Како до подобри фотки со вашиот смартфон?

Acid

Администратор
Член од
22 јануари 2005
Мислења
33.730
Поени од реакции
26.458
Купивте атрактивен паметен телефон со добра камера, но се уште не ви се допаѓаат фотките што ги правите со него. Новинарот и iPhone лајф фотограф, Ричард Коци Хернандез, нуди совети за тоа како да се направат подобри фотографии со паметниот телефон, кои во комбинација со филтрите ќе овозможи многу поинтересни резултати.



„Луѓето се уште не ги разбираат целосните можности што мобилната фотографија им ги овозможува на фотографите. Ова е златен период“ - вели Хернандез за CNN.

1. Се е во светлото

Фотографирањето во најдоброто светло - рано наутро или касно попладне, може да направи прилично интересна фотографија и од најдосадната ситуација.

2. Никогаш не користете зум на мобилните

Тоа е прв чекор кон неуспешна фотографија. Ако сакате поблиска фотографија, зумирајте со нозете.

3. Стопирајте ги фокусот и експозицијата

Ова е еден начин за подобри фотографии. Кај стандардните фото-апликации на паметните телефони, може да го допрете екранот каде што сакате да ви биде фокусот, а кога квадратчето ќе трепне, значи дека фокусот е стопиран и фиксиран на таа позиција. Дополнителните фото апликации, овозможуваат посебно стопирање на фокусот и експозицијата што може да биде корисно за создавање на интересни и креативни фотографии.

4. Корегирајте, обработувајте и цензурирајте

Многу е важно да не ја споделувате секоја фотографија. објавувајте ги само најдобрите фотографии, па публиката сигурно ќе се зголемува. Нема потреба да ги гледаме сите 10.000 фотографии од вашите деца. Секогаш е тешко да се направи ригорозен избор на сопствените фотографии, но бидете безмилосни во барањето на најдоброто.

5. Замолчете го внатрешниот критичар

Обидете се барем еден ден да фотографирате секој пат кога ќе видите нешто забавно и кога внатрешниот глас ќе ви каже „можам ова да го фотнам“.

6. Техничката совршеност е преценета

Вежбајте ја сопствената моќ на опсервација. Научете да гледате зад секојдневното.

7. Филтрите не се замена за доброто око

Основите на фотографијата и во иднина ќе ви требаат. Одберете го вистинскиот момент, вистинското светло и мотив за фотографијата. Ако сакате да додадете потоа некој филтер тоа е во ред, но запаметете дека прасето без разлика на тоа колку е нашминкано, сепак е прасе.


Една од уличните фотографии на Хернандез

8. Сликајте од колк за спонтани фотки

Држете го телефонот на ниво на колковите и кликнете. Вашите субјекти нема да забележат и сликите ќе бидат спонтани. Фотографирајќи на тој начин ќе имате и многу лоши фотки, но кога ќе погодите една одлична, таа ќе биде доволно добра за да се закачи на ѕид.

9. Поставете си задачи

Направите 20 фотографии од еден мотив од различни агли. Тоа е добра вежба што ве учи да го гледате светот на сосема поинаков начин. Дури и ако вежбате на обичен сад со овошје, на овој начин ќе разгледате како светлината паѓа на плодовите од различните страни.

10. Знајте што сакате да фотографирате пред да фотографирате

Направете листа на работи што сакате да ги фотографирате и барајте ги. Омилениот мотив на Хернандез се мажи во федора шешири.

11. Проучувајте ги другите фотографи

Хернандез вели дека минува многу време гледајќи туѓи фотографии бидејќи тоа е единствениот начин да напредувате.

12. Бидете подготвени

Бидете сигурни дека секогаш кога мозокот и срцето ќе ви кажат - „сликај!“, нема да имате оправдувања како „Штета што фотоапаратот ми е во џеб/ранец/чанта. Тоа е една од предностите на мобилната фотографија - камерата е речиси секогаш со вас.

виа Кајгана
 
На врв Bottom