Ортакувам со ризикот
Заедничкиот проект со Един Карамазов носталгично наречен „Обливион“ беше предизвик за интервјуто со Калиопи
За почеток, морам да забележам - поубава си од кога било. Ослабена, освежена и многумина коментираат дека личиш на својата „помлада“ сестра. Можеби овој начин на шминкање ти дава сосема поинаков израз, а и среќата најчесто се гледа однадвор... Која е твојата приказна?
- Нема посебна тајна, пред се', тоа се гените што ги носам. Кај нас постои правилото - со годините идат убавините! Можеби најмногу за овие комплименти треба да му заблагодарам на Карамазов, кој инсистираше да имам минимален мејкап на последната фотосесија со Миличевиќ.
Тој им рече на моите стилисти дека морам да изгледам поприродно и така и бидна. Сега сум и јас посреќна, бидејќи, конечно, сфатив зашто луѓето отсекогаш реагирале на мојата појава во живо, колку екстремно се разликува од она што можат да го видат на телевизија. Секако, ослабена сум, внесена во својата работа која ме прави исклучително задоволна и среќна и, се разбира, покрај мене и со мене е човекот што го љубам...
Многубројни комплименти што ги добиваш деновиве во врска со новиот проект со Един Карамазов по скопската промоција бара постојани патувања, ангажмани... Ти годи ли темпото, како понатаму живее албумот?
- О, да! Ми годи сето тоа и ми прави да се чувствувам млада. Така знам дека сме направиле вистинска работа. Патувањата умеат да бидат напорни, но толку многу ја сакам оваа работа што тоа за мене не претставува тежина.
Моментно мојата агенда е напумпана со термини надвор од земјава, пред се', поради следните промоции, како и со концерти, но сето тоа е придружен дел од она што го работам и не ми претставува проблем.
Се доживуваш ли во национална смисла, особено доколку албумот почне да живее и надвор од екс ЈУ-просторите? Колку си приспособлива кон ново и непознато?
- Можам лесно да се приспособам, но за мене моето дома останува Скопје.
Моите менаџери веќе размислуваат за тоа да ми предодредат уште барем најмалку два европски града во кои би имала свое прибежиште, бидејќи на тој начин сакаат да ме одморат од постојаните долги патувања и на некој начин да ми го олеснат патот што допрва ме чека.
Сите ние сме дефинирани и од средината од која доаѓаме. Колку и во што влијаеше Скопје на тебе?
- Хммм... можеби тука следува една мала исправка... Не е само Скопје средината во која го минував животот. Детството го поминав во Кичево, а таа средина го дефинира токму темелот. Подоцна како адолесцент ги имам првите допирни точки со Скопје, кои не биле секогаш лесни и разбирливи.
Бидејќи доаѓањето од мал град во голем не е секогаш едноставно и лесно.
Но, Скопје ме научи како да се изборам за себе, што подоцна ми користеше многу при моето живеење во Швајцарија, која, пак, ми помогна да сфатам кои се моите вистински вредности и приоритети и ме врати назад дома каде што најмногу припаѓам.
Хиперсензитивна каква што си, верувам, не можеш да работиш со некого што не ти е сличен. Токму затоа - каков човек е Един? Се знаете десетина години, другарувате и семејно. Во што се надополнувате, имате ли слична енергија? Тој ми изгледа како сосема предаден кон музиката, претпоставувам и непрактичен. Раскажи ни нешто за таа релација?
- Един не е човек што може лесно да се опише, тој мора да се доживее, ако не приватно, барем најмалку на сцена. Колку што сме слични по емоција и доживување на нештата, како и музиката, толку умееме и да сме различни во однос на некои наши доживувања на надворешниот свет. Но, учам од него, бидејќи бескрајно му верувам и знам дека никогаш нема да ме изневери како човек. Тој целосно и' е предаден на музиката додека е надвор од своите четири ѕида, но кога е дома, неговиот свет е неговото семејство, кое за него претставува светост.
Заедничкиот албум „Обливион“ значи желба, потреба, посебни песни, не сакам да ги наречам евергрини, да се зачуваат од заборав. Која ти е особена, по твоја мерка, и со оглед на тоа што пееш на неколку јазици, кој особено ти одговара, го чувствуваш како свој?
- Токму така. Овој албум во мала слика го претставува светот во кој ние двајца најсигурно чекориме. Бидејќи тој нас не' прави исклучително среќни луѓе и ни дозволува повторно да го оживееме детето во нас, нашата првична мисла беше дека тој свет мора да се зачува и да остане како наследство за секој еден што ќе го допре на ист начин, како што не' допре нас.
Сите песни ми се исклучително драги и тие неделиво се особено важни за целоста на музичката слика што сакаме да ја доловиме. Најинтимно сум врзана за легендарната тема на Леонард Коен – „Халелуја“.
Периодот на создавањето на албумот го замислувам поетично, инспиративно... Онака, натенане, со многу енергија, зборови меѓу редови... Имаше ли точки во кои со Един не бевте истомисленици во однос на музиката? Всушност, иницијативата потече од него...?
- Поетично и инспиративно - да, но имаше тука и многу откачени и луди моменти, кога не знаевме што попрво со себе, бидејки атмосферата во студиото ја надополнуваше уште едно лице, нашиот тон-мајстор Миро Видовиќ, кој има неверојатна смисла за хумор, а истовремено неверојатно креативен човек. Миро ни го даваше сето она што на моменти ќе ни недостигаше на двајцата. Тоа е навистина мошне важно при ваков процес на работење. Инаку, што се однесува до песните, бидејки жанровски се тотално различни една од друга, Един има обичај да се пошегува со новинарите дека за еден ваков проект нормално би му требале седуммина пејачи, но, на крај, решил дека многу поекономично е да најде еден пејач што ќе може да отпее се!
Никогаш не претерувал со делење комплименти, но секогаш умеел на вистински и оригинален начин да го каже она што го мисли за луѓето со кои работи и што му значат.
Интересен податок е што ти е ова прв проект поддржан од Министерството за култура. Има ли оваа институција исти аршини за сите?
- Ееее... и мене ми беше интересно за сите овие години кога и од својата поп-музика се трудев да создадам посебна вредност , која за многумина беше уметност. Кога надвор од својата земја доживував епитети со кои се обележуваат само вистински уметнички вредности, во мојата земја неколкукратно бев одбивана за мои проекти од областа на културата да бидат поддржани од државата. Ова е прв пат во мојата долгогодишна кариера мој проект да биде поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. Па, ако досега сум била дел од купот, тогаш е очигледно дека нешто е сменето, барем во перцепцијата на нештата што се од суштинска важност за нашата култура и за нејзиното претставување во светот.
Знам дека напоредно работиш и на албумот што треба да излезе следната година, а досега единствено се немаш обидено во рапот. Патем, ова е мој обид да ми кажеш нешто на таа тема.
- Ха, ха, ха! Не е ништо исклучено! Не можам ништо да кажам ниту да оспорам, бидејќи сум голем авантурист и сакам да истражувам. Го сакам предизвикот и ортакувам со ризикот. Тоа е повеќе и од од по жица, но за мене без такво нешто, овој живот би бил незамислив.
Што ќе содржи конкретно следниот албум, се' уште не можам точно да кажам, освен дека, секако, ќе бидете изненадени...
Каде Калиопи е повеќе Калиопи - кога прави музика или кога е во текстовите? Колку музиката, а колку зборовите можат и знаат да облагородуваат или станува збор за совршена симбиоза?
- Кога ја создавам музиката, паралелно се раѓа и приказната која ќе ја содржи текстот. Едно без друго не оди. Дури и ако станува збор за инструментална тема, постои секогаш глас што немо ја говори приказната. И тука не сум важна јас, бидејќи јас сум само спроводник на нешто што ми го дарува небото и треба да излезе од мене. Бог е само еден.
Како е Васил? Со години имаше доволно прилики и состојби да си ја потврдите лојалноста... Ментор, десна рака или, едноставно, човек што те сака?
- Пред извесно време, јас и Васил го прославивме нашиот прв јубилеј - пет години брак. Бевме во Словенија, по покана на нашиот голем и драг пријател г. Марјан Шифтар, инаку бивш словенечки амбасадор во Р. Македонија, кој заедно со својата сопруга ни приредија три незаборавни дена. Круната на сето тоа беше посетата на концертот на нашиот Симон Трпчевски, во престижната сала на Цанкарјев дом, каде што бевме сведоци на уште еден голем триумф на нашиот пијанист и не' направи горди по не знам којпат. Но, тоа не беше се'! На крај од концертот, Симон беше пет пати враќан на бис, а првиот бис ни го посвети нам и на нашата годишнина...
За крај, велат, она што не ме убива сигурно ме прави посилна. По непријатниот период врзан за Евровизија, ми се чини веќе нема што непријатно да ти се случи. Особено не да се најдеш во ситуации кога треба да заборавиш на свое искуство, име, кредибилитет. Еднаш рече дека ја сакаш Евровизија, ама под услов телевизијата тебе да те одбере како легитимен претставник, а заеднички со публиката да се избира вистинската песна. Зошто отстапи од тоа?
- За тоа очекував барем од медиумите со некаков кредибилитет да излезат со свој став во однос на тогашните случувања, но не се случи тоа, освен, ако не се лажам, осврт на една ваша новинарка и, да биде потрагично за сите други печатени медиуми, најубавиот и најточен текст го добив од најжолтиот весник во Македонија. Сега веќе е предоцна да се говори за тоа, бидејќи и јас заборавив, затоа што сакав да заборавам. Така ќе е подобро за сите!
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C2A0FCA2894F8F4FB7F6BD587BB8CF77
_____________________________________________________________________