Вака, едно мало објаснување кое сметам дека ќе ви помогне при размислувањево за тој просперитет. Барем ова е моето мислење, верувам некои нема да се сложат.
Колку повеќе простор и места за работа има, толку повеќе конкуренција има, тоа природно само по себе си се налага. Од друга страна, на местата каде што има помалку работни места, конкуренцијата е многу помала. На крајот се се сведува на карактерот. Каде гледате можност за личен просперитет. Каде вашиот веќе постоечки и изграден ментален склоп поефикасно ќе го примените. Дали се истакнувате и сте поефикасни во поголема група, да сте дел од процентот кој го бива заедно со уште многу други, или во мала група каде лично вие доаѓате до израз, поседувате работи кои другите не ги имаат и станувате најдобри во тоа, веднаш сте забележани дека ве бива, па секогаш како индивидуа сте прв избор кога конкурирате. Бидејќи мора да разберете, колку е поголема групата која конкурира со вас, толку се помали шансите да добиете можност својата личност да си ја истакнете. Не е невозможно, но квантитетот има огромно влијание.
Едноставен секојдневен пример за да го појаснам ова. Излезени сте со друштво од кои повеќето првпат ги среќавате, десет души сте. Мали се шансите да ги запознаеш убаво сите, да ти остават впечаток, а камоли да ги запомниш. Но, ако сте четворица, огромни се шансите да научиш многу повеќе за сите четворица и да ти останат личностите во сеќавање. Такашто ако го споредиме примеров со ова што го збориме на темава, лесно е да се заклучи дека во првиот случај во вашите очи би се истакнала личноста која е „најдобра“ (од било кој аспект кој во моментот го барате), додека другите некако ќе ви паднат во заборав. А во вториот случај сите ќе се истакнат, но сепак ќе ги имате подредено, кој над кого го рејтувате. Исто е и со конкуренцијава што ја зборите, понуда и побарувачка. Каде сметате дека полесно се истакнувате, таму идете. Не е универзална работа.
За себе да си кажам, често оваа споредба ја правам со другари кои студираат економски и финки. Нивните групи бројат по над 100 души. Мојата група на историја брои некаде од 35 до 50. Очигледно ми е дека нив професорите ги гледаат како еден вид статистика. Не доаѓаат до некаков голем израз, оценките ги добиваат базирано врз тоа што ќе го напишат без притоа професорите да знаат каква е личноста која ја оценуваат, а со тоа автоматски се губи можноста за издвојување, и станува потешка борбата за да бидеш од најдобрите. Со таа голема група, професорите не ни имаат толкава комуникација со студентите. Самите предавања се повеќе однапред скоцкани и без разлика на кого и да му предаваат, предавањето ќе се одвива исто. Од друга страна, кај мене се малце. Во мала група, предавањето се адаптира во зависност на тоа на кого му предаваш. Ја гледаш групата, ги гледаш какви се луѓето кои те слушаат, изнаоѓаш начини да им објасниш поубаво. Се адаптира наставата, наставата зависи од слушателите, не е така однапред скоцкана, па кој сфати-сфати, никако. Комуникацијата помеѓу професор и студент е огромна и навлегува во подлабоки области, не си само бројче, се запознаваш на лично ниво. И кај мене не е лесно да се истакнеш, мора да поседуваш од старт некои квалитети, бидејќи во таа мала група професорите имаат можност секого да го запознаат многу убаво. Тука до израз многу доаѓа твојот карактер, и учењето секако, но најмногу можноста професорот да види како ти ги разбираш работите, како учиш, како доколку имаш работа би се залагал за истата, дали ти доаѓаш на факултет ради-реда за да положиш со некоја едвај пролазна оценка или сакаш да бидеш ефективен и да излезеш со богато знаење. Значи ти ако овие работи ги поседуваш, многу полесно би се истакнал во мала, отколку во голема група. А со тоа би имал многу помала конкуренција, па дури и можноста за работа да ти е поограничена, не е битно кога ти секако си прв. Од овие работи сметам дека лично фунцкионирам подобро во помала група, и полесно ќе се изборам за шанса така. Во голема група јас никогаш не би дошол до израз, не поради тоа што не би ме бивало, туку поради нечестите можности за истакнување. И самиот мој секојдневен карактер е таков, кога сум во толпа не сум од тие гласните кои се во центарот на внимание, но кога сум со само неколку личности, многу полесно развивам дискусии и најчесто сум во тој центар. Но, сите сме различни и не секој смета исто. Затоа секој треба себе да се анализира и да види во какви води е најдобро да се впушти.
Комбинирајте го ова со тежината на факултетите, вашата желба за успех, вашата лична преференца за работа, и сами ќе сфатите кое е најдоброто место за вас