдобро е да се најде ова издание на АД Вебрум кое во себе ги има “Доктор Џекил и господин Хајд“, „Заливот Фалеса“ и “Остров на гласови“, сите од Стивенсон. Редовна цена е 350 ден.


11. Инферно- Ден Браун

"Инферно" од Браун.

Сакам кога книгите мене ме фаќаат на кондиција, страниците сами се вратат, лесно можам да прочитам неколку стотина страни за еден ден без, притоа, да го загубам интересот за книгата.

Класика, целата книга му е едно константно движење, ми се допаѓа, лесно се задржува вниманието на литателот. Симболиката, историјата, сликовитото претставување на архитектурата и објектите и постепеното градење и држењето на интензитетот на приказната не изоставуваат ни во оваа книга. Сеуште омилени ми е "Точка на измама".

Од Браун, непрочитана, ми остана уште "Потекло".

12. Тунел- Петре М. Андреевски

"Тинел"- Петре М. Андреевски

Од самиот старт на книгата имав јасна претстава дека ќе станува збор за одреден животопис полн со страдање, горчина и борба да се држи главата над површината на брзата вода која самата по себе е доволен предизвик, не пак со останатите тајни кои спијат во нејзините длабочини и мистериите кои може да ги донесат нејзините брзи струи. Господи зошто кога не даруваш со живот, не ја изостави болката? Па таа најмногу понижува. А и најдолго трае и се памети. Секако говорам за самиот живот.

Книгата има убав и динамичен старт, каде подоцна станува монотона и тапа (во смисла на недостаток од острина), каде сѐ се врти околу страдањето на Горан, а со неговото и на Невена. Но пред да поминам на Горан, сакам да кажам нешто за Игор.

Иако книгата е поделена на три недефинирани приказни, онаа со Игор е најслатка. Исконска љубов со кобен крај. Гледаме движење на силите, емоционалност и страст. Дури и привиденија низ целата книга.

Кај Горан, од друга страна, тоа го нема. Брз отскок од запознавање до брак, нема љубовни искри, и страните се проткаени со едностраноста на страста на Невена. Дури и при големиот љубовен копнеж и малата тронка страст, она се фокусира на желката!*

Многу мажи имаат жена, но повеќето имаат како да ја немаат. Таа страста ја бара цело време, па дури и кога, поради состојбата на Горан, таа се оддалелува од единствените пријатели и живее свет на самоизолација. Но преслатка е приказната за праските. Пар реченици, но преслатки. Во нив се гледа вниманието, грижливоста и посветеноста. Сѐ има во нив. :love:

Една врата се затвора, но нова се отвора.

Последниот дел на книгата е патопис. И тука нема добро градење на приказната, од страст и погледи отскочната даска е гола љубов. Што кажува многу и за карактерот на Невена. Цело време е во подредена улога, таа е влечена, слуша, а не е слушана. Нејзините зборови допираат до ушите на глувите. Нејзиниот очај е само бледа сенка во луѓето околу неа. Никој не се доживува со нејзиното страдање. Сака да биде слободна, сака да биде сакана, сака да биде разбрана. Слободата не се пренесува од еден на друг човек. Со истата мора да се соживее.

Попатни се приказните за гостопримливоста, како една крајност, и свирепоста, како друга крајност.

Стигнување до самиот крај, каде Невена е една изронета карпа која се впушта со босоного слепо бегство со бунтовниот Дејан, воедно и нејзин поранешен ученик, привремено или луцидни соништа и привиденија, каде книгата завршува...со многу нејаснотии и прашалници.

Ова е еден вид на споменар, книгата не е пишувана во сегашно време, но раните се сеуште свежи.

Можеби книгата ќе ми се допаднеше повеќе да го немаше тоа повторливо "вели". Не се соживеав со ликовите, па и не навлегов детално во приказната.

Дел од приказните се прекратки, штури, тапи, празни. Тоа се предолго мостови за да бидат прерипнати, сем ако целта на Андреевски не била само голата емоција на личниот пекол на Невена.

Ми се допадна кратката приказната за Скопје, град разурнат од земјотресот кој се преродува како кокиче. Во котлината букнуваат нови населби, градот се шири, градот продолжува да живее, градот повторно станува центарот на сите административни единици, градот на солидарноста, срцето на Македонија. Секое утро, од мојот прозорец, можам да го видам. :love:

И не знаев дека има толку многу зборови за опис на алкохоличари. :noze:

* Интересни се советите на мажите (а.к.а. Иван) и жените (а.к.а. Јагода). Јагода знае дека патот до машкото срце е преку неговиот стомак, ама и тука Горан има едно големо мех и при сиот вложен труд на Невена. Иван бара нешто поинтензивно, а нивната цел е да поминат одредено квалитетно време заедно. Иван ги советува како воопшто и да не ги познава. Така ако сакаш да заведеш маж, прашај си жена! Ако сакаш да заведеш жена, прашај си жена! :noze:
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
13. Неподносливата леснотија на постоењето- Милан Кундера (Арс ламина)

Неподносливата леснотија на постоењето- Милан Кундера

Уште во замиот зачеток на приказната може да се вкуси филозофскиот ентитет на книгата, за вечното враќање на Ниче, каде само неколку глави покасно филозофската компонента започнува да се романизира и приказната да се визуелизира низ призмата на Томаш, ама Тереза, Сабина, Франц и кучето Канерин.

На самиот крај проследување извесна самоизолација на Томас, кој е отсечен од своето семејство, и Тереза, која по сплет на случајности ќе стане некоја девојка, а потоа и жена. Го гледаме кршењето на нејзиното срце и тонењето на нејзината душа, кога ноќ по ноќ Томаш ја напушта за нова жена во неговиот живот, која е на раб да го изневери, но сфаќа дека нејзината верност е сржта на нивната врска, па дури се возвраќа од идејата да си го одземе сопствениот живот. Се обидува да го напушти, но повторно му се враќа. Репетироното вечно страдање е врежано за нејзниот лик.

Постепено проследуваме поплочување на приказната, ликовите добиваат своја улога и форма, дух и значење. Го проследуваме нивното раѓање, ментален склоп и мечти. Ова е приказна за два љубовни триаголници, две засебни множества, со еден заеднички елемент: Сабина.

Франц е единствениот идеалист, ја напушта својата сопруга, со цел да биде со Сабина, која во тој миг се решава да стави крај на нивната љубовна авантура. И кога е на крајот на светот, додека умира, умира со мислите за Сабина.

Приказ на патописот за селективно деградирање на интелектуалната каста која им пркоси на комунистичките идеолошки принципи. Каста која треба да доведе до идеолошка и културна преродба, која треба да својот грб да ги постави постулатите на новиот, реформиран општествен прогрес. Тоа се случува со Томаш кој постепено се лизга удолу општествената пирамида, од престижен хирург, па доктор по општа медицина се до мијач на прозорци. Дури и кога добива понуда да ја продаде душата на ѓаволот (режимот), да се прероди, да живее повторно надвор од светот на паранојата, за повлекување на изјавата дадена пред инвазијата, која е видоизменета и секвенцирана, тоа го одбива и го задржува дигнитетот.

На крајот среќата ја пронаоѓа во селската идила, со својата Тереза, која чувствува сѐ освен љубов кон него.

Додека се чита книгата, не може да не се примети коската во грлото на Кундера, за окупацијата и советската чизма над неговата родна Чешка. Горчината е обоена низ страниците и не штеди на критики за ограничената слобода и малаксаноста на духот. Дури и за еуфоризмот на оние кои ги пречекале советските тенкови или за голтотата при борбата на зборови на Александар Дубчек. Прави целосен критички осврт на комунизмот, од култура до идеологија, дури низ очите на Сабина, неговата уметност ја поистоветува со обичен кич.

14. Дамски гамбит- Волтер Тевис (Арс Ламина)

"Дамски гамбит" од Волтер Тевис

Конечно во мои раце. :love:

Книгава ми навлезе во секоја пора, ми го освои секое сетило, ми го подобри расположението. За рекордно време прошетав низ првите 100 стр. :love:

Стилот на пишување е лесен, интересен. Приказната е доследна и содржајна. Згора на сѐ и психологијата е интересна за проследување, Бет не е ни свесна за внатрешните демони. Сѐ гледа низ невината детска призма.

Книгава е далеку подобра од серијата, која е вистинска ренесанса за шахот и како спорт и како хоби.

Оргазмична книга, без никаков сомнеж верувам дека ќе ми стане една од најомилените. :love:
Не ми стана една од омилените, но ми се допадна. :love:


15. Читачот- Берхард Шлинк (Или-Или)

Читачот- Бернард Шлинк

Книгата започнува со една несвојствената и неконвенционална љубовна авантура и завршува во еден животен одрон.

Дејството е поделено на три дефинирани делови, три животни фази на Мајкл Берг, нараторот на дејството и две фази на животот на Хана Шмиц. Зошто две? Затоа што првиот дел, првата фаза, и нема некои позначително значење за неа. Можеби тоа е кратка авантура за неа, дознаваме дека често пребегнувала од град во град, држејќи се од комплексноста на работите за кои е потребна писменоста. Мислам дека она нема позначително чувства кон Мајкл, тој е само алатка за сатисфакција, условување секс за читање на одредена книга, дури и на крајот го напушта. Но и, од друга страна, покажува одредена одговорност кон него, бара да биде посветен, бара да има приоритети во животот. Себичноста, проткаена во одговорноста се прелева и на вториот дел на книгата.

Вториот дел е есенцијата на самата книга, Мајкл е веќе студент, и се запознава со судските процеси за одговорните лица за време на војната. Повторно се среќаваме со Хана, овој пат на обвинителната клупа, (и не е обвинета за педофилија) за злосторства во војната кои го привлекуваат интересот на јавноста само поради книгата на една од преживеаните. Народот сака сензационалниот. Жеден е за крв, жеден е морална сатисфакција, иако најголем дел мижеле на сите злосторства на рајот. Но и истите, судиите, обвинителите и адвокатите, сите поранешни нацисти, сега се инкорпорирани во новиот систем и продаваат морал, форсираат своевидна правда и имплементираат право.

Хана се соочува со феноменот правна сигурност, која е основниот постулат на правото инкорпорирана во начелото за забраната за ретроактивното важење на правото. Не може никој да биде обвинет за нешто кое не било противправно во моментот на чинење или нечинење на тоа дејство. Од една страна ја имаме надреденоста и воената дисциплина, каде прекршувањето или непостапувањето по наредбата може да резултира и со стрелање. Од друга страна ја имаме психологијата поткована со лошите надворешни временски услови. За тоа има една интересна студија од универзитетот на Стенфорд, по истата има снимено и филм. Не станува збор за чувари кои поминале низ своевидна обука, туку за најобични доброволци, дел бидат чувари, дел затвореници. За време на студијата, која траела 6 дена, чуварите се задлабочиле во својата нова улога и започнале да применуваат репресивни мерки врз затворениците кои послушно ги извршувале. Поради репресијата, експериментот е прекинат.

Хана била чувар во еден логор, ја теретат за нечинење, за непостапување, кога дел од затворенички на тој логор ги затвораат во една црква, таму избива пожар и никој не сака да ги отвори портите со цел затвребичките да излезат. Само грст затворенички преживуваат, една од нив е писателката на книгата по која се иницира процесот. Но после војната лесно е да ги генерал, тешко е да одлучиш како ќе постапиш во тој даден момент. Излишно е прашањето "Што би направил ти?" кога симпатиите на поротата се кон жртвите, ја губиш наклонетоста на судијата, а веќе останатите обвинети формираат фронт против тебе. Сите патишта те водат кон бездна и на крајот, самиот си ја потпишуваш пресудата, предводена од срамот поради неписменоста. Пресудата ја слуша, достоинствено, облечена во својата СС униформа.

Последниот и најкраткиот дел е најслатката секвенца од животот на Хана. Таа веќе е во затвор и единствената комуникација во надворешниот свет се аудиокнигите кои ги добива од Мајкл, а откако ќе се описмени, започнува и серија размена на кратки писма. Мајкл е веќе татко, со споменот од неговото детство, за врската со Хана длабоко му е врежан во сеќавањето. Истиот има импакт на неговиот живот, за животните видици, па и за сексуалните мечти.

Кога Хана добива помилување, она е веќе старица, иако Мајкл и наоѓа стан и работа, на денот на излегувањето од затвор решава да стави крај на својот живот. Процесот на ресоцијализација е тежок, ама авторот не остава во прашалници околу причините за нејзината смрт. Дури и во својот тестамент таа го изоставува Мајкл односно му дава улога на поштар да ја проследи целата нејзина заштеда кон затвореничката која го преживува пожарот.

Не очекував за напишав волку долга рецензија, со оглед на тоа што оваа книга ми беше доста штура, беше пишувана тесно-широко, иако испрати доста интересни пораки. Сепак, ако авторот се посветил на правниот процес, книгата ќе била тупаџиска, оние кои сакаат да уживаат во романот, истото би им било напорно и досадно. Барем во тој дел има одреден баланс. Од друга страна, авторот, нѐ остава со многу прашалници при тие недоволно дефинирани делови. Можеби дел од магијата изгубив затоа што прво го гледав филмот кој ми остави далеку подобар впечаток. Беше далеку посодржински.

16. Криптолог- Изабела Малдонадо (Сакам Книги)

Во принцип сакам да читам трилери, лесно се задлабочувам и тешко ги оставам. Обично се координирам по рецензиите и оценките на Гудридс, и честопати останувам разочаран. За жал и овој пат се соочив со правилото, а не со исклучокот.

Нема да навлезам во содржината затоа што ќе ја расипам книгата. На минус страната се досадните реплики и целото дејство, крајот беше предвидлив. На плус страната е доловувањето на менталниот склоп на серискиот убиец. 2/5
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
17. Глувци и луѓе- Џон Стајнбек (Магор)

Мала книга за пријателството и за американскиот сон, полна со репетиторни реплики и длабок симболизам.

Магор, непосредно пред летниот Саем, повторно ја реиздаде.


18. Месечарот- Себастијан Фицек (Сакам Книги)

"Месечарот" од Себастијан Фицек

"Душокршачот" беше мојот прв трилер од Фицек. Ми го дадоа при една спонтана размена на книги. Ништо посебно. Дури ми беше неинтересен. Потоа, по препорака на Кремчето, ја земав "Патник 23", единствено таа ја имаа во библиотека од Фицек. Беше поинтензивна, подинамична, посодржајна во однос на "Душокршачот". Имаше истрајност во приказната и нишка на мистерија. Очекував, на крајот, да си ја пронајде жената и детето или да пронајде извесна трага која ќе ги одведе кон нив. Добив неочекуван крај. И мислам дека, за некоја деценија, со оваа проекција на движење на настаните, под палката на cancel културата, оваа книга ќе биде етикетирана и забранета.

Потоа, на почетокот на оваа година, ја прочитав "Терапија" која веќе ја рецензирав. Беше по препорака на Ганчето. Имаше психолошка длабочина преку која лесно може да се соживееш приказната. Потоа сфаќаш дека таа била само проекција на човековиот ум, што ѝ дава подолнителен сјај на оваа книга.

И сега, за плажарење, ја земав "Месечарот", ми беше на врвот од купчето непрочитани книги од Фицек. Овој интензитет на читање не сум го имал уште од ХП. Благодарение на приказната, го изгубив осетот за време. Откако ја направив првата кафе пауза, сфатив дека веќе се наѕира крајот на книгата. Страниците се истенчени. Сакам уште!

Нема да навлегувам во приказната, неколку реченици, чисто површно колку за ги заголицкам љубопитните очи.

Леон, главниот протагонист, се обидува на води дуалистички живот меѓу бракот и професионалноста. Живот на компромиси, живот каде сака да се оствари на двете полиња. Но има и проблем со несоницата. Месечари. А додека месечари, длабоко во себе е уверен дека е насилен кон луѓето околу себе, нешто што не е својствено на него додека е буден. Додека е свесен.

При првата негова прва епизода ја гледа неговата девојка, со изразени повреди, како во брзање го напушта нивниот стан и оттогаш од неа не добива никаква повратна информација. Не знае дали таа епизода е јаве или вистина. Не знае дали самиот е виновникот за нејзините повреди, за нејзиното запоставување на работата, па и за нејзининото исчезнување од очите на светот. Верува дека болеста која го демнела во неговото детство, поради која бил предаван од едно кон друго згрижувачко семејство, повторно започнува да му тропа на портите во неговиот живот...

Ви благодарам на препораките! :love:
Кремче <3
Ганче <3

19. Се мислам да ставам крај- Ијан Рид (Или-Или)

"Се мислам да ставам крај"- Ијан Рид

Мислам дека досега ова ми е најконфузната рецензија со оглед на тоа дека требаше да ги собирам сите делчиња од сложувалката кои беа растурени ширум книгата со цел да го добијам психолошкиот мозаик. Се надевам дека мојот обид ќе биде успешен.

Притоа да напоменам дека по оваа книга има снимено и филм, мене не ми е гледан, во прва можна прилика ќе го изгледам.

Во самиот зачеток на книгата можеме да ја проследиме авантурата, на младата двојка, Џејк и неговата безимена девојка и нараторка, кон фармата на неговите родители кои сеуште не ги има запознаено.

100 страници на патот, привремено залутиваме во минатото на девојката на Џејк, будејќи спомени и од нејзиното најрано детство комплексноста на нивната врска, па и комплексниот карактер на Џејк. Тука приказната почна да ми станува досадна.

Навлегувавме, поинтензивно и поинтензивно, во нивната врска, во која недостасуваше страст, комуникација и емоции од интровентниот Џејк. Дури помислив на неговата емоционална интелигенција, која на ниту еден начин не ја манифестираше, ирелевантен е гестот за виткање на апчињата против главоболка. Онака, крајно досаден човек кој преферира да ја слуша музиката и да внимава на калливите рурални патчиња, отколку да го искористи времето и да поразговара со неа. Сепак, она собира храброст да му раскине, да стави крај на врската во која е несреќна, со некогаш наоѓа некоја причина да го пролонгира тој миг.

Од она што ми фати око беше и философијата. Мислам дека може да се развие извесна дебата околу овој спојлер, кој е извадок од книгата:
Стар пример кој се користи на наставата по философија од прва година:

Тод има мало растение со црвени листови во собата. Решава дека не му се допаѓа како изгледа и сака растението да изгледа како другите растенија во домот. Па, така, внимателно го бои секое ливче зелено. Кога растението ќе се исуши, не се забележува дека растението е офарбано. Изгледа зелено.

Следниот ден му се јавува пријателката. Таа е ботаничарка и го прашува дали може да му позајми зелено растение за некој нејзин експеримент. Тој вели не. Следниот ден, друг пријател, овој пат сликар, го прашува дали може да го земе растението како модел за нова слика. Тој вели да. Двапати му е поставено прашањето и дава обратни одговори, а секојпат е искрен.

Другиот сегмент на философијата, малку помрачна, и за која никогаш немам размислувано, е за различните степени на смрт (се потенцира кај смрзнатите јариња).

Делот во фармата целосно ќе го Рипнам. Она што ми остана мистерија се гребаниците на вратата.

Зошто никаде не е прикажано нејзиното име? Затоа што не го знае.

Сите настани, целата приказна, сето тоа е креација на неговиот ум, една ретроспектива на настани, по рушењето на неговиот здравоумен свет, настани кои евентуално би се случиле доколку и го дал бројот во тој бар.

Во врска со делчињата од сложувалката:

Прво тука се траумите од детството, кои сметам дека се случиле. Како онаа со тетка Вил. Има одредена логика, при размената на маст, што ја има во изобилие на секоја фарма. Но тука мислите ми заминаа во друга дирекција, откако ја прочитав книгата. Мислев дека, еден период од животот, мајка му и татко му го пораснале како девојче. На ова се надоврзуваат и сликите со долга коса, кои личат на него (т.е. на неименуваната нараторка), па и тетка Бил му се обраќа како да е девојче. Потоа преминав на високиот човек, кој мавтал со раката, додека таа (т.е. тој) спиела. Ја гледал додека спие. Потоа истата слика, истиот спомен, се пресликува ноќта кога, нели, влегуваат во училиштето. Причината за неговото избувнување е истата гестикулација. И на крајот, секако, тука е неговата маичка во училиштето.

Да ја надоградам тезата, ја искористив, како аргумент, и сликата во подрумот. Од една страна имаше момче, секогаш во аголот а од друга страна жена со долги нокти.

Кога сме кај ноктите, во неговата манифестација за неговите родители, неговата мајка имаше одредени здравствени проблеми, идентични како оние кои ги има и Џејк. Мислам дека ни потсвесно не е свесен за интензитетот за тие проблеми (иако може и навистина неговата мајка го имала, па е наследно!). Но со оглед на гласовите, косопадот и недостатокот на нокт (како и она кое ќе го објаснувам во следниот пасус), класично губење на реалноста.

Тука е и онаа кратка случка во слаткарницата. Имаме неколку девојки кои се смеат и една, повлечена, со осипи, која ги услужува и покажува загриженост за неименуваната нараторка. Од оние кратки приказни на реалосна, од дијалозите меѓу наставниците, полицијата, луѓето од заедницата и детективите, дознаваме дека и тој имал идентичен осип на рацете и на вратот!

Тука, секако, влегуваат и повиците од својот број. Мистериозниот Јавувач. Си ѕвони од својот број. Самиот на себе.

Сеуште не ми е јасно од каде беа гребаниците во нивната куќа. Дури и беа прикажани на неговиот татко (прво имаше еден фластер, а потоа и втор!)! Што требаше да значат?

Дури, на ноќта во паркингот пред училиштето, и се ослонува на неговата работа, како неа, дека била мирна и тивка, и не морал да комуницира со колегите.

Мислам дека Стеф, некогаш, му била девојка.

Извитопереноста на приказната, од старт ни укажува на крај на врската, но посведочуваме на тенденциозно рушење на ментален склоп, и репетиторно повторување на едната иста порака, за на крај, со пресврт на настаните, да воочиме дека станува збор за сосем поинаков крај.

Се мислам да ставам крај. Што чекаш?

20. Куќата на калинките- Оскар Вајлд (Ѓурѓа)

Покрај "Среќниот принц и други раскази", која е сет од неколку разкази за деца и за возрасни, топло, најтопло, ја препорачувам и "Куќата на Калинките" од Вајлд која е сет на бајки за деца и за возрасни.

Оваа книга е составена од 4 бајки: "Младиот крал", "Роденденот на Инфанта"," Рибарот и неговата душа" и Момчето ѕвезда".

Сржта на првата приказна се состои во самоинтерпретацијата на сништата на некрунисаниот млад крал, чиј двор се фокусира крунисувањето да остане незаборавно, неговата круна да ги има најцрвените рубини и најголемите бисери и неговата наметка да биде сошиена од најдобрите материјали. Сите го гледаат раскошот, а позади тој раскош стои смртта, болката и глатта.

Во еден пасус, во "интеракцијата" меѓу кралот и кројачот, е пресликан целиот живот на еден поданик, припадник на заборавениот општествен поданички слој кој е столбот на производствениот процес каде ја обработува земјата и ги плаќа даноците:
Во војна силните прават робови од сиромашните. Ние мора да работиме за да живееме, а тие да ни даваат толку мали плати со кои ние умираме. Ние цел ден работиме за нив, тие грабаат злато во нивната каса, нашите деца исчезнуваат предвреме, а лицата на оние кои ги сакаме стануваат тажни и зли. Ние го береме грозјето, а друг го пие виното. Ние сееме пченка, а нашиот амбар е празен. Имаме синџири, иако нивното око не ги гледа. И сме робови, иако не нарекуваат слободни.

Книгата е во издание на Ѓурѓа.
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
21. "Студија во Скарлетна боја"- сер Артур Конан Дојл (ПНВ Публикации)

Се решив за започнам од првата книга од серијалот за Шерлок Холмс и за доктор Вотсон, кој воедно е и нараторот, како во оваа книга, така и во останатите.

Во оваа книга, условно кажано, се раѓаат сите ликови за најфилмуваниот серијал на книги во историјата. Книгата започнува со кратката историографија на Вотсон, кој се враќа повреден од Авганистан, каде служел како воен доктор, кон неговите финансиски тегоби кој, преку последник, го водат кон Холмс, кој бара цимер.

Технички гледано оваа книга е историско-детективска. Започнува со разработка на класична детективска приказна, каде Вотсон за прв пат може да се запознае со методите на опсервација и начинот на перцепирање на нештата на Холмс, кој го води од сцената на злосторството, кон презентирање на деталната анализа на наодите, мислењата и претпоставките, објаснета чекор по чекор, кон испрашување на единствениот сведок, конверзациите со своите колеги, кон поставувањето на стапицата...и на крајот презентирање на целиот случај. Во текот на постапката остава значителни трошки кои на крајот одлично се вклучуваат со анализата.

Тоа е првиот дел на книгата, а во свориот дел, Дојл, не сели преку барата, во Америка, каде го проследуваме оформувањето на државата на Мормоните. Каква врска има со раѓањето на Јута, и луѓето кои сосема случајно се наоѓаат на светата земја, останува сами да прочитате и дознаете.

И да, имаше неколку интересни цитати, ама овој, кој е латинска поговорка, ми остана во глава: "еден глупак секогаш може да најде друг, поголем глупак, што ќе му се восхитува". :icon_mrgr:

22. "Проклетството на Баскервилови"- сер Артур Конан Дојл (ПНВ Публикации)

Легендата за чудовиштето на Барсервилови, џиновско куче кое демнее во мочуриштата, повторно се раѓа откако Чарлс Баскервил умира под мистериозни околности, а на сцената на злосторството е пронајдена шепа од џиновско куче.

Од Лондон, сега, се селиме на мочуришниот имот на Баскервилови, каде детективската палка ја презема доктор Вотсон, со цел да ја разоткрие мистеријата за смртта на Чарлс, но и да го заштити животот на неговиот внук и наследник на имотот, Хенри.

Низ наративот проследуваме синџир од мистерии, се чини дека дејството тоне и мистеријата се продлабочува, се до моментот на спојувањето на приказните, и обостраното презентирање на фактите и заклучоците на Холмс и Вотсон. Во оваа книга, доктор Востон, има значително активна улога. Резонира, размислува, заклучува, испрашува. Не е само потрчко, како во дел од останатите книги, кој носи полузаклучоци, иако така наговестуваше самиот почеток на книгата кога го анализираше бастумот.

Оваа книга беше послојна, покомплексна, сите значителни факти, постепено, беа истурени низ книгата и на крајот беа поврзани, во однос на "Студија во Скарлетна боја" која немаше (до толку) изразен детективизам, туку повеќе општа дедукција. Имаше дејство, имаше мотив, имаше акција и самото чудовиште не беше плод на имагинацијата, туку беше вистинско.

23."Знакот на четворката"- сер Артур Конан Дојл (ПНВ Публикации)

Приказната започнува со мистеријата за исчезнатиот татко на Мери Морстен, проследена со благородни поклони која ги добива секоја година од непознат дародавач, кој после години е спремен да ја раскаже вистината за смртта на нејзиниот татко. Тука одлучува да се консултира со Шолмс. Потоа се случува убиство и проследуваме трка кон лов на богатство. Чие богатство? Останува сами да прочитате.

Нешто што е интересно, досега ново, се симпатиите на Вотсон кон Мери, која подоцна ќе стане и негова прва сопруга, каде и константното полемизирање, до степен и деградирање, со самиот себе дали е достоен за неа.

Има една позначителна разлика меѓу серијата и оваа книга, кај опсервација која (во серијата) го остава доктор Вотсон замаен при сведочењето на имплементацијата на дедустичките методи на Шолмс. Во серијата се работи за анализа на мобилен телефон, во книгата за рачен часовник кој се предава од колено на колено, кој се наследува од таткото кон најстариот син.

И да, во оваа книга, Шерлок, е зависник од кокаин.

Иако најмала, нешто повеќе од 100 стр, па и одамна веќе прочитана, оваа книга ми беше најмалку интересна од досега прочитаните.
 
Член од
24 октомври 2013
Мислења
12.192
Поени од реакции
26.988
24. Марина- Карлос Руис Зафон (Матица)
25. Отрантскиот замок- Хорас Волпол (Полица)
26. Заклучи ги сите врати- Рајли Сејгер (Антолог)
27. Прво лице еднина- Харуки Мураками (Три)
28. Никогаш не оставај ме- Казуо Ишигуро (Три)
29. Вистинскиот- Џон Марс (Сакам Книги)
30. Бежанци- Петре М. Андреевски (Арс Ламина)
31. Чудото- Ема Донајху (Полица)

Недочитани:
1. Фати ме- Лиса Гарднер (Сакам Книги)
2. Фантастични раскази- Теофило Брага (Бегемот)
3. За што зборувам кога зборувам за трчањето- Харуки Мураками
4. Шума на спомените- Сем Лојд (Сакам Книги)
 
  • Ми се допаѓа
Reactions: wot

Kajgana Shop

На врв Bottom