Да споделам скорешно 4 дневно искуство од Маврово и пошироката околина, можеби ќе иницира некого да го посети овој прекрасен крај.
Сместување за 4 лица баравме преку рандом огласи (Реклама 5, Пазар 3), генерално цената е 10 евра за лице од вечер, независно дали се работи за спрат од куќа со две спални или закуп на цела вила (2-3 спални). Во работни денови нормално има повеќе избор па за повеќе од 2 ноќи може да се најде и поевтина цена. Најдовме опција која ни одговараше во Маврови Анови. Препорака – ако се оди во приватно сместување, по можност да се бара сместување во куќа/вила на луѓе кои живеат или редовно доаѓаат во Маврово затоа што добар дел од куќите се на луѓе од Скопје кои одат во Маврово 4-5 пати годишно, ангажираат некој од таму малку од малку да зачисти по заминување на гостите, па така среденоста на објектите не е баш како што треба.
Места на кои може да се помине извесно време:
Викендов (11. и 12.07) почнале со работа едноседот и Старо бачило, за жал ние не ги фативме отворени, повеќе инфо на фејсбук профилот на центарот. Верувам ќе продолжат со работа и наредните викенди. Секако останува можноста за прошетка во долниот дел од центарот, околу х.Бистра и станбениот комплекс. Во правец на Никифорово, пред влезот во селото, се наоѓа излетничкото место „Бојков Кладенец“ со уреден простор за седење покрај реката. После паркингот продолжува шумски пат кој на отприлика 300-400 метри се дели на два патишта кои водат кон планината и се добра прилика за планинско шетање. Извозете го патот околу езерото преку Никифорово и Леуново со попатни застанувања. Ова возење со велосипед ќе биде уште поубаво. Во Маврови Анови има неколку дуќанчиња кои изнајмуваат велосипеди за сите возрасти.
Село Врбен, на околу 6 км од Маврови Анови. До него води добар асфалтен пат, на возвишението пред влезот во селото има неколку точки од кои има одлична глетка на тој дел од Бистра. На крајот од селото се наоѓа хидроцентралата „Врбен“ над која може да се види дел од цевководот преку кој се носи вода до централата од Кораб. Селото е заживеано во летниот период, има убава околина за прошетки, но нема селска продавница (коперација
), па така за рефреширање после искачување на некое од ридчињата мора да се има сопствени залихи.
Во Маврови Анови има неколку ресторанчиња за ручек/вечера, препорака: Галичка плескавица, домашно сирење и домашно лепче во Мал Одмор. Останатото по сопствен избор.
Галичник. Не рекле џабе една слика – илјада зборови. Прекрасна природа, чист воздух, убава глетка се до влезот во Дебарско езеро. На 2-3 километри пред селото се наоѓа ранчот на „Sherpa Horse Riding“ кои имаат неколку опции за тура со јавање коњи. Од тука почнува пешачката/велосипедска патека која води кон Селце/Росоки/Тресонче. Може да се прошета селото од еден до друг крај, да се види специфичната градба на куќите, да се проба автентично галичко сирење, кисело млеко со качамак (бакардан) и домашна пита во „Баба и деде“ на влезот во селото или во хотел „Неда“ на спротивниот крај од селото. Терасата на х. „Неда“ има посебна глетка на околината. Асфалтниот пат завршува после хотелот и продолжува со пешачка/велосипедска патека до с. Јанче.
Тресонче/Лазарополе/Гари. Околу еден час возење од Маврово. До Тресонче води тесен асфалтен пат кој низ шумата во долниот дел го следи течението на Росочка Река, а во горниот дел на Тресоначка Река. Чиста, незагадена природа, посебно е убав делот во кој Тресоначка Река има брзаци и своевидни мини водопади. Пред Тресонче е исклучувањето за Селце од каде може да се продолжи со пешачење или велосипед кон Галичник. На влезот во Тресонче има табла на која се прикажани сите пешачки и велосипедски патеки во околината. Во селото има шумски јаготки во изобилие, а на околу 1 час пешачење од селото се наоѓа пештерата Алилица до која води патека која не е тешка за искачување. Лазарополе, таму најгоре што би рекол Наум Петрески, е дефинитивно најпосетеното место во овој крај. Хотел „Калин“ работи во лето и посебно преку викенд е полн со гости, плус планирани, велосипедисти, шетачи, луѓе сместени по куќите, се на се немаш впечаток дека си во село кое во периодот октомври – април е безмалку пусто. Одлична можност да се прошета во околината на селото, да се искачи некој од околните ридови и да се ужива во природата. За физички поспремните тука се патеките за пешачење и велосопеди кон Росоки, Селце, Тресонче и понатаму кон Галичник. Можност за кафе/пијалок освежување или ручек/вечера има во х. Калин. Патот до Лазарополе е реновиран и во долниот дел е со нов асфалт така што искачувањето е значително олеснето. Гари е последното село во низата, пред локалниот пат да продолжи кон Извор, Кичевско. Препорачувам паркирање на влезот во селото кај старата централа на Гарска Река и лежерно искачување до крајот на селото, уживајќи во чистиот воздух и убавата глетка. Сеуште во селото има куќи кои го задржале автентичниот надворешен изглед од пред повеќе од 100 години и со одредени внатрешни уредувања се користат за престој. Во куќите може да се најде сместување, како и во пансионот на ресторан „Топила“ кој се наоѓа одма до реката и за неверојатно пристојни цени нуди одлична храна. Во ресторанот или од мештаните може да се информирате за купување на сирење од бачилото кое се наоѓа над селото.
Бигорскиот манастир – место кое мора да се посети кога се престојува или барем поминува во овој крај.
Водопадот Дуф, на влезот во село Ростуша почнува патеката која за околу 20-на минути води до водопадот, видно обележана и лесна за пешачење дури и за помали деца, иако на одредени делови минува низ каменити места. На неколку места долж патеката има уредени делови со маси и клупи за одмор. Селото Дуф не е поврзано со водопадот Дуф и се наоѓа на спротивната страна од националниот парк, до него се оди по земјен пат кој започнува пред Маврови Анови.
Во сите овие места има убави локации за целодневен пикник со семејството или поголемо друштво, во шумски предели, покрај река и чиста природа.
Кораб Трница и Куќата на мијаците се исто така добри места за ручек/вечера, а се наоѓаат на самиот пат Маврово – Дебар. Имаат и можност за сместување, а во Кораб Трница има и можност за тура со коњи.
Ова се генерални видувања, треба да се посети поширокиот Мавровски регион и да се доживее таа убавина и природа. Дефинитивно вредат извозените околу 500 км за 4 дена од Скопје и назад.има
Запознај ја татковината за да ја сакаш повеќе!